Моден бренд

Празничната магија на ЕЛЕНА ЛУКА

Интервју со
ЕЛЕНА ЛУКА
19 декември 2022

Што е потребно за вистинска празнична магија? Веројатно секој има свој одговор на ова прашање и формулата за среќни празнични денови е многу интимна и лична, но приказната на ЕЛЕНА ЛУКА е бајка во која секој ќе препознае барем еден сегмент од својата среќа.

Топла атмосфера, прекрасно друштво, пријатна и позитивна енергија и на сето тоа еден префинет моден раскош кој го доловува духот на празниците со сиот негов сјај.

Ребека, Ирена, Вера и Кристина четирите прекрасни дами во друштво на малите ЕЛ принцези, секоја со свој сензибилитет и сензуалност, на најубав можен начин го отсликаа гламурот на ЕЛЕНА ЛУКА создаден за да ѝ даде посебен печат на новогодишната сказна раскажана преку новогодишниот моден едиторијал.

ЕЛЕНА ЛУКА дизајнираше ексклузивна капсулна свечена колекција, надополнета со специјална детска линија, по принципот „Custom Made" прикажувајќи ја суштината на празничната атмосфера: да блескаме одвнатре, но и однадвор и на најубав можен начин да се поздравиме со годината во заминување. Празничната честитка на ЕЛЕНА ЛУКА испишана со ракописот на модната магија, треба да ја испрати пораката за вистинската убавина, онаа која обединува, оплеменува и ги прави луѓето среќни.

„Идејата за овој моден едиторијал беше да се потсетиме на топлината и суштината на празниците. До нашат публика да допреме со една убава и пријатна порака која ќе потсети на сите нешта во животот кои нѐ прават среќни, кои ни носат возбуда во секојдневието и едноставно денот ни го прават исполнет. А модната магија секако дека ја има таа моќ. Бескрајно им благодарам на моите прекрасни дами Ребека, Ирена, Вера и Кристина, како и на најшармантните мали ЕЛ принцези, што пораката на ЕЛЕНА ЛУКА ја пренесоа на вистинскиот начин, достоинствено, искрено и со една прекрасна, женствена енергија со која ги оплеменија уникатните креации што се дизајнирани специјално за да им дадат посебен сјај на празниците", изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА

А целиот процес во создавањето на празничната колекција е посебна приказна на која е посветено посебно внимание, труд и креативен пулс за да се создаде една бајковита целина, која ќе го спои целиот диверзитет на карактери, емоции и естетика, така за да може секоја дама да се пронајде во нејзиниот одраз.

Користени се најпрефинети материјали, кои ќе ги почувствувате како дел од себе, дефинирани во перфектно моделирани форми, акцентирани со екстравагантни детали. Гламурозно, блескаво, посебно – по мерка на таа единствена димензија на празниците.

Вистинско модно волшепство!

За време на фотосесијата, во целиот тој убав празничен амбиент имавме прилика да поразговараме со четирите дами, кои ни ги пренесоа и своите лични импресии.

Каков е вашиот впечаток за иницијативата на ЕЛЕНА ЛУКА за една ваква празнична фотосесија?

Ирена

Прекрасна идеја која што впрочем прави и ние кои сме дел од овој сет, да ја почувствуваме новогодишната магија, да се чувствуваме како навистина да сме дел од новогодишна сказна, да уживаме во извонредните креации на ЕЛЕНА ЛУКА, но и во прекрасниот амбиент и сите овие аранжмани кои во најубаво светло ја отсликуваат таа празнична магија.

Вера

Чест и задоволство ми е што сум дел од оваа новогодишна фотосесија што ја организира ЕЛЕНА ЛУКА и што сме заедно на сетот со овие прекрасни дами, а истовремено и со миленичињата. Со ЕЛЕНА ЛУКА долги години соработуваме и се чувствувам навистина и прекрасно и почестено. Можеби за време на пандемијата немавме можност да направиме една ваква фотосесија, но сега конечно ја имаме таа шанса и сѐ изгледа волшебно, како и креациите што ги носиме, а се и предлог за дамите како да се дотераат за убавите прилики што ни следуваат.

Ребека

Јас одамна не сум била на ваков тип на празнична фотосесија и мислам дека редно беше некој да се сети да го направи тоа. Многу ми е драго што сум дел од оваа приказна на ЕЛЕНА ЛУКА и што сум со едни прекрасни дами, со Ирена, Вера и Кристина. Навистина ми е убаво и е вистински погодок и освежување во целиот амбиент во нашето секојдневие.

Кристина

Одлична иницијатива на ЕЛЕНА ЛУКА. Впечатоците не можат да се соберат на едно место затоа што замислата што ЕЛЕНА ЛУКА ја има за ваков тип на фотосесија е прекрасна и фантастично е тоа што брендот има да го раскаже преку оваа приказна. Жената е прикажана од различни аспекти, не само од моден, туку и во една топла, пријатна атмосфера што овие празнични моменти треба да ја имаат. Гламурот е крактеристичен израз на ЕЛЕНА ЛУКА и впечатокот од сето ова ме оплеменува.

