Милена Трајковиќ - Македонката по чии слатки лудуваат Холанѓаните

Интервју со •
2 јануари 2015

Родена скопјанка, архитект по професија и голем креативец. Животниот пат ја носи во Амстердам, а денес живее со сопругот и двете ќерки во Делфт. Иако работата како архитект ѝ носи големи соработки и искуства, оваа талентирана 38-годишна жена одлучува да се посвети на креативната работа и отвора ателје за слатки.

Ако сте љубител на благи работи, тогаш не пропуштајте да го прочитате  разговорот со Милена Трајковиќ. Нека годината ни започне слатко...

Која е Милена Трајковиќ?

-Родена сум во Скопје, а родителите отсекогаш ми велеа дека сум била многу креативна како мала, сум правела прекрасни творби од лего коцки, а куклите што татко ми ми ги носеше од странство, каде што понекогаш работеше, секогаш ги отворав за да видам како зборуваат или се движат. На Aрхитектонскиот факултет во Скопје студирав до трета година, по што добив шанса да замнам во Холандија на дообразување, заедно со мојот тогашен дечко, а сегашен сопруг. Од целите мои студии тука, што дозволуваат слобода на истражување и творење, најинтересен дел ми беше мојата магистерска работа, теориски и философски предизвик за поставување на нов феномен во архитектурата – чувствување и доживување на просторот (градот) преку личната историја на складирани мемории на доживувања, мириси, допири... Со мојот сопруг работев заедно на различни проекти, како free lancer, за некои многу звучни и познати имиња во архитектурата меѓу кои  Rijksbouwmeester, UN Studio, Zaha Hadid. Нашата анимација од мостот во Абу Даби, за шеикот направена за архитектот Заха Хадид дури беше искористена и во документирана емисија на Discovery channel за тој проект. Па сепак, кога ми се роди првата ќерка, решив да останам дома со неа и да не работам повеќе како архитект. Работното време на архитектите овде е неопределено и младите амбициозни архитекти често работат  на проекти и конкурси со строги рокови. Ова беше преголема жртва за мене, во комбинација со трудничко отсуство од само три месеци, па решив да се посветам на мојата ќерка. Неодамна ми се роди и втората, па сега повторно жонглирам помеѓу улогата на мајка, претприемач, уметник и сопруга-партнер, со една олеснителна околност – работните часови ми се флексибилни. Најчесто работам навечер кога ќе ги легнам децата.

текст за Милена Трајковиќ во холандски весник текст за Милена Трајковиќ во холандски весник

Како и од кога започна приказната за создавање слатки?

-Отсекогаш сум сакала да готвам и да експериментирам со вкусови. Можеби дури и повеќе со солени работи отколку со благи, сè до првиот роденден на мојата ќерка Лола. Кога нешто имате во глава, а не можете да го најдете, ако сте доволно решителни, ќе се потрудите да го направите. Тоа и се случи. Првата моја торта беше реакција на ограничениот избор. Далеку беше од совршенство, меѓутоа беше моја. За вториот роденден веќе имав повеќе искуство и направено истражување, па така и започна сè. Тортата беше во вид на книга во која ја пишуваше приказната за мојата принцеза Лола, а врз неа или од неа излегуваше кочијата на Пепелашка, омилениот лик на ќерка ми во тој период. Тортата беше чоколадна и многу им се допадна на луѓето. Тогаш почнав дури и нарачки да добивам. Така се зачна идејата за торти.

Кога беше преточена во Atelier Zoet?

-Една година по роденденот на ќерка ми и таа прва торта, во градот каде што живеам Делфт, инаку светски познат студентски град, еден организатор на проекти започна проект за креативно претприемништво и осум дуќани беа одбрани за идни креативни идеи. За да влезеш во конкуренција, потребно беше да испратиш мотивационо писмо во кое ќе ја објасниш твојата идеја за тој простор и со што сакаш да се занимаваш. Јас немав многу торти направено, но имав визија. Визија за едно поинакво ателје за торти, чоколадо и скулптури од шеќер, нешто што ќе биде поразлично од сè што постои тука во Холандија. Тоа и го ставив во мојата презентација. Од преку стотина апликации, мојата беше избрана и јас го добив просторот од 55м2 во рок од две недели. Тогаш знаев дека враќање нема. Тоа беше почетокот на Atelier Zoet (во превод Ателје Слатко) и патот на експериментирање и грешење и успех.

