Музичар

Музиката ме тера да се соочам со сè што не сакам

Интервју со
Тонал
26 февруари 2019

Слепилото од секојдневните, „рутински" општествено-политички теми, нè вовлече во една состојба на незаинтересираност за убавите нешта. Под купиштата наслови со негативна или сензационалистичка содржина, многу ретко може да се прочита вредна информација која ќе ве запознае со нови светогледи, со луѓе кои оствариле успех што заслужува да се сподели со јавноста, со настани и случувања што ќе ви откријат нови вкусови, музика, уметност... Затоа се чувствуваме должни како медиум, низ нашите содржини секогаш да ви ја понудиме онаа страна која открива нови светогледи, наместо онаа која заслепува. Во нашиот денешен разговор ве запознаваме со исклучително талентираниот млад музичар Тонал, кој сестрано и приоѓа на музичката уметност: како продуцент, текстописец, музичар... Препознатлив е по неговите автентични преработки на евергрини, но паралелно твори и своја авторска музика. Веќе има реализирано пет студиски албуми, а во најава е и шестиот... Ви го откриваме светот на Тонал...

Постои ли пресуден момент кога стануваш начисто со себе дека музиката е твоја животна форма?

-Не паметам таков момент, но прилично сум свесен од поодамна дека нема назад. Ова е тоа што сум и таков ќе останам. Веројатно ќе имав многу покомфортна егзистенција доколку ме повлечеше некој друг пат, но тоа што го создавам го ставам пред себе во пирамидата на приоритети.

Твојата музика е слоевита, расказна, интимна, а истовремено отворена за толкување. Како лично би ја протолкувал својата музика?

-Музиката за мене е форма на длабока и сеисцрпна катарза. Се сложувам со се што е набројано, секоја песна е рефлексија на дел од мене кој никогаш не би го споделил вербално. Музиката бара многу од мене, ме тера да се соочам со сè што не сакам, но тоа што ќе го дадам останува заробено во неа за секогаш. Тоа веќе не сум јас, тоа не припаѓа на мене, туку на неа и на секој што ќе успее да го прими тоа при слушањето.

Сестрано и' приоѓаш на музиката, а под тоа мислам на твојот комплексен професионален профил – ти си истовремено и текстописец, продуцент, музичар... Каква енергија и мотивација треба да поседува еден млад човек за истовремено да парадира на сите полиња?

-Искрено не гледам друг начин на кој што би опстојувал во општеството во овој момент, брзиот проток на информации наложува да бидеш постојано на работ. Треба да бидеш подготвен да работиш по 12 часа на ден без викенди. Да ризикуваш и да инвестираш во проекти, како и во самиот себе. Ова е прилично невозможно ако не го сакаш она што го правиш.

Имаш реализирано 5 албуми, а во подготовка е и шестиот...?

-Да, првиот беше во 2014-тата, а шестиот се надевам дека ќе ја доживее својата промоција оваа година, тоа ќе биде воедно и мојот прв албум во живо. Се работи за компилација од четирите настапи кои ги имав минатата година во Берлин.

Својата европска турнеја ја документираше и со видео запис, што е најава за филм...?

-Филмот е насловен „Фантазмоагорија" и верувам дека има доволно материјал за да се склопи долгометражен документарен филм, но можеби поедноставно ќе биде метеријалот да излезе во форма на мини серијал онлајн пред да се најде во официјална продажба во целина. Сè уште не сум одлучил како ќе пристапам кон неговата промоција, но се надевам дека ќе успеам да објавам нешто повеќе наскоро.

Улиците низ Европа сведочат за безброј инспиративи приказни на улични уметници. Што за тебе беше највобудливо за време на турнејата?

-Искрено немав многу време за други активности освен за она кое што бев дојден. Верувам дека сцената на уличните уметности е прилично развиена во поголемите градови иако не просведочив нешто такво. Се доаѓа на површина ескапистички, во моментот си преокупиран со како да стигнеш до местото на кое што треба да преспиеш, да се нахраниш, да го најдеш локалот каде што настапуваш и да се вратиш назад безбедно.

Покрај тоа што создаваш авторска музика, често може да слушнеме и твои преработки. Постојат ли критериуми што се одлучувачки во одност на твојот избор за преработки?

-Дефинитивно мора да ми се допаѓа песната во својата оргинална верзија, но и да почувствувам дека имам и нешто свое да понудам. Предизвик ми се песните кои се оргинално снимени со женски вокал бидеки тогаш сум приморан да и приидам на песната од таа перспектива. Го правам тоа и во авторската музика, да зборувам од перспектива на женско, но е доста полесно бидејки слушателот нема со што да ја спореди мојата изведба.

Што те држи буден?

-Светот со својата тежина постојано наоѓа начин да ми го привлече и одвлече вниманието. Ми се допаѓа кога имам порив да осознавам и да се восхитувам. Не сакам брзи и избрзани дејства, сакам сè да тече полека за да имам доволно време да се проширам низ просторот и да го впијам во мене.

Неспорен е твојот препознатлив визуелен имиџ, во хармонија со твојот животен стил... Колку ти значи таа препознатливост?

Верувам дека секој е препознатлив на свој начин, но не секој сака да ја покаже таа страна од себе; Најчесто поради желбата да припаѓа и да не биде стигматизиран. Голем дел од луѓето живеат некој лик кој го виделе некаде и кој им овозможува полесно да поминат на општествен план, да бидат дел од нешто и да остават некаков искалкулиран впечаток.

Кој е твојот најголем професионален предизвик?

Никогаш да не застанам и постојано да се менувам. Одбивам да го правам истиот албум два пати. Сакам кога сум загубен и кога не знам како да им пристапам на работите; Тогаш отварам страни од себе кои не сум знаел дека воопшто постојат. Така успевам да се спознаам себе на некое ново ниво, од некој поинаков агол и да тргнам во некој поинаков правец.

Кои се твоите амбиции за годинава?

Да продолжам да го правам она што го правам. Научив да размислувам ден за ден; Ако секој ден работам и давам се од себе не можам да си замерам самиот на себе на крајот од денот. Како што реков на почетокот, свесен сум дека нема враќање назад и дека времето нема да застане така што се што ми останува да направам е да одам напред.

 

Објавено:
26 февруари 2019
Прочитано:
310 пати