Сецко и Енко

Ние одамна одбравме да ѝ робуваме на слободата и скапо плативме за тоа

Интервју со
Last Expedition
1 јуни 2020

Тие се скопски легенди од крајот на градот. Паметам дека прв пат ги сретнав на првата фрекфенција на МТВ, средина на 90-те, ја изведуваа „Ќелав дабар" заедно со Чиста околина и уште тогаш ми оставија силен впечаток со нивната „поинаквост". Поинаквост може да ја дефинирате и како иновативност, бунтовност, авангарда, супкултурна дисторзија, како сакате, а може и воопшто да не ја ставате во рамка на некаква дефиниција, туку со еден назив да обедините сè: Last Expedition. Од тогаш се сменија многу работи, но тие ѝ останаа верни на својата „поинаквост", иако во различни периоди манифестирана во различни верзии. По долга креативна пауза, лани го „преслушаа" пулсот на својата фан база со „Хеј Хо". Како што ќе кажат и самите, пулсот и тоа како е жив и здрав. Па оттука може од Last Expedition да очекуваме нова офанзива! Периодов ја преработија ноќната химна „Шефе", во фаза е на постпродукција, па со нетрпение го чекаме сработеното. Соговорници ни беа Сеад Хаџиќ-Сецко и Енис Хаџиќ-Енко.


Култната „Шефе"оживеа во ново време, со онлајн преработката што неодамна ја направивте (а е во процес на постпродукција) заедно со вашите пријатели и армија фанови. Може ли да се протолкува дека темата се поистоветува и со актуелната ситуација, иако е универзална и не може да се стави во временска рамка?

Сецко: Шефе е една наша тинејџерска авантура, кога по неколку испиени пива имавме турбулентно возење со полициска ,,Марица". Со појавата на видеоспотот,, Шефе" нашата стара приказна беше одлично прифатена од јавноста, бидејќи таа одлично се вклопи со периодот кога во Скопје почнаа да го уништуваат ноќниот живот, со подвижните полициски станици и полициските рации. Денес Скопје речиси и да нема ноќен живот, а има полициски час, па нели е вистинско време за ноќната химна,, Шефе"?

Енко: Искрено кажано ни самиот не бев свесен дека песнава е безвременска и дека одлично функционира и денес како што функционираше кога беше создадена пред 24 години.Тој момент го сфатив кога дојдовме до текстуалниот дел кој со само една мала измена можеше да добие дневно политичка димензија и ќе личеше како да е напраена во 2020 година ама сепак одлучив дека не е во ред да им ставиме нешто во уста за кое можеби не би се сложиле. Можеби за едно 10-20 години ;-) ако ја обработиме сами ќе ја имаме таа „слобода" да ја корегираме за тогашното време. Во секој случај, поезијата и пишаниот збор ја имаат таа магија која му остава простор на конзументот да си створи некоја своја приказна и да ужива во неа.

Во февруари минатата година, после 22 години направивте нова песна „Хеј Хо". Несомнено на фановите им фалевте со нов материјал, ако се земат во предвид коментарите и како песната живее, дури и меѓу новата генерација. Што беше тригерот?

Сецко: Ние веќе имавме зад себе три успешни албуми и долга креативна пауза. Tоа за нас беше преголем багаж, па од тие причини одлучивме прво да се тестираме со нова песна, па ако биде сè ок, тогаш и албум. Среќа наша е што со „Хеј Хо" ја погодивме во целта, па затоа ќе има и албум.

Енко: Како на фановите така и на нас ни фалеше нова песна за да видиме кај сме во ова ново време и во кој правец може и треба да се движиме. „Хеј Хо" си ја заврши работата со тоа што го постигнавме моментот да песната звучи старо и наивно, а истовремено да има модерен звук. Знаеш како и се во животот, кога е поставено на здрави темели така и „Последната Експедиција" е создадена да биде авангарден млад бенд кој ќе има една ширина и слобода во правењето музика. Така да ни самите ние не знаеме во кој правец ќе оди сето ова.

Што се случуваше со Last Expedition помеѓу?

Сецко: Јас цело време бев активен, снимив албум со Ексик, ,,So many loves". Потоа издадовме 11 албуми со Мугер Фугер, настапував и бев дел од албумот на Горан Трајкоски и многу други проекти кои ми беа занимливи.

Енко: Она што се случи со Last Expedition, ми беше познато уште кога бев седмо одделение. Тоа е синдромот на македонските бендови уште од тоа време, а тоа е кога ќе го подигнеш стандардот во стварање песни, скапо студио, спотови, инструменти и останато, а притоа се финансираш сам, неминовно е да кога ќе ја подвлечеш линијата и го видиш резултатот да сфатиш дека некои работи немаат смисол. Во последните 40 години многу македонски бендови едноставно се самоизгаснале и престанале да постојат, а со тоа само влегле во некаква мини историја (ако можам така да ја наречам), а у ствари пред нив бил најпотентниот период во кој требале и можеле да напраат многу песни кои би биле и те како слушани и обожавани од публиката. Е ова се деси со нас. Дојдовме до еден момент кога се заситивме едни од други и едноставно се одалечивме од самите нас. Едноставно се самоизгаснавме.

