Артист

Музика и глас кои враќаат кон срцето

Интервју со
Зарина Првасевда
19 мај 2022

Ја запеа „Билбил пее" и никого не остави рамнодушен.

Нејзината чиста емоција директно од планинската шир, како ехо одекна на градскиот асфалт. Таму каде што луѓето постојано некаде брзаат и заборавиле колку е величествена музиката кога ти пее грло – славеј.

Но, Зарина Првасевда нѐ потсети и со својот раскошен глас нѐ прегрна. Нѐ поведе сите на нејзиното патување низ традиционалната балканска музика. И како што ќе каже и самата, тоа е музика која живее и за која се живее, која враќа кон суштината, кон исконското, кон срцето...

На тоа патување, „ЕХО" е една посебна дестинација, место каде ќе застанете за да си ги одморите сите сетила и да си ја наполните душата со убавина. Нејзиниот прв солистички албум што неодамна имаше концертна промоција - доживување преку приказни кои допираат: музички, сценски, историски, костимографски, емоционално. Едно комплетно оживување на духот на традиционалната музика на Балканот, отпеани автентично на повеќе јазици од регионот. 11 изворни песни од Балканот, прозвучеа во нов аранжман, ја натераа публиката да стане и да заигра, да потпевне, па и да пушти по некоја солза од емоција.

Стајлинг: ЕЛЕНА ЛУКА

Евгенија Здравеска публиката ја запозна како Зарина Првасевда, псевдоним неслучајно инспириран од изворната песна „Ој Зарино Првасевдо", а нејзината прва директна средба беше токму на првиот солистички концерт во Македонската Филхармонија.

-Впечатоците полека се средуваат, сѐ уште ми е како во сон, но среќа што МТВ го снимија целиот концерт па можам да ги прегледам сите моменти на кои не се сеќавам, да анализирам, да го одживеам со бистра глава. За моја огромна радост, наидов на одлична реакција од публиката, речиси и да не добив критики, кое малку ме зачудува за прв концерт, но нема многу да размислувам засега само ќе се радувам и ќе благодарам на Бога за целата приказна, ни ги пренесе Зарина првите впечатоци.

Иако е прв солистички концерт, трема како воопшто да не се насетуваше... Само возбуда и уживање.

-Кога дојде денот да го живеам тој момент за кого толку бесусловно и напорно работев јас и сите околу мене, не само што не смеев да си дозволам да ме надвладее трема туку и природно и спонтано ми дојде целата таа атмосфера. Како што и кажав на самиот концерт, тој ден го заслуживме и јас и сите оние кои присуствуваа, оние кои ме бодреа и ме бодрат секојдневно, токму затоа излегов на сцена тој ден со најчистото од себе, со целото свое битие и дадов се што имаше во мене, а тлееше толку време во очекување да биде дадено.

Покрај тоа што нè занеми со гласот, изгледаше божествено. ЕЛЕНА ЛУКА е неприкоснована во својата работа и овојпат ги оправда сите очекувања и за овој посебен момент за Зарина, специјално дизајнираше креација која ќе ја долови приказната за „ЕХО", која ќе ѝ даде една комплетна слика на целата таа фузија од уметност, а истовремено ќе биде рефлекција на карактерот на Зарина. Колку значи за самодовербата на артистот кога бренд како ЕЛЕНА ЛУКА ќе му ја даде поддршката?

- Се чувствувам поласкана и горда на оваа соработка, се разбира дека не само самодовербата туку и чувството на сигурност и доверба и тоа како ја олеснува работата кога станува збор за оваа професија. Во сите тие обврски и одговорности кои ги носи бидувањето на сцена, да го предадеш својот изглед на некого и да му веруваш дека ќе биде во склад со твоите потреби и желби, е навистина голема благодат. Бескрајно сум благодарна за ова искуство на ЕЛЕНА ЛУКА, едвај чекам нов повод за да можеме повторно да се дружиме и создаваме, вели Зарина.

За комплетниот впечаток на сцена, музиката е водечката емоција, а костимографијата дава посебна сила и димензија на доживувањето. Зарина на сцена носеше ремек-дело на ЕЛЕНА ЛУКА. Романтична тоалета, во нежна пастелна нијанса, во лелеав крој кој ја рефлектира креативната слобода на уметникот и со внимателно, рачно изработен широк ремен околу струкот кој дава посебен и деликатен стилски акцент – ова е сценски костим кој има своја приказна во целиот проект, а Зарина го износи со достоинство.

-Она што беше очигледно од почетокот до самиот крај, беше професионализам, експедитивност и одговорност. Сметам дека ова е клучот на сите соработки и професионални релации. Г-ѓа Елена Пандева, на чело на целиот тим кој работеше на креацијата, покажа кој е теркот на бидувањето успешен и опстојувањето на еден бренд од светски ранг, што е за секоја почит. Таа ми предложи идеи и концепт што би бил пригоден, а околу сите детали дополнително се договаравме со тимот. Се сметам себеси за сосема специфична и екстремно твдроглава кога станува збор за изборот на она што го носам на себе, пред сѐ најважно ми е на сцена да се чувствувам удобно, подоцна она што ќе го носам на себе е важно секогаш да има приказна, но исто така истото да соодветствува со мојот карактер и начинот на живот. Оваа соработка, ги задоволи сите мои очекувања и потреби, дури и повеќе од тоа, а сепак останавме ем во духот на брендот ем во она што за мене беше значајно да постигнеме.

Во меѓувреме се официјализираше соработката со Croatia records. „ЕХО" веќе излезе од печат. Што подразбира оваа соработка? На каде ќе ги поместувате границите?

