Новиот Бобан Илиевски: Зрела и минималистичка колекција едноставно наречена ESSENZA!

Интервју со •
24 октомври 2014

Младиот и шармантен Бобан Илиевски кој на јавноста и е познат по неговите шик-колекции секогаш исполнети со колоритни пеперутки, многу боја и неодоливи принтови, за есен – зима 2014/2015 предлага нешто сосема поинакво и возбудливо! Од тотално украсените парчиња, младиот дизајнер овој пат создаде сосема едноставна, минималистичка и зрела колекција во која ќе се пронајдат уникатните дами со силен карактер. Колекцијата едноставно наречена ESSENZA, ја прикажува суштината на новите, прочистени форми што Илиевски ги подготви за неговите девојки за актуелната сезона. Покрај новата колекција и лукбукот за истата, дизајнерот во моментов работи на отворањето на ново ателје, за кое ќе каже дека ќе биде уметнички простор уреден сосема во негов стил. Во кусото интервју, тој говори и за продажбата на неговите колекции, за медиумската покриеност која што ја ужива, но и посочува на тоа дека модните случувања кај нас не служат за купувачите да ги погледнат новите колекции и тоа да резултира со профит!

Опиши ни ја твојата нова колекцијa, во што е поинаква од останатите  досега?

-Новата колекција за есен - зима 2014/2015 ја нареков ESSENZA или суштина, токму поради самиот концепт што веќе некое време го чував за еден проект. Досега колекциите беа украсувани со многу епитети и веќе луѓето се навикнаа што можат да очекуваат од мене како производ. Како еден креативец кој се труди да се реинвентира со секоја колекција, сметам дека конечно беше време да направам нешто поразлично, а сепак доследно на мојот сензибилитет. Својствено на тоа, настана и оваа колекција. Прочистени форми, мала игра со деконструкција, мал колорит во палетата и претежно застапена црна боја што е реткост за мене. Сакам да се видам самиот себеси во друго светло, а и публиката сакам да види нешто што сигурно нема да го очекува. Заедно со тимот со кој фантастично функционирам сите овие години, Жарко Чулиќ како фотограф и Дарко Мишовски како мејкап артист, договоривме дека соодветно на колекцијата, и лукбукот треба да ја опишува приказната на едноставност и ненаметливост, а со оглед на тоа што Жарко е обожавател на минималистичката естетика, направи еден производ на кој сите сме подеднакво горди!

Зошто се одлучи оваа година да не настапуваш на Модниот викенд Скопје? Дали колекцијата ќе ја презентираш само преку лукбук или можеме да очекуваме и ревија наскоро? 

-Подготвување на една ревија секако бара многу време, напор и финансии кои што сметав дека оваа сезона треба да ги насочам на други места во продуктивниот процес. И онака модните случувања кај нас не служат за купувачи да ги погледнат новите колекции и тоа да вроди со некој профитабилен плод. На крајот, социјалните медиуми кои што денес се најдобрата маркетинг стратегија, го доведоа рекламирањето на едно друго ниво. Направив мини зимска колекција од неколку основни парчиња и сметам дека лукбукот најдобро ќе ја претстави, било да е тоа кај нас или пак во останатите продажни места низ Европа.

Веќе знаеме дека го подготвуваш твоето прво ателје, која е локацијата што ја одбра и зошто токму сега? Што е она што беше пресудно тоа да се случи токму во овој момент?

-Тоа ќе биде нов простор во кој ќе се преселам и ќе функционира како вистински showroom каде што моите и онака веќе добро утврдени клиенти, ќе дојдат и ќе ја погледнат колекцијата и ќе си нарачаат од парчињата. Интимна, опуштена атмосфера во уметнички уреден простор својствен за мене, ќе ја почувствуваат целосно филозофијата на Бобан, многу подобро од било кој друг concept store во Скопје.

Колку си задоволен од продажбата на парчињата од претходните колекции, која е онаа популација која најчесто ги купува твоите парчиња?

-Доколку секој дизајнер добро ја проучи и утврди таргет групата за којашто ќе ги намени своите производи и реалните очекувања на профит од истите, нема да има место за разочарување. Сепак, тоа е нешто што се учи и созрева подолг временски период. Со сигурност можам да кажам дека сѐ подобро и подобро поминуваат колекциите, благодарение на балансот на сите споменати параметри.

Колку нашиот народ купува парчиња од македонски дизајнери и ја следи нивната работа? Сметаш ли дека допрва доаѓата ерата кога ќе се заситиме од целата онаа комерцијала и ќе се посветиме повеќе на македонски дизајн?

-Сѐ додека шпанскиот гигант што е императив за добро облекување генерално на еден град, ние домашните дизајнери никогаш нема да го добиеме местото што го заслужуваме.

Задоволен ли си од медиумската покриеност што ти ја уживаш кај нас?

Кратко и јасно – медиумската затвореност, е сѐ поевидентна во споредба со порано, што е застрашувачки факт. Многу е мал делот кој што ја покрива нашата сфера на дејствување.

Објавено:
24 октомври 2014