На вашиот настап на „Земјотрес" што се одржа почетокот на годинава по осми пат, имавте прилика да го проверите пулсот и на помладата публика? Како пулсира новата генерација? Препознава ли квалитет со оглед на мас продукцијата со која секојдневно е соочена?

Сецко: Супер си поминавме, нè подмладија 20 години!

Енко: Па добро, не ни беше ни многу тешко право да ти кажам. Се качивме на сцена пред СВОЈАТА публика и не стануваше збор дали тие ќе нè препознаат и дали ќе ни пружат рака. Единствениот страв ни беше дали ние ќе можеме да одговориме на таа подадена рака. Сè уште ме држат емоции од тој настап и таа млада публика со која таа вечер се венчавме ;-). Затоа сега чувствуваме одговорност да направиме уште многу добри работи кои сите ќе нè направат посреќни.

Вреднувани ли сте според заслугите? Или повеќе сте потценети отколку вреднувани?

Сецко: Од секогаш имало типови кои се обидувале да нè обезвреднат или пак потценат, но сепак тие типови имаат многу заслуги за нашите успеси, бидејќи без нив би го снемало нашиот бес, нашата енергијата, решителност и искреност.

Енко: Expedition е бенд кој секогаш со себе го носел оној тежок товар кој те влече доле. Слободно можам да кажам дека скоро никогаш не сме имале поддршка од медиуми, музички критичари, продуценти и остала багра. Не знам зошто, али верувам во тоа дека некако не им влегувавме во некои ситни шеми кои нè следат и во ова денешно време. Ние сме у ствари маалски бенд од крајот на градот (во денешно време модерно наречено ГЕТО), од работнички фамилии кои се родени на иста улица и живееле и пораснале на истата, слушале иста музика и иструментите на кои почнуваат да свират си ги купиле сами. Со себе секогаш си ја носевме својата гордост кој сме од кај сме и тоа е таа енергија што ние ја имавме и нè тераше напред. Е овие работи можеби не влегувале во матрицата на горе споменатите кои веројатно замислувале дека со оваа модерна уметност треба да се бават деца на доктори, инженери, универзитетски професори и слично. Од самото составување на бендот до ден денеска, ние одиме по потешкиот пат кој почесто е горчлив, ама знае да биде и интересен и сладок.

Сте се соочиле ли со ситуација која бара да ја платите слободата на сопственото уметничко изразување? Има ли цена слободата?

Сецко: Сè има своја цена па и слободата. Ние одамна одбравме да ѝ робуваме на слободата и скапо плативме за тоа.

Енко: Па да. Тоа се случува често. Не е проблемот во тоа дали си се продал, колку си се продал или зошто си се продал. Не ги разбирам денешниве луѓе кои као се бават со политика. Тие мислат дека се семоќни и дека можат да те придобијат ако ти кажат (ДОЈДИ КАЈ НАС), небаре поседуваат дискографска куќа во партијата. Политиката и организирање на една држава треба да се труди да му го поедностави живеењето на својот народ, да му го направи животот поубав, а не да се труди да купи некој артист, режисер, писател, бенд, поет и слично, кој ќе праќа сигнали од типот "Е ОВИЕ СЕ ДОБРИ". Еве толку со тоа слободата и купи-продај моментот. Можам да ти кажам дека 100 пати потешко се живее со слободата и не уживам многу во неа.

По „Intro" (1993), „Изгубени ликови" (1994), „BoX" (1997) и „Live – A1" (2001), како и во кој правец движите?

Сецко: Не можам со сигурност да кажам во кој правец би се движеле, бидејќи снимање албум е многу комплексна работа. По подолг престој во студио, многу често се случуваат работи кои се вон твоја контрола.

Енко: Мислам дека тој одговор не го знае никој. Сега сме една нова целина која тек сега треба да напраи свој израз во 21 век. Треба да напраиме едно дваесетина песни од кои на албум би се вметнале околу дванаесет. Секој албум треба да содржи добри, досадни, ружни, убави, хитовски песни и сето тоа да се склопи во некаков жанр. Ова е многу комплексна работа и не може да се предвиди. Единствено што можам да тврдам е дека сè што ќе направиме ќе биде инвентивно.

Што ако Last Expediton наместо во Ѓорче, се родеше во Берлин на пример? Каков би бил еден берлински Last Expedition?

Сецко: Би се утепале од свирење!

Енко: Ха ха ха. Да се разбереме да бевме од Берлин ќе се потрудевме да остане берлинскиот ѕид.

Каде се медиумите во приказната на Last Expedition?

Сецко: Денес медиумите се преокупирани со пари, лага, политика и невкус. Попаметно е да си подалеку од нив.

