илустратор и стрип цртач

Тхе Мичо: Најмногу се препознавам во мачорот Гарфилд

Интервју со
Михајло Димитриевски
24 април 2019

Веројатно кога ќе го споменеме неговото уметничко име Тхе Мичо прво на што ќе се сетите е серијалот за кој што се надеваме дека ќе се врати „Еднооки“, но Михајло Димитриевски има направено многу повеќе од тоа. Негови илустрации се дел од официјалната игра од истоимената серија „Game of thrones“, ги нацрта Биби, Боби и Зазулчето, а моментално работи и на првиот македонски долгометражен 2Д анимиран филм „Џон Вардар против Галаксијата“. Неодамна играта „Architects of the West Kingdom“ во која има негови илустрации, доби сериозно признание од МЕНСА, а за скоро најавува и многу нови проекти на кои е особено горд. Неговата најмлада публика наскоро може да очекува многу изненадувања од „Биби“, а верните фанови во продолжение читаат за неговите успеси, најдраги проекти и талентот на неговите наследници. 

-Кажете нѝ нешто повеќе за признанието од МЕНСА...За што всушност станува збор?

Па со оглед на тоа дека сум нон стоп во студио и работам, освен кога ќе сум на кафе, немам баш многу појма што е тоа со Менса искрено (се смее). Знам колку и другите читатели. Најпросто кажано, секоја година екипа од Менса поминува неколку дена играјќи друштвени игри. Претпоставувам дека се работи за поголем број на игри, бидејќи моментално пазарот за друштвени игри е пре-богат. По неколку дена, објавуваат листа на „победнички” игри. Победнички во стилот - најдобар дизајн, најдобра механика, или што би се рекло – интересни и интелигентни игри. Годинава во нив е и една игра која јас имав чест да ја илустриурам, а која ќе има уште делови. Станува збор за Architects of the West Kingdom. Инаку и минатата година една од моите игри, Raiders of the north sea, со викиншка тема, беше во победниците. Истата моментално е во листата на 100 најдобри друштвени игри. Така што, тоа би било тоа - лична сатисфакција и „лајкој“.

-На кој Ваш проект досега сте најмногу горд?

Сите проекти на кои работам се мои деца и на сите сум горд. Моментално работам на еден куп игри – на првиот македонски долгометражен 2Д анимиран филм  „Џон Вардар против Галаксијата”, детскиот проект „Биби”  и што уште не. Презадоволен сум од сите проекти и презадоволен сум од екипите и луѓето со кои што работам. Многу од нив, помладите, мислам дека ги чека светла иднина во професијава. Лично можеби еден од така „поќефлиските“ проекти ми беше игрта „Game of Thrones” бидејќи сум фан и на книгите и на серијата. Така што, тоа би било нешто што ми направи „тро поќе ќеиф“ како фан и занаетчија истовремено.

-Како настана „Биби“?

„Биби“ настана како комбинација на идеи на неколку луѓе кои слично размислуваат. И кои после ми се јавија мене. „Биби“ е проект на порталите  fakulteti.mk  и deca.mk во соработка со неколку креативци, вклучувајќи ги режисерот Гоце Цветановски и писателката Билјана Црвенковска. „Кликнавме“ со слични размислувања и од обично лого или карактер за портал, набрзина стана омилен лик-посебно кај најмладите. Морам да  признаам дека сум изненаден и пресреќен што ете дечињата ја сакаат....и нека очекуват мноооогу изненадувања во тој правец.

-Се случува ли некогаш да не се „најдете“ во комуникацијата со клиентите и што во таков случај?

Тие што ме познаваат знаат дека сум доста краток и јасен. Истото го очекувам и од клиентите. Или што би се рекло – „дај бе чоек да свршиме работа побрзо, ќе имаме поќе време за дремење, играње или гледање филмој“. По првите мејлови, веднаш се забележува карактерот на оној со кој треба да работам. „Зафрканции“ имало и ќе има, ама во последно време мора да ги пофалам клиентите бидејќи сите се на високо ниво и дури малку ми е чудно и со третманот што го добивам, бидејќи е невообичаен за овие простори. Моментално работам со супер луѓе и одамна ми се нема случено да се расправам или да се секирам околу непотребни работи. Инаку да, ако се скарам со некој најнормално е дека нема да работиме повеќе, освен ако не ми купи стрипови (се смее).

