Моден дизајнер

Модата е бизнис, креативноста е 10 проценти

Интервју со
Јован Петровски
22 јануари 2016

Тој е македонски дизајнер што ни покажа како може да се сонуваат големи соништа, а уште позначајно, како тие се остваруваат. Ослободен од било какви ментални, социјални и општествени бариери, рака под рака со својот талент, голем ентузијазам, но и напорна работа, денеска Јован Петровски е предавач и декан на Академија Италијана во Бангкок, а периодов е посветен на својата нова компанија ARDOR што во превод значи „ентузијазам" и нè потсетува на тоа дека ништо не е случајно. Препознатлив по неговата минималистичка естетика во творењето, тој веќе 16 години активно е присутен на модната сцена. По неговото последно интервју за Fashionel во 2014 година, кај него се променија многу нешта и на професионален, но и на приватен план за кои дознавате во интервјуто во продолжение.

Како ќе ја окарактеризирате 2015 во Вашиот професионален домен?

Никогаш не сум правел ретроспективи на минатото. Но, кога ќе размислам на прашањево, можам да кажам дека 2015 можеби ми е најплодна година и професионално, но и приватно. Покрај моите обврски како предавач и декан на Академијата Италијана во Бангкок, морав да си го потполнам малку слободното време што го имав за да започнам своја компанија. Отворив модна куќа во Бангкок со малезиски партнер. Овде ги развиваме и произведуваме нашите модни линии. Компанијата функционира како креативен центар, а мојата задача е да откривам млади таленти со кои ќе работам и развивам производи. Компанијата се вика ARDOR, што значи ентузијазам.

Од неодамна почнав да се занимавам и со пуштање музика. Најпрвин почнав несериозно, како Dj на една приватна забава во еден клуб, а потоа почнаа да ме бараат најдобрите клубови во Бангкок. Еден од најдобрите настапи што ги имав како Dj беше на Бали, во најдобриот клуб на плажа „Karma Kandra". Но, сепак ова не го сфаќам сериозно и дефинитивно ми е само хоби. Уф, доста се фалев (се смее).

Blackout, Ardor studio

А кои се плановите за 2016?

Престанав да верувам дека луѓето се создадени да имаат само една професија. Сакам да опипувам други сфери на дизајнот и креативноста. Па од неодамна почнав да се занимавам со музика и да правам миксови за модни ревии, а исто така ме ангажираат и како кореограф. Имам милион идеи и би сакал да имам време и финансии да ги реализирам. Сѐ правам спонтано. Во процес е изработка на накит, а исто така под името UnderSQUIRE лансирам и колекција за машка долна облека. Можеби ќе се запрашате како успевам да имам време за сѐ. Одговорот е дека направив тим од млади луѓе со свежа енергија кои јас ги диригирам. Тие ме инспирираат, ми даваат свежи идеи...
Да бидам искрен, ARDOR е многу млада компанија која функционира малку повеќе од 6 месеци и сѐ уште е во прогрес и во инвестиција и се надевам дека во првата половина на оваа година ќе имаме и свој „showroom".

Squire, женска линија пролет-лето 2016, Фото: Лепа Георгиевска

Во 2014 се вративте на скопскиот моден викенд. Имате ли во план нова средба со македонската публика?

Со организаторката Света Богоева имаме развиено долгорочно професионално пријателство и секогаш со задоволство би ги прифаќал поканите, а мислам дека со моето присуство ја поддржувам модната сцена кај нас иако во моментов моите производи не се продаваат на македонскиот пазар.

Од промоцијата на Blackout на FWSK, 2014 година


Вашиот бренд Squire одлично котира на интернационалната модна мапа. Кој е најзначајниот совет што би сакале да им го упатите на младите дизајнери во однос на тоа како се гради сопствен бренд?

Ние како дизајнери немаме осет за бизнис. Еве јас иако веќе 16 години професионално се занимавам со мода, сѐ уште не можам да размислувам како бизнисмен. Модната индустрија во последните години тотално се промени. Правилата од деведесеттите веќе не значат ништо. Мислам дека во едукативните институции во отсеците за мода, задолжително треба да се воведат часови по бизнис и маркетинг затоа што модата е бизнис и дизајнерите мора да размислуваат како бизнисмени. Креативноста е само 10 проценти од целиот процес. Сѐ друго е набавки, производство, промоција.

Squire, женска линија пролет-лето 2016, Фото: Лепа Георгиевска

Се промени ли Вашиот дизајнерски профил под влијание на искуствата, годините, средината...?

Се надевам дека се менувам. Сакам да сум во тек со времето и затоа сум опкружен со млади луѓе. Секако дека искуството кое го стекнав низ годините, дизајнерскиот печат еволуираше, но сѐ уште сакам строги линии, минимализам, еднобојни модели. Но, сакам и предизвици. Еден од новите брендови што во моментов ги развивам во моето студио е базиран на бои, принтови и декоративни елементи.

Ќе кажете дека Дејвид Боуви е еден од Вашите лични херои. Колку хероите имаат инспиративно влијание врз Вас?

Се сеќавам дека бев многу мал. Можеби 5 или 6 години, и сестра ми го слушаше Дејвид Боуви. Од тогаш Дејвид ми стана идол. Но, како мал имав многу идоли. Дејвид Боуви и Грејс Џонс имаат најголем импакт врз мојот дизајнерски израз. Анализирајќи денес, можеби затоа облеката која ја креирам за мажи е андрогена, превземена од многуте ликови на Боуви, а женската помажествена, превземена од Грејс Џонс. Дури имам креирано колекции инспирирани од овие два лика.
Мислам дека Дејвид Боуви можеби и ми е единствен херој. Порано ги имав многу, но тој дефинитивно е последниот. Иако веќе не е со нас, ни остави огромни дела кои засекогаш ќе живеат и го направија бесмртен.

Squire, женска линија пролет-лето 2016, Фото: Лепа Георгиевска

Како од дистанца гледате на македонската модна сцена? Може ли да ни направите една паралела помеѓу времето на Вашите почетоци и денес?

Не би можел да кажам бидејќи речиси 6 години не сум активен на македонската сцена. Меѓутоа ги следам FWSK изданијата и гледам дека има неколку млади дизајнери кои континуирано – сезонски, лансираат колекции. Знам дека е многу тешко. Дизајнерите од постарата генерација се свесни дека ревиите не се финансиски исплатливи па затоа веќе со години ги немаме видено на сцената. Но, глобално гледано модата е во криза. Дури и светски етаблираните дизајнери Како Жан Пол Готје, Виктор и Ролф, и Кристијан Лакроа ги затворија своите линии.

Со стартот на новата година некако природно се наметнува и прашањето за новите сезонски тенденции. Што според Вас ќе биде носечки моден императив претстојната сезона?

Тренд како поим веќе не значи ништо бидејќи траењето на т.н трендови е се пократко. Со достапноста на информациите сѐ што е вчерашно денес веќе не е во тренд.
Поради овој феномен, модните куќи секој месец лансираат по некоја нова капсулна колекција. Живееме во време во кое буквално секој може да носи и да биде што сака. Сакам да сум во текот со времето и секојдневно се информирам што се случува во светот. Ги следам социјалните, економските и политички промени, а овие три елементи се најголемите фактори за промена на макро трендовите. Исто така се информирам и за најновите достигнувања во технологијата бидејќи мислам дека само со новата технологија денес може да се биде иновативен.

 

Објавено:
22 јануари 2016
Прочитано:
1.574 пати