сопственик на „Олпео“

„Олпео“ ексклузивно ни ја носи корејската козметика на домашниот пазар

Интервју со
Маја Кировска
6 јуни 2019

Корејската козметика е светски препознаена и призната како исклучително квалитетна и ефективна, благодарение на совршено разработениот систем за нејзиното производство што ги спојува науката и природата. Несомнено, доказ за тоа се Корејките кои важат за едни од најнегуваните жени, со чиста и блескава кожа. Нивниот ритуал за лична нега, задолжително ги вклучува корејските козметички производи кои имаат пријатни, уникатни текстури и многу од нив имаат за цел да постигнат "бебешки" изглед комбинирајќи ја козметикта со терапевтика со природни состојки. Од неодамна корејската козметика е достапна и кај нас, благодарение на брендираната продавница „Олпео“, ексклузивен застапник за неколку брендови на корејска козметика.

Главниот иницијатор и сопственик на брендот „Олпео" е Маја Кировска, која заедно со нејзината бизнис партнерка Санјонг Ли од Јужна Кореја, на домашниот пазар ни ја носат привилегијата директно да може да ги конзумираме благодетите на корејската козметика.

При нашата посета Маја Кировска и Теодора Евтимова, која е главен менаџер на одделот за продажба, пријателски нè пречекаа, во совршено пријатното уредено „Олпео" на првиот кат во Градскиот трговски центар и љубезно ни одговорија на сите наши прашања. За идејата да ја донесе корејската козметика на македонскиот пазар, за бизнис релациите со Јужна Кореја, за долгорочните ефекти од корејската козметика и за нејзиното лично искуство од користењето на оваа козметика, читајте во разговорот со Маја Кировска, која инаку е академски уметник и професор на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет.

Маја Кировска

Маја, Вие сте успешна уметница, докажана во Вашето матично професионално поле. Но, се решивте да одговорите на еден нов професионален предизвик како амбициозен претприемач. Зошто се решивте на ваков потег?

На полето на ликовната уметност работам од 2000 година кога се запишав на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Оттогаш имам реализирано 18 самостојни изложби во Скопје, во други градови во нашата земја, но и во Јужна Кореја, Португалија, САД и Хрватска. Имам учествувано на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство, во голем број земји како САД, Јужна Кореја, Хрватска, Босна и Херцеговина, Холандија, Црна Гора, Косово, Србија, Малта, Шведска,Литванија, Австрија, Франција, В. Британија, Германија, Италија, Данска, Унгарија, Азербејџан, Израел, Белгија, Бугарија и др. Овој број е постојано во пораст затоа што сè уште се занимавам со уметност и одговарам на поканите за учество кои ги добивам. Проектите ги имам реализирано на полето на уметноста се некомерцијални проекти и биле претставени на различни изложби, фестивали и манифестации. Како што знаеме едно уметничко дело и вредностите кои ги носи имаат една универзална димензија и не можат да бидат измерени со бројки. Кога работите исклучиво на ова поле живеете во малку поинаков свет, во некаков вид занес, со поинаква слика за реалниот свет.

Од 2013 година предавам како професор на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет - Република Македонија, група предмети од областа на фотографијата и мултимедија. Оттогаш сум почесто во контакт со дизајнот кој го обединува она што е убаво и она што е практично, односно полето каде што уметничките и естетските вредности наоѓаат практична примена. Подготовката на студентите подразбира и нивно оспособување за нивните идни работни места, па во таа смисла контактите со луѓето од бизнис секторот и допир со нивните креативни идеи и пристапи во бизнисот се зголемија. Исто така се интензивираше и мојата работа на полето на графичкиот дизајн. Од тука произлезе идејата и потребата за основање на мојата фирма, дизајнерското студио Hybrideas со која работиме од 2017 година.

