Откачено „забрзано“ модно интервју со Марко Дај Побрзај

Интервју со •
14 јули 2014

Телевизијата и камерите се негова пасија, а тоа дека својата работа како водител и шоумен ја извршува со огромно задоволство, е доказ неговата константна активност, популарост и нескриените сипматии на луѓето кон него. Марко Новески или попознат како Марко Дај Побрзај беше нашиот избор да ви го развеселиме секојдневието додека ги читате содржините на Fashionel. Во маалото каде живее во скопската населба Аеродром, Марко важи за најзабавниот комшија чија појава и шеги се омилени. Спонтано изнудените насмевки се секојдневие, посебно за најмалите кои безусловно го обожаваат. И нормално, како што ги засмејува сите до солзи, истото ни се случи и нам. Од Марко побаравме да ги облече своите топ 3 комбинации за различни прилики, да испозира пред нашиот фото објектив, а притоа да ни раскаже за своите моментални ангажмани, ставови кон модата, стилот и шопингот. Доказ дека Дај Побрзај навистина му одговара, а и не инспирираше за насловот,  е тоа што тој не' изненади и во експересно брзата  промена на облека, а друштво му правеше неговата црно-бела миленичка Алба.

Речиси сите те знаат како Марко Дај Побрзај, си помислил некогаш да се презиваш така?

Нe и не! Си го сакам презимето и никогаш не сум помислил да го сменам :)

Велат дека Аеродромци обожаваат да шетаат низ населба во тренерки, важи ли тоа и за тебе?

Секако дека важи. Најчесто кога шетам со кучето на Вардар носам тренерки. Си имам дома два пара тренерки и кога едните се перат, ги носам другите. Е сега малку времето ме „зеза“, топло е за тренерки, ама не се давам и чекам да се стемни и да залади за да ги облечам тренерките и да шетам.

Мојата омилена летна комбинација која ја вадам со шпакла на крај од летото Мојата омилена летна комбинација која ја вадам со шпакла на крај од летото.

Како е да се ужива маалската привилегија на славен?

 Да ти кажам право, ништо не е сменето кај мене пред маало од кога се појавив на ТВ. Сите ми се другари повеќе од 20 години и никогаш не ме доживувале како некоја славна фаца, добро, мора да признаам дека сега ми фаќаат повеќе сеир отколку порано ама тоа е што е...

Моето гњурачко одело кое го носам секогаш кога сакам да изгледам по средено,  можам и да се извалкам, а да не се познава. Моето гњурачко одело кое го носам секогаш кога сакам да изгледам по средено, можам и да се извалкам, а да не се познава.

Ние те знаеме како харизматичен, максимално забавен и духовит, голем оратор, махер пред камера.....кој е Марко Новески кога не е во улога на шоумен?

 Истиот харизматичен, убав, духовит, сексапилен, згоден, прекрасен... и ако продолжам да набројувам и понатаму кој е Марко во слободно време ќе немате кај да го поставите интервјуто...

Вака одам на пазар во сабота, на гласање и на свадби... Вака одам на пазар во сабота, на гласање и на свадби...

Слободно можеме да кажеме дека на ТВ екраните и во јавноста се изгради себе си  како бренд, а и кога не си активен со конкретен ангажман остануваш актуелен и популарен. Тоа е позитивната енергија или среќна ѕвезда?

 Фала пред се за комплиментите. Искрено не знам што да одговорам на ова прашање најверојатно е спој од двете работи... ама најубаво за ова ќе треба да ги прашате другите.

Моментално си активен на проект за детски музички фестивал. Со кого можеш максимално да ја изразиш својата креативност, со најмалите или возрасните?

Мора да признаам дека е многу забавно да работиш и со деца и со возрасни, но сега во овој период некако поголем предизвик ми е да работам со деца, имаат многу поголема позитивна енергија за разлика од возрасните кои се заглавени во секојдневните проблеми.

За тоа дека покрај малите, и возрасните не се имуни на твоите шеги, може да се прочита на социјалните мрежи и медиуми каде се вели дека им недостигаат твоите емисии, пародии, може ли да се очекува некој самостоен авторски проект?

 Искрено подготвувам еден проект, но и тој ќе биде за деца. Моментално не гледам предизвик да правам емисија за повозрасни зашто моменталната состојба на македонските телевизии не дозволува да направиш проект кој ќе биде посмел од другите што се емитуваат, да не речам заглавени се во минатото.

Кое е твоето размислување за стилот, модата, облеката? Како изгледа кога Марко оди во шопинг?

Следам малку од малку мода, чисто колку да бидам во тек со светските трендови :) Стилот е многу важен за еден човек, тој ти е како еден вид лична карта и кажува за тебе многу работи. А кога правиме муабет за шопинг, можам само да ви кажам дека тоа најмногу ме нервира, па затоа најчесто го купувам првото парче што ќе ми фати око.

Како изгледа твојот плакар и каква облека има во него?

 Уф, немам плакар па според тоа и нема облека во него. Целата гардероба ми е убаво фрлена низ соба за да можам лесно да се снајдам во секое време и во секаква состојба.

Имало случаи кога за професионални потреби си носел од костим до костум, како се доживуваш во костимите и имаш ли некој омилен, а како кога треба да облечеш елегантен костум?

 Не се чувствувам баш најпријатно во одела па затоа и избегнувам да ги носам освен кога ситуацијата така наложува. По ова може да заклучите дека немам омилен костум, а од тој заклучок може да го извадиме и следниот заклучок, а тоа е дека не сакам да носам елеганција, но кога се мора..

Објавено:
14 јули 2014