Овој викенд, на 18. февруари во арената „Борис Трајковски" ќе се одржи несекојдневен концерт кој се најавува како вистински спектакл затоа што за прв пат заедно ќе настапат две големи, балкански музички ѕвезди, Тони Цетински и Владо Георгиев.
По тој повод имавме прилика да поразговараме со култниот музичар Тони Цетински, кој ни потврди дека може да очекуваме четиричасовно шоу, но исто така ни откри и за новите проекти на кои работи периодов, ни зборуваше за неговата муза, за љубовта, за лекциите што ги научил од долгогодишното присуство на сцената...
Македонската публика ќе има можност на 18 февруари да ужива во Вашиот заеднички концерт со уште еден фасцинантен музичар, Владо Горгиев. Што да очекуваме?
-Публиката може да очекува еден необичен концерт, спекатакал, добра забава и искрени емоции.
Бидејќи симболично, февруари е месец на љубовта, па во контекст на ова: Која е Ваша лична дефиниција за љубовта и која според Вас е најдобрата љубовна песна на сите времиња?
-Секој човек различно ја доживува љубовта. Љубовта е чувство и нема дефиниција. Премногу добри љубовни песни се направени во историјата на музиката баш поради тоа што љубовта е вистинска инспирација и не би можел да издвојам една, но ете ако морам, нека тоа биде Wish you were here на Pink Floyd.
Неодамна го објавивте музичкиот спот за „Laku noc". Што друго е актуелно на вашето матично поле –музиката?
-Со песната „Laku Noc" пред публиката претставувам еден сосема нов различен, акустичен звук. Таков ќе биде и проектот на кој ќе работам периодов, близу рок или класични рок-поп песни во акустична варијанта.
Имате ли муза кога е во прашање инспирацијата за Вашата музика?
-Моја муза во моментов е секако мојата сакана жена кај која секој ден откривам нешто ново што се повеќе ме воодушевува.
Која е најзначајната лекција што до сега ја научивте од Вашето богато музичко искуство на сцена?
-Човек учи дури е жив, па така е и на сцената. Не тоа јас не го сфаќам како лекција. Јас реагирам во секунда, како реагира публиката така и јас делувам во моментот, но едно е сигурно, доколку нешто работиш со љубов и искреност, дефинитивно не можеш да погрешиш.