Отворањето на „Олпео“, односно продавница под ова име, која се занимава со продажба на козметика, претставуваше  проширување на дејноста на нашата фирма. Сугестијата за еден ваков предизвик дојде од мојата докторка, дерматолог Лидија Голева, која уште на помлада возраст ми помогна во решавање на моите проблеми со алергија предизвикана од различни козметички производи кои ги има на пазарот. Поради проблеми со алергии и осетлива кожа морав да испробувам различни производи, бидејќи не можев да најдам соодветни. На моја 25 годишна возраст, таа ми помогна во изборот на најсоодветни производи за нега на мојот тип на кожа, а знаејќи за моите уметнички гостувања во Кореја ми ја даде идејата да пробам некои корејски козметички производи, а патем спомена дека би било добро доколку ваква козметика, која се карактеризира со исклучителен квалитет, би се увезувала во Македонија.

Кога патувате во Кореја не може, а да не ги забележите продавниците за козметика, бидејќи тие се едни од најубавите продавници кои оставаат силен впечаток со својот дизајн. Ваквиот дизајн покажува колку е важна козметиката во тоа општество. Нашата фирма го прифати предизвикот да донесе еден ваков новитет на пазарот. По едногодишна подготовка, во соработка со нашите партнери од Кореја го создадовме брендот на продавница за корејска козметика Олпео. Нашата продавница е единствена од ваков вид во нашата земја.

Личното искуство е најдобриот учител. Во суштина, идејата за отворањето на брендираната продавница „Олпео“, специјализирана за корејска козметика, велите потекнува токму од Вашето лично искуство и лични контакти? 

Идејата започнавме да ја реализираме со мојата колешка и пријателка од Јужна Кореја, Санјонг Ли, со која се запознавме во 2014 и претходно остваривме успешна соработка на полето на уметноста. На моја покана таа гостуваше во Скопје со свои изложби, а во Кореја организираше две мои изложби. Исто така направивме соработки помеѓу македонски и корејски уметници и организиравме неколку заеднички групни изложби.

Како уметници, за кои естетската компонента на животот е примарна и убавината воопшто игра важна улога, многу внимание посветуваме на здрав живот, а тоа подразбира и нега на телото и на кожата. Како што веќе споменав, мојата докторка дерматолог, ми ги посочи корејските производи како исклучително квалитетни и во пракса ми ја покажа нивната делотворност, а потоа на моите патувања во Кореја имав можност да купувам вакви производи за мене и за моите блиски, што значи дека корејската козметика ја користам од 2015 година. Од мојата рана младост многу читам и се информирам за новитетите и иновациите во козметиката, дејство на состојките, хемиските состави на формулите, потеклото на супстанциите, кои се штетни состојки, а кои се корисни, кои се најделотворни и т.н.

 

Што е во есенцијата на идентитетот на корејската козметика? Што е најавтентична карактеристика?

Во Јужна Кореја има строги прописи за козметика, кои се познати по нивната почит кон животната средина. Козметиката е инспирирана од традицијата и природата и не содржи состојки кои му штетат на вашето здравје. Многу од производите имаат уникатни рецепти кои значително ја подобруваат состојбата на вашата кожа. Според корејската филозофија на нега, кожата не треба да се третира само на површината, туку со континуирана нега се настојува да се задржи нејзината здрава структура одвнатре. Корејската козметика го става акцентот на чиста и здрава кожа, која е добро хидрирана и нахранета. Во Кореја има голем број на истражувачки институти кои работат на откривање на нови, поделотворни формули за нега на кожата и овие откритија се применуваат во производството на корејската козметика.

Карактеристична е таканаречената корејска рутина за нега во повеќе чекори (6 и повеќе чекори), каде разликуваме дневна и ноќна рутина кои се разликуваат по редоследот на употреба на производите.

