Пливач

Марко Пејчиновски: Невозможното секогаш било возможно!

Интервју со
Марко Пејчиновски
21 септември 2022

Неколку години наназад, сега веќе 16-годишниот Марко Пејчиновски им држи лекции на возрасните. За истрајност, за храброст, за тоа како соништата стануваат реални само кога многу и искрено се трудите за нив. Исто толку искрен и посветен во својата борба, Марко стана нашето дете-херој кое боледува од ретка болест покрај која уште поревносно се соочува со предизвиците. Кога имаше само 12 години, направи подвиг за паметење откако за околу 9 часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид, со што се запиша во спортската историја како најмладиот пливач кој ја препливал оваа делница. Ова лето пак, си оствари еден голем сон. Го реализираше својот голем подвиг: 10 препливувања на Охридското Езеро со вкупно препливани 250 километри, со што постави личен рекорд. Многу измешани емоции и уште еден остварен успех на целта...

Марко го имавме за наш соговорник, откако веќе имаше време да ги среди впечатоците после големиот подвиг.

Кога соновите се поголеми од стравовите, успехот е неминовен, а Марко ти ова одново и одново ни го докажуваш на дело. Која емоција преовладуваше овојпат, кога стигна на целта по испливани 64km на релација Охрид-Струга-Св.Наум-Охрид?

-Кога стигнав на целта чувството беше неопишливо. Искусив многу различни емоции, од среќни до тажни. Среќата што ја почувствував кога ги видов татко ми и брат ми горди на мене беше незаборавна. Сепак, чувството на среќа беше испомешано со тагата порди тоа што мојата мајка не е тука да посведочи на мојот најголем успех досега. Исто така бев изненаден од тоа колку луѓе дојдоа да ме пречекаат. На крајот почуствував како некоја тежина да беше крената од на моите раменици...

Која мисла најмногу те охрабруваше и бодреше додека го освојуваше секој километар од Охридското Езеро?

-Различни мисли ме следеа додека пливав. Размислував на сите лоши работи низ кој сум поминал, но исто така размислував и на сите добри моменти кои сум ги имал. Но, дури и кога помислував на потешките моменти со кои сум се соочил, како да ми даваа екстра мотивација за да успеам.

Големите подвизи бараат големи херои. Со своите 16-години и со својата здравствена ситуција, ти покажа зрело херојство и сосема оправдано јавноста така и те препознава, како свој херој. Но, со какви предизвици се соочи/соочува херојот на своето „патување" кон целта?

-Предизвиците со кои се соочувам се секојдневни. Додека е зима често се соочуваме со проблемот каде да пливам и да ја одржувам кондицијата, да одам некаде каде ќе има помалку луѓе за да не им сметам... Константни повреди, нереализирање на планот за пливање во неделата, често знаат да бидат препрека. Но, веројатно предизвиците ме прават и уште помотивиран за да ги надминувам.

Кога невозможното станува возможно?

-Невозможното секогаш било возможно. Само нашите верувања се погрешни. Тоа е исто за секој човек, без разлика во што сакате да успеете вие можете да го направите тоа со доверба во самите себе. Ние мислиме дека некои работи се невозможни поради сомнежот кој го имаме во самите нас. Невозможното е секогаш возможно, ако веруваме дека можеме да го направиме возможно бидејќи сѐ е до психичката перцепција.

Во какви услови тренираш и ја одржуваш кондицијата во студентите месеци?

- Условите во кои тренирам додека се студените месеци се многу ограничени. Треба да пливам во базен од некој хотел кој не е поголем од 12 метри, треба да одам во специфично време за да не им сметам на гостите кои сакаат да го користат базенот за уживање. Мислам дека еден ваков град со вакво прекрасно езеро задолжително треба да има затворен базен, со што би биле обезбедени непречени услови за тренинг.

Верувам дека покрај возрасните, и многу твои врсници во тебе гледаат еден светол пример како умешно се носиш со притисокот и предизвиците на современото секојдневие. Што би ги посоветувал? Како и каде да ја канализираат својата младешка енергија и време?

- Би им го кажал ова. Денеска сте деца, утре ќе сте возрасни, времето брзо минува, затоа правете што сакате, бидејќи ова е ваш живот, ваша приказна вие напишете си ја, не правете работи под притисок од други, искусете колку што можете повеќе работи. Можам да им дадам совет, но не смеам да им кажувам што да прават... Сепак нивно е дали ќе применат.

За што сонуваш професионално?

- Уште немам размислувано за тоа, сакам да се едуцирам за повеќе општи работи и потоа да одлучам.

Откако успешно го заврши и последниот подвиг за ова лето, 10-то препливување на Охридското Езеро со вкупно испливани 250 километри, кој е следниот предизвик?

- Уште се одмарам... Во последно време сме константно под медиумски притисок и се немам целосно одморено и поради тоа сакам да си дадам уште време за да одлучам за следните подвизи.

Фото: Фан страна - Марко Пејчиновски

Објавено:
21 септември 2022
Прочитано:
165 пати