АКТЕРКА

Неприкосновено право на уметникот е да продолжи да твори без разлика дали е поддржуван или не

Интервју со
Нина Елзесер
7 ноември 2022

За вљубениците во уметноста, театарот и културата, секогаш претставува вистинска возбуда и задоволство кога на домашната театарска сцена ќе заблеска ново ѕвездено актерско име.

Младата Нина Елзесер, драмска актерка која својата едукација ја стекнува на Факултетот за драмски уметности во Скопје, е еден токму таков инспиративен пример со кој претставува чест и задоволство да се разговара. Нејзината љубов кон актерството и театарската уметност не само што ја преточува во секој изговорен збор во текот на нашиот разовор, туку и се рефлектира во секоја нејзина изведба.

Фото: Синоличка Трпкова | Facebook

Домашната публика моментално има можност да ја погледне во неколку актуелни македонски претстави, меѓу кои и уникатната интерактивна претстава „Под.Готвено" во режија на Дејан Спасовиќ.

Неодамна имавме задоволство да поразговараме со неа, а таа ни откри повеќе за своите почетоци, актерската страст, што значи да се биде млад актер во Македонија, како и нејзините моментални и идни проекти.

Раскажи ни малку повеќе за твоите почетоци. Како се роди љубовта кон актерството и театарот?

Мојата прва средба со актерството беше на мои 5 години кога ми беше потребна уметноста како алатка за ослободување во говорот. Со помош на уметностите повеќе немав проблем со пелтечење. И ете, до денес, актерството е тоа што ме ослободува. Исто така, уште од мала возраст многу се интересирав за човекот и неговата природа, сакав да разберам како е во туѓите чевли, а подоцна сакав да ги оживувам ликовите за коишто читав.

Фото: Слаѓана Вујошевиќ | Facebook

Како би го опишала твоето искуство пред камера? Би можела ли да направиш избор помеѓу театарот и филмот доколку си принудена, и зошто?

Не верувам дека имам доволно искуство пред камера за да одговорам, а и кога би имала, би оставила публиката да зборува за тоа. Во ова време би рекла дека филмот е позаводлив од театарот, но и филмот и театарот имаат своја убавина, носат со себе различни актерски предизвици, имаат различни предности. Кај мене и двете се добредојдени, но никако не би сакала да избирам.

Постои ли некаков идол во твојот живот? Некој лик, витински или измислен, кој служи како пример и константна мотивација и кој те води по животните и професионалните патишта?

Порано имав конкретни идоли, но денес имам некаков „измислен" идол кој е составен од делови на вистински луѓе и фиктивни ликови. Тој е составен од личности кои сум ги сретнала еднаш, кои ги среќавам често, кои никогаш не сум ги сретнала и личности кои никогаш нема да ги сретнам, познати и ни малку познати личности. Секоја една од нив има нешто на коешто се восхитувам, и токму со тоа си го обезбедува местото во компактната смеса која ја нарекувам идол. Тој е секогаш тука да ме потсети која сум и кон што целам.

Фото: Vetra Art

Би можела ли да го опишеш накратко процесот на подготвување за една улога? Што претставува твоја најголема инспирација во тие моменти?

Мислам дека не постои некаков рецепт затоа што секој процес си е посебен, особено кога екипата ти се менува. Она што ми е највозбудливо во подготвувањето на улоги е истражувањето за ликот, приближувањето до него од секој можен аспект, а потоа и сведочењето за тоа како истражувањето си го наоѓа своето место во производот, што би се рекло „си се местат коцките".

Каков тип на улоги претставуваат најголем предизвик за тебе?

Секоја улога ми е предизвик. И тие што се близу до мене, а и тие што ми се подалечни.

Фото: Vetra Art

Како е да се биде млад актер во земја каде уметноста зазима сè поспоредно место во нашето општетсво?

Не е охрабрувачки затоа што сеприсутно е чувството дека немаш доволно поддршка (зборувам за независната сцена), а и поискусните колеги се секогаш тука да те потсетат дека не е лесно. Од друга страна пак, како уметник, токму тоа те охрабрува да продолжиш да твориш. Сепак, тоа е неприкосновено право на уметникот, да продолжи да твори без разлика дали е поддржуван или не.

Интерактивната претстава „Под.Готвено" претставува вистинско освежување на македонската театарска сцена, а интеракцијата помеѓу публиката и актерската екипа е уникатно доживување. За оние кои сè уште не ја погледнале, како накратко би им кажала за што станува збор и која е твојата улога во приказната?

„Под.готвено" е перформанс кој овозможува единствено доживување. Велам „единствено" затоа што секоја изведба е уникат и е посебно искуство, како за секој еден гостин, така и за нас, трите актерки кои сме двигатели на дејството. Во овој музичко-театарски перформанс се будат сите сетила. Преку играта, но и преку храната и виното што ги служиме, публиката може да ги освежи сите свои слатки, горки, лути, солени и кисели спомени, да им дозволи да поминат низ телото, умот и душата и да заминат. Приказната е за животот на една жена која успеала да се сретне себе си на три различни возрасти: на 18, 33 и 50 години. Јас ја толкувам улогата на 18 годишната верзија на Цвета, Слаѓана Вујошевиќ ја толкува улогата на 33 - годишната, а 50-годишната е толкувана од Билјана Драгичевиќ Пројковска. Перформансот е во режија на Дејан Спасовиќ.

Фото: Vetra Art

Фото: Оро Радио

Фото: Оро Радио

Како изгледаше процесот на подготвување на претставата и соработката со екипата и режисерот Дејан Спасовиќ?

Процесот започна летото 2021 година. Тоа беше лето исполнето со работа. Работевме многу на себе, но истовремено и на перформансот. Како тоа да не е едно исто? Во перформансот успеавме незабележливо да ги испреплетеме делата на три автори: Ѓоко Здравевски, Елизабета Баковска и Едвард Олби (во текстот го наоѓаат своето место и наши лични приказни). Кога би дошле на една изведба сигурно ќе ви стане јасно за каква соработка станува збор. Процесот сѐ уште трае и се надевам ќе трае уште долго.

Фото: Vetra Art

Фото: Vetra Art

Фото: Vetra Art

Што е следно што можеме да очекуваме од тебе во блиска иднина? Се подготвуваш ли некаков нов проект?

Моментално играм и во претставата „Јулија и Ромео С1Е1" во режија на Билјана Радиноска, работена по „Ромео и Јулија" од Вилијам Шекспир.
Периодов сум во подготовки за претставата „Скопјани" во режија на Милош Б. Андоновски, која е работена врз база на раскази од Оливера Ќорвезироска и лични, приватни приказни на актерската екипа за градот. Премиерата е закажана за 13ти ноември 2022 во Јавна соба.

Фото: Александра Костадиновска

Фото: Александра Костадиновска

Фото: Александра Костадиновска

Која е Нина зад кулисите?

Нина Елзесер. Обична девојка.

 Фото: Александра Костадиновска

Објавено:
7 ноември 2022
Прочитано:
1.518 пати