Што всушност значи да се поседува aтелје за слатки? Ние сме запознаени со слаткарници, но кај нас се' уште не постои ателје за слатки... Можете ли да ни ја објасните разликата помеѓу слаткара и ателје?

-Atelier Zoet го доби пред сè името, затоа што е тоа место, простор каде што постојано се измислуваат и пробуваат нови работи. Слаткарницата за мене има статична конотација, нешто што е препознатливо, доверливо, но во исто време и очигледно. Ателје од друга страна е во постојано движење, потрага по предизвик за сетилата за вкус, мирис, визуелен па дури и за допир, со различни текстури. Ателје е место каде постојано се креира, каде што каталог на продукти не постои, каде што сите креации се направени ексклузивно за клиентот и за неговата потреба, каде што сите продукти се прават ексклузивно по порачка однапред.

Каков сè тип на слатки создавате?

-Инспирација црпам од сите страни за создавање на слатките. Од мајка ми имам тефтер со рачно напишани стари рецепти на кои понекогаш се обидувам да им вдишам нова душа. Понекогаш ме инспирираат случувања, па така некои од слатките добиваат и препознатлив вкус или пак мирис. Покрај различните видови на торти, едно од омилените производи меѓу моите клиенти се труфлите и макаронс што ги правам. Тие се секогаш добредојден подарок за секоја пригода – труфли од бело чоколадо со Baileys и лаванда и бело чоколадо со вотка и краставица, како и макаронс од фстаци со бело чоколадо и бибер се едни од најбараните.

Од фотографиите од веб страницата, можам да забележам дека дел од тортите се навистина реалистични, што дури на момент е и збунувачки... Како го постигнувате тој ефект?

-Многу е чудно ако ви кажам дека кога ќе треба да направам торта или чоколадо или шеќерна креација за некој клиент, прво секогаш започнувам со анализа на тоа што мојот клиент претставува. После тоа е лесно. Идејата и концептот се формираат, а изведбата е само завршен дел на целиот процес, кој што е воедно и мојата пасија. Тука работам интуитивно, нема формули за постигнување на ефекти, секогаш е различен патот како сум стигнала до крајниот резултат. Работам додека не сум задоволна со тоа што го добивам.

Во тој контекст, сте имале ли некоја интересна случка, на непрепознавање на тортата дека е торта?

-(Се смее), баш интересно што го спомнавте ова. Пред две години направив торта за една девојка, цела во фазон на Sex and the City. Тортата беше во вид на чанта со шал и чаша мартини. Е, тортата била ставена на средина на маса со ордевери, од каде некој од кетеринг-службата сакал да ја премести и ја фатил за рачките и ги истегнал, по што сфатил дека е торта. Таа торта беше омилен час помеѓу луѓето што учеа кај мене во ателјето.

Организирате work-shop работилници... Од што се состојат и што е потребно за да се стане добар и квалитетен создавач на слатки?

-Во моето ателје правам најразлични работилници, од едноставно покривање и украсување на торти до професионални workshop-ови за моделирање на 3Д фигури од чоколадо, за моделирање и постигнување на реалистични ефекти при изработка на цвеќиња и слично. Секој work-shop има поинакви услови за партиципација, но едно е заедничко – желбата да се научи. Доколку сте мотивирани и го сакате тоа што го работите, мислам дека само небото е граница. Понекогаш моите работилници за професионалци ги посетуваат и помалку искусни луѓе, но со нивната желба да научат и со моите чекор по чекор инструкции, партиципиентите си одат дома со дело што заслужува пофалба.

Која е најкомплексната слатка што сте ја изработиле?

