гитаристка

Постојам, а со тоа сум среќна

Интервју со
Мартина Блажеска
19 август 2015

Мартина Блажеска е млада и талентирана гитаристка од Охрид за која допрва ќе слушате. Таа е првата Македонка што успеа да студира на престижниот музички колеџ Беркли каде веќе успешно ја усовршува својата музичка кариера. Неодамна, таа сними фантастичен дует со големиот Дуке Бојаџиев под наслов „Eternity“ за кој веруваме дека е на вашата омилена летна плеј – листа. Месецов, во рамки на фестивалот Охридско лето, Мартина имаше можност да го отвори концертот на Бојаџиев на преполниот Амфитеатар каде ги остави присутните без здив. Со Мартина разговаравме за нејзините успеси во Бостон, за родниот Охрид, за омилените музичари, за среќата и сѐ она што денеска ја исполнува. Ние и посакуваме огромна среќа понатаму и светски успех за кој знаеме дека ѝ претстои.

Дамјан Пејчиновски или John Mayer?

- Дамјан Пејчиновски е мое директно гитарско влијание. Тој ми помогна да напреднам и да го проучам инструментот на правилен начин. Со тоа што тој беше мој професор четири години јас на време ги открив тенденциите за препознавање музички квалитет и како да се насочи музичката енергија на правилно место.

John Mayer има индиректно влијание врз мене и од неговата музика, артистична енергија и животна приказна научив како правилно треба да се надградува музичкиот успех. Mayer е стилски поблизок до она што јас го работам кога станува збор за авторска музика и неговите акустично гитарски способности и композициите кои на комплексен начин се направени да звучат едноставно е токму она што мене ме фасцинира.

Не би можела да одлучам затоа што има голема разлика од луѓе кои имаме шанса да ги запознаеме лично и да ја црпиме енергијата токму пред нас и од оние кои постојат но се дел од нашиот живот индиректно.

Како ја замислуваш среќата?

- Среќата за мене е она „default” чувство за кое не сме свесни, кое постои секојдневно и нѐ одржува во живот исто како и процесот на дишење. Не е возбуда и не е посебна енергија која се случува поради одредена причина во посебен момент, туку е лична состојба со која сме научиле да живееме. Постојам, а со тоа сум природно среќна.

Какво е чувството на 19 години да снимиш песна со музичар како Дуке Бојаџиев?

- Чувството е прекрасно. Чест и задоволство ми е што имав шанса да соработувам со Дуке, за мене еден од најдобрите музичари од Македонија чиј талент и музички капацитет е недостижен дури и на простори како што се САД. Мене и Дуке првенствено не спои Беркли, па имавме успешна студио сесија во Gaea Music во Њујорк каде снимивме дело со коешто сум многу задоволна. Eternity и приказната зад таа песна дефинитивно оставаат голем музички печат.

Кои се предностите што Беркли им ги нуди на младите?

 - Преку часовите и квалитетот кој се добива од нив, Беркли нуди дисциплина која носи до музичка совршеност. Се фокусираме на џез и популарна музика и учиме на музички јазик кој е најпристапен за комуникација со останатите музичари од светот.Сите млади студенти сме директно поврзани со важни настани и личности од музичкиот бизнис и чекор напред на колеџот, значи чекор поблиску до светска кариера. Постојано има мастер часови од светски познати музичари како Guthrie Govan, Victor Wooten, Marcus Miller и многу други.



Која е личноста на која најмногу и се восхитуваш?


- Најмногу се восхитувам на моите родители и мојот брат кои се прекрасни луѓе и подариле голем дел од себе за да ми помогнат јас да бидам она што сум денес.

Бостон или Охрид?

- Охрид заради тоа што ми е дома и е несомнено едно од најубавите места на светот. Природна и историска убавина, каде што се живее смирен, но сепак динамичен живот и каде сите знаат правилно да уживаат. Бостон заради онаа урбана убавина и брзиот живот што поттикнува човек да го извади својот личен максимум.



Знаат ли луѓето во Македонија да препознаат талент како тебе?


- Луѓе кои знаат да направат разлика од квалитет до неквалитет се оние доволно информирани луѓе кои слушнале и виделе работи на различни нивоа и се способни да препознаат одредени квалитети во индивидуата. Во Македонија има многу луѓе што дозволиле да знаат што е вистински добро. Сите тие веднаш можат да препознаат таленти во музичката, филмската, ликовната и другите уметности. Мислам дека постојано комуницирам со луѓе кои знаат да ги препознаат вистинските вредности и среќна сум што кај нас таквите луѓе сѐ повеќе преовладуваат.

Покрај музиката, што друго те исполнува во Бостон?

- Покрај музиката ме исполнуваат кратки патувања до нови места кои ги истражувам со моите најблиски пријатели, на пример оваа зима чекоревме по реката Чарлс кога беше комплетно замрзната. Знам да отидам на викенд и до Њуjорк. Често го посетувам Музејот за Ликовна Уметност како и New England Аквариумот во Бостон, исто така ги гледам премиерите на скоро сите најнови филмови. Ме исполнуваат и долги разговори на места со убав поглед со личности кои се на истата фреквенција за музика и стил на живот.

Подготвена ли си за успехот што те очекува?

- Подготвена сум за сѐ она што свесно би можела да го добијам со својот труд и посветеност. Дали е тоа успех или неуспех, не е ни важно сѐ дури се прави од љубов. Нормално, тежнеам кон успешни проекти кои ќе радуваат многу луѓе околу мене.

Што после Беркли?

- После Беркли сакам да правам музика за Македонија и светот со цело искуство што ќе го добијам од таму. Сакам да патувам, настапувам и да поставувам нови стандарди во современата и гитарската музика.

Објавено:
19 август 2015
Прочитано:
1.527 пати