уметничко лизгање

По мразот на успехот

Интервју со
Јана Куковска
1 декември 2021

Последниот месец од годината е во знакот на мотивацијата, упорноста, успехот и желбата. Во време кога се соочуваме со изместени вредности, со површност и непочитување на време, норми, етика... оваа приказна што ќе ја читате во продолжение ни дојде како вистинско освежување.

Јана Куковска лизга по мразот на успехот. Но, на патот кон тој успех, границата помеѓу издржливоста и разочарувањето понекогаш умее да биде тенка и кревка, како мраз. Борбата за себе и за идните генерации кои сакаат да се занимаваат со овој спорт е и врз нејзиниот грб.

Не затоа што мора, туку затоа што сака.

Нашиот разговор и фотографии ги направивме на лизгалиштето „Борис Трајковски“, каде минува добар дел од денот.

Има 16 години, а денот ѝ трае и по 16 часа. Толку долго, а сепак поминува како за миг. 

- Станувам околу пет часот и триесет минути, имам тренинг на лизгалиште од 6.30 до 7.30ч, потоа одам на училиште. Одам и на курсеви, германски и математика, а потоа повторно ме чека тренинг, еден од репрезентација и еден од мојата група. Исто така, имам балет или конденционен тренинг.  Секој ден ми е различен, но генерално опфаќа вакви активности. Кога имам слободно време, одмарам, правам работи што ги сакам, а секако ги завршувам и школските активности.

-Успеваш да имаш и слободно време? Како?

-Ова го правам многу долго време, навикната сум и ова е единствениот начин на кој што умеам да функционирам. Секој ден си го планирам времето. Ако имам време помеѓу различни активности, го користам за спиење и одмор. Ако сфатам дека немам доволно енергија, отстапувам од распоредот, но се трудам тоа да не е често, бидејќи може да стане и се' почесто.

Нејзината љубов кон лизгањето почнува од пет години. Првото лизгалиште кое го посетува и за кое осознава е во Банско и тогаш и се вљубува во оваа активност. Подоцна, баба ѝ од реклама дознава дека се отвора лизгалиште и во Скопје. Не било како тоа во Банско, не е ниту на мраз, но сепак на нејзина иницијатива, родителите ја запишуваат на уметничко лизгање. 

-Во почетокот имавме само кондициони тренинзи и балет. Но, после некоја година, добивме и мраз, претходно беше пластика. Она што најмногу ми се допаѓа во уметничкото лизгање е токму уметничкиот дел. Ме влечат уметностите, повеќе од спортскиот дел, иако не можам да кажам дека не сум натпреварувачки и спортски настроена. Сепак, уметноста во сите погледи, ме влече многу - ни откри Јана.

А во тој поглед, ни откри и дека ужива во цртањето и дека сама си ги осмислува костимите. Два од нив видовме и на нашата средба. Еден комбинезон инспириран од ликот на Џокер, а има и токму таква ракавица, додека пак другиот женствен, со сребрени камчиња и монистра.

-Уште од мала, сакам да се средам, можеби, помеѓу другото, затоа и го сакам лизгањето, бидејќи дури и на тренинг треба да сме средени, нашминкани, да светкаме, да имаме инспиративни костими. И уште од мала сакам мода и да цртам. Ме мотивира тоа што костимите можам да ги креирам сама, а мојата визија некој да ја реализира. Тоа што носам моја креација, на мој настап и сето тоа буди интерес кај публиката, ми предизвикува навистина убаво чувство и многу ми е мило. Имам околу осум костими досега нацртано, еден се чека да се реализира следната година. Првиот костим го цртав со мајка ми, на осум години. Многу мерак ми прави што сама ги правам. Добро е тоа што се комплементарни со музиката и кореографијата. Со костимот се доловува емоцијата и пораката на кореографијата - вели Јана, додавајќи дека се' почесто ги шие во Бугарија, бидејќи во Македонија не можат да се најдат соодветни матертијали, ниту пак има луѓе што се специјализирани за костими за гимнастика и уметничко лизгање, како што има во Бугарија.

