фитнес модел

Не се здебелува од еден „нездрав“ оброк, ниту се слабее од еден тренинг!

Интервју со
Марија Нацева
10 септември 2015

Таа е една од најзгодните Македонки со неверојатно тело, но и девојка која секогаш издржува до крај во своите цели. Фитнес моделот и тренер Марија Нацева, ќе каже дека љубовта како таква е најзаслужна за сѐ што прави во животот. Иако за неверување, понекогаш знае да се почести со сендвич во доцните часови, но ќе каже дека никој не се здебелил од еден „нездрав" оброк, ниту пак ослабнал од еден тренинг. Со неа разговаравме за нејзините предизвици, натпревари, здравата исхрана, вежбањето и сѐ она што ја прави среќна во животот.

- Што е тоа што Ве мотивира низ животот?
Љубовта! Таа е најзаслужна за сѐ што правам во животот. Сакајќи ги нештата онакви какви што се, без разлика дали станува збор за животот генерално или спортот поконкретно, само со љубовта како најголем двигател во животот успевам да истраам и продолжам во животот.

- Тешко ли е да водиш здрав живот? Зошто многумина се откажуваат по првиот здрав оброк или вежба?

Видете, доколку во животот имате цел и желба за реализација на истата, мислам дека не треба да постои тој збор. Секој кој сака да изгледа здраво и убаво и секако помладо, пожелно е да води здрав начин на живот, што подразбира добро избалансирана исхрана и вклучување на одреден спорт во текот на животот. Во однос на откажувањето, да, постои и откажување не велам не, но сето тоа зависи од карактерот на самиот поединец, и од тоа колку тој е цврсто решен или не да успее во она што го замислил или не го замислил. Многу често, откажувањето се случува поради болката во мускулите која се јавува како резултат на млечната киселина која се излачува при оптеретување на мускулатурата, но таа болка трае кратко и сметам дека тоа не е доволна причина за да се прекине со тренинзите. Главната причина за откажување е во начинот на размислување, затоа насочете ги мислите дека можете да успеете и никако не откажувајте се, сѐ додека не ја реализирате замислената цел.

- Среќни ли сте со она што го работите денеска?

Една од најважните работи во животот е да ве исполнува и прави среќен она што го работите. И баш поради тоа неслучајно го работам ова денес. Секојдневната инспирација и мотивација ја добивам и во Магнус фитнес центарот. Спортот како спорт комплетно ме исполнува и ме прави среќна, а среќата и задоволството растат уште повеќе во периодот на стекнатиот успех.

- Кое е Вашето омилено јадење? Готвите ли?

Претежно конзумирам пилешко и риба, па околу изборот на исхраната би го одвоила пилешкото со зеленчук како поомилено јадење. Инаку да, готвам јадења, посебно периодов сакам да експериментирам во кујна со дозволените намирници кои смеам да ги внесувам со цел да ја избегнам монотоноста околу оброците.

- Што би нашле во Вашиот фрижидер во секое време?

Сезонско овошје и зеленчук и секако пилешко и риба. Се наоѓа и по некоја скриена црна чоколада.

- Знаете ли понекогаш да се опуштите и да си купите сендвич во 12 часот навечер?

Ха, ова се случува многу ретко и само во период кога сум вон сезона на натпревари. Притоа внимавам да не претерувам со количинскиот внес. Знаете како, никој не се здебелил од еден "нездрав" оброк, ниту пак ослабнал од еден тренинг. Поради таа причина секој може да си дозволи еден cheat meal во месецот. Но, затоа утредента се прават поинтензивни тренинзи и овде завршува приказната со нездравите оброци.

- Раскажете ни нешто повеќе за натпреварите на кои досега сте учествувале. Има ли голема конкуренција?

За овој краток период посетив доста натпреварувачки сцени кои освен нашите македонски (Куп на Македонија и Атлета на Македонија кои се одржуваат 2 пати годишно), останатите се претежно во Шпанија ( Arnold Classic), Чешка ( Mr. Olympia), Романија и многу други пропратни натпреварувања. Сите се со огромна конкуренција, посебно кога станува збор поконкретно за мојата бикини-фитнес категорија, како прилично понова и атрактивна категорија. На самите натпреварувања учество земаат најдобрите претставнички на своите земји, а за да се успее да се влезе во финале потребна е голема среќа и секако подготвеност. За мене најдрага досегашна награда е апсолутната победа на Балканското Првенство, каде Македонија се врати со два златни пехари, едниот пехар во категорија до 163см и апсолутно злато како апсолутен победник од сите победници по категорија. Секое натпреварување е приказна за себе, се стекнува огромно искуство, има многу дружење и позитивна енергија. А што се однесува до Македонија, слободно можам да кажам дека ја знаат од причина што јас зачестив и бев присутна на сите големи случувања со одличен пласман. Не случајно бев и најавена како македонски натпреварувач кој ќе се бори за златниот пехар на официјалниот сајт на најпрестижното натпреварување во Прага, Mr.Olympia. Верувајте голема е честа да ви биде споменато името на едно такво случување.

- Знае ли Македонија да цени и поддржи спортисти од вашиот калибар?

Секако Македонија знае да цени. Но, реално кај нас овој спорт сѐ уште не е така признаен како ракометот, кошарката итн. Како и да е, нашата Бодибилдинг федерација се обидува да помогне на секој успешен и квалитетен спортист да ги покаже своите квалитети надвор од државава. Јас искрено се надевам дека овој спорт го чека светла иднина од причина што имаме доста млади надежни спортисти.

- Што според Вас го содржи здравиот оброк што прави организмот да биде задоволен?

Видете, тоа ми е најчесто поставуваното прашање, затоа пак ќе нагласам: секој оброк мора да биде избалансиран и да содржи јаглехидрати, протеини, здрави масти, витамини и минерали. Притоа оброците во текот на денот треба да бидат почести, но во помала количина со цел да се забрза метаболизмот. На тој начин, сѐ што е вишок ќе се исфрли од телото, а доколку вклучите и спорт, тогаш ви е загарантирано здраво тело и одличен изглед.

- Во што уживате надвор од теретаната?

Уживам во природата, уживам во искрено то дружење и пријателство, уживам продлабочена во некоја книга, уживам во дружењето со мојот миленик, уживам во добра комедија. Едноставно гледам да го уживам секој сегашен миг, бидејќи тоа што во моментот се случува тоа е она вистинското, не во иднината, ниту во минатото, туку сега и овде во сегашноста.

- Вежбањето кај Македонците - помодарство или вистинска желба за здраво тело?

Сепак сметам дека ова е субјективна работа. Некој се бори за здравје, некој е ривалски настроен, макар што најчесто тоа ривалство е присутно кај помладата популација. Но, како и да е, важниот момент е да се спортува и да се одржува телото во добра форма и кондиција. Денес сме изложени на стрес од сите страни, а најдобриот начин да се справиме со него е да го исфрлиме од нас, а тоа ќе го постигнеме доколку спортуваме и се исхрануваме здраво. Затоа препорачувам, активирајте се физички, одберете некоја дисциплина што ќе ве направи среќни и ќе го исполни вашиот дел од денот.

- Што е она што следно Ве очекува?

Во периодов што следи имам повеќе натпреварувања. Едното од нив е на 22 - ри месецов. Заедно со нашата бодибилдинг федерација заминуваме во Шпанија во Мадрид, на едно од најпрестижните натпреварувања, Arnold Classic. Јас сум со позитивна мисла и се надевам на добар пласман.

 

Објавено:
10 септември 2015
Прочитано:
7.831 пати