Карактеристични производи кои потекнуваат од Азија и добиваат сè поголема популарност во светот, а веќе ги прифаќаат европските и американските брендови и започнуваат со нивно производство се специфичните ББ креми, ББ пудри со перниче, ноќни пакувања, пенливи маски со кислород, емулзии, тоници, лист-маски, масла за чистење, есенции, креми за порцелански  тен и т.н.

Што сè вклучува Вашата понуда на козметички производи?

Нашата понуда на производи вклучува корејска козметика од брендовите Blossom Jeju, Langsre, Socoolsome, Claudia Elaine, а наскоро очекуваме да ни пристигнат и 4 колекции за нега на лице од брендот Benton. Во текот на летото ќе имаме уште многу изненадувања. Нашата палета ги опфаќа сите гореспоменати типови на производи, ББ креми, ББ пудри со перниче, ноќни пакувања, пенливи маски со кислород, емулзии, тоници, лист-маски, масла за чистење, есенции, креми за порцелански тен и тн. Имаме производи за секојдневна нега, заштита од сонце, интензивен анти-ејџинг третман, како и за третирање на проблематична кожа.

Покрај корејската козметика, во нашата продавница, можете да ги најдете природните, рачно правени сапуни на домашниот производител Данини, кои во Скопје се продаваат единствено во нашата продавница. Сапуните на Данини се карактеризираат со извонреден квалитет и исклучиво од состојки кои имаат благотворно дејство врз кожата. Како што вели основачката на овој бренд, Даниела Павловска „Ако не можете да го јадете, не го ставајте на кожа“.

Може ли да ни препорачате дел од корејските козметички производи што и Вие лично ги користите, а ги имате во Вашата понуда?

За нега на лице го користам сетот од линијата Rose Essential на брендот Claudia Elaine, составен од тоник, лист-маски и емулзија, кој е сеопфатен систем за нега на кожата. Овие производи содржат природна вода од роза, бројни делотворни растителни екстракти, а најзначајни се иновативните, биостимулативни состојки, како што се 3-те видови на пептиди (факторите на раст EGF, аFGF и IGF-1), комплексот од аминокиселини и антиоксиданси, кои ја хидрираат, ја регенерираат кожата од внатре и ја зајакнуваат нејзината структура. За чистење на лицето го користам Langsre Lemon Berry 40 Natural Oil to Foam природното пенливо маслo за чистење на лицето, за ноќна нега ја нанесувам Langsre Rose Berry 70 Sleeping Pack ноќната маска, додека 4 пати неделно ги употребувам лист-маските од нашата палета, исто така од брендот Лангсре. Штотуку ни пристигна линијата на целосно природни производи на брендот Blossom Jeju, кои со нетрпение чекам да ги пробам. За капење ги користам сапуните на Данини, посебно природниот сапун со невен и мед кој е посебно ефикасен против акни, а сапунот од коприва е убав, како за капење, така и за миење на косата, бидејќи големата концентрација на екстракт од коприва ги регулира маснотиите на скалпот, без да предизвика првут.

Какви се долгорочните ефекти при користењето на корејската козметика во секојдневната нега?

Филозофијата на корејската козметика се состои во дисциплинирана нега на кожата. За тоа сведочат и големиот број на чекори од кои се состои познатата корејска рутина на нега. Тоа е рутина која треба да ја спроведувате од млада возраст, за да ги даде саканите резултати. Најважно од сé е кожата да биде заштитена од штетните сончеви зраци и слободни радикали, да биде добро нахранета и хидрирана, бидејќи се смета дека тоа ќе ви обезбеди здрав и свеж изглед. Многу благотворно е дејството на природните екстракти кои овие производи ги содржат во големи концентрации, превземени од традиционалната медицина, кои се познати по својата делотворност, како што се екстрактите од женшен, азиска центела, тушт, ориз, анамска рака и тн. Во поново време се популарни слузта од полжав и отровот од пчела. Тука се и новите пептиди чии мали молекули продираат во подлабоките слоеви на кожата, каде ја стимулираат нејзината регенерација, продукција на еластин и колаген со што се подобрува нејзината еластичност и зајакнува нејзината цврстина од внатре.

