Мирела Приселац Реми - Елементал: Ако некој ми ја фрли кожената јакна, лошо му се пишува!

Интервју со •
21 август 2014

Младата и креативна Мирела Приселац – Реми од хрватскиот бенд „Елементал“ е вистинска бунтовничка со причина на новото време! Покрај тоа што е одлична музичарка, таа ужива и во преведувањето и адаптацијата на разни текстови за што ќе каже дека е исклучително забавно. Пишувањето поезија за неа е една сосема нова и неоткриена планета, за која вели дека има уште многу што да се истражува. Во моментов се актуелни со последниот албум „U redu je“ и огромниот хит од истиот „Bolji si“, по што спроведоа и одлична кампања под истиот наслов. По неколкумесечното боледување откако ја повреди ногата и бендот ги откажа сите настапи, Реми сосема заздравена и како и секогаш ултра енергична, беше доволно расположена со Fashionel да ги сподели нејзините секогаш уникатни ставови за модата, за музиката, но и воопшто за животот.

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Неодамна, во едно интервју говориш за Марсовците! Што ќе се случи ако во моментов дојдат да не киднапираат и ти остават само неколку минути да се спакуваш, што прво ќе земеш во куферот?

- Со оглед на тоа што на Марс е многу, многу топло, ќе се спакувам како за на летување, но без вечерни стајлинзи, бидејќи не знам каква е марсовската клупска сцена (се смее). Можеби би земала и нешто на долги ракави за некои постудени вечери...И секако, ласерскиот пиштол што секогаш го носам на летување (се смее)!

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Ти си една апсолутно автентична музичарка, девојка која што секогаш остава впечаток дека ги контролира работите во животот, апсолутно силна и секогаш со одлучен став, а се чини дека и твојот стил е токму таков. Како успеа низ годините да се изградиш во една неверојатно модерна девојка од која секогаш се очекуваат добри комбинации?

- Ви благодарам на комплиментите, но не би рекла дека мојот стил е многу модерен, повеќе би го нарекла „no – style“ стил. Гравитирам кон црните парчиња, кожата и кон сѐ она со што не би можела да направам некој голем „faux pas“, бидејќи јас всушност и не се разбирам многу во мода. Не можам ниту да се расправам со оние што ја познаваат модата и последните колекции на дизајнерите, бидејќи и трендовите не ги следам нешто многу, туку едноставно, само го следам она внатрешно чувство што го имам за мода...Понекогаш комбинацијата ќе ми биде добра, а понекогаш ќе се погледнам во огледало, ќе воздивнам и ќе почнам од почеток!

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Веќе ги знаеме пораките што сакате да му ги испратите на општеството со вашите уникатни и освестувачки текстови на одличните песни, но има ли некоја порака што ти сакаш да му ја испратиш на светот со твојот стил на облекување? Колку често некој знае да се вмеша во она што ти си го одбрала да го носиш и дали воопшто ти го дозволуваш тоа?

- Што се однесува до интервенциите на стилист, секогаш сакам да го слушнам туѓото мислење, но ако нивната сугестија е дијаметрално спротивна од она што мене ми се допаѓа, едноставно ќе ја одбијам. Се случило повеќепати да „не бидам послушна“ и да го натерам стилистот да го смени избоот. Може тоа да биде и најдобриот стилист на светот, но ако тој не ги слуша желбите на клиентот и не е синхронизиран со него, тогаш сето тоа ќе излезе многу лошо. Еднаш се обидоа да ме наговорат да ставам руса надградба на косата, за да изгледа како да ми е долга. Изгледав како да се спремам за на маскенбал, катастрофа! Секако дека веднаш ги замолив да ја редефинираат својата визија (се смее).

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Велиш, емотивно си врзана за песните и не сакаш да пишуваш текстови за други изведувачи. Има ли парчиња во твојот плакар за кои си емотивно врзана и од кои никогаш нема да се ослободиш (накит, чанта, фармерки, патики, шапка...)?

- Всушност, најмногу сум врзана за парчињата накит...На пример, никогаш не би се одрекла од големите кружни обетки што ми ги купи мајка ми за 27 – миот роденден, или пак од ѓерданот што го добив од една другарка. Момчето пак, ми подари бразлетна од епоксидна смола во чија внатрешност имаше лагери од скејтборд (со оглед на тоа што тој е скејтер), и таа за мене има огромна емоционална вредност. Што се однесува до облеката, од време на време правам „големо чистење“ кога и се збогувам со облеката што повеќе не ми се допаѓа. Но, едно морам да признаам – ако некој ми ја фрли кожената јакна, лошо му се пишува!

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Лорин Хил е една од твоите омилени женски изведувачи со кои ако смееме да забележиме, имате доста заеднички работи. Дали таа е уметникот кој ти е инспирација во животот, како на музичко поле, така и во поглед на стилот?

