Главна улога во инклузивната претстава „Пепелашка“

Не сакаме да добиваме аплауз поради инвалидската количка, туку поради вистинскиот талент

Интервју со
Марија Савеска
10 октомври 2019

Неодамна на сцената на Националната опера и балет по втор пат се одигра инклузивната танцова претстава „Пепелашка" во органзација на танцовото студио „Еурека", каде главните ликови се деца со физичка попреченост. Низ игра се поставуваат сериозни прашања што ги засега една цела категорија на луѓе, а истовремено се нудат и одговори за еден нов вид на инклузија – вистинска, применлива и практична, а не само формална, декларативна и симболична.

„Можна ли е Пепелашка во новово време? Или Нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време?
Токму релацијата лице СО и лице БЕЗ попреченост е основното врзивно ткиво на овој зачуден сценско-драмски-танцувачки проект со млади танчери од студиото „Еурека" и инвалидизирани лица (лица во колички) Како да се зближиме? Како да си помогнеме? Како да се прифатиме?", вели нашата позната актерка Снежана Конеска Руси која се потпишува како режисер на претставата.

Седумнаесетгодишната Марија Савеска, дете со церебрална парализа, е модерната Пепелашка на нашето време, која преку тежината и комплексноста на овој лик ги пренесува секојдневните искуства и бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост, и тоа не само физичките, туку и менталните, стереотипните бариери на нашето општество. Но, истовремено Марија како Пепелашка е лик кој симболизира моќ, надеж, талент, борбеност, крикот што станува сè погласен.

Претставата емотивно ја допре публиката, длабоко и суштински, но нејзината порака заслужува што помасовно внимание, затоа ја побаравме Марија заедно со нејзината мајка Оливера да ни бидат соговорници, на што со задоволство се одзваа. Разговорот го започнавме со прашањето за предизвикот со кој се соочи Марија при преземањето на „товарот" да портретира една необична Пепелашка на новото време во кое царува омразата, егоизмот и површноста.

-Улогата на Пепелашка за мене е голем предизвик и чест ми е да учествувам во еден таков проект, бидејќи ние како екипа се потрудивме да дадеме максимум. Публиката на тоа даде позитивен фидбек. Работевме со танцовото студио „Еурека" и со други надворешни соработници. Ние како инклузивна група постоиме веќе две години и морам да кажам дека е едно позитивно искуство да се работи со нив, а на крај од сето тоа резултатот е една ваква прекрасна претстава. Конкретно во однос на улогата на Пепелашка, морам да кажам дека носи голема тежина. Во процесот додека ја подготвувавме претставата, кога гледавме материјали, ја сфатив сериозноста на улогата што јас треба да ја пренесам. Но, во секој случај успеав да ја совладам, да ја адаптирам на себе, на мојот карактер и можности, вели Марија за првото нејзино искуство во проект од ваков карактер.

Но, она што е значајно да се потенцира е дека ова е и прв ваков проект во регионот.

-Ова е прва ваква, инклузивна претстава во целиот регион. Децата со своето учество даваат максимум на сцена и со тоа покажуваат всушност дека се дел од општеството и дека не се немоќни. Преку тоа покажуваат огромна моќ и сила, укажуваат на тоа дека на нив не треба да се гледа како на слаба категорија и слаби луѓе и не треба да се сожалуваат. Туку треба да им се даде можност да бидат рамноправни со останатиот свет. Инаку во претставата има еден дел каде тие точно го прикажуваат својот живот, препреките со кои се соочуваат, неприфаќањето од средината и како во такви ситуации се потпираат еден на друг и самите си помагаат. Аплаузите ги сакаме не заради инвалидската количка, туку поради вистинскиот талент, вели Оливера, мајката на Марија.

За впечатоците и интересот за претставата, зборува фактот што веќе неколку пати е изведена и надвор од државата.

-Уште со самата премиера, пораката допре до публиката која реагираше многу емотивно, особено во Заечар, таму беше претпремиерата. Нас навистна нè изненади реакцијата на публиката. Толку емотивен и силен впечаток оставија така што мораше уште еднаш да ги посетиме поради огромниот интерес. А исто така добивме покани и од други земји, како и од други места во Србија. Но, сè уште е рано да кажеме дали допрело или не до институциите со оглед на тоа дека само два пати се изведе во Скопје, затоа што немаа можност одговорните лица кои можат да направат промени, да ја видат. Но, од лично досегашно искуство можам да кажам дека како општество сме многу троми и многу полека се движат работите кај нас, па така и за да ја добиеме подршката за претставата ќе треба да се потрудиме, а за промени уште повеќе, вели Оливера.

За Марија, позитивните реакции и големиот интерес на публиката се огромен стимул и поддршка.
-Да, навистина многу пријатно бевме изненадени од публиката која ни даде голем аплауз и големи пофалби. А тоа ме/нè води и ни дава стимул да продолжиме понатаму со уште поголем ентузијазам.
Тоа вклучително е и поттик оваа приказна да не заврши со „Пепелашка", туку напротив да се развива во низа проекти што ќе му дадат уште поголем акцент на прашањето за инклузијата на лицата со нетипичен развој.

