Во пресрет на осмото издание на Фестивалот на европската литература, кој оваа година ќе се одржи од 3 до 5 октомври, на неколку локации во Скопје, под мотото „Храбри нови зборови", поразговаравме со македонскиот писател Петар Андоновски, кој како учесник на фестивалот ќе ја претстави својата книга „Страв од Варвари", за која му беше врачена Европската награда за литература.
Во рамките на фестивалот, на 4 окромви, во Кино „Фросина", тој ќе биде учесник на разговорот на тема EUPL: Националниот наспроти меѓународниот книжевен концепт.
Петар Андоновски е роден во 1987 во Куманово и дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгите: „Ментален простор" (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли" (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее" (роман, 2015), „Страв од варвари" (роман, 2018) и „Лето во кое те нема" (роман, 2020).
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и „Роман на годината" на „Утрински весник" за 2015 година за романот „Телото во кое треба да се живее"; Европската награда за литература за романот „Страв од варвари" за 2020, Признание Автор на годината на Македонската асоцијација на издавачи за 2020, како и Pen translates Award за романот „Лето во кое те нема" за 2022.
1. Литературата има трансформативна моќ, како за читателот, така и за самиот писател. Како автор со неколку книги зад себе, како би рекол дека творењето те променило од почетокот до сега?
- Никогаш не сум верувал дека со читање книги може да го промениме или подобриме светот, но верувам дека некои книги ја имаат таа моќ да го променат и подобрат светот на поединецот. Така е и со пишувањето. Додека пишувам ги прочистувам внатрешните оџаци кои ме задушувале. Пишувањето за мене е соочување со себе, со сето она што не допрело, што сме го потиснале, што сме го доживеале, затоа никогаш после напишна книга не излегувам ист.
2. Како за тебе изгледа пишувањето роман? Како изгледа потрагата по приказната која вреди да биде забележана на страниците и менталната припрема пред да ја напишеш првата реченица, како и процесот до последната?
- Колку и да звучи клише но јас никогаш не ги ,,бркам" приказните, тие сами си доаѓаат. Додека седам на кафе со некој и разговараме, од само една реченица на соговорникот може да настане приказна за роман или додека читам некоја книга само една речница е доволна да ме допре и од тоа да излезат други светови. Писателот е пешак кој поминува на црвено, никогаш не знаете дали и од каде ќе ве удри нешто.
3. Веруваш ли во „креативен блок"? Кој е најтешкиот дел од еден креативен процес?
- Речиси да нема писател кој немал ,,креативен блок". По успехот што го имав со мојот прв роман ,,Очи со боја на чевли" имав ужасен притисок и бев убеден дека никогаш повеќе нема да напишам книга. Креативноста не трпи притисоци, затоа треба да ги оставиме нештата сами да си течат.
4. Колку е важно за еден автор да си остане доследен себеси наспроти тоа да цели да ги задоволи очекувањата од публиката?
- Во денешно време е тешко да останете имуни на очекувањата на читателите особено ако сте автор чии книги се читани. Понекогаш писателите прават калкулации околку тоа што би им се допаднало на читателите, сум го правел и јас, и не мислам дека е страшно доколку не се претера, затоа што читателите секогаш знаат да препознат дали писателот е искрен или не, ова го кажувам не само од позиција на писател туку и од позиција на читател.
5. Дали ликовите во твоите романи се воопшто базирани или инспирирани на луѓето околу тебе? Колкав дел од себе дозволуваш да се преслика во ликовите и приказните кои ги градиш?
- Не верувам во чиста автобиографија како што не верувам ниту во чиста фикција. Линијата помеѓу нив е многу тенка. Никогаш не ме инспирирал некој лик толку многу што би пишувал само за него, моите ликови секогаш се комбинација од повеќе луѓе. Во моите ликови има многу од работите што ми се случиле или што сум ги доживеал, но ниту тие не се прикажани онака како биле.
6. За кој писател би рекол дека одиграл есенцијална улога во будењето на твојата желба да создаваш, како и во градењето на твојот авторски стил?
- Во различен период од животот ми влијаеле различни писатели и дела, па не би можел да издвојам еден. Сакам да откривам и да учам нови работи и мислам дека тоа се забележува и во моите романи.
7. Што значи „успехот" за еден писател? Како се стигнува дотаму?
- Најголем успех за еден писател е ако неговите книги се читани. Никој писател не пишува за себе, туку пишува за другите. Во денешно време и книжевноста е шоу бизнис. Порано најважно било книгата да е добра, денеска тоа е ставено во некој втор – трет план. Денеска можете да ја напишете најдобрата книга на светот, но ако не направите приказна која би ја продало книгата џабе сте напишале добра книга. Кога го објавив мојот прв роман мислев дека подобро е да имате пет квалитетни читатели отколку петилјади што не би ја разбрале книгата, од денешен аспект за мене успешна книга е онаа која има пет квалитетни читатели и уште петилјади кои ќе ја купат книгата.
8. Добитник си на повеќе награди и признанија, а твојот роман „Страв од варвари" ти ја донесе престижната Европска награда за литература. Од колкаво значење е оваа награда за тебе?
- Европската награда ми ја отвори вратата кон издавачите од Европа. Романот досега е објавен на англиски, француски и српски, а до крајот на годината треба да излезе и на хрватски и на италијански. Покрај преводите наградата ми донесе и многу гостувања по фестивали и саеми низ Европа.
9. За оние кои не го прочитале романот „Страв од Варвари", што го поттикнува „стравот" и што го дефинира „варварството"? Што претставува најголем страв за тебе? Кои се варварите?
- Темата за варварството не е нова во книжевноста, уште кај Хомер се споменуваат варварите, па се до Кавафис и Куци. Ова тема е секогаш актуелна и секогаш може да се пишува за неа од различни аспекти. За жал актуелна е и денеска од окупацијата на Украина до тиранијата врз жените во Иран, не само што ништо не сме научиле од историјата туку и постојано се повторува. Светот после пандемијата не само што не доживеа катарза туку стана и полошо место за живеење.
10. Твое најактуелно дело во моментов е романот „Лето во кое те нема", кое неодамна беше адаптирано во театарска претстава во режија на Драгана Гунин и ја имаше својата премиера во Куманово. Колку си задоволен од начинот на кој твојот роман беше одигран на сцена?
- Мислам дека многу полесно е да направиш адаптација на книжевно дело на филм отколку во театар, но ме радува што новата генерација театарски режисери од Нела Витошевиќ до Драгана Гунин имаа храброст да постават дела од македонски автори на сцена. На почетокот имав страв како тоа ќе изгледа, но Ева Камчевска направи одлична драматизација која ја задржа суштината на романот. Актерите одлично се вклопија во улогите. Горд сум на целата екипа.
11. Кои се твоите планови за во иднина? Дали можеби работиш на ново дело?
- Планирам наскоро да се повлечам од јавноста и да се посветам на новиот роман кој планирам да го пишувам, а кој треба да излезе наредна година.