поетеса

Моето време се мери во љубов

Интервју со
Ана Бунтеска
13 јануари 2020

„Најди ми име“ е насловот на нејзината последна книга поезија иако и самата ќе рече дека она што го пишува не може да се нарече едноставно -  поезија. Нејзиното име е Ана, но доколку би ѝ барале и друго име би можела да биде и љубов и тага, и искреност и страст, живот, жена, мајка... И токму затоа и со само еден прочитан стих или песна, ќе се препознаете. Нејзините песни ќе ви бидат како огледало за она што го знаете, она што сакате или не сакате да си го признаете. Бидејќи таа пишува за работи што постојат. Реално. И внатре во нас. И надвор од нас.

Нејзиното име е Ана, но вели одамна престанала да се ограничува и на работите да им бара имиња. Пишувањето е нејзината слобода. Времето го мери во љубов.

А времето што го поминавме ние со неа и нејзината ќерка Аргентина, го искористи да прикаже една нова страна од нејзината личност, а сепак да остане своја.

Ана Бунтеска.

Како почнува приказната за Вас и пишувањето, кој беше клучниот момент напишаното да го споделите и на крај објавите?  Кога станавте сигурна дека тоа што го пишувате е добро?

-Пишувањето се провлекува низ целиот мој живот. Од дете го паметам оној звук на машината за пишување, кога татко ми беше новинар. Некогаш заспивав и се будев со тој звук. Започнав од 16-17 години, па имав еден бунтовен период кога скоро сè имав уништено. Останати се некои 10-тина песни, за кои и ден-денес кога ги читам си велам “оф Ано, што ли си имала во главата уште од дете”. Не знам зошто престанав, но имав пауза од скоро две децении. И сè  што ќе напишев некако како да не беше она што сум јас. Бебешки чекори, а и болни. Веќе од 2014 почнав поинтензивно со пишување. Тоа е потреба, порив, особено за некој што е интровертен како мене. Пишувањето е начин на зборување. Ќе изнапишев, ќе ги објавев на „Фејс“ и веќе не беа мои. Тоа е она олеснување, кое верувам дека го имаат сите пишувачи. Како да се ослободува човек од она што го тишти. Оти некогаш тиштат не само болките, туку и обичните мисли. Не размислував за објавување во книга, воопшто. Интересното беше што Јасмина Кантарџиева буквално ме одвлечка во „Матица“ и оттаму сè е веќе познато. Три книги поезија (иако не се сложувам околу оваа дефиниција за она што го пишувам) со „Матица“, потоа две детски книги, една со колумни и една повторно поезија (!) со Просветно дело. Јас и до овој момент не сум сигурна дека она што го пишувам е добро или не. Само знам дека тоа сум јас, токму онака како што преживувам сè, онака како што живеам. Веројатно, во оној миг кога ќе почнам да се оптоварувам дали сум добра или не во она што го правам, ќе престанам да пишувам.

„Најди ми име“ е насловот на последната книга поезија. Постојат ли нешта на кои не можеме да им најдеме име?

-Ах, какво убаво прашање! Одамна не сакам да давам или барам имиња на многу работи. Сакам само да можам да ги чувствувам и да уживам во она чувство што го имам. Како ли да дадам име на емоцијата која ме опфаќа кога излегувам на грч студено време и го чувствувам ветрот како ме носи некаде со мислите. Или, какво име да дадам на чувството кога седам некаде со отворен лаптоп и пијам вино и прстите ми трнат оти знам дека нешто ќе излезе од мене. Ние луѓето веројатно би биле многу посреќни доколку престанеме сè да дефинираме и едноставно се препуштиме на она што си го носиме во себе.

Ќе се осмелите да кажете дека градите кариера преку пишувањето? Одат ли поезија и кариера, рака под рака?

-Пишувањето за мене не е кариера. Кариерата ја одбрав пред 20 и кусур години кога завршив економски факултет и започнав да работам прво во „Фершпед брокер“, а потоа во „Македонска берза“. Мислам дека направив баланс и тоа не само од аспект на егзистенција. Берзата ме спасува од лудилото кое би ме фатило доколку само пишувам, а пишувањето ме спасува од суровоста на овој реален свет во кој живееме. Имав едно гостување кај деца, кои беа шокирани од тоа дека работам нешто што никако не може да се поврзе со пишување. Тогаш им кажав дека човек може буквално сè да биде и прави што ќе посака, само ако има во себе доволно мотив и желба. Еве, ќерка ми има 13 и пол години, свири на клавир, пишува (исклучиво приказни на англиски), се занимава со анимација и кога ќе ме праша што да биде кога ќе порасне ѝ велам....СÈ, сè што ти сака душата. Никогаш не знаеме што носиме во себе, додека не се обидеме на сите полиња.