- Идеите се веќе зародени. Секако во меѓувреме „Пепелашка" живее и е навистина е барана претстава, до толку што сè уште не можеме да одговориме на сите повици, додава Оливера.

Целиот процес на подготовки и организација на претставата подразбирал и исклучителна посветеност и дисциплина, а особено вложување на главните актери, Марија и Мики (кој ја толкува улогата на принцот).
-Подготовките за претставата вклучуваа и поинтензивно присуство во студиото, вежбање, забава, дружење, пеење, што за мене беше прво такво искуство, ни раскажа Марија.

Подготовките се одвивале во просториите на танцовото студо „Еурека" кој е и главниот организатор на проектот.

-Бидејќи се соочуваме со проблем на пристапност, кога требаше Марија и Мики да ги снимат песните, бидејќи во претставата двајцата пеат по една песна, не можевме да ги качиме во студиото па се направи напор и се реализираше импровизирано студио во просториите на „Еурека". Тоа беше прво снимање и за Марија и за Мики. И двајцата беа исклучително посветени на целиот процес, со оглед на тоа дека и пеат во претставата, па остануваа до доцна навечер, што за нив беше необично искуство и истовремено предизвик. Дени и Јована се помали, па останувањето до подоцна навечер им беше малку напорно, но не попуштаа. Уморни, вложуваа напор до самиот крај на подготовките и на одење дома по напорниот ден сите прашуваа кога е следната проба. Работеа напорно и професионално... А публиката го препознава вложениот труд. Патувањата ни се исто така многу интересни. Дружењето во автобусот не само за децата туку и за родителите е многу убаво, но имаме проблем со качувањето во автобус. Кај нас не постои поголем меѓуградски автобус адаптиран за превоз на лица во количка. Па така ние како родители, бидејќи имаме искуство од секојдневното совладување на барирерите се снаоѓаме. Со добра физичка кондиција, на мускули, ги сместуваме, раскажува Оливера за секојдневните предизвици со кои се соочуваат.

Бал на различности

Инаку, за Марија сцената и јавните настапи не се нешто непознато. И самата ќе каже дека пеењето ѝ е прва љубов, а за нејзиниот талент ние имавме прилика да посведочиме уште пред неколку години, кога таа пееше на сцената на МНТ во рамките на настанот „Бал на различности". Нејзиното секојдневие е активно, со исполнета агенда, а со оглед на тоа дека посетува редовна настава во средното училиште „Браќа Миладиновци", голем дел од училишнте денови и е посветен на сите обврски околу училиштето.

-Во училишните денови, нормално ги обавувам училишните обврски, одам на училиште, се враќам дома учам заедно со мајка ми која многу ми помага. Во меѓувреме многу вежбам, задолжително. Во саботите мојот ден е малку поинаков. Морам да станувам порано затоа што имам дополнителни часови по германски јазик кои што мора да се одржуваат приватно, поради тоа што не можеме да одиме во некоја школа поради непристапноста, па полесно ни е дома да ги одржуваме часовите. Потоа следува мал одмор па одам во „Еурека". Во зависност од тоа колку обврски имаме таму и дали подготвуваме некоја точка или проект, и таму поминувам добар дел од денот, ни сподели Марија за текот на нејзиното секојдневие.

Таа е голем љубител на сите форми на уметноста и ужива секогаш кога има прилика во театарска претстава, опера, балет...

-Навечер во саботите ако има нешто интересно од културниот живот, сакаме да го проследиме. Театар не многу често за жал затоа што МНТ не е многу пристапен објект и таму седењето за Марија е непријатно. Затоа многу ми е жал што ретко одиме на претстави, а сакаме да одиме. Инаку, не постои балет што не сме го гледале со Марија. И класичен и модерен балет. А исто така многу често гледаме и опери, сега веќе почна и сезоната па тоа ќе ни биде на културната агенда. Често одиме и во Филхармонија и можам да кажам дека од наш аспект тоа е најпристапниот објект од културните институции, додава Оливера.

-Кога е театарот во прашање, летниот период сакам да посетувам театар на отворено, како што е примерот со „Гола месечина", па се трудам да не ги пропуштам претставите на нивниот репертоар. Го користиме тој период од годината максимално, рече Марија која сака да слуша и популарна музика, а има и истенчен вкус за филмови.

-Многу сакам музика, дружење и филмови. Од музика слушам модерна музика како на пример Кети Пери, Тејлор Свифт, Ариана Гранде, Сиа, а од домашните ДНК, Каролина, Дани, Александра Јанева, а кога има свирка во живо сакам да ја слушам. Од филмови сакам да гледам акција, научна фантастика, фантазија, авантуристички, хумористични, но не сакам хорор филмови. Со задоволство ги прифаќам поканите од другарките за дружење.