Костимите понекогаш се како мало богатство, но тоа не е единствениот трошок кој треба да се предвиди, ако некој сака професионално да се занимава со уметничко лизгање.

-Лизгалките се околу 1.000 евра  - пар, се менуваат секоја или преку една сезона. Ако сака некој професионално да се занимава со спортот треба да вложи во облека, лизгалки и опрема, средства за членство. Бидејќи сезоната ни е многу кратка, треба да се инвестираат многу средства за кампови, за тренинзи, за острење лизгалки и за подготовки ако се оди на натпревари, за тренер, за кореографии, кои не се воопшто евтини. А и самиот пат -  доаѓањето по неколку пати на тренинзи од дома, тоа е исто така голем трошок. Тоа што родителите многу вложуваат во нас е навистина важна работа. Сета таа инвестиција вреди, но само ако сте подготвени да се посветите на тоа и да одите до крај, инаку не се стигнува никаде - посочува Куковска.

Таа додава дека поддршката од дома е исклучително важна, но и онаа од институциите, кои би можеле и уште повеќе да придонесат за мотивација на овој спорт и спортистите.

-Ние што сега тренираме сме уште деца, спортот е уште млад. Институциите се исто така важни, бидејќи ние сами не можеме да направиме лизгалиште. Вреди овој спорт многу, има многумлади  што сакаат да го посетуваат. Со вежбање само четири месеци колку што трае сезона, не се оди напред. Затоа, голема благодарност до нашите родители што наоѓаат начини да не' испратат на кампови, што не е воошто мала работа. Поради таа кратка сезона, ние губиме од училиште, па тоа потоа треба да се надокнадува, а потоа пак се губи од лизгањето. Се губи балансот, бидејќи немаме услови за целосна сезона, немаме затворено лизгалиште. Има околу 30 натпреварувачи во моментов. Во последно време, бидејќи растеме и почнуваат да ни се шират видиците, а услови нема, децата се откажуваат. За да успееш, лизгањето треба да биде приоритет, а поради оскудните услови многумина мислат дека не вреди жртвата, што е штета, бидејќи не е така. Треба да буткаме до крај, додека не направат затворено лизгалиште и додека не добиеме услови какви што заслужуваме. Вреди!

-Зошто вреди?

-Уметничкото лизгање ми е во срцето. Мислам дека голем дел од мојот карактер го има оформено. Да не беше лизгањето, мислам дека ниту јас немаше да сум ова што сум денес. Имам многу пријателства, од држави кои никогаш немаше да ги посетам да не беше овој спорт. Сигурна сум дека има многу мали девојчиња и момчиња, што би сакале да се занимаваат со ова, а ако ние не го истуркаме ова до крај, нема да има иднина и за нив. Лизгањето ме научи да гледам надвор од рамките, ми ги пришири видиците, ме разви креативно и добро е за одржување на тело, кондиција здравје, држење. Ме научи да ценам работи во животот што други луѓе и не ги ценат многу. На пример, да го ценам времето кај луѓето, да ценам кога некој е упорен за нешто што го сака, ценам кога некој има приоритети во животот и се стреми кон нив и дава се' од себе да го оствари тоа што го сака - потенцира оваа млада и талентирана девојка.

И покрај сите услови, какви такви, Јана е петкратен првак - четири пати во младинска категорија и еднаш во јуниорска. Во февруари ќе се одржи шестото државно, а потоа и меѓународно првенство, а Јана ќе земе учество и на двете и ќе се потруди да ја задржи титулата. Боите на Македонија ги претставувала на јуниорското гран-при во Австрија, но и на натпревари во Унгарија, Бугарија, Словенија, Србија, Романија.

Во март следната година, ја очекува учеството на Младинските олимписки игри во Финска, па цели и се подготвува за нив.

-Знам дека се трудам, работам, но дури и да направам грешка, тоа е нормално. Ако после настап не сум задоволна, јас добивам уште повеќе мотивација, да работам на себе и на тоа што го правам. Ми значи што не се напаѓам самата себе што сум направила грешка. Не се откажувам и пробувам да бидам подобра. 

