астролог

Подзнакот го диктира стилот

Интервју со
Тамара Грујовиќ
7 април 2016

Некои веруваат во хороскоп, некои не, но сите го читаат, ако ништо друго, од забава. Токму од таа причина, ние сакавме да разјасниме неколку работи и секако да ги поврземе астрологијата и модата.

Затоа ја повикавме Тамара Грујовиќ да биде наш соговорник. Иако млада (28 години), таа веќе осум и пол години се занимава со астрологија, за која не пропушта да потенцира дека е нејзина голема љубов. Со неа разговаравме на неколку теми - за (не)сериозната страна на астрологијата, за предвидувањата, но најмногу од сè за тоа дали и колку астрологијата влијае врз нашиот стил.

Во продолжение следи еден малку поинаков текст за астрологија. Уживајте!

Тамара Грујовиќ


(Не)сериозната страна на астрологијата

-Кога зборуваме за астрологија, прва асоцијација ни е хороскоп, дури и оној на дневно ниво, па Јупитер, па кој е жител на Марс, а кој на Венера, па планети, па ѕвезди, предвидување, полиња, трето око, судбина, овозможи го невозможното и низа познати и помалку познати астролошки откритија... А во оној момент кога ѝ приоѓаме не толку површно на астрологијата, гледаме уметност при проучување на човечкиот карактер и енергијата со која владее, дисциплина која ни дава одговори и насоки, но и уметност во можноста да ѕирнеме во иднината и да дознаеме што нè очекува. Да, астрологијата е уметност, подеднакво како што и модата е уметност на креативниот ум. Движечка сила на визионерите. Страст за уживање во сопственото тело и појава. Привилегија на нашето секојдневие – вели Грујовиќ.

Таа додава дека астрологијата е далеку посложена и покомплексна од податокот дека некој е роден во хороскопски знак на Вага или Водолија.

-Астрологијата е многу повеќе од податокот дека Девиците се педантни и точни - а ќе сретнете многу кои не се, дека Рибите се тивки и повлечени - каков трик! Но, знае да биде и крајно инспиративна и забавна.


А што е астролог?

-Астрологот, пак, или толкувачот на звездениот запис, е онаа личност која треба да ви ја доближи и долови оваа уметничка слика. Во оној момент кога астрологот ја анализира астролошката карта или поставеноста на ѕвездите и планетите, тој всушност ги гледа потребите кои живеат во вас, а се прикажани преку вашиот карактер, природа, нагони, притоа задолжително земајќи ги предвид средината и околностите во кои живеете. Онака како што точното време на раѓање детерминира раѓање на натална карта, настан, идеја, така и поставеноста на полињата и планетите во таа натална карта ни зборуваат за правецот во кој е насочено вниманието, правецот во кој се движи енергијата на еден ентитет, како и начинот на кој таа енергија се покажува – објаснува Тамара.

 

Астрологија и мода

На прашањето, поврзани ли се модата и астрологијата и има ли астрологијата влијание врз стилот, Тамара вели:

-Апсолутно да! Како што астрологијата постои откако постоиме и ние, така и модата постои од самиот момент кога човекот посакал да привлече внимание, да изгледа убаво, да се грижи за себе. Кога зборуваме за астрологија и мода, зборуваме за описи и параметри во кои многумина ќе се пронајдат, но многумина и нема. Ова го напоменав поради неизбежната потреба да се генерализираат потребите и стилот повикувајќи се на хороскопските знаци, и да се сведе во неколку параграфи еден опис кој е далеку поопширен од набројувањето на самата природа на претставниците.

како изгледа: Девица (горе лево), Овен (горе десно), Близнак (доле лево) и Шкорпија (доле десно)
Дванаесет хороскопски знаци –секој посебна приказна за себе, а секоја приказна на свој начин ќе ни раскаже за карактерот, природата, карактеристиките и предиспозициите на една личност. Секој на различен начин привлекува внимание, некој воопшто и не чувствува потреба за тоа. Дванаесет полиња кои претставуваат дванаесет животни области дополнувајќи го мозаикот на оваа уметничка творевина.

Сепак, на стилот не ни влијае знакот, туку подзнакот! Подзнакот е тој кој укажува пред сè на физичкиот изглед, првиот впечаток, метафорички, па и буквално и „гардеробата“ што личноста ја носи.


 
-Планетите се носители на астролошката приказна низ која ја согледуваме улогата која ни е доделена. Да, сите ние имаме улога додека постоиме, па планетите ни помагаат да ја препознаеме сопствената и во зависност од тоа колку се поволно поставени, нашата улога ќе биде блескава или просечна. Велат стилот е дел од нашиот карактер. Репрезент на она што сме. А модата во случајов би била постулат на стилот... или карактерот. А астрологијата го изучува меѓудругото и карактерот на поединецот. Од моето досегашно искуство сметам дека најверодостоен податок и информација за детектирањето на нечиј стил и моден правец може да добиеме поаѓајќи од подзнакот како основна точка во секоја натална карта.


