деловна жена

Не филозофирајте, живејте!

Интервју со
Маја Ангеловска
18 март 2016

Ако сте од оние кои знаат вистински да се забавуваат, тогаш оваа девојка веројатно ја знаете како една од најприсутните во скопскиот ноќен живот. Ако сте добри познавачи на модата, ќе ја препознаете како една од најстилските скопски девојки со уникатна и секогаш позитивна енергија. Маја Ангеловска денеска е брокер во една позната компанија, а многу наскоро, повторно се враќа на менаџерското место во еден од најдобрите грчки клубови – Pearl. Ние имавме можност да се дружиме со неа едно попладне и заедно да ви прикажеме дел од нејзините омилени парчиња во плакарот, но и да направиме супер фотографии што ги гледате во прилог. Маја нѝ раскажа и за нејзините професионални ангажмани во моментов, колку Македонците знаат да се забавуваат, како ја замислува совршената среќа, кои се нејзините херои од реалниот живот, но и какво значење има љубовта за неа.

Уживајте! 

-Кои се Вашите професионални ангажмани во моментов?

Како личност која континуирано трага по професионални предизвици и постојано надградување на знаењето, моментално сум посветена на работата како брокер во WVP AD осигурително брокерско друштво. Иако сум и дел од успешната семејна приказна Еко Стајлинг кое е дело на мојата мајка, особено ми е драго и му се радувам на ангажманот како менаџер во ноќниот клуб Pearl за време на летниот период.

-Важите за една од најстилските скопски девојки, какво значење има стилот за Вас?

Ставот, самодовербата и уникатноста се стил на секоја жена/девојка, иако за жал многумина сметаат дека тоа се неколку одбрани брендирани парчиња облека.

-Сте соработувале ли досега со некој македонски бренд? Носите ли облека од македонски дизајнери?

Со македонски бренд не, меѓутоа досега сум имала чест и огромно задоволство да носам модни креации од Јована Филиповиќ.

-Кое парче е најзастапено во Вашиот плакар?

Кожени јакни, џинс и секое парче во црна боја.

Знаат ли Македонците да се забавуваат?

Во тоа сме најдобри!

-Каде Вие најдобро сте се забавувале?

Најдобро се забавувам онаму каде што луѓето умеат да уживаат во убавата музика и квалитетен разговор, што се однесува до местото, од сите досегашни патувања би ги издвоила Париз и Дубаи.

-Кое е најубавото место што сте го посетиле, што Ви оставило најголем впечаток?

Би издвоила неколку каде секогаш со големо задоволство би се навратила. Седиштето на високата мода, модните брендови, луксузот и естетиката во живеењето – Париз. Истанбул – метропола која во себе носи спој на материјалното и духовното, Дубаи – град на реалност и фантазија, град на магија...

-Која е вашата замисла за совршена среќа?

Животот со мојата љубов.

-Од што најмногу се плашите во животот?

Не се плашам од ништо.

-Што претставува љубовта за Вас?

Живот!

-Што е она што го сметате за Ваше најголемо достигнување?

Среќата и уживањето во животот се моето најголемо достигнување.

-Што би биле да не сте она што сте денес?

Би била музичар.

-Кои се Вашите херои од реалниот живот?

Мојата мајка - мојот животен ментор, мојот најголем учител!

-Кое е Вашето животно мото?

Често ме прашуваат дали имам животна филозофија, а јас секогаш одговарам: Има живот и филозофија, не филозофирајте, живејте!

Објавено:
18 март 2016
Прочитано:
4.926 пати