музичар

Мојата музика ја гледам во бои!

Интервју со
Франческа Ломбардо
8 јули 2015

Утре стартува 15-то  јубилејно издание на еден од највозбудливите музички фестивали во регионот и Европа, Exit 2015 година. Петроварадинската тврдина во Нови Сад уште еднаш ќе се претвори во еден огромен подиум кој  во следните четири дена ќе спои ралични музички жанрови, познати музичари и публика од различни страни на светот.

Во сабота, на 11-ти јули свој диџеј сет ќе има еден од најактуелните женски диџеи, италијанката Франческа Ломбардо која долги години живее во Лондон. Нејзината импресивна музика која веќе 15 години го крева адреналинот на клубската сцена е резултат на нејзиното богато музичко образование и имплементацијата на нејзиното познавање на различни музички жанрови во еден оригинален производ. Таа има своја лична дефиниција за хаус и техно музиката, што станува нејзин идентитет по кој публиката ја препознава. Прва љубов и е класичната музика, а се останато е широко надоградување која ја донесе до позицијата на една од најобожуваните диџеи.

Во пресрет на 15-от Exit, имавме привилегија да разговараме со девојката која за својата музика вели дека ја гледа визуелно, во бои. Во продолжение ве запознаваме со Франческа Ломбардо.

 

Имате импресивно музичко портфолио. Пијаното го заменивте со диџеј пулт, а операта со електронската музика. Како се градевте како музички артист?

-Музичката кариера ја започнав со изучување на класичната музика кога имав шест години, а секогаш на некој начин бев инволвирана во различни бендови. Уживав во електронската музика кога мојот вујко ме запозна со Kraftwerk, Mike Oldfield, Everything But the Girl и други, додека патувавме кон Германија каде живее еден дел од нашето семејство.

Продолжив да се занимавам со класична музика, да свирам пијано и да пеам опера, се до моментот кога електронската музика стана моја голема преокупација и земаше се поголем дел од моето време. Кога се преселив во Лондон, доста се инволвирав во техно сцената што брзо ме доведе до диџејскиот пулт. Знаев дека тоа е мојот пат и имав потреба да почнам да продуцирам моја музика. Дипломирав на музичка технологија и звук инженеринг во Лондон, со цел да ги усовршам моите продуцентски способности. По неколку години се запишав на Универзитетот за вокални техники што ми помогна да го прилагодам мојот глас на современата музика. За мене е значајно да ги споменам моите музички корени бидејќи се чувствувам благословена што можам во мојата електронска музика да внесам класични елементи.

Како ја опишувате Вашата музика?

-Секогаш се гледам себе си и мојата музика во бои. Користам многу бои во музиката. Сакам мелодии. Истот така сакам преку мојата музика да им покажам на луѓето една поинаква димензија. Сакам целосно да ја искусат музиката со тоа што ќе им ги допрам чувствата. Па ако морам да опишам со зборови: мелодична и колоритна.

 

Кои музички жанрови беа најинспиративни за Вас додека прогресиравте како музичар? 

-Мојата суштинска инспирација е класичната музика бидејќи пред се’ беше значаен дел од мојот живот додека се образував. Но, невозможно е а да не постои еден мултиплициран извор на инспирација во животот, па така за мене клучен фактор беше и електронската музика на нејзината почетна фаза.

Какви животни искуства Ви овозможува авантурата низ светот како диџеј? 

-Да се биде диџеј, особено доколку често патувате е прилично напорно. Понекогаш имате само еден до три часа да одморите во текот на денот и со истото темпо да се држите  цела недела. Ако за нешто сум најблагодарна, е тоа што со ваквиот начин на живот научив да уживам во секој момент независно од физичката состојба во која се наоѓам. Задоволство е да се храните со енергијата на публиката, па потоа да им ја вратите заедно со музиката и со целото ваше битие. Тоа е причината поради која сите артисти твориме и важно е да не заборавиме на ова кога имаме пренатрупан распоред со обврски.

 

На кој момент од Вашата кариера сте најмногу горди?

-На моментот кога мојата публика заборава на времето и просторот благодарение на мојата музика! Независно дали се работи за публика со илјадници луѓе или мала сцена во некој клуб, чувството е исто и сум многу благодарна.

Што очекувате од Вашиот премиерен настап на Exit? 

-Се надевам дека ќе успеам да оставрам контакт со публиката и дека ќе ги допрам со мојата музика. И обратно, дека и јас ќе ја почувствувам публиката преку нејзината енергија. Моите пријатели и колеги ми раскажуваа доста за публиката на Exit и навистина сум возбудена за ова ново искуство.

Што ќе им порачате на Вашите фанови кои на 11-ти јули ќе Ве очекуваат на денс-сцената?

-Очекувам дека ќе имаме преубаво заедничко изгрејсонце на подиумот!

Објавено:
8 јули 2015