Љубов како вечна инспирација, рака под рака со болка, соголена пред публиката, а сепак ненаметлива и мистична, еротична, а и архаична, современа, исто колку и традиционална... Дуализмот е сеприсутен кога е Вашата поезија во прашање. Како го толкувате, како нешто на што почива световното функционирање или како знак дека можеби и не припаѓате во целост на ова време? Или можеби како нешто сосема трето...

-За мене зборот е вистина. Соголувањето пред оние кои ме читаат е искреност која си ја должам пред сè на себе, а потоа и на публиката. Впрочем, сакам ќерка ми да ме знае не само како мајка, туку и како жена со сите свои болки и слабости. Мислам дека таа искреност и неа ќе ја ослободи во животот. Да, патам, плачам (ретко, оти плачам однатре), имам стравови, недоумици. Сето тоа е во функција да кажам на сите оти не е срамота човек да се чувствува секако, ранлив, среќен, тажен. А кога веќе зборуваме за тоа дали припаѓам или не на ова време, немам одговор. Освен можеби дека моето постоење токму во ова време не е случајно и има своја повисока цел од само да се истурка еден живот. Секој од нас има одредена улога на светов. Среќата е во тоа да се намириса тоа и да се живее онака како што најдобро ќе можеме да дадеме дел од себе. И она што го велите или дефинирате како мистично, еротично, архаично, современо, традиционално....за мене е само уште еден облик на искреност. Пишувам она што го има во мене во моментот. Дали ќе е тоа за жената која го задева мажот со своето тело, плач по изгубената љубов, момата која со стомните го чека саканиот на чешма или бунтовност да се прифатат стереотипите...сеедно. тоа сум јас во тој момент, а секој од нас има слоеви и слоеви во себе.

Како се соочивте со огромниот фидбек од публиката... Беше ли на моменти (особено во почетокот) товар големото внимание насочено кон себе? И генерално, како се соочувате кога „сите светла се накај Вас“?

-Хахахахаххаха, јас живеам толку повлечено што светла накај мене дури и нема. Публиката само се препознава себе во мене, има сознание дека во сите свои психолошки состојби не е сама и дека тоа е сосем нормално. Публиката е најголемиот пријател и поддржувач додека го чувствува искреното пулсирање во пишувачот. Инаку, немилосрдна е кога ќе ви го заврти грбот. И по мене, тоа така треба да биде. Првично, бев шокирана од таа огромна доза на почит и љубов кон мене. Сега, сега само уживам во взаемната љубов со публиката. Се среќаваме во маркети, на улица, си се препознаваме, ќе се прегрнеме, некогаш и без еден збор да скршиме и си одиме секој на своја страна со полни срца. Мојата публика ме доживува како дел од себе, затоа се сакаме. Никогаш не се случило да бидам осудена или да ми се потсмеваат за соголувањето. А соголувањето, како што знам на шега да кажам, е поголемо во зборовите отколку да се прошетав угол гола низ градов. За нив сум Ана-дел од нив, а тоа ми е мене не само доволно, туку и голема чест што сум парче од нивните животи и секојдневие.

Ги „вагате“ ли зборовите – и кога пишувате и кога комуницирате и восприемате комуникација?

-Ништо не вагам во животот. Вагав порано, кога бев многу помлада и тоа ми донесе само незадоволство и тага. Одамна не вагам, не знам веќе како се прави тоа. Јас сум човек кој е затворен во себе, но кој знае на службеничката на шалтер или на продавачката искрено да ѝ каже дека фризурата ѝ е многу убава или дека фустанот ѝ стои прекрасно. Ме зачудуваше како луѓето ја прифаќаат таа искреност. Дека не се навикнати некој, ете, без да ги познава да им каже убав збор. А мене ме научиле да си молчам само тогаш кога немам што да кажам убаво. Така што, вагање нема. Знам и да “испердашам“ некој кога чувствувам неправда која е нанесена, дали од невнимание или од пуста злоба, сеедно.

Се сметате ли за ангажирана поетеса?

Се сметам себе за жена која пишува она што ѝ сака душата и што е во склад со нејзините морални норми. Не пишувам никогаш оти така треба или оти нешто се очекува од мене. Не пишувам за да привлечам внимание, ниту за да ме фалат. Пишувам оти не знам поинаку да се изразам и да го кажам она што е во мене...љубов, тага, страв, копнеж.

