Дизајнери на накит

Меи Ро – уникатен накит со еколошка порака

Интервју со
Маја и Сандра
17 ноември 2015

Маја Стојковска и Сандра Јовановска се двете девојки кои преку спојот на нивната креативност, заедничкото чувство за естетика и високо развиената еколошка свест, создадоа уникатна форма на накит во чија изработка, рециклажата е доминантен процес. Така пред три години се роди нивната заедничка приказна Меи Ро која се надоврзува на се поактуелните кампањи за подигање на еколошката свест кај луѓето. Во продолжение ве запознаваме со нивната идеја, предизвикот во изработката на накитот, креативниот процес на реализација, но и за пораката што тие ја испраќаат преку малите уметнички дела.

Како започна и кој стои зад приказната Меи Ро?

Приказната за Меи Ро се роди како резултат на долгогодишното пријателство помеѓу Маја и Сандра. Нашите заеднички интереси, љубовта што ја делиме кон антикварниците, продавниците со предмети и облека од втора рака, но и кон модерниот минималистички дизајн, пред три години предизвикаа интерес да започнеме со еден релативно нов концепт на производство на накит.

На различни општествени нивоа, актуелни се акциите што повикуваат на подигање на еколошката свест кај луѓето. Модниот дизајн не е исклучок. Вие покрај другото, користите и рециклиран материјал во изработката на накитот?

Рециклажата во процесот на изработка е доминантен дел од нашата работа, така што апсолутно сме свесни за еколошкот аспект, кој пред сè го промовираме и како заштитен знак. Ние не само што го користиме рециклирањето како метод на изработка, туку се обидуваме непречено да создадеме приказна и позадина темелејќи го рециклажниот елемент во нашето творење. Што се однесува до првиот дел од прашањето, ќе кажеме дека особено ни е драго што се почесто се случуваат акции што повикуваат на подигнување на еколошката свест. Ние и самите се приклучивме кон една од овие акции организирани од компаниите Екоцентар 97 и Елколект.

Каков накит вклучува вашата понуда?

Од аспект на парче накит, нашата понуда вклучува брошеви, обетки, прстени и ланчиња. Од друга страна целиме да ја инкорпорираме нашата приказна преку создавање на различни колекции накит кои во скоро време ќе имате прилика да ги видите изложени.

Како изгледа еден ваш креативен процес?

Со еволуцијата во нашиот процес на изработка истовремено расте и комплексноста во процесот на изработка. За разлика од предходниот начин на изработка, сега работиме со епоксидна смола која го продолжува времетраењето на изработката. Кога имаме завршен дизајн за едно парче накит, следува фазата на негова заштита со епоксидна смола. Овој процес варира во времетраењето и може да трае од два дена, до една недела или повеќе.

Каде се достапни за продажба вашите мали уметнички дела?

Во моментов го пласираме накитот во Македонија, Србија, Словенија, а работиме на нашата промоција во Бугарија и Италија. Во Македонија можете да го најдете накитот на Меи Ро во Струга во Фарина с Хендмејд, во Србија можете да ги видите нашите парчиња во концепт продавницата Колабс во Белград и во Словенија можете да купите Меи Ро накит во Лола во центарот на Љубљана. Се разбира можете да ги погледнете нашите најнови колекции на нашата фб страница и да нарачате накит директно од нас, а наскоро ќе можете да го сторите истото преку специјализирани онлајн платформи за продажба на накит.

Каква порака испраќате преку вашите ракотворби?

Еколошка. Ние создаваме накит преку креативна трансформација на отпад.

Воочувате ли дефицит на можности и платформи за презентација на вашата уметност?

Кога станува збор за презентација на нашето креативно творење кај нас, би рекле дека несомнено постои дефицит за пласман и промоција. Во секој случај забележуваме дека ваквата ситуација постепено се менува со појавата на се повеќе различни базари, продажни изложби и концепт продавнници.

Размислувате ли во иднина да го проширите вашиот креативен израз? Можеби некоја нова форма на дизајн?

Се повеќе ја чуствуваме потребата да се изразиме со некоја нова форма на дизајн, така што веќе почнавме активно да размислуваме и дискутираме околу тоа каде се можеме да го имплементираме досегашното искуство што го имаме со накитот. Интересно е што за време на работилница за изработка на накит од рециклирани материјали ние се јавивме како ментори за овој дел, но се приклучивме и како учесници во работилницата на делот за изработка на музички инструменти, така што сметаме дека ова е плоден почеток на ширење на нашиот дизајн.

 

Објавено:
17 ноември 2015
Прочитано:
995 пати