музичарка и букинг менаџер

На совршеното место сум за творење

Интервју со
Катерина Станишлевиќ - Katherinha
7 јули 2020

Домашната публика, а и европската ја запозна со нејзиното музичко деби „Trippin“. Понуди светски видео запис и продукција и со тоа привлече сериозно внимание во музичкиот свет.

„Македонката од Берлин“ како што често е наречена во нашите медиуми, заинтригира со својата појава, пристап кон работата и резултат. Да, живее во градот каде ја ужива сета слобода на креативно изразување, но не крие дека погледот на Охрид од Галичица и чувството што ѝ го буди охридското крајбрежје недостасуваат.

Нејзиното име е Katerinha, а во ова неизвесно време за сите, поразговаравме како таа ги минува деновите сега, каков е животот во Берлин, за слободата што ѝ ја дава, но и за одлуката да биде независен уметник, како и што значи да се биде „букинг менаџер“, нејзиниот професионален ангажман, во кој одлично се снаоѓа.

Во продолжение прочитајте го разговорот и запознајте се со девојката која допрва ќе ги раскажува своите уметнички приказни:

 

Како изгледа твоето патешествие од Охрид до Берлин? Има ли посебна причина зошто го одбра токму Берлин за место за живеење?

- Од Охрид се преселив во Струмица (од каде се моите родители), па потоа
заминав да студирам во Скопје. Со тоа во Македонија имам 3 градови каде се чувствувам како дома и сè уште ги посетувам кога се враќам. Во Берлин се преселив по предлог на сестра ми и искрено не ни отворив да прочитам нешто во врска со градот, пред да се преселам тука. Имав 20 години и сакав да видам како е да се живее во друга земја. Дојдов тука без очекувања и почнав од нула.

Во една пригода велиш дека си самоук музичар. Зошто никогаш не се одлучи на
„официјално„ музичко образование и како изгледаше тој процес на самообразување?

- Со основно музичко образование не почнав затоа што кога отидов на "приемен испит" во музичкото школо во Охрид немаше место. Мајка ми и татко ми за да ме утешат ми кажаа да не се грижам бидејќи најверојатно примаат само деца "со врски" :). Подоцна, сакав да пејам во хорот на музичкото школо, но оттаму ми кажаа дека сум требала да почнам од помала возраст. Но и самата не бев многу заинтересирана да одам во музичко бидејќи слушав поп и ар-ен-би музика и не ме интересираше класична музика и теорија. Кога се преселивме во Струмица. сестра ми купи една многу ефтина гитара но некако не ѝ се свиреше, па по некоја случајност почнав јас да се дружам со неа. Првата песна што ја научив беше „Redemption Song“ од Боб Марли. Одев во канцеларијата на татко ми за да испечатам акорди најдени на Интернет и тоа речиси секој ден и така научив сама како да се придружувам со гитара додека пејам. Кога се запишав во средното училиште во Струмица, во школскиот оркестар недостасуваше басист. Никој од гитаристите не сакаше да свири бас, па јас се понудив како волонтер и тогаш за првпат почнав да свирам бас и се заљубив во тоа :). Овде морам да ја спомнам професорката Анита Станковска од гимназијата во Струмица, која постави нов стандард во училишните концерти и почна да гради платформа за млади таленти од кои веќе неколкумина се професионални музичари и се познати во македонската сцена (на пример Александра Јанева). Тоа беше од големо значење за поткрепа на мојот интерес за изведба на музика што ја сакам и мислам дека е многу важно младите таленти од Македонија да имаат примери за успешен и добар настап од сопствената непосредна
средина. Сé додека јас не се качив на бина со моите соученици, чувстував дека бината им припаѓа само на суперѕвезди кои ги гледаме на телевизија.

фото:Dhanesh Jayaselan

Всушност, каква образовна позадина носиш со себе?

- Во Скопје студирав две години на Економскиот Факултет на УКИМ, но не го завршив факултетот. Во Берлин учев Германски јазик една година, па имав голема чест да бидам примена на Уметничкиот Универзитет каде што дипломирав на „Социо-економски Комуникации“. Тоа е интердисциплинарна програма каде што научив да пишувам и зборувам на различни начини, да составувам визуелни содржини, да вршам статистички, психолошки и социолошки истражувања и каде што проучив разни полиња од областа на маркетингот.

Спотот за Trippin помина навистина забележано. Изгледа светски, а сите видовме како на веќе познати места може да им се даде „нов живот“. Што сè подразбира снимање на ваков спот, па уште на пет различни локации, во три држави (Македонија, Србија и Република Српска), прилично амбициозен и комплексен чекор уште од самиот почеток?

