Натали Башоска: Преку моите фотографии, гледате со моите очи

Интервју со •
19 јуни 2015

Непосредно пред изложбата на фотографии насловена „Compressed Diversity“  на младата и талентирана фотографка Натали Башоска, закажана за 21 јуни (недела) во скопското кафуле „Децата од нашата улица“,  имавме задоволство да поразговараме со неа, а со тоа и да ја запознаеме подобро и како уметник и како личност. Со своите 19 години таа веќе е светски патник, студира во Њујорк, секојдневно во метро се среќава со различни луѓе кои со себе носат различни приказни и токму тие ја инспирираат во нејзиното творење. За себе вели дека е практичар и дека наместо од книги и филмови, учи од сопственото искуство.

 

Која е Натали Башоска?

Деветнаесетгодишно девојче од Пештани, со Холандско потекло.
Многу сум љубопитна, сакам да знам што повеќе, за луѓе, уметност и култура. Не сум тип што би седел  дома и би читал книги или гледал филмови, туку секогаш практикувам се’ во животот да научам со искуство. Секогаш сакам да испробам нови работи, на свој начин, и што повеќе да искусам, за да научам повеќе и за себе, и за светот.

 

Кој беше клучниот момент кога одлучивте да се занимавате со фотографија?

Тоа не е клучен момент, туку како и секој со голема пасија, таквото нешто настанува со љубопитност и интерес. Сакав  да правам слики, па правев се повеќе слики, никогаш не одлучив : од сега јас ќе сум фотограф. Секогаш ги гледав работите околу мене и се прашував како би го документирала јас тоа со добра фотографија. Но,  може да се рече ете како клучен момент беше кога некои луѓе кои не ги познавав лично ме прашуваа дали јас сум таа фотографката од Пештани.

 

Каква е приказната за изложбата на Ваши фотографии насловена „Compressed Diversity“  која овој викенд ќе биде поставена во скопското кафуле „Децата од нашата улица“?

Уживам во различноста на луѓето, никој од никого да не се почувствува дискриминиран, само бидејки на едно место се наоѓаат толку многу различни луѓе. Во метрото има народ од секоја класа и секоја раса. И тоа го документирав на мој начин.

 

Во моментов сте на одмор во родното Пештани, а инаку студирате во Њујорк. Како Ве однесе патот кон најдинамичниот град во светот?

Огромната желба за нови искуства и предизвици ме донесе во Њујорк. Таму животот и секојдневието се различни, и таму добивам прилика вистински да напредувам како уметник бидејки секојдневно да се твори преку добра фотографија или филм е многу поголем предизвик во такво динамично место.

Каков е образовниот систем во Њујорк?

Според мене е одличен! Јас студирам на уметничка институција.  Тука се е пракнично, и ако некој ме познава барем малку, веднаш би кажал дека тоа е место токму  како за мене. Јас не би можела да читам и слушам предавања како во класичното образование, јас сум многу практична личност, сакам се’ да пробам, само на тој начин вистина би знаела, со свое искуство, како нешто функционира  и дали би сакала тоа да го реализирам на тој начин.

А како го доживувате Њујорк како уметник?

Њујорк е секојдневна инспирација за мене, но и за многу други, не само бидејки културата  е фасцинантна и светска, туку и конкурацијата е многу поголема т  и секојдневно гледам уметници кои остваруваат многу повеќе од мене, и ме мотивира да се трудам повеќе.

Што Ви е најголем предизвик кога фотографирате?

Вистински предизвик е да се вклопат сите елементи на едно место во една фотографија, тогаш зборувам за добра композиција, со добро светло, со добри бои, добар мотив и на крај фотографијата  треба да ве натера да размислувате.

Но исто така, да го раскаже она што јас го доживувам и гледам... Сите што ги гледаат моите фотографии, гледаат со мои очи, и свои размислувања.Тоа ми е големо задоволство - да ги поттикнам луѓето да размислуваат.

Кои уметници најмногу Ве инспирираат, независно за каков уметнички правец се работи?

Најмногу ме инспирираат уметници кои лично ги познавам.  Светот е полн со одлични уметници, но кога гледам дело од некого кого лично го познавам ми е поголемо задоволство, бидејки јас знам таа личност како живее, како се движи, како комуницира со мене, каков став има кон животот и кога ќе видам што би створиле тие, учам уште повеќе за нив, без тие лично да ми кажат. Често ме изненадуваат  и ми предизвикуваат големо задоволство.

Имате ли некаква релација со модата, Ве интересира ли модна фотографија?

Модата се повеќе почна да ме интересира од кога почнав да студирам на уметнички факултет во Њујорк. Таму  има многу различности во модата, и многу креативни модни одлуки кои многу ме инспирираат.

 

Кои се Вашите следни предизвици?

Сакам секогаш да излезам од мојот елемент. Сегашниот елемент ми е животно искуство и документирањето на тоа. Но, кога ќе се вратам повторно да ги продолжам студиите во Њујорк, целиот стил ќе се ппренасочи кон нешто што никогаш доброволно не би го пробала.
Се надевам дека сум подготвена...

Доколку сакате да го погледнете нејзиното портфолио, посетете ја нејзината фан стана.

Објавено:
19 јуни 2015