За оние што сакаат предизвик:

- Нека се обидат да го достигнат маѓепсникот Нептун, а со него и Рибите... доколку можат (се смее). Ова небесно тело и знак се симбол на трансформација, опојни парфеми, јака шминка, но и симбол на тајна – па оттаму вел, оттука потреба за затскривање – под маска, свилени чорапи, сатенски ракавици, фасцинантна долна облека... Претставничките под влијание на овој маѓепсник се заносни заводнички, од кои здивот запира. Оние незаборавни дами кои во сенка на успешната кариера и диктирањето на модните трендови кријат паралелен свет, па затоа и сè недостижни.

Доза гламур, луксуз и екстраваганција – гледате воЛав... Барајте претставник на Сонцето. Ќе најдете доминација и уживање во сопствената појава. Тие ќе ве научат пред се да се сакате себеси, да го сакате својот одраз во огледалото, да не прашувате за цена кога е во прашање вашиот изглед, а и да знаете како да го носите секое парче гардероба.



Естетика, префинетост, елеганција во движење – тоа се Вагите. Тоа се истите оние ко се огледуваат во секој можен простор што има рефлексија на огледало или потсетува на огледало... Не затоа што се сомневаат дека не изгледаат добро, туку... побогу, да видат и другите (се смее). Ова се оние претставници кои не се толку опседнати со доетрување како што повеќето мислат, туку на самиот момент да биде уважен нивниот труд околу тоа - објаснува астрологот.


За оние што сакаат да ја разберат астрологијата:

На Огнените претставници (Овен, Лав и Стрелец) покрај непоправливата самоувереност, ентузијазам и желба да се привлече внимание не може да им се оспори и фактот дека се апсолутни лидери, па дури и во светот на модата.

Претставиците на воздушниот елемент (Близнаци, Вага и Водолија) покрај желбата за „играње“ со модните детали, екстравагантноста, мора да им се признае информираноста за последниот тренд, секогаш во тренд, секогаш и зборат за тоа, но со истенчен вкус за одење во екстреми.


Родените под влијание на земјениот елемент (Бик, Девица и Јарец) беспрекорно внимаваат на деталите, уредноста, но најмногу на негата на она што природно им припаѓа, без истакната потреба за експонирање, но водење сметка на модните додатоци кои во нивната перцепција за убавина се задолжителни.

Хиперсензибилните и магнетични претставници на водата (Рак, Скорпија и Риба) се оние уметнички души кои креираат, создаваат, уништуваат, возобновуваат, поставуваат темели па потоа ги разнишуваат и слично во низата одење од крајност во крајност. Но, она што е впечатливо кај нив е токму упорноста да не ги следат слепо постоечките трендови.


За оние што сакаат да учат:

Важна е природата на хороскопскиот знак и подзнакот.
Хороскопскиот знак Девица кој ни зборува за начинот на облекување.
Хороскопскиот знак Вага како показател за мода и естетика.
Шестото поле (начинот на облекување) и десетото поле (имиџот) од наталната карта... Честопати нагласени кај естрадните личности чиј стил и појава доаѓаат во прв план.
Венера – без убавината на Венера нема ни мода,
Уран – иницијаторот на промени и смелост за експериментирање.
Венера во комбинација со Месечината ни збори за личниот однос кон физичкиот изглед.

За оние што можеби се збунија, Тамара објаснува:

-Транзитните планети или нивното патешествие низ еден знак во одреден временски период низ годините, исто така влијае на промените во светот на модата, во промените на стилот, особено на глобално ниво кои можат и историски да се проследат. Во ова посебно се истакнува движењето на гореспоменатиот иницијатор Уран кој е задолжен за промени во времетраење од 7 години (колку што му треба да помине од еден знак во друг) предизвикувајќи значителни осцилации во модните правци, како отфрлањето на претесните корсети кога Уран на пример транзитирал низ Водолија (20тите години). Следна евидентна промена е за време на престојот на Уран во хороскопскиот знак на Вага (1980тите години) кога на еден симпатичен начин доаѓа до изедначување на машката и женската мода (слична должина на коса, звонарки, џинс и сл.) – сосема типично за споменатиот знак.

1980-тите

Неретко, астрологијата е инспирација за модните дизајнери.

-Дека астрологијата стана предизвик и за создавачите на убавина во светот на модата збори и колекцијата чевли на Кристијан Лобутан посветена со дизајн за секој хороскопски знак поединечно, внимавајќи на природата на претставниците на истите знаци.

Лубутан

како и едиторијалот за модниот магазин „Вог“ посветен исто така на секој астролошки знак во кој фотографот Тим Гат и моделот Сири Толерод. На извонреден начин се „поиграа“ соединувајќи ги астрологијата и модата.

Кога споменав дека астрологијата може да биде инспиративна и забавна, мислев на еден од овие податоци кога се учењето и астролошките консултации во прашање.

Некои модата ја следат, а некои ја воведуваат и создаваат. Така е и со астрологијата. Мудриот човек управува со ѕвездите, додека следбениците им се покоруваат... - вели за крај Тамара.

Објавено:
7 април 2016
Прочитано:
8.590 пати