- Доста комплексно беше да се организира и оствари сé, но желбата за да се види реализацијата на една силна идеја е тоа што те турка до крај. Кога се работи со љубов не е толку тешко :). Спомениците ги посетив месец дена пред снимањето, каде што во еден викенд „извозивме“ 2000 км со Владимир и Ана (камера и асистент на продукција). Пред снимањето составував кореографија и стајлинг во Берлин и го планирав буџетот за една недела снимање и авионски карти. Тимот се собра во Скопје од Париз, Берлин и Барселона и со две коли тргнавме кон Велес. Секој ден снимавме на изгрејсонце и зајдисонце и некогаш моравме да преминеме граница помеѓу снимањата. Имавме многу авантури и видовме неверојатни места низ овие прекрасни предели. Морав да добијам дозволи за снимање од сите локации и тоа беше малку предизвикувачки, но на крај бевме добредојдени секаде. Најголемиот предизвик, во секој случај, беше финансирањето на сето ова. Работев на сите можни места за да соберам пари, продавав музичка опрема што не ми треба, позајмив пари и на дел од екипата им платив хонорари на рати. Морав секој денар, динар, евро, лек и конвертабилна марка да го планирам и сметководството го водев усно со асистентот додека возев кон следната локација. Целиот потфат беше доста „хардкор“, но сите сме толку воодушевени од овие места и едвај чекаме да се вратиме повторно. На следното доаѓање во Македонија дефинитивно ќе посетам нови места и ги поканувам сите да го направат тоа. Додека живеев таму не бев свесна за целото богатство што го имаме и колку е лесно достапно. И неистражено!

Беше ли соработката со сестра, која и се потпишува како режисер на спотот, олеснителна околност?

- Да се работи на прв авторски проект со личноста со која си пораснал и делел сé, беше успешно во нашиот случај :) Имавме предизвици токму поради тоа што сме слободни да бидеме искрени и да се скараме по малку, но токму таа искреност ни донесе финален резултат со кој што се гордееме.

Твоето досегашно творештво подразбира комбинација, фузија помеѓу повеќе жанрови... Зошто таква одлука, доминираше потребата да се експериментира, или сето она што сакаш да го раскажеш преку музиката не може да се ограничи само на еден жанр?

- Комбинацијата на жанрови и естетика си доаѓа сама по себе. Мислам дека ги отсликува моите интереси кои се распространуваат на разни делови од светот (географски и жанровски), па јас всушност не донесувам одлуки да биде така комбинирано, туку самиот процес го донесува тој резултат. Тоа што работам со различни продуценти и творци, во секој случај е главната причина за разноликоста. Не сум сигурна колку ќе биде успешно на долгорочен план, но тоа што сум независен уметник значи дека ја имам слободата да експериментирам, која што драго си ја користам :).

фото:Dhanesh Jayaselan

Покрај тоа што создаваш своја музика и си диџеј, работиш и како „букинг менаџер“. Можеш ли накратко да им објасниш на читателите што значи оваа професија и како тоа функционира во Берлин?

- Накратко кажано, мојата задача е секоја вечер во клубот кај што работам да има концерти. Заедно со мојот колега одлучуваме кој ќе свири во клубот и тоа подразбира дека треба да одобруваме, одбиваме и бараме соодветни уметници на нашите идеи за настани. Клубот е релативно мал, но имаме преку 300 настани годишно и општо, Берлин е еден од најактивните градови во светот за музика во живо, така што сите кои работат во ова поле секогаш имаат работа. Дури и во случај на пандемија :). Во моментов работиме на програмата за Есен 2020, а пред неколку дена го закажав и првиот концерт за 2022.

Каква е берлинската публика - и од твое искуство како автор и ете како менаџер кој што работи концерти и фестивали?

- Берлин е сопствена планета, можеби и сопствен планетарен систем. Има неверојатна разновидост на луѓе и како менаџер треба да си секогаш во тек на настаните. Што е ново, што е барано, што можеш/сакаш да направиш да биде барано. Публиката е главно фокусирана на техно и електронска музика. Но, има безброј уметници од сите жанрови и места кои го прават градот да биде неверојатно инспиративен и место каде што се среќаваат и создаваат иновативни дела и нови правци во музиката и уметноста. И публиката е таква. Слободна и отворена за нови работи. Како автор, на совршеното место за творење сум .

фото:Dhanesh Jayaselan

Каква слобода ти нуди Берлин што не ти ја даде Охрид и обратно?

