Нови димензии на креативноста во уметничкиот универзум на Урош Вељковиќ

Интервју со •
12 август 2014

Честопати, темпераментниот дух на уметниците не се задоволува со изразување  само преку една уметничка форма, па како „вирус“ нивната потреба да творат постојано се шири и бара нови димензии за креирање. Младиот, ама сепак со големо искуство, македонски уметник Урош Вељковиќ создава уменост на различни нивоа, но сепак меѓусебе испреплетени и мотивирани едни од други. Тој е дипломиран ликовен уметник со бројни самостојни и групни изложби, графички дизајнер, музичар, човек кој се инспирира од убавите страни на животот, но и општествените неправди. Беше и еден од 15-ната уметници кои го организираа независниот Арт Институт во Скопје кој внесе шаренило во монотоното сивило на градот и инспирираше голем број креативци, а во периодов беше актуелен со провокативната изложна Piece of Cake која неодамна беше поставена во Виена. Имавме многу поводи да поразговараме со Урош...

Урош Вељковиќ Урош Вељковиќ

-Не често секој ја има привилегијата да искуси создавање на еден свој мал, но значаен уметнички свет во универзумот на една од престолнините на европската култура, Виена. Урош ти неодамна имаше можност својата уметничка перцепцја да ја презентираш пред светската јавност предизвикувајќи ја со насловот Piece of Cake. Какви се твоите лични импресии?

Од изложбата, импресиите ми се прекрасни,  а сe’ уште несредени, затоа што самата изложба беше неодамна. Убаво ми е вака кога ќе слушнам дека некој кој го гледа од страна сето тоа, го гледа како еден мој мал свет. Така и го чувствувам тоа. Мал универзум можеби е поправилно.

-Како реагираше австриската публика на твојата поставка и што вели идната агенда за истата?

Оуф, па немаше само австриска публика. Имаше најмногу македонци и австријци, но имаше луѓе од Бразил, Уганда, Германија, Хрватска итн... Значи баш беше интернационална. Ко што заклучив, им се допадна на сите, и тоа одушевени позитивно, онака насмеани ми го прифатија концептот. Многу уникатно им беше и беа презадоволни на отварањето. Неколку луѓе меѓу кои и нашиот амбасадор таму, ми рекоа дека се презаинтересирани и премногу воодушевено ми изреагираа на целата приказна околу концептот. Многу им се допадна. За иднина, ќе видиме. Мислам дека ќе ја промовирам изложбава и во Скопје, а и низ Македонија следнава 2015 година, здравје.

-Критиката за твојата последна изложба издвојува:  Всушност Вељковиќ преку визуелниот јазик со овој проект го слави животот,  убавината на годините кои поминуваат, убавите мали слатки нешта од секојдневието, доживеаната година повеќе старост, животното искуство и радост... Значи убавината на животот сепак може да биде инспиративна за безвременска уметност наспроти мислењето дека уметниците најдлабоко и најсуштински творат во своите „најлоши“ мигови? И која е всуштност твојата животна креативна инспирација?

Па оваа изложба и концепт го правам од остатоци торта (храна). Треш арт на моменти J Но, позитивната порака морав да ја носам со овој концепт. Пред тоа, во моите претходни циклуси, најчесто сликарски, вадев нервоза на некој експресионистички начин и луѓето ги гледаа сликите како „нервозни“ дела, но мене тоа ме олеснуваше, и после секое такво дело, јас бев помирен. Исто и со музиката, кога седам зад тапаните вадам нешто од себе и после секоја свирка сум олеснат, помирен. Исто е во секоја уметност. Животна инспирација, не би рекол дека имам една, но меѓу неколкуте животни инспирации ги вбројувам социјалната неправда, бунтовноста, а од по-soft инспирациите ми е мојата поубава (и попаметна) половина, сопруга ми Ивана.

-Piece od Cake не е твое прво интернационално искуство. Напротив, листајќи го твоето професионално портфолио имам впечаток дека твојата уметност ја уживала публиката на различни континенти и национални култури. Направи ни едно ретроспективно патување низ твоите професионални ангажмани?

Па, освен безбројните групни изложби низ Македонија, и неколку уметнички колонии на кои сум учествувал, имам направено неколку самостојни изложби, две во Скопје, во Арт Институт, и во Галерија 8, една во Велес во Ликовниот Салон и една неформална во Драмски Театар во Скопје. Интернационално бев доста активен во минатото, да. Имам еве две самостојни изложби надвор, една во Белград, Србија во 2011 и една сега, во Виена, Австрија. Прва групна изложба надвор ми беше учество на изложба во една престижна Холивудска галерија во Лос Анџелес, САД. Потоа преку истата конекција имавме и три групни изложби во Кина од кои едната во Пекинг (како патувачка изложба). Со колегите од АРТ Институт имавме и групна изложба во Хаифа, Израел, а сум учествувал на групни изложби и во Србија, Бугарија, итн...
Исто толку, но со помали размери сме активни и со бендот Steel Temple, ко на пример еве лани, свиревме на голем фестивал во Петрич, Бугарија.

-Ти беше еден од членовите на независна уметничка група Арт институт, која функционираше од 2009 до 2012. Зошто престана животниот век на оваа аванградна уметничка платформа?

Функциониравме убаво тие 3 години. Многу други групи се оформија под наше влијание. Критичарите кажаа дека е нешто најинтересно кое се појавило после 20-25 години после постоењето на ументничката група Зеро во средина на 80-ите. Се истрошивме некако заедно, правевме изложби секој месец, а и имавме огромен простор за работа... Во стариот геолошки институт, работевме секојдневно... тоа ни беше атељето на 15-ина уметници. Ги каневме луѓето во атеље уствари, на самото отварање на изложбите. Една изложба забележав (изброив) над 300 луѓе, што за независна сцена е одлично. Почнаа натегања околу просторот, ни кажаа да се отселиме дека планираат да градат нешто таму, а ние плаќавме кирија за истиот. Откога се отселивме од таму прекинавме со еден убав и плоден период и тоа е тоа. Не сакавме да продолжиме со тоа име, а и имаше разлики меѓу членови во групата, па така, нека остане во историјата тоа што беше направено тие 3 убави години. Бар малку, го променивме сивилово во Скопје и Македонија.

-Покрај графиката, ликовната уметност, музиката е исто така твоја значајна профилна црта која го комплетира твојот уметнички опус. Оние кои ја следат алтернативната музичка сцена, знаат дека си дел од македонскиот хеви метал состав Steel Temple. Дали бендот е активен во моментов и што се случува на тоа поле?

Да, малку и погоре го спомнав бендот, а можда не требаше, а? (се смее)
Па доста активни бевме од 2012 до почеток на 2014. Сiнглови, ДВД изданија, доста свирки низ МК, а и во Бугарија. Да не зборам и за историјата од 14 години. За сегашноста, снимаме албум... месецов треба да влезам во студио да доснимам некои 3-4 песни на тапани, а и останатото е во фаза на снимање, па здравје, на есен ќе направиме промоција на албумот. Планираме и свирки, па... stay tuned… \m/

-Кои се твоите идни професионални предизвици?

Немам конкретно, но што повеќе претставување надвор. И со ликовната уметност а и со музиката.

Благодарам за интервјуто и само поддршка за вашиот прекрасен сајт.

 

 

Објавено:
12 август 2014