-Зошто сакате друштвени игри? Што значат тие за Вас?

Друштвените игри ги сакам пред сè бидејќи заедницата која е изградена околу нив е прекрасна,  многу луѓе низ планетава ги играат и нивниот „фидбек“ и однесување околу истите е неверојатен. Секојдневно добивам пораки и мејлови од, ај ќе кажам фанови, и тоа навистина делува доста инспиративно, со оглед на поднебјето во кое живееме. Инаку не е баш за фалење, ама ноторно сум познат по тоа што немам изиграно ниту една друштвена игра, ама тоа е, мора некој да ги црта. Ќе играм некогаш. Моментално преферирам нинтендо свич и плејстејшн 4. Тоа е, имам околу 20 минути дневно за играње. Живот.

-Ја наследи ли некое од децата Вашата креативност и талент?

Маливе се движат во позитивна насока на оваа тема. И цртаат и собираат играчки, така што можам да констатирам дека сум горд родител бидејќи моето семејство ги дели моите интереси. На општо задоволство на произведувачите на влажни марамчича за чистење (се смее). И на произведувачите за хартија, бидејќи нон - стоп цртат. Засега се супер, а во иднина што и да одберат, апсолутно ќе ги поддржам.

-На што работите во моментов?

Како што спомнав, на еден куп игри, на еден куп играчиња, на првиот македонски долгометражен цртан филм, детски проекти, книги и што не. Редовно „досадувам“ на мојата Фејсбук страна така што ако сака некој да следи што правам во моментот, слободно нека  „ѕирне“. Како и во филмот „Fight Club“ така и јас не зборувам за проектите кои се спремат дури не излезат. Има убави работи за убави и добри луѓе така што со нетрпение чекам да ги покажам на светот. Бидејќи тоа им е намената. Забава и добар помин после секојдневните животни обврски што секој ги има.

-Ја гледавте ли новата епизода од „Game of Thrones“?

Најнормално дека гледам „GOT“. И најнормално дека се нервирам што ќе заврши, ама тоа е, ќе чекаме нешто друго да излезе после (се смее). Ајде сега понеделнички да видиме кој ќе „испозагине“.

-Како гледате на успехот што го доживеа играта „Game of Thrones“ чии карактери се Ваши?

Вака сега, играта е дизајнирана од Бруно Катала кој долго време барал илустрации и прилика да ја „протне“ некако. Ме најде на Фејсбук случајно и виде дека имам нацртано околу 500 карактери од серијалот (книгата) и од Fantasy Flight Games  (што е лиценциран издавач на „GOT“, Lord of the rings, Star Wars, Warhammer, итн) ми се јавија да ги искористат карактерите. Јас нормално прифатив и тоа е тоа. Мојата игра е малечка „филер“ игра за секое семејство....нормално со интриги. Моите цртежи се базирани на книгата.

-Што Ве фасцинира моментално, која е Вашата инспирација?

Фан сум на стрипови, книги, серии и игри и имам среќа да го работам баш тоа, така што  инспириран сум од тоа што го работам. Сакам да сум окружен со играчки и сè што на некој начин ме мотивира да работам. Ако работам на монстери, сакам да листам книги со монстери, сакам да слушам филмска музика. Моментално гледам многу цртани и разгледувам книги со чудовишта.

-Кој е Вашиот омилен негативец од стриповите и кој стрип – цртач најмногу го почитувате?

Немам баш некој омилен негативец. Дарт Вејдер нека биде во моментов. Супер претстава за негативец. Црн лош, што на крајот станува добар.

-Во кој лик се препознавате?

Ако ги одземеме лазањите, најмногу во моментов што би се препознал е во ликот на мачорот Гарфилд. Некогаш сум многу мрзелив и обожавам да спијам.

Фотографии: Приватна архива

Објавено:
24 април 2019
Прочитано:
311 пати