Се доживуваш за поразлична од твоите врсници? 

-Во однос на вредност - не, но во зрелост - да. Еден период од животот кога тие излегувале, си играле и слично, јас сум требала да патувам некаде, да се грижам сама за себе и сама да се снаоѓам, да си го планирам времето. Сум морала така, согласно бврските што сум ги имала и тоа ме натерало да пораснам побрзо. Но, сметам дека тоа не е лошо бидејќи сега сум многу поснаодлива.

- Сметаш ли дека си премногу оптоварена?

-Треба да имам приоритети, но јас се обидувам да направам се' во исто време и сметам дека тоа ми создава понекогаш проблеми. Децата на моја возраст најчесто немаат визија за тоа што сакаат да направат во животот и затоа понекогаш е тешко да ме разберат, зошто на 16 години имам многу повеќе актривности од едно нормално дете на мои години. Но, не би го сменила тоа, иако има моменти кога ми е тешко, ми доаѓа преку глава, се прашувам дали да се откажам, дали ќе ми е полесен животот ако не тренирам. Но, не можам да си го замислам животот без лизгање, така што откажување нема.

-А која е твојата визија?

-Јас сакам да продолжам многу посериозно со лизгањето од ова што во моментов. Кај нас во Македонија нема услови за тоа, а јас сакам да бидам повеќе од тоа што сум сега. Немам опција да одам на училиште, а да тренирам паралелно за да можам да стасам да се пласирам на светско ниво или олимпијада. Невозможно е, ако сакам да сум со сите петки. И затоа би сакала да се преселам, каде што би можела да се запишам на спортска академија и каде би немала пречки да го остварам тоа што го сакам. Додека можам, додека сум физички способна, да тренирам до крај и да си ги остварам соништата што сум си ги зацртала уште од шест години, а кои би ги зачувала за себе, за да не ги расипам.

Најблиска спортска академија на која би можела да го оствари ова е во Бугарија, каде вели има одличен стручен кадар.

-И мојот тренер, Даниела, студирала таму. Имаат квалитетна програма, квалитетни лизгачи, тренери. Така би можела да тренирам повеќе и поредовно. Преселувањето таму би значело и комплетно менување на мојот живот и прилагодување на новиот начин. Но, не би ми пречело - вели Јана.

За да го направи тоа ѝ треба силна желба, дисциплинираност, издржливост и секако финасии, но се надева дека и тоа ќе успее да го реализира.

 На крајот, ја прашав и за што мечтае една 16-годишна девојка, во овој месец кога замислуваме желби и правиме планови за следната година, како изгледаат нејзините, а таа вели:

- Сакам да соберам доволно поени за СП во Канада и се надевам дека ќе успеам. И сакам да се пласирам подобро на следното гран - при и да имам подобар личен резултат. Надвор од спортските достигнувања, сакам само да си продолжам со тоа што правам, да се дружам, да си продолжам со школо, социјална сум, сакам да ми е интересно, да се забавувам, но да не ја излезам и од форма.  Понекогаш навистина ми пречи кога ќе ме прашаат: „Зошто уште тренирам кога во Македонија нема никаква  иднина?“ Јас верувам во ова што го правам, но кога некој ќе го каже така гласно, за момент знае да ме обесхрабри и ќе ме натера да се замислам, но сепак,  сигурна сум дека за овој спорт има иднина во Македонија. Има многу мали деца кои сега тренираат и сигурна сум дека ќе успеат. А и јас!

И затоа да го започнеме месецот, а да ја завршиме годината со овие мисли и пораки за посветеност, вредност, љубов, мечти кои сепак се достижни. Да научиме од Јана дека треба да го почитуваме туѓото време, да ги правиме работите од љубов, без оглед колку некогаш се тешки. И на крајот, да не престанеме да веруваме во себе и во своите можности. Тоа светло нека остане секогаш врз нас, без оглед на тоа колку е темно околу.

Објавено:
1 декември 2021
Прочитано:
1.231 пати