дизајнерка, костимографка и професорка

Порано модниот сектор имаше пазар, а немаше кадар - сега е обратно

Интервју со
Зорка Тодорова-Младеновиќ:
18 јуни 2020

Откако ја објавивме веста за тоа дека професорката, костимограф и моден креатор, Зорица Тодорова Младеновиќ ја подготвува книгата „Како да станам моден дизајнер", во издаваштво на „Арс Либрис", дел од „Арс Ламина" ‒ публикации, до нашата редакција пристигнаа многу пораки и интересот за ова дело беше огромен. Со оглед на тоа што ова е прва книга од ваков вид кај нас, а самата авторката е една од првите Македонки кои студирале во Париз, па потоа, во време на подемот на македонската текстилна индустрија била меѓу најангажираните дизајнери во нашите текстилни фабрики, а напоредно со тоа стекнала големо работно искуство и реазлизирала проекти на театарските сцени и во филмските и телевизиски продукции - несомнено е дека се работи за издржано четиво каде е направен спој на богатото професионално и животното искуство.

И токму тоа е поводот и за нашиот разговор. За создавањето на книгата, но и за тоа каде беше некогаш текстилната индустрија кај нас, а каде сега, и што би требале да знаат сите оние што сакаат со модата да бидат на „ти", зборувавме со професорката Тодорова- Младеновиќ.

Младите во Македонија што сакаат професионално да се занимаваат со мода од неодамна добија, може да се рече, учебник кој ги воведува во светот на модата низ Ваша призма...

-Оваа книга е надоградба на мојот интерен учебник што го имав подготвено за студентите на Технолошко-металуршкиот факултет, каде што им предавав на студентите на Институтот за текстил, а од каде се пензионирав пред 15 години. Изданието е дополнето и со други поглавја за да го направам уште подостапен за неговата намена. Ова е прва книга од македонски автор од ваков вид литература, односно учебник. Во денешно време младите, а тука се и оние што се определуваат да се занимаваат професионално со модата, знаат јазик, имаат достапност до информации, до интернет, сепак сметав дека оние што сакаат да учат за модата, убаво е да имаат литература и на мајчиниот јазик. Морам да кажам дека сум задоволна од финалниот производ и изглед и мислам дека успехот на ова „новороденче“ ќе ги даде своите резултати.

Какви прашања ќе им одговори ова четиво на оние што ќе сакаат да трагаат по одговори?

-Книгата е наменета најпрвин за оние што имаат желба да се определат да учат во средните уметнички и текстилни училишта, но и за нивните родители, за да видат и да разберат што сè треба да се научи за да се стане моден дизајнер. Да сфатат дека тоа е една сериозна, напорна и комплексна наука и дека за неа покрај талентот е потребна и силна волја, упорност за да се успее. Секако е приспособена и за учење во средните училишта, а за студентите е еден вид водич што сè треба да се знае за да се биде моден дизајнер. Младите внимателно да ја прочитаат, да сфатат уште на почетокот дека ќе треба да бидат истрајни, да покажат иновативност и присутност. Ако сакате да бидете дел од овој свет, мора да бидете секогаш добро информиран за тоа што има ново во модната индустрија, што се случува во културата, во уметноста, а треба да се следат и економските и демографските промени и трендови. Но, пред сето ова, да се совлада модниот цртеж и изработувањето кроеви. Токму затоа, книгата е поделена на повеќе поглавја. По уводното објаснување, следат објаснувањата токму за модниот цртеж и како тој постепено да се совладува, информации за човечката фигура и како се совладува цртањето на модната фигура. Понатаму, следи поглавјето кое претставува запознавање со светот на модата, какви видови мода постојат, за кого се наменети, за целните групи... Третото поглавје е посветено на истражувањето, собирањето информации, а во рамки на тоа и инспирација за она што сакате да го креирате. Во посебно поглавје е објаснето и што сè треба да содржи едно работно катче, додека пак, петтото поглавје е покомплексно и е посветено на совладување на основниот крој за правење и изведување на моделот што сте го нацртале. Последното поглавје е насловено како „Мојата прва колекција“ и тука се упатствата за тоа како да се почне работата како моден дизајнер.

Какви сеќавања Вие носите од студентските денови, посебно имајќи предвид дека имавте можност да студирате во Белград, потоа во Париз, каде од прва рака ја почувствувавте и модната магија?

