Таеквондо тренер

Мора да победиш прво во твојата глава, пред да победиш на татами

Интервју со
Катерина Михајлова
26 август 2019

Катерина Михајлова е познат и признат таеквондо мајстор и единствениот интернационален судија по таеквондо во нашата земја. Благодарение на источните боречки вештини што ги практикува од мала, успеала да стекне внатрешна хармонија и животен баланс, што во денешново секојдневие му е неопходно на модерниот човек, а сепак ретко се постигнува. Вештините што ги пропагира источната флозофија, а се однесуваат на смирување на духот и ментален раст, преку таеквондото таа им ги пренесува на младите генерации, што е еден многу позитивен сегмент во здравиот раст и развој на децата. За предизвиците, придобивките и состојбата на таеквондото во Македонија, разговаравме со Катерина:

Кој беше Вашиот прв контакт со таеквондото и со боречките вештини генерално?

-Љубовта кон таеквондо ми ја разви/пренесе татко ми кој е таеквондо мајстор 4 дан. Првиот збор за таеквондо го научив од него, првите чекори во сала беа во неговата школа која и денес успешно работи.

Во амбиент кога прашањата за родовата еднаквост сè уште се актуелизираат (со причина), дали лично сте се соочиле со предрасуди или етикетирања поради Вашата професија или попрецизно поради тоа што сте жена во овој спорт?

-Не , напротив се повеќе наидувам на голема почит и поддршка особено од луѓе кои не пловат во водите на спортот, бидејки сум жена и сум успешна во тоа што го работам. Етикета имам, а таа гласи најдобар судија.

Што пропагира филозофијата на таеквондото?

-Таеквондо не е само тренинг, удирање или самоодбрана, туку уметност чија главна цел е духовен напредок кој ги опфаќа сите аспекти на животот. Фокусот на филозофијата на таеквондо е кон ослободување од егото и постигнување на внатрешна хармонија. Вториот фокус е постигнување живот во сегашноста, ( со исклучување на минатото и иднината) и координирање на дејството во моментот ( подобро акција отколку реакција ). Ставајќи се себеси во центарот и балансирајќи ги двојните сили ( сепството и егото) може да се осознае вистинската цел на сопственото постоење и да се постигне хармонија во сите сфери на животот.

Каква е позицијата на овој спорт во нашата земја во однос на регионот и светот?

-Во однос на регионот можам слободно да кажам дека кога се во прашање резултатите не сме далеку од другите успешни земји, но сме далеку од условите кои тие ги имаат. Резултатите од таеквондо спортот во Македонија се видливи, а тоа значи дека имаме квалитетни спортисти, тренери и органзација.

Вие сте единствениот интернационален судија за таеквондо во нашата земја. Какво е Вашето искуство по ова прашање?

-Искуството го стекнав со учество на многу домашни и меѓународни натпревари од понизок ранг. Понатаму, имам судено повеќе Балкански првенства, како и многу Г1 турнири од светски рамки. Најголем предизвик ми беше Европското првенство за клубови каде и покрај тоа што чувствував трема бидејки ми беше прв настан кој траеше 4 дена , бев прогласена за најдобар судија на турнирот. За жал поради немање финансиска поддршка не можев да одговорам на поканата за светско првенство кое се одржа овој месец во Узбекистан.

Имате и клуб во кој Вашите вештини им ги пренесувате на младите генерации. Каков е интересот и на кој принцип функционирате?

-Кога прв пат се отвори таеквондо клуб „Кобра" луѓето се приклучуваа затоа што беа љубопитни и сакаа да го испробаат спортот. Сега учениците се придружуваат затоа што слушнале добри работи, за резултати и слушнале за придобивките од обуката на таеквондо. ТК „Кобра" е спортска организација која на сите ќе им овозможи повеќе од стандарден досаден живот. Во нашиот клуб ги учиме вежбачите на вистинска боречка вештина, на дисциплина, каде може да имаат бенефит од тоа да бидат здрава и убава личност. Исто така се трудиме вежбачите да постигнат ниво, да бидат ментално и физички силни и да ја искористат таа моќ за понатаму да ги живеат своите животи поуспешно.

Колку филозофијата на источните боречки вештини има улога во правилниот раст и развој на децата?

-Ова е комплексно прашање. Доколку таеквондо е прифатено на ниво на општество како вештина која би се практикувала во училиштата, резултатите секако би биле позитивни во доволно голем процент кај младите генерации. А ако зборуваме за таеквондо како вештина која се практикува како личен избор на мал број на индивидуи и резултатите на ниво на општество ќе бидат ограничени соответно на бројот на практиканти. Не може да се смета на индиректно пренесување на филизофијата на таеквондо од практикант на непрактикант. Во секој случај влијанието би било позитивно.

Велите дека во Вашиот клуб го промовирате таеквондото и како уметност и како спорт. Каде е заедничката средба?

- "Во здраво тело, здрав дух" е заедничката средба на спортот и на уметноста. Таеквондо е боречка вештина со спортска страна. Секој удар сам по себе со својот интензитет и брзина претставува уметност. Мора да победиш во твојата глава , пред да победиш на татами.

Кој дел од држењето часови по таеквондо за Вас е најинспиративен?

- Мојот омилен и најзадоволителен дел како таеквондо мајстор е кога гледам дека вежбачите го менуваат своето однесување и менталната моќ да станат подобри и посилни. Кога ќе ги видам децата од предучилишна и училишна возраст во сала, нивното зрачење придонесува да сум најсреќна и задоволна.

Објавено:
26 август 2019
Прочитано:
1.597 пати