Морам да забележам дека имате перфектен визуелен идентитет на брендот, што не е изненадување со оглед на Вашата примарна професија. Може ли да ни ја објасните приказната зад визуелниот карактер на „Олпео“?

Мило ми е што го забележавте тоа. Комплетниот дизајн на ентериер на продавницата како и визуелниот идентитет е дело на моето дизајнерско студио Hybrideas. Во градење на идентитетот на овој бренд започнавме од самиот избор на името. Олпео е уникатно и оригинално име во светски рамки. Почнува со буквата "О" и завршува со "о", која со својата кружна форма стои како симбол за регенерација и континуирано обновување. Според нашето мислење, иднината на козметиката ќе биде во единството помеѓу природата и науката, па се обидовме да го одразиме ова гледиште во сите елементи на дизајнот, како што се дизајнот на ентериерот, дизајнот на логото, униформата на вработените, како и останатите промотивни интернет содржини и печатени материјали.

Создадовме модерно, геометриско и едноставно лого кое ќе го претставува единството на природата и човечкиот напредок во технологијата, особено полето кое е во наш фокус, козметиката.

Во дизајнот на ентериер на продавницата доминираат кривите линии и заоблените органски форми. Сјајните бели површини прават контраст со полиците и подот од темно дрво. Осветлувањето има тенденција да даде чувство за ентериер од иднината. Еден од најважните елементи се живите растенија поставени на внатрешните и надворешните ѕидови, кои покрај визуелниот ефект,  имаат и конкретна задача, односно допринесуваат за подобрување на микро-околината.

 

Отворена ли е македонската клиентела за новитети во сферата на убавината и негата?

Голем дел од нашите купувачи веќе слушнале за квалитетот на корејската козметика, некои од нив веќе и порачувале производи преку интернет, па сега се среќни што можат да најдат корејски производи во продавница кај нас, можат да ги пробаат на лице место и не мораат да ги чекаат да пристигнат по пошта. Оние кои не слушнале за популарноста на корејската козметика, секако слушнале за квалитетот на останатите корејски производи од областа нa техниката и технологијата, па не ни е тешко да им објасниме на кое ниво на развој и иновација е корејската козметика во моментов. За презентацијата на нашите производи се грижи нашиот тим во нашата продавница, предводен од менаџерот Теодора Евтимова, со чија помош ги осмислуваме и реализираме стратегиите како најсоодветно да го презентираме овој нов концепт кај нас пред купувачите. Исто така, преку нашите инстаграм и фејсбук профили секојдневно споделуваме занимливости и информации поврзани со негата на кожата, корејската козметика и начинот на нејзината употреба, како и за дејството на конкретните производи.

(од лево) Теодора Евтимова главен менаџер на одделот за продажба и Маја Кировска сопственик и

Каква е Вашата агенда во контекст на развојот на „Олпео“ на македонскиот пазар?

Сметаме дека за успешна презентација на еден козметички производ потребно е купувачите да ги видат производите во живо, да ги помирисаат и да ги тестираат, притоа треба да имате соодветно обучени асистенти за продажба кои ќе знаат да објаснат по што производите се карактеристични и какво е нивото дејство и за каков тип на кожа одговараат. Затоа сакавме да создадеме едно пријатно катче каде купувачите ќе дојдат пред сè да се информираат и по потреба да се снабдат со ваквиот тип на козметички производи. Сите производи можете да ги најдете ексклузивно само во нашата продавница, бидејќи сметаме дека ние сме одговорни за секој чекор од нивната презентација, пласман и продажба. Во моментов вршиме достава по пошта до сите места во нашата земја, а нашите планови се во блиска иднина да отвориме повеќе продавници со истиот бренд на различни локации.

*Комерцијален текст

Објавено:
6 јуни 2019
Прочитано:
1.204 пати