А за феминистка? Како го восприемате овој поим, денес често употребуван и распространет?

-Ако мојата потреба да ја искажам вредноста на жената и нејзината улога во општеството е феминизам, тогаш сум феминистка. Не се оптоварувам со поимот, туку со она што тоа носи во општеството. Да, сметам дека жената сè уште не е доволно вклучена во сите сфери во кои мажите имаат можеби и некое (демек) природно дадено право да бидат вклучени. Улогата на жената е многу комплексна. Таа истовремено треба да е добра мајка, сопруга, снаа, бизнис жена што само по себе е исклучително тешко да се постигне, а особено кога се ставаат сопки. Знам жени кои во својата професија се врв, ама кои се потиснувани само затоа што се жени. Секогаш го кажувам она дека кога одев на интервјуа за работа, едно од поставените прашања беше и дали наскоро планирам да бидам мајка, што за мене е невидена дрскост. Прво, од аспект на тоа дека е тоа интимно прашање и на рангот некој да ми побара табела со плодни денови, до тоа дека планирањето семејство нема ама баш никаква врска со мојата стручност. Потоа, дека уште се користат изрази како “плачеш како девојче”, “абе жена не знае да смени гума на автомобил”. Сето тоа, ме иритира, затоа што капацитетот и силата на жената да има неколку улоги истовремено е сведено на тоа дека тоа така треба. Изгледа дека сум феминистка, м? J

Жена на жена, што ѝ е?

-Од грб, поддршка, столб....до волчица. За жал, уште имаме примери околу нас дека најголемите сопки жените ги доживуваат токму од другите жени. Таа конкуренција меѓу жените е според мене, сосем непотребна и отежнувачка околност за една жена да просперира на сите полиња. Многу сум чувствителна кога има такви неправди и многу бурно реагирам на истите. Разведена сум и низ сите овие години, сум била сведок и сум осетила на сопствена кожа колку жените знаат да се сурови. А мене, ко што ме дал Универзумов ваква, не знам да премолчам. И реагирам, секогаш и секаде. Не дозволувам макотрпната работа на било која жена да се сведе на тоа дека е нечија љубовница и дека затоа успеала. Или дека нечија способност е резултат на нејзината убавина или изглед. Тоа ми е толку многу деградирачки за сите прекрасни жени кои на свои плеќи искусиле недостиг на поддршка.

Ана носи креации од македонски бренд Елена Лука

А жената, сама на себе?

-Или ќе си биде најдобра пријателка или моќна непријателка. Или ќе одбере да е своја и среќна или да живее по теркот на другите и да е вечно незадоволна. Жена која знае да ужива во себе, да си го организира времето и да прави она што ја усреќува, не може да е несреќна жена. Можеби ќе биде сметана за чудна, терсене или грешна, ама барем ќе е во мир со себе. ова беше лекција која ја научив на потешкиот начин. Процесот на сакање себе и бивање најдобар пријател на сама себе, ме чинеше години, здравје и недоумици. И искрено, не би сменила ништо. Затоа, драги мои жени, бидете свои и бидете среќни оти животот е маратон во кој ќе ви треба сила, умешност и издржливост за да го изживеете онака како што ви доликува.

Како ја гледате улогата на поетот во општество какво што е денешното?

-Исто како што ја гледам улогата на секој уметник. Уметноста не е за да è успие, туку да нè разбуди и раздрма. Уметноста не е за да овозможи да се чувствувате сигурни, туку да ви даде друг поглед на нештата околу вас. Како тоа ќе биде прифатено, зависи од оној кој ќе ја прочита, види, слушне. Улогата на уметникот е да даде боја, мирис, вкус...но само доколку оној од другата страна е спремен да гледа, мириса, вкусува.

Поезија v.s патетика? Колку е тенка границата?

-Кој кажува што е поезија, а што патетика? Кој ја поставува таа граница? Врз основа на што? Патетика за некој е и “те сакам”, а за некој друг “те љубам отаде небото и никако назад” е чиста поезија. Границата е во читателот, не во пишаното. Колку е читателот отворен да восприеми она што е напишано. За некој платно полно цвеќе е патетика, а за некој тоа е преубав начин да си го украси домот. Границите се во нас, во она што сакаме да видиме или чуеме. Изразот на еден пишувач или сликар, музичар е индивидуален. Публиката е таа која или ќе биде отворена за нови моменти или ќе се затвори скроз па ќе даде одредена квалификација. Веројатно има луѓе кои го сметаат за патетично она што го пишувам. Ама па и тоа е реакција, нели? Сум успеала да навлезам во нивниот свет, па макар и само да ме исплукаат.