Во слободно време кога сум дома сакам татко ми да ми пушта матрици или да ми свири на гитарата за да можам да пеам. Пеењето ми е прва љубов. Краток период имав часови по пеење во домашни услови. Заради пристапноста не можев да посетувам некое од музичките училишта па јас од мојата заштеда му дадов пари на татко ми за да купи синтисајзер кој ни беше потребен, за да може да доаѓа наставник кај мене дома и да ми дава часови. Но, поради обврските околу училиштето и балетот морав да прекинам со часовите, вели Марија за својата страст кон музиката.

Надвор од нејзиниот микрокосмос исполнет со уметност, музика и бесконечна желба за учење и спознавање, Марија како и генерално лицата со физичка попреченост, во реалноста често се соочува со бариери од различен карактер, а токму тоа е горливото прашање кое го бара општественото внимание. Затоа ја прашавме Оливера, да ни каже од аспект на родител на дете со церебрална парализа, кои се предизвиците со кои се соочуваат и како може тоа да се промени.

-Ќе бидам досадна ако пак апелирам за пристапност. Но, тоа прашање мора да се реши и да се реши пристапноста, за да може Марија да функционра со личен асистент. Дури и личните асистенти многу пати се немоќни, не можат да совладаат бетонска бариера или препрека, а тоа секако за нас е уште еден проблем. Промени се потребни и во здравството. Физикалните вежби, што им се неопходни на сите лица со физичка попреченост, се повторно случај каде нема кој да ме замени. Во текот на денот сум и асистент и вработена и мајка и на крај со натчовечки напор вежбаме. Некои примаат терапија со лекови, а нас ни е физикалната терапија неопходна. Тука ни треба помош и поддршка.

Оливера од своето лично искуство вели дека навидум работите мрдаат од место, но дека треба уште сериозно да се работи за тоа движење да биде напред, а не во круг.

-Оваа група на лица за жал е најмалку поддржана. Дури ни здруженијата не можат да бидат активни колку што е потребно затоа што здруженијата ги сочинуваат истите родители кои што се грижат за овие лица и ги придружуваат, а и освен физичкиот товар што го имаат овие родители и останати обврски се многу поголеми и не стигнуваат да бидат активни и „досадни" колку што треба. Штом изостанува активноста на здруженијата нема кој да ги притиска институциите, а тие за жал ги менуваат работите само под силен притисок. Најголем предизвик е лицата со физичка попреченост да се образуваат во редовната настава, да се подготват за живот, да добијат професија и да добијат можност самите да се издржуваат, го кажува својот став и искуство Оливера.

Токму образовниот процес е едно од најзначајните прашања што имаат клучно значање во инклузијата и понатамошниот животен тек на лицата со нетипичен развој, затоа ја прашавме Оливера какво е нивното лично искуство, со оглед на тоа дека Марија во моментот е единственото дете во Скопје со телесна попреченост во количка која посетува редовна настава во средно образование.

-Треба да се работи по тоа прашање. Институциите сè уште не се подготвени за вистинска инклузија. Оваа година општините потфрлија во однос на образовните асистенти за деца со попреченост. А зборуваме само за образовни, но имаме и деца со телесна попреченост каде што има потреба и од лични асистенти. Значи оваа година бројот на асистенти е многу намален во однос на претходната година, бидејќи општините не ги предвиделе во буџетот. Бидејќи Марија е во средно училиште, минатата година прв пат средните училишта имаа искуство со асистенти, но Марија доби образовен наместо личен кој всушност ѝ треба. Што се однесува до превозот исто така. Ќе зборувам конкретно за нашот случај, Марија во моментов е единственото дете со телесна попреченост во количка која посетува редовна настава во средно образование во Скопје и иако ѝ следуваат две слободни карти таа не може да ги користи бидејќи не може да користи јавен превоз, а од градот немаме разбирање и не ни префрлаат средстава кои се наменети за неа, за нејзиниот превоз. Градот организира превоз во кој ние не можеме да се вклопиме, односно од таму сметаат дека ни даваат услуга, но ние не можеме да ја користиме. Друг проблем е тоа што, сè уште имаме училишта каде што кадарот не е подготвен да ги прифати децата со било какава попреченост. Иако навидум се придвижуваат работите, сепак сме далеку. Дури сè уште има отпор и кај некои наставници и професори кои сметаат дека треба да работат само со деца со типичен развој. Ние затоа го одбравме училиштето „Браќа Миладиновци" каде што има исклучително топла клима, има вистински човечки однос и навистина сме топло примени и немаме никакви негативни искуства. Инклузијата во нашето општество сè уште е оставена на добра воља на индивидуалци наместо да има вистински системски решенија и за условите и за наставниот кадар, апелира Оливера.

 

Објавено:
10 октомври 2019
Прочитано:
1.219 пати