- Во Берлин има огромен избор на места, луѓе и настани каде што можеш да истражуваш бесконечно и да најдеш нешто во кое што се пронаоѓаш и никој не те ограничува. Охрид е мал град и брзо се навикнуваш на луѓето и местата. Но, слободата да си на најубавото езеро на светот и да го гледаш од Галичица со сопствени очи е незаменлива. Многу ми е драго што можам да ги имам и двете слободи и да ги комбинирам.

И додека светот се бори со пандемија и сите се чуваме, ти сепак периодов го искористи за подготовка на нов спот и материјал...

- Спотот ќе излезе набрзо, иако подоцна од очекуваното. Овој пат станува збор за снимка на настап во живо на една од моите песни и доста се разликува од спотот на “Trippin”. Пандемијата ги зафати многу од моите останати проекти и работа, па како и остатокот од светот морав да “пополнувам дупки”.

фото:Dhanesh Jayaselan

фото:Dhanesh Jayaselan

Но, не е интересен само твојот музички стил, туку и моден. Како го градеше низ годините, за да дојдеш до она што сега го практикуваш како естетика?

- Уште од рана возраст се интересирав за други култури и бев љубопитна за разновидност. Кога имав 11 години бев панкерка и носев „четка“ фризура и поминав низ други стилски фази лично, кои ми влијаат на комбинациите кои ги правам во мојата музика и визуелен израз. На сликите, во прилог на интервјуто, носам облека од локален берлински бренд „Fade Out Berlin“ и се надевам дека во следната прилика ќе носам облека од македонски дизајнери. Ги поканувам сите читатели да ги поддржуваат локалните македонски брендови и дизајнери, а пред сé апелирам политичарите да ги поддржат домашните творци од сите полиња.

Имаш раскошна долга коса, дали твојата „сила“ е токму таму :)? (Во) Што е твојата најголема сила?

- Благодарам! Имам среќа што природата ме надарила со густа коса што брзо расте, така што во секој случај дел од мојата сила лежи таму :) Исто, имам среќа што имам неколку талентирани пријатели кои прават чуда со мојата коса. Мислам дека најголемата моја сила е тоа што работам со прекрасни луѓе и заедно се надополнуваме и создаваме убави нешта.

стајлинг: FADE OUT

Како изгледа еден твој ден во Берлин деновиве?

- Секој ден поминувам неколку часа работејќи на компјутер, претежно пишувајќи мејлови и слушајќи/гледајќи креативни содржини. Излегувам многу често, повеќе пати дневно и среќавам интересни луѓе со кои најчесто подготвувам некој нов проект (концерт, снимање, сесија и слично). Многу проекти почнувам без да ги завршам, но тоа не ме демотивира да почнувам нови. Често работам на туѓи проекти и сум дел од креативна заедница која работи со разменување услуги. Со издавањето на мојот спот почнав да работам продукција и на други спотови. Најновиот „апдејт“ на моите активности е тоа што почнав да продуцирам „лајвстрим“ концерти, а како последица на тоа што клубот кај што работам преку ноќ се претвори во видео продукција кога почна пандемијата.

На кои навики си им верна, без разлика на местото на живеење?

- Обожавам да готвам! Во готвењето исто така правам разни комбинации, но често ротирам помеѓу неколку основни “класици” на одредено време.

Имаш ли моменти на носталгија?

- Најмногу имам носталгија за Охрид. Природата и енергијата на целото крајбрежје ми имаат врежано чувство кое мислам дека никогаш нема да ме напушти.

фото:Dhanesh Jayaselan

На што размислуваш кога слушаш музика, а што ги окупира твоите мисли додека чекориш по улица?

- Кога слушам музика, активно размислувам за неа. Ретко можам да правам нешто друго во исто време (освен да танцувам) бидејќи секогаш ја анализирам на некој начин. И кога ја распоредувам музиката во моите архиви, ја распоредувам според тоа кој инструмент главно ми оставил впечаток, така што имам листи на перкусивна, вокална или пијано музика на пример.А кога чекорам по улица размислувам на сé можно, на пример што да јадам, како дојде до кризата во Јемен или на тоа како да го одговорам ова прашање.

Што сèможе да биде претворено во звук?

- Сé што може да се слушне.

Што е најважно во еден креативен процес - самото создавање, изразот, допаѓањето на публиката...?

- Најважно е да е искрена идејата и да си веруваш себеси. Потоа следува трудот, ако не го вложиш сам, тогаш е туѓо дело.

А во животот? Што те води низ животот?

-Континуираната желба за откривање.

 

 

фото: Dhanesh Jayaselan; Malte Seidel; стајлинг: FADE OUT Label;

Објавено:
7 јули 2020
Прочитано:
473 пати