-При изработување на секоја слатка се применуваат многу техники. Сами по себе сите тие техники се комплексни и водат до конечниот резултат. На пример, кога правам торта од чоколадо во вид на вазна, торта која сама по себе е многу сочна, па поради тоа е тешка за структуирани делови, применувам многу техники за да добијам вазна која стои дури и на мала основа од само 10-тина сантиметри. Но, од сите работи мислам дека најкомплексно е подготвувањето на свои природни вкусови, екстракција на лаванда и сличо, инфузија со алкохол итн... Тоа е тоа што изискува многу решителност и време, меѓутоа тоа е тоа што на моите продукти им го дава препознатливиот вкус и квалитет, што никогаш не може да се спореди со вкусови пакувани во шишенце.

Ќе згрешам ли ако кажам дека тоа што го создавате е уметност? Какви техники користите при изработката?

-Ви благодарам за овој коментар. И јас би сакала да го кажам истото, барем се трудам да направам нешто што е навистина поразлично. При изработка на продуктите, користам секакви техники, во зависност од тоа каков е концептот. Од рачно моделирање, преку подготвување на сопствени модли за чоколадо, тегнење на шеќер, рачно насликување, до боење итн...

Прочитав дека и модата Ве инспирира при создавањето на слатки...

-Модата е нешто која што за мене е составен дел од нашиот живот, колку тоа луѓето сакаат да си го признаат или не, тие се под влијание на нешто или некого. Така и јас. Иако самата не сум модна икона, ги следам случувањата на полето на модата за да дознаам што се случува во светот, на улиците, меѓу луѓето, во нивните глави... Понекогаш преводот е буквален, како на пример за моите најнови свадбарски dummy торти што се сè уште во фаза на изработка – користам различни слоеви на чоколадо во вид на штоф, драперирани едно до друго, како во фустаните на Вера Ванг. Од друга страна, едноставноста на првобитниот стил на Коко Шанел е преземен како концепт исто така за свадбарските торти, за кои наскоро ќе има и посебна фото-сесија. Декандентниот стил на Версаче е исто така инспирација. За разлика пак од модните дизајнери што ме инспирираат, влијанијата од различни периоди во уметноста е тоа што е проткаено низ моите продукти и што им ја даваат препознатливоста. Како што ми кажа една девојка пред некое време, арт-деко и винтиџ изгледот ми стануваат во последно време некако својствен стил, за разлика од модерниот less is more изглед на почетокот од постоењето на ателјето.

Што најчесто Ви бараат Холанѓаните? Која состојка им е омилена?

-Покрај торти, најчесто за различни потреби за фирми, приватните лица најчесто ми нарачуваат плочки од бело чоколадо, насликани во стилот на Royal Delft. На Холанѓаните најмногу им се допаѓа мојата чоколадна торта со чоколаден ганаш со свеж портокал. Оваа торта е и заштитниот знак  на Atelier Zoet.

Колку Вие јадете благо и која е Вашиот омилен десерт?

-Морам да признаам дека јадам повеќе отколку што би сакала. Јас тоа го оправдувам со контрола на квалитетот (се смее). Сите работи што ги правам мора пред сè да ми се допаѓаат мене, инаку не можат да ја поминат првата селекција, но сепак труфлите ми се омилениот продукт. Труфли од црно чоколадо со босилек, со чили, свеж портокал, карамелизиран ѓумбир и црни маслинки, како и труфли од бело чоколадо со анасон ѕвезда, вотка и краставица, со кари и кокос, со  Baileys и лаванда, нане и лимета.

Имате ли некаков предлог за нашите читателки за брза и лесна слатка за актуелните празнични денови?

-Пред извесно време експериментирав со тирамису. Тоа е слатка која што сите можат лесно и релативно брзо да ја направат за празниците, а е навистина прекрасна! Ова ѝ го правев на сестра ми која беше во посета и двете седевме со шолја кафе и лажица во рака со тирамису пред нас. Кога е тирамису во прашање нема грижа на совест.

Планирате ли ова уникатно искуство и производи да им го понудите и на Македонците? Сте размислувале ли да отворите ателје и овде, кај нас?

-Со оваа идеја флертувам уште многу одамна. Тоа би ми причинувало големо задоволство, но уште не е на повидок, бидејќи за отворање на ателје од овој тип треба посветеност. Тоа ќе значи дека треба да бидам таму за да го гарантирам квалитетот. Можеби во некоја блиска иднина.

Во продолжение погледнете ја галеријата со дел од она што го создава.

Објавено:
2 јануари 2015