- Некогаш, многу ме инспирираше, кога бев во пубертет, но морам искрено да признаам дека сега сум во некоја друга, поинаква фаза од животот. Тешко е да имаш некој кого би можела да го наречам „идол“ во овие години кога имаш сопствено мислење и ставови. Целиот бенд „The Fugees“ ми беа огромна музичка инспирација, всушност поголемиот број бендови што го свиреа тој џез хип – хоп. Денеска, инспирација наоѓам во сѐ и сешто – од рок до панк, но секако, секогаш со концентрација на рап музиката. Што се однесува до стилот, многу ми се интересни Гвен Стефани, Алисон Мошарт и моделот Агнес Дејн.

Постои ли некој дизајнер (светски или домашен) кој што според тебе, прави вистинска уметност како што тоа го прават The Roots во музиката? За чие парче би потрошила голема сума на пари (или тоа не би го наравила никогаш?)

Никогаш не би направила такво нешто, не сум таков тип на човек. Посреќна би била ако ги вложам парите во некое патување или пак ако се запишам на курс по некој јазик. Сакам да учам, што да правам? (се смее). Смешно ми да платам илјадници евра за некое парче облека. Никој нека не се лути, ама...Ги ценам дизајнерите како Александар Меквин и безвременската Коко Шанел – всушност, Коко не толку поради модата (тоа не е мој стил), туку повеќе заради ставот што го имала.

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Што во животот и носи најголема сатисфакција на Реми? Што е она што ти би ги советувала силните жени да го направат барем еднаш во животот!?

- Најголема сатисфакција во моментов ми носи фактот што по скршената нога и штаките што ги носев, можам самостојно да се прошетам, да испијам кафе во град, да возам велосипед. А што би ги советувала жените.... Дозволете си еден ден да лежите во кревет со оној што го сакате, исклучете го мобилниот, проверете дали во фрижидерот имате сладолед и чоколадо, нека ви биде при рака и бројчето на доставувачот на пица...Едноставно, цел ден поминете го не размислувајќи и препуштете им се на задоволствата.

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Дали можеби си страстен колекционер на некоја конкретна работа, без која буквално не излегуваш од дома (часовници, марами, чизми, ремени...)

- Обетки. Не сум нормална, знам, но дома имам обетки на тони! Навистина не знам како се случи тоа...Едноставно, нивниот број само се зголемуваше. И што е најлошо, не можам да се натерам да се решам барем од дел од нив...

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Би сакала ли некогаш да оствариш модна соработка со некој бренд, да бидеш нивно заштитно лице можеби, да дизајнираш некоја мини колекција и дали досега можеби имаш остварено некоја модна соработка? Колку ти ја сакаш модата всушност?

- Ја сакам модата, многу, но не знам многу за неа. Она што ќе го погледнам или дознаам, е благодарение на музиката, спотовите што ги гледам или пак магазините. Сѐ уште не сум соработувала со некој моден бренд, барем не сериозно, бидејќи секогаш ми било страв дека ќе останам без дел од мојот личен стил, ако се „врзам“ за некој бренд. Не би била среќна да морам да носам облека само од еден бренд! Соработката со некој бренд може да биде одлична, но може да биде и многу ограничувачка. Има неколку брендови што ми се супер и со кои би сакала да работам, па можеби дури и да им сугерирам како јас гледам на дел од нивните колекции.

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Се случила ли некогаш некоја модна катастрофа во животот на Реми за која што не сакаш да се сеќаваш ниту да зборуваш (на пример, лоша комбинација за која сакаш да заборавиш дека си ја направила)?

О, да, се разбира! Има денови кога едноставно не ти оди. Што и да облечеш, изгледа лошо на тебе. Можеби тоа нема толку врска со модата, колку што има со она како се чувствуваш од внатре во моментот...или има врска со ПМС – от (се смее). Но, добро, би можеле да кажеме дека модата, изгледот и стилот имаат голема поврзаност со она како се чувствувате внатре, па пропорционално на тоа и како изгледаш однадвор. Модните катастрофи се неизбежни, никој не е безгрешен.

Во една песна пееш „кога сите би биле исти, би умреле досадни“...Посочи им некој совет на нашите читатели со кој ќе се издвојат од толпата?

- Немојте никогаш да се облекувате онака како што тоа го гледате во едиторијалите, бидете свои макар и да не им се допаѓате на другите. Проверете што има во second hand продавниците, ќе најдете неверојатни работи. Проверете што има и во плакарот на вашата баба. Облечете обична маичка и фармерки и препуштете и се на имагинацијата. Немојте да го слушате она што ви го зборуваат раперките во колумните за мода, бидејќи тие „немаат поим“! (се смее).

И за крај, се вклучуваме во вашата кампања и ние велиме дека „Подобри сме зашто не сме хејтери“! Сега, ти наброј ни три работи во кои си подобра од другите?

- Подобра сум од националистите, од хомофобите, од тврдокорните фанатици и од сите оние што ги мразат другите затоа што се поинакви. Мене ми е тоа доволно!

Фотографија: Маја Бота Фотографија: Маја Бота

Објавено:
21 август 2014