Преплет од креативност, талент и идеи

Интервју со •
10 јули 2013

„Летото е бескрај“ со оваа порака не дочекаа во креативното студио „Преплет“. Препознатливи по спецфичните парчиња, интересното име и уникатните пораки, тие за кусо време успеаја да ги освојат симпатиите на младите, а во иднина ветуваат дека ќе бидат уште покреативни.

Како дојдовте на идеја да изработувате креативни предмети и облека? Како започна Преплет?

Викторија: Со свој креативен простор, постоиме од април. Но, во однос на креативноста и сè она што го правиме, започнавме многу поодамна, од факултетските денови. Најпрвин започнавме со изработка на накит, плетен во модернистички стил. Со нашата работа се претставувавме на базари, биенале и изложби. Но, почнавме од хоби и уште од тогаш си бевме тим и го создадовме преплет. При крајот на 2012 почнавме посериозно и активно да го работиме ова, за во април да имаме и свој креативен простор.

Зошто токму „Преплет“?

Магдалена: И името потекнува од факултетските денови. Преплет, затоа што сакавме да го задржиме традиционалното, но сепак да создадеме нешто што ќе биде интересно и модерно и за новите генерации. Преплет, затоа што правевме преплет од различни конци, монистра, материјали, од сè што ни доаѓа при рака. Едноставно експериментиравме.

Викторија: Ние почнавме да развиваме и други идеи, името совршено ни се совпадна. Не е само преплет од предмети, туку и од настани, текстури, материјали. Се прави преплет за да се создаде нешто креативно уникатно. Преплет од разни идеи.

Магдалена и Викторија Магдалена и Викторија

Што сè изработувате?

Викторија: Покрај тоа што започнавме од накитот, сега сме насочени на други предмети што можат да се користат како аксесоари во домот. Покрај модните додатоци за жени има и предмети што може да си ги дозволи секој – од рамки, постерчиња, шољи за кафе... нешто во што може да се пронајде секоја модерна девојка со став и стил и која се стреми кон уникатен изглед.

Што најчесто ви бараат девојките?

Магдалена: Најмногу интерес има за торбите, особено платнените што содржат порака: „Насмеј се гласно, не под мустаќ“. Тие им се „пофинтаџиски“, затоа што овие пораки не можат на овој начин да се преведат на англиски, туку се наши. И актуелни. Ние сами ги смислуваме и тоа ни е целта. Производот да биде наш, да ја одржиме традицијата на кирилицата, на нашиот јазик и да направиме нешто модерно. Младите сè повеќе користат англицизми, па ние сакавме да покажеме дека постојат и кај нас фрази што се актуелни.

Викторија: Сакавме да го почувствуваат она што ќе го прочитаат. Поинаку е кога ќе прочитате порака на туѓ јазик, а поинаку ја доживувате кога е на ваш. Затоа што, секојдневно ги користиме, а не сме свесни дека можат да звучат интересно испишани на наш јазик.

Колку трае процесот на создавање?

Магдалена: Најмногу време се посветува на креативниот дел.

Викторија: Првите производи што ги направивме ги презентиравме преку каталог. Се договривме на секои два месеца да додаваме производи со нов каталог. Така сиот идентитет го смислуваме според сезоната. Првин тргнуваме од пораките.

Магдалена: После тоа ги аплицираме на производите, односно гледаме мислата за кој производ би соодветствувала, па потоа ги изработуваме.

Колку време посветувате на изгледот? Колку ви е важен?

Магдалена: Па важен е многу, иако јас преферирам опуштен изглед.

Викторија: Секако дека ни е важно како изгледаме. Сепак, целиме кон тоа да бидеме што поприродни и во однос на нашиот стил, но и во однос на она што го презентираме на девојките. Сакаме да претставиме една слика и порака на девојка што нема премногу да се оптеретува дали нешто може да се комбинира или дали ќе изгледа смешно. Туку, да го направи некој преплет од парчиња што неа ѝ се допаѓаат. Така секогаш ќе изгледа добро – природна и своја.

Магдалена: Да не се плаши да експериментира, да не оди на сигурни комбинации.

Како би го опишале вашиот стил?

Викторија: Колаж од стилови. Некогаш парчињата се сосема неспојливи, но јас наоѓам начин да ги спојам и да ми се допаѓаат.

Магдалена: Мојот стил е опуштен.

Ваша порака за девојките за летниот период.

Магдалена: Да се слободни во духот, секогаш инспирирани, да се облекуваат онака како што се чувствуваат.

Викторија: Секогаш да бидат свои.

Објавено:
10 јули 2013