Енко: Не е проблемот само наш. По македонските медиуми минимум 50 пати повеќе се пушта српско/хрватско/босанска музика отколку музиката на луѓето кои живеат во неа. Мора некој во оваа држава да има идеја да се справи со оваа пандемија. Можеби ќе ни кажат да седиме дома. Затоа и не треба да се поставуваат овие прашања. ;-) Ха ха ха. На времето кога не постоеше Европската унија, една европска земја (не се сеќавам која) направи референдум за значително покачување на воениот буџет. Слоганот за тој референдум отприлика гласеше вака: КОЈ НЕ СИ ЈА НЕГУВА СВОЈАТА ВОЈСКА ЌЕ НЕГУВА ТУЃА. Така е и со јазикот. Веќе е дојдена водата до....

Во која ситуација сте се чувствувале немоќен, како странец и  далеку...?

Сецко: Кога сум поред Вардар или Треска, а несмеам да се бањам. :)

Енко: Тешко да се сеќавам на тоа чувство. Знаеш кога растеш и живееш со проблеми, се учиш истите да ги решаваш. Некои успешно, а некои полу успешно. Не дека уживам во ваквиот начин ама тоа е тој пат кој веројатно ми е предодреден.

Која е константата што ја спојува македонската алтернативна сцена во 80-те, 90-те и денес? И спротивно, каде се разминуваат некогаш и сега во тој поглед?

Сецко: Во 80-ти и 90-ти најважна работа беше да свириш во бенд, сега тоа е твитер,, фејсбук или инстаграм.

Енко: Таа константа никогаш не постоела. За да постои требаше да има некоја сцена, требаше да постои ПАКЕТ АРАНЖМАН, требаше да постојат бендови кои ќе свират турнеи по Македонија. Тоа никогаш не се случи. Најблиску до тоа бевме деведесетите години. Тогаш на таа сцена испливавме ние, Архангел, Санаториум и Suns. Тоа стварно беше голема четворка, така нè нарекуваа. Ама како што знаеш, одеднаш сите ги снема и никој не работи. Можеме да си раскажуваме приказни, да пишуваме книги и правиме документарци за МК сцената, ама во едно сигурно ќе се сложиме (а и не мора ха ха ха ). Во Македонија постојат и постоеле изолирани квалитетни случаи кои не нашле разбирање од општеството.

Освен МКЦ, Скопје нема официјален културен центар со поголем капацитет кој би ѝ служел на културната, воедно и на алтернативната сцена. Во недостаток на таков објект се служиме со пренамена или со импровизации. Колку алтернативната сцена трпи поради тоа? Кој е вашиот став по ова прашање? Доколку имате моќ и можности, како вие би го решиле недостатокот?

Сецко: Има многу напуштени простори кои би можеле да се пренаменат во културни домови, но за тоа е потребна желба и визија.

Енко: Ова ми е у ствари појаката страна. Тргнав да ти пишувам по ова прашање цел ферман али у последен момент избришав сè. Не сум јас тој кој треба да им ги отвара очите на државните институции, а уште помалку треба да им соли памет. Секој работите си ги води на свој начин и нема потреба да се возбудуваме околу тоа. Имам размислувања и идеи околу ова прашање али јас идеите ги наплаќам. Ха ха ха.....

Што ви е омилено во Скопје? Без разлика дали е тоа локација, емоција, случување...?

Сецко: Паркот во Сарај.

Енко: Не се врзувам за места, градови, држави. Јас ги сакам луѓето и сакам така да остане.


Мислите ли дека е преценета „новата нормала" како фраза? Актуелна е и често се користи во контекст на прашањето што после вонредниот живот...

Сецко: Единствено нешто што со сигурност знаеме дека ќе ни се случи е смртта и тоа сознание нè тера да ствараме, да сме креативни и нормални.

Енко: И пред оваа ситуација живеевме во ненормално време па сметам дека поимот "новата нормала " е порака да се подготвиме за живот во супер ненормално општество. Имам среќа што и претходно не ги земав за сериозни работите во нашето општество па сметам дека спремно ја дочекав "новата ненормала".

Може ли уметноста автентично да се конзумира онлајн?

Сецко: Не, бидејќи e премногу стерилна и без потребениот амбиент.

Енко: Како што гледаш не може. Сведоци сме на еден куп концерти кои се одржуваа на кровови од згради и беа претставени како музички спектакли. Сите овие дешавки бргу ќе ги заборавиме и нема да остават трага во нашите животи. Зарем задоволството од една театарска претстава, ликовна изложба, кино проекција, посета на музеј итн, може да се долови со гледање на Youtube?

На каде цели следната експедиција?

Сецко: Да одиме што подалеку во непознатото.

Енко: Се гледаме на врвот ха ха ха.

Фото: Приватна архива

 

Објавено:
1 јуни 2020
Прочитано:
1.136 пати