Не постои човек во земјава, а веќе ниту во светот кој не слушнал за оркестарот Агушеви. Нивната магична музика датира од 90 – тите години кога биле поставени корените на првичниот состав на Агушеви, за денеска младиот и талентиран Џамбо Агушев да го презеде кормилото со кое патува низ светот. Ние имавме ретка можност да разговараме со него помеѓу патувањата кои со оркестарот ги имаат во изобилие. Со Исеин Џамбо Агушев говоревме за неговото семејство, за музиката, за светските ѕвезди со кои соработувале, веселото детство и за неверојатните настапи кои допрва ги очекуваат. Во прилог ќе погледнете и некои видеа од нивните фантастични настапи низ светот кои веруваме дека ќе го направат овој вторник уште поубав.
Уживајте во магијата!
-Раскажете ни малку за историјата на оркестарот Агушеви?
Оркестарот датира уште од 1993 – та година кога го основале моите чичковци и мојот татко Џемал. Во 1995 – та година ја снимиле познатата „Да беше стрела песнава“ со легендата Гоце Арнаудов и чичко ми Кочо кој беше мојот најголем учител. Тој оркестар го водеа татко ми и чичко ми до 2001 – ва година, по што започнаа да свират со различни членови од оркестарот. За да не настанат многу забуни, од 2004 – та година, татко ми ми го подари оркестарот кој јас го нареков Џамбо Агушеви оркестар, за секаде да се знае кој всушност настапува и за некако да се разграничуваат.
-Какво беше детството на Џамбо во Струмица? Отсекогаш ли бевте весело семејство во кое постојано се свири?
Да ви кажам искрено, нема шанси кај нашето семејство да помине ден, а да не е весел. Често пати кажувам дека целото мое семејство е составено од музичари, некој свири на труба, некој на саксофон и затоа постојано е весело, ние секој ден се будиме со музика. Јас од три, четири години сум со нив и ги следам во работата и од секогаш сакав да бидам музичар. Се сеќавам, татко ми ми подари труба многу одамна и до ден денеска, јас останав со таа „играчка“.
-Какво е чувството неколку пати да бидете прогласен за крал на трубата не само во Македонија, туку во светски рамки?
Тоа за мене е одлично и неверојатно чувство, но тоа сакам да го зачувам за себе, да не го покажувам пред луѓето. Сакам да се однесувам како обичен човек. Не сакам некој да каже дека не може да се збори со мене, сакам сите да ме сметаат за сосема обичен човек.
-Задоволен ли сте во какви музичари се развивте и од она што досега го постигна оркестарот „Џамбо Агушеви“?
Па да, секако. Многу сум задоволен од мојот оркестар, од мојата и нивната работа и од напредокот што досега сме го постигнале. Со оркестарот постоиме веќе 11 години откако го преземав јас. Прогласени сме за најдобар оркестар на Балканот и имаме добиено многу признанија. Тука морам да го споменам и нашиот настап во Би – Би – Си од кој сум многу задоволен. Откако снимивме песна со најпопуларната иранска пејачка Мамак Кадем со која имавме супер соработка, таа ни се јави и ни кажа дека имаме понуда заедно да настапиме за престижниот канал Би-Би-Си Персија. Веднаш потоа, нѐ повикаа да настапиме и на светското издание на Би-Би-Си со другиот наш проект Taksim Dream од кој сите беа воодушевени. Taksim Dream го снимивме со мојот омилен светски кларинетист Хусну Сенлендиричи кој доаѓа од Турција и е неверојатно талентиран. Она што можам да го кажам е дека проектот продолжува, снимаме нови работи, нови композиции, а планираме и цел албум кој ќе го издадеме во Турција.
-Сте имале можност да соработувате со голем број светски познати музичари. Кој од нив Ви оставил најголем впечаток?
Сите со кои сме соработувале се сосема обични луѓе, иако сите се музичари од светски рамки. Сите се однесуваат навистина нормално и топло нѐ пречекуваат каде и да отидеме, сите ми оставиле голем впечаток. Сите тие големи ѕвезди се пред сѐ, големи професионалци и големи луѓе и јас навистина имам да кажам сѐ најдобро за сите нив. Дури и Тото Котуњо се однесуваше нормално со сите нас од оркестарот, седевме заедно, јадевме заедно и тоа е тоа што ме воодушевува.
-Остана ли некоја неостварена желба кога се соработките во прашање?
Најголема желба ми беше да соработувам со Хусну Сенлендиричи, што и се оствари, но имам уште една голема желба, а тоа е соработката со најголемиот трубач во светот Артуро Сандовал. Сакам со него да имам некој настап, а мислам дека конечно и тој сон ќе ми се оствари. Тој е мојот идол.
-Која е личноста на која најмногу ѝ се восхитувате во животот?
Морам да кажам дека му се восхитувам на целото мое семејство, но особено на мојот покоен чичко Кочо Агушев од кого научив да свирам труба. Јас до 16 години со него заедно и спиев од што го сакав. Бев возрасен, но не можев да се одвојам од него. До ден денеска вистински цимер ми е и мојот татко, со кого постојано сме заедно.
-Што е она што го сметате за Ваше најголемо достигнување?
Најголемо наше достигнување беше настапот во Гуча во 2011 година. Потоа следеше настапот во Мексико каде свиревме пред публика од 50.000 луѓе. Бевме и во Америка и Канада, но во Мексико дефинитивно сме свиреле пред најголема публика. Нашата музика во светот ја прифаќаат многу позитивно и тоа е многу интересно. Кога почнав да ја свирам „Македонско девојче“ на еден настап во Лондон, јас помислив дека сите од публиката се Македонци поради тоа што многу добро реагираа и ја пееја песната во еден глас.
-Имате две дечиња...Дали некое од нив веќе покажува афинитети кон трубата или музиката воопшто?
Малиот син Мерт веќе ми ја скрши и втората труба, па сега конечно купивме една пластична за да може со таа да свири. Она што ме изненади е тоа што без да му покажам ништо, почна сам да свири. Значи мора да има нешто, мора да имам наследник (се смее). Ќерката многу сака да пее, пее постојано, па ќе видиме што ќе се случи на крајот.
-Што е она што Ве води напред низ животот? Која е мислата што сакате да им ја пренесете на генерациите што следат?
Она што сакаат да бидат, нека бидат. Да го слушаат срцето и да го следат она што тоа им го кажува. Јас се одлучив да бидам ова што сум денес и мојот пат сѐ уште е долг и имам уште за одење, но најважно е дека го сакам тоа што го правам. Така треба да биде со сите.
-Кој се грижи за Вашиот стил и стилот на оркестарот? Колку тој Ви е важен?
Изгледот е многу важен за мене, јас секогаш сакам целиот оркестар да ми биде среден и сите да изгледаат убаво, а не само еден. Некогаш имаме некои проблеми, имаме некои поправени (се смее), но сѐ се решава, се снаоѓаме. За стајлингот на оркестарот најчесто се грижам јас. Секогаш гледаме да сме слободни при движењето за да може да свириме, а сепак да изгледаме добро.
-Кои се идните проекти што можеме да ги очекуваме од Вас и оркестарот „Џамбо Агушеви“?
Подготвуваме уште еден нов албум за една голема продукција од Франција и ја очекуваме Наташа Атлас, една од најпопуларните француски пејачки која ќе ни биде гостин на новиот албум. Во октомври нѐ очекува американска турнеја, започнуваме со концерт на престижниот колеџ Беркли во Бостон, потоа и на неколку други.