пијанистка, професор, публицист и музички селектор на „Охридско Лето“

Немам компромис за неработници

Интервју со
Даница Стојанова
20 август 2020

Пијанистка, негувач на музиката, но и музичкото познавање и култура, дама во својата област на која токму поради досегашното искуство - професионално и животно, професионализмот и стручноста ѝ беше доделена и функцијата на музички селектор на годинашното значајно 60. издание на „Охридско Лето“.

Вели, нејзината музичка приказна не престанува да живее и тече. Раното препознавање на талентот и максималната поддршка од родителите да заплови, како што и самата ќе рече, во светот на бајките, ќе го одредат нејзиниот животен пат.

фото: Маја Аргакијева

-Од рана возраст моите родители ме запишаа во основното музичко училиште „Боро Џони“ во Струмица. Како учесник на натпревар за класична музика по пијано во Скопје беше приметен мојот талент и им беше понудено на моите родители да се запишам во средното музичко училиште во Скопје. Татко ми беше одличен тромбонист, исклучителен талент, меѓутоа неговите родители не се согласиле да продолжи музика, оттука тој не сакаше истата грешка да ја направи и ме пушти да пловам во светот на бајките, во светот на најубавата Уметност - музиката. Далечната 1980 година се преселив во Скопје,ме запишаа во средното училиште „Илија Николовски Луј“ и оттогаш мојата музичка приказна тече, живее... во друга прилика повеќе за тоа, мислам дека ако почнам да пишувам односно раскажувам, томови книги ќе напишам - го започнавме разговорот со Стојанова.

Поводот на нашиот разговор беше „Охридско Лето“ и нејзиниот придонес за реализирање на истото оваа година. Како некој што се нашол од двете страни на сцената на оваа наша престижна манифестација, Даница периодов максимално беше и е посветена програмата на 60 издание  на „Охридско Лето“ да биде беспрекорна и достојна.

фото: facebook.com/OHRID-SUMMER-FESTIVAL-ФЕСТИВАЛ-ОХРИДСКО-ЛЕТО

-Голема е честа да се биде дел од тимот на фестивалот „Охридско Лето“, посебно во едно специфично време кога културата во светски размери тихува од март месец годинава поради Ковид-19. За мене да бидам селектор на музичката програма за ова 60 годишно јубилејно фестивалско издание е голема одговорност, предизвик, радост и љубов. Да не бидам скромна, просто е невозможно да се направи програма за толку кратко време, но моето искуство и професионални контакти со врвни уметници го покажа спротивното и програмата беше готова во рекордно време. Се направија 26 настани, од кои шест веќе за моја среќа, беа договорени од дирекцијата, така што програмата ја доби својата рамка и можам со гордост да изјавам дека ова фестивалско издание е врв од огранизација и учество на ексклузивни уметници од цел свет - вели Даница.

Необични околности и бурен пред-старт ја следеа манифестација. За тоа дали на реакцијата на публиката/народот по повод „протурената“ работна верзија на програмата гледа потврда за свесноста на вредноста на манифестацијата, или можеби немилосрдност кон пропусти, ќе рече:

фото: facebook.com/OHRID-SUMMER-FESTIVAL-ФЕСТИВАЛ-ОХРИДСКО-ЛЕТО

-Реакцијата ја гледам многу позитивно, истовремено свесна дека народот слуша она што му се пласира. Така што, преку протурениот документ многу од народот разбра и слушна за фестивалот и неговиот јубилеј. Секако дека е немилосрден пропуст, некој сигурно сакал да си поигра и го понижи самиот фестивал, но со Уметноста и професионалноста нема играње - концизна е пијанистката.

Остануваат уште десетина дена до затворањето, но како посочува Стојанова и покрај брзото темпо, изданието е во одлична организација и тек.

-Отворањето помина одлично, еден достоинствен почеток каков заслужува овој фестивал, со сите протоколи, спроведени беа мерките дадени од комисијата за заштита, публиката беше расположена и фасцинирана од отворањето, солистите беа на ниво на задачата, навистина спектакуларен почеток имавме. Работите течеа брзо и секој ден договорите за отворањето и самиот проект трпеше континуирани промени што искрено, беше загрижувачки и стресно да се издржи тој притисок, а истовремено требаше да се размислува и реагира брзо, но дирекцијата и тимот на фестивалот „Охридско Лето“ покажаа една исклучителна менаџерска подготвеност и мудрост во реакциите од кои произлезе фестивалскиот спектакл „Вокални бисери-по стапките на Ана Липша Тофовиќ“.