Вирџинија Вулф во еден есеј ќе каже: „На жените им требаат пари (независност) и соба за себе“? Се согласувате ли со тоа? Што мислите, што ни треба?

-Ако нешто ме плаши во животот, тоа е да сум зависна од некого, финансиски, ментално, физички. Да, на секој човек му треба независност за да биде свој, да се чувствува достоинствено. И да, ни треба соба (место) за себе во која ќе сме она што сме. А таа соба или место, може да биде цел свет, зависи колку сме храбри да бидеме она што сме, без компромиси со малограѓанштината која царува насекаде.

Препознатлива сте по црвената боја на коса, а одлучивте и да ја скратите. Беше време за физичка промена или физичката беше проследена и со емотивна?

-Има една убава и многу точна досетка која вели дека жена кога ќе направи драстични промени на косата, нешто се случува со неа. Да, црвената боја остана, ама отиде косата. Завршив со една етапа и начин на пишување и ми беше неопходна промена која ќе биде и видлива. Мојата фризерка толку добро ме познава, што мислам дека жената има напад на паника кога ќе ми го види оној израз на лицето кој вели “ај да смениме нешто”. Сум била црна, тегет, шарена во косата, имав еден тотално неуспешен обид за блондинка хахахахахах, сум била со кратка коса, полудолга, долга...ама секогаш сум била ЈАС.

Какви емоции и сеќавања Ви буди овој празничен период?

-На работа се шегуваат дека ако бевме во Битола ќе ме викаа Ана Божиќо (без Т). Го сакам овој период од годината, прво затоа што сакам зима, а после и заради таа убава еуфорија која се чувствува. Не сакам славење Нова година, не сум била никаде којзнае колку време, ама ги сакам светлата, шаренилото и I’m driving home for Christmas. Ја сакам еуфоријата кај ќерка ми која иако е во пубертет, се радува на подароците. Сакам да купувам подароци за драги луѓе.

За што сонувате?

-За спокој, за тоа да гледам насмеани лица околу себе. Сонувам често, не само ноќе, туку и денски. Тој внатрешен свет и соништа си го негувам ко да ми е дете. Човек без соништа не го бива. Сонувам и патувам во себе кога седам некаде на топло чоколадо и не правам ништо, туку само гледам околку.

Сакате ли да се гледате во огледало? Што ѝ кажувате на Ана секое утро?

-“Ано, гледај да се насмееш неколку пати барем, гледај да насмееш некого и глеј си ја твојата работа” : ) Огледало не ми треба за да се видам себе и да знам дали сум дента за пред луѓе или не. Си го чистам редовно внатрешното огледало и знам штом станам како ќе изгледам дента, па макар и без грам шминка на себе.

Влеговме во нова декада... Како гледате на категоријата време? Ве плаши ли?

-За некој ден после новата декада, ќе полнам 48 години. Порано се потресував поради годините, а сега сум благодарна за привилегијата да ги имам. Е да, си носат брчки, целулит, умор, климактериум, ама па мои се и си ги сакам. Ми носат нови луѓе, сознанија за себе, нови книги, предизвици како да се помине побезболно пубертетот на ќерка ми. Времето ме плаши само ако немам што да правам со него, а тоа не се случило. Впрочем, не верувам во категоријата време и велам дека ние луѓето од пуста потреба сè да ставаме во рамки, така сме го определиле и времето. Моето време се мери во љубов, кон себе, оние кои ги сакам и светот, животот.

Си правите ли листа на новогодишни одлуки? Колку сте доследна во истите?

-Никогаш, ама баш никогаш. Единствена одлука ми е да го проживеам она што ми е дадено најдобро што знам и умеам, да бидам среќна и да усреќам. Сè друго решавам попатно, без ѕиркање во списоче и штиклирање. Сакам кога ме изненадува животот и кога ќе ме натера да се менувам и растам...па макар тоа значело да се менувам и на 70.

Ви посакувам среќни празници, без големи амбиции и списоци. Да сме живи и здрави само, другото ќе го решаваме низ годината што следи.

 

Стајлинг: Ана во креации од модна куќа Elena Luka

Локација: салон на Kare Macedonia

Релазиација: Fashionel.mk

Објавено:
13 јануари 2020
Прочитано:
2.012 пати