деловна жена и поранешна Мис на Македонија

Посакувам да имам три деца!

Интервју со
Драгана Клопчевска
14 август 2015

Драгана Клопчевска веројатно ја паметите како една од највпечатливите девојки избрани за Мис на Македонија зад чиј избор се крена голема прашина. Денеска, 14 години подоцна, таа е успешна жена претприемач, горда мајка на двегодишниот Давид и сопруга на бизнисменот и поп – пејач Дарко Гелев – Брејк. Ние имавме чест да направиме ексклузивно интервју со неа, но и фотосесија заедно со преслаткиот Давид. Низ смеа со нејзиното синче, Драгана нѝ откри кога била најсреќна во животот, кои се карактеристиките што најмногу ѝ се допаѓаат кај еден маж, колку Давид и го променил животот, но разговаравме и за тоа како се запознале со Дарко и што навистина се случи со изборот назад во 2001 – та година.

Веруваме дека ќе уживате во ова слатко, петочно интервју со прекрасната Драгана и нејзиниот син.

-Кога бевте најсреќна во животот?

Има толку многу мигови во мојот живот кога од среќа сум мислела дека срцето ќе ми излезе од градиве. За најголемиот дел заслужно е моето семејство на кое секогаш можам да се потпрам, за дел од нив заслугата е на мојот сопруг кој е мајстор за изненадувања. Но, ако треба да издвојам еден ден, момент, минута, тоа би било 25/07/2013...11:05 денот кога се роди Давид и кога јас станав мајка за прв пат.

-Кои се карактеристиките што најмногу Ви се допаѓаат кај еден маж?

Ги сакам скоро сите карактеристики кои го красат мојот сопруг. Ја сакам смислата за хумор и самодовербата без ароганција. Го сакам Дарко затоа што е романтичен, искрен, не си ги штеди емоциите, сочуствителен е, вреден, чесен и посветен. Затоа што знае да даде комплимент, знае да охрабри и да донесе сонце во небо полно облаци. Флексибилен и трпелив. Затоа што е верен и прекрасен љубовник, добар татко и пријател кој секогаш ме разбира....или барем се обидува (се смее).

-Како се запознавте со Дарко?

Се знаевме одамна (Дарко е прв братучед на мој школски), а после многу години се видовме повторно. Се гледавме на кафе, разговаравме како пријатели кои се немаат видено со години. Тој за својот живот, јас за мојот. Останатото го знаете, чекор по чекор споделивме сѐ.

-Давид штотуку наполни две години. Колку Ви се промени животот откако се роди?

Комплетно! На поубаво. На најубаво. Уживам во улогата на мајка. Трпение, сила и кога ја нема, безусловна љубов....многу работи се учат повторно, многу се доживуваат за прв пат. 

-Планирате ли уште деца?

Да. Јас сум растена со брат и сестра. Имало моменти кога сестра ми не била дома, бил брат ми и обратно. Секогаш имаш друштво и никогаш не ти е досадно. Посакувам да имам три деца, имам трпение, желба и љубов за уште деца. Ако не ми е пишано да имам ќерка, ќе си посакам син мил и златен како Давид. 

-Би се вратиле ли на модните писти барем за една ревија?

Да. За пријател или пријателка во секое време, од љубов, од почит, во име на убавите времиња.

-Се обидоа да Ви ја одземат титулата назад во 2001. Што се случи?

За момент се замислив.... Сепак поминаа 14 години. После изборот имаше некое недоразбирање помеѓу НИП Нова Македонија како носител на лиценцата за Мис на Македонија и организаторот. Од самиот почеток, до крајот на изборот, а до ден денес моите односи со тогашниот директор Никола Тасев се одлични. По изборот ме повикаа да ги поплнам документите кои требаше да се испратат во Токио. Интервјуто кое беше испратено и плус фотографии од сликањето после изборот кои ги направивме со Владо Георгиев. Организаторот кој за прв пат го организираше изборот имаше свои очекувања од мене, а очекуваа и од Нип Нова Македонија да се повлечат и тие да преземат сѐ околу организацијата за моето заминување. Со оглед на тоа дека не ги исполнија ветувањата дадени пред изборот, јасно беше дека и сѐ понатаму ќе биде исто. Организацијата ја презема НИП Нова Македонија и мојата комуникација се сведе на Никола Тасев и Маја Крстиќ од Вечер, со кои заедно завршивме сѐ - авионска карта, гардероба и сѐ што беше потребно за достоинствено претставување.

-Кога конечно во Македонија ќе се организира избор за Мис каков што доликува?

Не знам. Кога некогаш, било што се организирало без проблем кај нас? Во натпревар секогаш ќе има победник и губитници, тоа е нормално. Проблем настанува кога одите со очекувања, некогаш нереални и излегувате како губитник. Некој едноставно не е спремен да губи. Имам убави спомени од изборот, нови пријателки од цел свет, со некои од нив и 14 години подоцна одржуваме комуникација. 

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Последниве две години тоа е мојот син Давид. А мојата љубов, љубов е Дарко.

-Ако победевте на изборот за Мис на светот, ќе посакавте и Вие мир во светот, или?

Мир во целиот свет ниту имало, ниту ќе има, па макар било тоа и на еден ден. Ќе посакам секој да си го најде мирот во себе, да преовлада разумот и ладни глави, секое дете на овој свет да има мирно, безгрижно и среќно детство, да шириме љубов и позитивни мисли затоа што сѐ се плаќа во животот. На овој или оној начин. 

-Која е приказната за Сити Хол?

Приказната за Сити Хол ја започнавме на иницијатива на сестра ми. Старото диско Хард Рок во 2011 комплетно го реновиравме и веќе четири години Сити Хол работи како мултимедијален центар за организирање на настани од секаков тип. Приватни прослави, бизнис коктели, предавања, обуки, модни ревии, семинари, фотосесии, презентации, матури, венчавки. Комплетно опремени со техника, озвучување и осветлување, стоиме на располагање за реализација на Вашите идеи и замисли. 

Објавено:
14 август 2015
Прочитано:
8.448 пати