Ова ја наметна темата и за тоа дали има простор за сензационализам кај изведувачите на класичната музика и во контекст на тоа, постои ли потреба за стремеж кон комерцијализација.

-Кај изведувачите на класична музика има простор за само една работа, да раскажат добра музика, да допрат до публиката и тоа е тоа. Концерт со одлична интерпретација и комуникација со публиката е доволно за сензација - нагласува Стојанова.

Работењето на ваков проект, фестивал од вакви размери бара професионализам од двете страни. Но, според неа, кај нас овој поим не се разбира во неговата суштина.

-Професионалец е човек кој работи, значи човек 'рмбач, а не уживател на титули и функции. Кај нас има големо недоразбирање по овој однос и затоа за вистинските професионалци е многу тешко да се реализираат во целост.   

Како некој со богато професионално портфолио, чии референци ги поврзува искуството, со активност на повеќе полиња од музичката област, негува принципи од кои не сака да отстапи без разлика на тоа која функција ја врши. Според неа, вредното и професионално работење е задолжително за остварување успех, па оттаму за мрзеливоста и мрзеливите, компромис нема.

-Јас сум перфекционист и оттука признавам малку сум тешка за тимска работа, меѓутоа со годините работите почнав да ги гледам и од друг агол и да менувам многу нешта кај мене како професионалец, сè поради постигнување на крајно добри резултати и тимско задоволство. Учев од најдобрите, моите професори имаат над 70 години , патуваат по светот, концертираат, држат мастер класи, организираат натпревари, пишуваат книги... Понекогаш си мислам, ако почнам да се натпреварувам со нив не знам дали воопшто ќе ги престигнам. Моите родители до последниот ден беа активни, секогаш во работа, па макар тоа било и занимавање. Мене таквите примери ми се предизвик, немам компромис за неработници. Мрзата и мрзеливите мене ми се најголеми непријатели, а тоа повлекува понатаму уште многу негативни карактеристики и ете кон нив немам компромис - искрена е Даница.

Директорката на ОЛ, Наташа Поповиќ и Даница Стојанова во креации од модната куќа Елена Лука

На крајот, позборувавме и за модата. На отворањето на годинашното „Охридско лето“, таа ѝ ја даде довербата на модната куќа „Елена Лука“. Даница блесна во романтична тоалета во нежни земјени нијанси, со рачно аплицирани флорални дезени што даваат дополнителен шарм на женствениот изглед.

За тоа како ја негува релацијата музика-мода, но и како ја коментира промената што пијанистките одамна веќе не се облечени во "досадни" црни фустани, како што често порано се коментираше и перцепираше,туку покажуваат изострен моден вкус, ќе рече:

-Не ја негувам таа релација  туку ја живеам. Просто, кога ја правам концертната програма за мој настап истовремено размислувам во каков фустан ќе бидам облечена  како дел од концептот за настап. Со модната куќа „Елена Лука“ јас лично соработувам од нејзините сами почетоци , имам повеќе детали изработени специјално за мене за концерт, неколку парчиња и фустани, така што ми беше лесно да се обратам на големи професионалци и побарам решение за мојот изглед на отворањето на фестивалот. Крајниот резултат беше она што сум јас. Фустанот беше долг, романтичен со детали од тантела, но во граници на класичната магија. Не се согласувам со вас дека црните фустани се досадни, секако еден мал детаљ, убав накит или одлични обувки може да ја разигра црната боја и тоа сето крајно да звучи одлично и убаво. Јас сакам романтични фустани, ги имам многу и еден ден кога нема да можам да ги носам размислувам да направам ревија од хуманитарен карактер, но дотогаш нека потрае моето време на сцена и носење убави фустани.

 

фото извор: Приватна архива; Mega Production; фото: facebook.com/OHRID-SUMMER-FESTIVAL-ФЕСТИВАЛ-ОХРИДСКО-ЛЕТО;

 

Објавено:
20 август 2020
Прочитано:
1.439 пати