Бидејќи празниците што ни претстојат секогаш се поврзани со убави емоции, љубов и пријателство, кажете ни малку повеќе за вашето пријателство со ЕЛЕНА ЛУКА низ годините?

Ирена

На ова прашање треба да одговарам многу долго затоа што со ЕЛЕНА ЛУКА не се познавам долги години, туку долги децении и сум имала можност честопати да носам нејзини креации, да учествувам на модни ревии што ги организирала. Навистина е задоволство да се следи растежот на една таква жена како што е Елена, пред сѐ полна со љубов, со креативност, со огромна енергија, која што навистина го познава сензибилитетот на секоја жена и умее за секоја од нас да креира прекрасни креации на кои секогаш одново и одново им се восхитуваме.

Вера

Елена е една од најпрекрасните личности што ги познавам, а со ЕЛЕНА ЛУКА ги имам најубавите соработки кога се работи за теми од модниот свет. За сите убави случувања и големи настани секогаш се тука за мене и јас за нив. Се надевам дека како и досега, нашата успешна соработка ќе трае уште долго.

Ребека

Толку многу имам да раскажувам на оваа тема. Јас со ЕЛЕНА ЛУКА се знам од самите почетоци, односно сум со ЕЛЕНА ЛУКА. Всушност, во сетоа она што го градеше таа низ годините, јас сум директно или индиректно присутна. Различни соработки за ревии, за фотосесии, имавме хуманитарни ревии, па таа учествуваше во многу наши проекти на здружението „Дајте ни крилја" и секогаш ни дава безрезервна поддршка. Ги облекуваше лицата со попреченост, секогаш беше тука за да ни помогне за соработка со нив. Имавме и проекти за донации од неа за физиотерапевтски центар, така што приказната помеѓу мене и Елена е долга и јас сум горда што имам една таква пријателка. И самото тоа што модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА го прави низ годините и има свој печат, е за голема почит. Само пофални зборови и драго ми е што и јас можам да дадам свој придонес во целата фотосесија.

Кристина

Моето пријателство со ЕЛЕНА ЛУКА е од неодамна, но имаме толку многу убава конекција бидејќи мојот стил на изразување целосно се поклопува со визијата на брендот. Се чувствувам како отсекогаш да сум соработувала со ЕЛЕНА ЛУКА.

Опишете ни каков дизајн носите специјално за оваа фотосесија и како Вие лично се чувствувате кога го носите на себе?

Ирена

За оваа фотосесија носам прекрасен, вечерен елегантен фустан, во боја на шампањ, од елегантна, прозрачна нежна тантела која дискретно светка, со прекрасни цветни декорации. Мислам дека секоја жена во ваква тоалета би се чувствувала како вистинска принцеза или како кралица. Во секој случај, многу женствена креација која ја истакнува сензуалноста на жената, но и отменоста истовремено.

Вера

Конкретно оваа креација која што ја носам на себе за фотосесијата има една посебен гламур и навистина се чувствувам празнично во неа. Во дизајнот се вклучени доста детали, а истовремено е навистина женствен. Совршен за мене.

Ребека

Навистина многу убаво се чувствувам. Комотно ми е и пријатно, дополнително што јас преферирам да носам црна боја. Ми се допаѓа и би си ја земала за себе, затоа што навистина го отсликува мојот сензибилитет.

Кристина

Прекрасно се чувствувам во оваа празнична креација и од аспект на квалитетот како е изработена и во однос на естетиката. Едноставно беспрекорно. Дизајнот навистина е доведен до перфекција. А во однос на квалитетот сакам да поентирам дека е толку добро изработена креацијата што ја чувствувам како дел од себе.

Која е Вашата празнична порака до читателите на Фешнел?

Ирена

Бидете здрави и насмеани, бидете полни со верба и љубов, затоа што без разлика што и да ни донесе животот, секогаш имаме шанса да подариме насмевка, љубов, да ги направиме другите среќни, а правејќи ги другите среќни, секогаш ќе сме среќни и ние.

Вера

Посакувам многу здравје. Само радост, љубов и среќа.

Ребека

Празниците си ги правиме ние. Тоа доаѓа од внатре, од душата на човекот. Доколку ние ја немаме среќата во себе, тогаш за кој празник и да се работи, ние ќе бидеме несреќни. Среќата е во нас. Оние кои решиле да ги слават празниците Нова Година и Божиќ (за мене Божиќ е посебен), мислам дека во тие моменти треба да си се посветат на домот, да бидат со најблиските, да направат добри дела во овој празничен период. Самото значање на празникот е да помагаме, да даруваме и секој ден да направиме по некое добро дело. Тоа сакам да им порачам на луѓето, да се свртат околу себе, да помислат како им е на другите и ако можат да им внесат зрак топлина во нивните животи.

Кристина

Сакајте се, љубете се и љубете ги вашите ближни и изразувајте го тоа што го чувствувате на најдобар можен начин.

Објавено:
19 декември 2022
Прочитано:
1.084 пати