Нора и Марко: Семејството и пријателите нѐ прифатија како едно!

Интервју со •
14 февруари 2015

Овој 14 – ти февруари решивме да го крунисаме со една вистински љубовна приказна помеѓу двајца млади луѓе кои зрачат со неверојатна енергија. Ние имавме можност да поминеме неколку часа со нив во кои уште еднаш ја потврдивме одлуката тие да бидат вистински пример за љубов овој Валентин. Во интервјуто што следи, Нора Сам Шаќири ви раскажува една прекрасна љубовна приказна што таа ја живее секојдневно со нејзиното момче Марко Кума Марковиќ, а за која допрва ќе раскажува. Во интервјуто ќе дознаете и како тие се запознале, што е она најдрагото што си го подариле, но и тоа како семејството и пријателите на Нора го прифатиле Марко. Сосема на крајот, таа ќе ви раскаже и за тоа кој е клучот на среќната врска, но и за првите зборови со кои Марко од „Бенд Овер“ за прв пат ја шармирал!

Среќен Св.Валентин!

Како започна вашата љубовна приказна? 

Јас и Марко се познаваме повеќе од 15 години..сме се гледале по скопскиве улици..го знаев..и тогаш беше впечатлив, несекојдневен..пубертетлија, долга коса, се издвојуваше од другите...имаше свој рок бенд и по подолго време го видов со неговиот бенд како пред- група на Бени и Нон Стоп на нивниот прв концерт...Да бидам искрена, Марко од А до Ш ја памети таа ситуација, јас скоро и ништо да не се сеќавам (се смее). Никогаш не се движевме во исти кругови, ама се среќававме на некои места кои во тоа време за деца на наши години беа актуелни и знам дека кога и да се сретневме, му велев тогаш на шега „ЈАС И ТИ ЕДЕН ДЕН ЌЕ ЗАВРШИМЕ ЗАЕДНО“...веројатно тогаш сум сакала да бидам „мангупка“ пред него, ама години подоцна тој мој мангуплак стана вистина која не е за еден ден, туку е повеќе од две години и дај боже за цел живот...Почетокот на нашата врска не ја обележа интересна случка..јас и Марко се сретнавме во една многу тешка за мене ситуација...нешто повеќе од еден месец по смртта на мојот татко решив да се замешам меѓу луѓе, да се вратам во нормала и тогаш после долго време, го сретнав Марко.. Од тој момент па наваму, повеќе од две години се развива нашата приказна...

Како ги решавате проблемите на кои наидувате во вашата врска? 

Проблеми??? Па јас и Марко немаме проблеми (се смее). Шегата на страна, секој, па и ние се кошкаме, се расправаме, но чесно е да сум искрена и да признаам дека јас сум таа која повеќе и почесто полудува и сум расположена за кавга за разлика од Марко, кој е неверојатно многу смирен, тотално е неконфликтна личност и за овие две години никогаш, ама никогаш не повишил тон ниту пак започнал караница...признавам, јас сум таа (се смее). Она што Марко направи од мене, е една многу смирена личност, со мене барабар ги живееше сите мои тешки моменти, подеми и падови, сета тага и сета радост и на крај тој ме научи дека од секоја караница она што мора, е да се извлече поука од истата и да се научи како не треба...секоја наша препирка е чекор понапред во нашата врска...

Кој Ви е најдрагиот подарок што сте го добиле од партнерот?

Марко ќе ми го подари целиот свет ако тоа го посакам..тој од невозможно, за мене ќе направи возможно...ми ги има подарено најубавите цвеќиња.. но најубавиот и најдрагиот подарок од него, е самиот тој...оној момент кога тој одлучи да го дели својот живот со мене и да ми ја подари душата, за мене секој друг подарок нема вредност...

Како пријателите и роднините го прифатија Марко? 

Ми се чини дека не постои човек кој не може да не го почитува и сака Марко..тој е многу дружељубив, комуникативен, чесен и многу добар лик..јас и Марко припаѓаме на различни националности, имаме различна вероисповест, но она што нас нѐ одликува како ЦИВИЛИЗИРАНИ ЛУЃЕ е почитта, почитта на нашите разлики, па од тука и моите пријатели и семејството, а и неговите пријатели и семејство не прифатија како ЕДНО..почитта е обострана, а исто така и љубовта кон пријателите и семејствата...

Која песна најдобро ја опишува вашата љубов? 

Уфффф...има безброј песни кои можат да ја опишат нашата љубов, но има една која ни е многу драга, а се вика Everlasting Love – Jamie Cullum.

Има ли клуч за среќна врска? 

Не знам дали има клуч, не знам дали мојата среќа е клуч за успешна врска, но она што го знам е дека почитта никогаш, ама никогаш не смее да исчезне...Никогаш не смее да исчезне слободата со која сме влегле во врската, потребно е да се „батали“ љубомората и се разбира подршката на партнерот секогаш да е на пиадестал...во сите успони и падови, партнерите треба да се едно...ова е мојот клуч за нашата успешна врска...

Се сеќавате ли на првите зборови со кои ви пријде Марко? 

Да, се сеќавам и никогаш нема да ги заборавам...кога се сретнавме после долго време, тој ми изрази сочуство за загубата на мојот татко и така тргна сѐ...во целата таа тешка ситуација, Марко беше светлото на крајот на тунелот...

Имате ли некоја секојдневна рутина без која не можете?

Кај нас ништо не е рутина...и она што можеби изгледа како рутина, не е...кафето е задолжително, околу филмовите и после две години уште се бориме, не заради различните вкусови, туку заради тоа што јас никако не можам да изгледам ниту еден филм не до крај, туку ни почетокот не можам да го фатам...значи заспивам на главни улоги (се смее). Кога е времето убаво, возиме велосипед, одиме на куглање, некогаш играме билијард...јас знам и фудбал да гледам со него, иако појма немам ни за кого навивам, важно е дека сум присутна, често и тој знае со мене да седне да изгледа некоја политичка дебата иако многу многу не го интересира, ама сепак знае да улета, па да ми удоволи (се смее), што би рекол господинот претседател, и ние имаме разумен компромис (се смее).

Св.Валентин или Св.Трифун?

Св. НИЕ (се смее). Кога сакаме нас ни е и Валентин и Трифун и Нова година...го славиме животот и заедничкото време...

Во последно време не Ве гледаме многу често, на што работите во моментов? 

Речиси три години како не сум телевизиски активна за што многу жалам, но некако во последно време добивам сѐ поголема надеж дека оваа моја жал ќе прекине. Не работам ништо посебно...се обидувам да најдам работа, но некако тешко ми оди. Се надевам дека многу скоро ќе се вратам во слободен телевизиски простор и дека конечно ќе почнам да работам како социолог, она за кое и се образував. Времето го минувам со моето семејство...внуците ми го окупираа животот комплетно! Не престанувам да бркам работа во оваа земја како граѓански активист, не престанувам да помагам и да се борам за подобро утре.

Објавено:
14 февруари 2015