-Кога јас се запишав на Факултетот за применети уметности во Белград во 1962 година, тогаш за прв пат примија седум студенти од Македонија. Многу малку се школуваа за костимографија. За мода речиси да немаше. На Запад повеќе можеа да се сретнат училишта за моден дизајн, затоа што таму имаше не само развиена текстилна индустрија, туку постоеја и модни куќи со традиција. Меѓутоа, по првата година во Белград, односно по земјотресот во Скопје, одлучив да го продолжам моето школување во Париз. Во 1968 година дипломирав на Националната школа за декоративни уметности [École nationale supérieure des Arts décoratifs (Ensad – Paris)]. Таму изучував внатрешна архитектура, сценографија и костимографија. Во 1977 година, како стипендист на француската влада, бев студент на Школата на синдикатот за висока мода во Париз (École de la Chambre Syndicale de la Couture Parisienne) каде што изучував моделирање на манекенска кукла и конструкција на модели на рамна површина, или поточно, конструкција на кроеви за висока мода. Професорка по костимографија ми беше Ивон Деландр, една од основачите на Музејот на модата во Пазриз, авторка на бројни книги за историја на облека. Благодарение на неа, имав можност да гледам многу модни ревии на најпознатите модни дизајнери и модни куќи. Таа беше колекционерка на историски костими кои подоцна ги донираше во Музејот на модата. Кога имавме предавања со неа таа нè носеше во нејзините депоа да ги почувствуваме ткаенините, да ги проучиме кроевите и начинот на изработка. Кога се вратив во Македонија, бидејќи бев стипендист на МТВ, почнав да работам и како костимограф. Всушност, прв пат како костимограф на филм работев уште пред да дипломирам.

По студиите Ви се отвораат нови можности, па она што го знаевте како теорија имавте шанса да го претворите во пракса и тоа во некои од најпознатите текстилни фабрики ширум Македонија, но и Југославија...

-Кога Македонија беше дел од Југославија, текстилната индустрија врабоуваше повеќе од 70.000 луѓе, од кои барем 30.000 работеа конфекциско производство. Од 1979 година почнав да работам во СОЗТ Интекс каде формиравме Центар за мода и креација преку кој центар имав можност да правам сезонски колекции во многу од текстилите фабрики. Тие колекции беа разнообразни и подоцна се конфекционираа и се продаваа ширум Југославија и во земјите во кои се извезуваа нашите текстилни производи.

Тоа беа времиња кога нашата конфекција се развиваше, но сепак беше поскапо да се купи готов производ отколку да се сошие некое парче облека кај шивачака. Иако во светот тоа беше обратно, богатите шиеја по мерка, а посиромасите се облекуваа во продавници, купуваа конфекциска облека.

Всушност, конфекцијата почна да се создава во тие времиња. Не се знаеше што е моден креатор, а што моделар. Моделари вооптшо не постоеја. Постоеше една школа во Марибор каде тие се школуваа, но во Македонија имаше многу малк и претежно беа во „Тетекс“ и „Астибо“. Тоа беа поголеми текстилни фабрики. „Тетекс“ произвдуваше волнени ткаенини и волница, и таканаречен „тешка конфекција“, односно палта и капути. „Астибо“ пак конфекционираше „лесна конфекција“, кошули, здолништа, фустани. Пазарот беше голем, имаше работа.

Мапа на присутност на производи на „Астибо“ во поранешна Југославија

Какви беа условите тогаш, имаше ли деградација на трудот?

-         Тогаш фабриките беа добро организирани во смисол на инфрастрктура и благосостојба на работниците. Имаше фабрички мензи, одморалишта, градинки, амбуланти и други поволности за работниците. Нивниот труд можеби не беше добро платен, но работниците имаа други благодети, поволности кои им го олеснуваа и работењето и семејниот живот.

Како постигнувавте и воопшто, како се справувате во креативниот притисок или бариера?

-Беше тешко затоа шо требаше да направиш нешто различно. За „Стружанка“ на пример, креирав облеки од трикотажни ткаенини, а за „Пелистер“ од Битола ноќниции и фустани, како и долна облека. За „Иднина“ од Битола, подготвував колекции спортска облека, а за „Прогрес“ од Скопје женска облека и машки спортски јакни. Кога „Готекс“ од Гостивар почна да произведува водоотпорни ткаенини правев колекции за повеќе фабрики од Југославија кои ги употребваа тие ткаенини.

Беше предизвик да се работи. Се изборив, покрај нас креаторите, модните саеми надвор од Југославија да ги посетат и други профили од текстилната индустрија. Тоа подоцна им овозможуваше, во текот на работата, полесно да ги разберат и да ги совладаат проблемите со кои се соочуваат.

Во тој период во Македонја имаше мал број школуван кадар од модни кретори, а имаше голем број текстилни фабрики. Сега ситуацијата е поинаква. Кадар има, но нема пазар.

Со распаѓањето на Југославија се затворија речиси сите текстилни фабрики и за производите од македонските фабрики пазарот беше многу мал. На сметка на тоа, од 1990-та никнуваат помали текстилни фабрики каде сопственици се оние што претходно работеле во големите фабрики. Тоа се луѓе кои имале можност да ги испратат своите деца да се образуваат надвор (во Италија, Бугарија), па по враќањето во Македонија се вклучуваат во производствениот процес во фабриките на своите родители. Малите текстилни фабрики, каде има и до 300 вработени, работат ЛОН систем. Таквиот вид производство нема потреба од моден дизајнер.

Но, и во тие малкуте текстилни фабрики во земјава, приватни, не се пријавува млад кадар. Каде го гледате проблемот?

-Како што веќе напоменав во ЛОН индустријата нема потреба од модни дизајнери. Иако денес кај нас има голем број модни дизајнери, тие немаат како и каде да ги пласираат своите модни креации.  Дизајнерите имаат една модна недела, тука ќе се појават со 10-тина модели, дали ќе ги продадат-дали не, тие од тоа не можат да живеат. Модата е скапа. Таа е луксуз.