- Оваа соработка е од исклучителна важност кога станува збор за млад артист со деби албум, пред се затоа што Croatia records важи за најголема и најуспешна на Балканот за ваков тип на музика. Албумот излезе од печат, договорот е потпишан и истиот ќе се продава и ќе биде пласиран насекаде во светот каде Croatia records има свои продажни места, а се разбира и на сите дигитални платформи. Целта е овој албум да допре до што повеќе срца, секаде онаму каде што е потребно, но, не би сакала да гаам специфични очекувања, едноставно оставам да биде онака како што треба да биде.

Кога ја слушате Зарина како пее изворни песни, имате чувство дека е родена за тоа. Балканската традиционална музика и таа, во една толку природна релација... За тоа како се пронајде себеси вели...

- Јас живеам за оваа музика. Едноставно тоа е вечна љубов, која не знам ни од кога датира, но верувам дека е уште многу поодамна пред да се родам во овој свет овде. Она што за сигурно го знам е дека овој благослов што ми е даден да можам вака да ја чувствувам и пренесувам, не е само мој туку на некоја сила што ме води на патот, така што неа ѝ благодарам, неа ѝ се поклонувам. Со оглед на тоа како се чувстувам кога ја споделувам, какви се чувства буди тоа и какви се коментари и реакции стигаат до мене, знам дека ова е мојата мисија и мојот пат. За него, спремна сум да давам и давам многу жртви, безусловно, свесна дека овој пат не е нималку лесен, но мене ми се паднал, мој си е, ќе го одам.

Генерацијата на која и самата ѝ припаѓа, нема многу можности на располагање за низ секојдневието да се сретне со изворната балканска музика. Па „ЕХО" меѓудругото, е со мисија да ја донесе традиционалната музика до младиот човек.

- Да бидам искрена, мислам дека во последниве години, со каков силен замав влезе новото време, колку многу ни даде, но во исто време и зема целиот тој наплив на нови трендови, дигитализација и енормно многу потреби за материјални добра, сметам дека не е ни чудо што традиционалната музика почна да добива една друга вредност, почна да станува насушно потребна кај мнозина од мојата генерација кога остануваат сами. Тоа говори за фактот дека фокусирани на трката што секојневно ја трчаме, значително го осиромашивме и му го завртевме грбот на духот и срцето, без што животот станува оскудација и покрај сите материјални добра што сме ги стекнале на патот. Оваа музика потсетува и враќа кон срцето, кон исконот, кон она на што забораваме во сите обврски и одговорности, токму затоа навираат солзи, лазат морници и слично... Важно е да е човек во мир таму внатре, зошто тоа е горивото за се останато. Мојата генерација е сериозна мета на ова време и секојдневно трпи удари, но еве, сметам дека полека се врти вниманието кон овој тип на музика, а со тоа се потсетува на вистинските и значајни вредности а мојата улога тука е да дадам и направам сѐ што можам, со многу љубов и голема радост, да споделувам , да истражувам, да создавам... Верувам дека тоа ќе стигне до секого кому му е потребно.

Кафтан: ЕЛЕНА ЛУКА

На патувањето низ балканската традиционална музика, се сретнала со импресивни приказни и луѓе, па колку и претходно да била информирана за културното музичко богатство со кое Балканот располага, сепак со секоја нова средба следувала и нова неочекувана радост.

- Балканската традиционална музика сама по себеси е полна со изненадувања и морници по телото... Секое ново сознание е неизмерна радост, секоја нова научена песна богатство. „EХО" е збирка од да речеме првите песни на други јазици со кои што сум дошла во контакт а кои ми оставиле силен впечаток, едвај чекам да ги споделам сите останати кои во меѓувреме ме нашле.

Се вративме таму од каде што почна нејзиното јавно препознавање. Очекуваше ли такви реакции какви што предизвика со појавата ни видеото за „Билбил пее"?

- Не само што не очекував туку и не ни знаев дека некој ме снима пеејќи. Кога излезе видеото бев во апсолутен шок. Во секој случај, тоа видео беше и официјалниот почеток на Зарина Првасевда и сум неизмерно благодарна за тоа на мојот другар Сашо Поповски кој го објави видеото, а богами и на сите тие коментари и рекации кои дефинитивно беа силен ветар во грб за се она што се случи подоцна и во крајна сметка за ова што сум денес.

Сама на планина или пред полна сала? Каде си повеќе своја?

- Ова се двете места на кои сум најсвоја и дефинивно нема споредба со било што друго. Тие места ми се храмовите на срцето.

Како ќе продолжи да се раскажува приказната за „ЕХО"? Планирани ли се наскоро нови средби со публиката што ќе ја продолжат емоцијата од првиот солистички концерт?

- Она што за сигурно можам да го кажам е дека ова што се случи во Македонската Филхармонија беше само еден убав почеток. Тоа што нам ни се случи како енергија на сите оние кои бевме на сцена тој ден, дефинитивно ќе го споделуваме, а би сакала да започнеме со Македонија, а подоцна се разбира и надвор од границите. Летово се планирани уште неколку големи концерти низ земјава, а ќе бидат објавени датуми веднаш штом ги официјализираме. Едвај чекам повторни средби со мојата публика, но и со оние кои се љубопитни за да чујат традиционална музика во вакво пакување. Сакам да изразам голема благодарност до сите оние кои ме бодрат на социјални мрежи, физички или било како испраќаат позитивна мисла во врска со целиот мој музички пат, а за возврат се разбира ветувам многу музика и убави заеднички моменти како оној во Филхармонија. До нови средби!

Објавено:
19 мај 2022
Прочитано:
1.013 пати