И во големите модни центри, односно и на светската модна сцена се забележуваат промени. Некои се откажуваат од модните недели, некои ги кратат колекциите од „Висока мода“ или пак се задржуваат само на нив, а сè (пред сè) поради неиздржливото темпо. Низ годините многу од модните куќи сфатија дека не можат да опстојат само од „Висока мода“.

- Големите модни куќи, следејќи го интересот на пазарот, поточно со појавата на „бејби бум“ генерацијата во седумдесеттите години почнува произведство на поевтина мода прет-а-порте. Тоа е генерација што живее во време кога нема војна, имаат можност да се едуцираат, имаат можност да изградат сопствен стил на облекување. Модните куќи почнуваат да произведуваат прет-а-порте облека дотапна за поголем број купувачи. Но високата мода и понатаму останува за повластената клиентела која во светот не брои повеќе од пет илјади.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by KTZ (@ktz_official) onJun 16, 2020 at 3:35am PDT

И како тогаш да се мотивираат оние што ќе треба допрва да зачекорат во светот на модата?

- Има неколку примери на модни дизајнери од Македонија кои беа надвор од земјата, некои од нив се успешни, што, да бидеме реални, е навистина тешко. Лидија Георгиева се дошколуваше во Париз, Маријан Пејовски остана во Лондон, а има бутик и во Париз, има ателје и на Бали, Бимбиловски живее во Париз, а своите креации ги продава во Америка, Јапонија, Франција... Многу е тешко некој да се пробие на Запад, но ним им успеа. За никого не беше лесно. На почетокот спомнавме дека е потребна упорност, истрајност и, секако, љубов кон оваа професија, иновативност, креативност, визија...

Токму Пејовски, Георгиевска, Бимбиловски и Ношпал ги спомнувате на почетокот на книгата, како позитивен пример за оние што допрва треба да станат и да се наречат модни дизајнери...

-Да, сите ги знам од почетокот на нивното школување, нивните кариери и денес ги следам. Лидија беше мој студент на Факултетот за ликовни уметности, додека пак со Марјан, кој живееше со нас во иста зграда, имавме можност да соработувавме кога дел од неговите модели се реализираа во Македонија. Ношпал пак, беше дете на мои пријатели и, пред да замине на студии во Париз, му овозможив да ги прикаже своите први креации заедно со моите студенти од ФЛУ. Ристе пак, го запознав кога заминуваше на студии во Париз, а сум била и гостин во неговото ателје таму. Дел од нив одлучија да работат во европските модни метрополи, а некои се вратија да творат тука. Лидија,  на некој начин го продолжи она што го работев јас, во контекст на професорската работа, им се посвети на студентите од ТМФ, каде што и јас претходно работев како професор. И секако сметам дека сите четворица се мошне успешни и добар пример за идни студенти.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by KTZ (@ktz_official) onApr 19, 2020 at 6:39am PDT

И Вие имавте свои самостојни ревии, но потоа следеа ангажманите во текстилните фабрики, па костимографијата, професорскиот ангажман... Жалите ли можеби што повеќе не му се посветивте на тој индивидуален уметнички израз?

- Првите самостојни модни ревии ги правев во седумдесеттите години од минатиот век. Во хотелот „Континентал“ имав повеќе самостојни модни ревии во кои секогаш имаше стотина модели. Со некои од овие колекции гостував и во Љубљана и во Белград, а бев гостин и во Велес, Охрид и Кавадарци.

Подоцна, кога веќе почнав да работам во текстилните фабрики како дизајнер, во осумдесеттите години, работев повеќе ексклузивни колекции за Стружанка од Струга. Истите беа презентирани пред нивните гости во хотелот „Дрим“ во Струга, каде неколку години редовно дефилираа моите модели.Тогашна практика беше да не се споменува авторот на колекцијата. Тоа беа времиња кога индивидуалноста беше ставана во втор план, зад фирмите и брендовите, а на авторите им беше поважно да се реализираат преку дела и проекти, да бидат ангажирани и платени. Таква клима владееше на сите полиња во областа на применетите уметности и дизајнот. Авторството повеќе доаѓаше до израз и до признание на филмските проекти на кои работев, како и на театарските. И не жалам за ништо, бидејќи сè си било во свое време и со причина.

За крај, неодамна ја добивте и престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020 година, која ја доделува Кинотека на Македонија. Какви чувства Ви побуди ова признание?

- Чест ми е што со наградата им се придружувам на великаните на филмската продукција кај нас како: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева. Со голем дел од нив имам соработувано и носам убави професионални спомени. Благодарна сум што помислиле на мене. Ме израдува веста дека сум една од годинашните добитници на „Златниот објектив“ и за мене ова признание е од големо значење бидејќи ја одбележува и заокружува мојата долгогодишна кариера како костимограф.

 

Книгата е во издаваштво на „Арс Либрис", дел од „Арс Ламина ‒ публикации, а истата е достапна и онлајн на овој ЛИНК.

Објавено:
18 јуни 2020
Прочитано:
224 пати