водителка

Пресреќна сум додека сите сме живи и здрави!

Интервју со
Живкица Каленикова
8 март 2016

Пред само неколку дена имавме прекрасна можност да се дружиме со едно од најпрепознатливите ТВ лица Живкица Каленикова, која денеска е сопруга и мајка на неверојатни три дечиња. И додека времето надвор подготвуваше вистинска бура, Даријан, Марко и Ана внесоа вистинска светлина во нашето студио. Нивната мајка го подготвуваше едното, а другите две веќе го истражуваа студиото и позите што ќе ги направат кога „баткото“ ќе ги фотографира. Неверојатно спонтани и разиграни, ги направивме токму оние фотографии на кои знаевме дека ќе видиме среќа, позитивни вибрации и искрена љубов. Токму за таа љубов, за мајчинството, за еден обичен ден во семејството Каленикови, за негата и грижата за себе, но и за проектот „Тунел“ кој ја доживува четвртата сезона, Живкица ни раскажува во продолжение.

Уживајте!

На што досега Ве научи мајчинството?

На максимална посветеност, одговорност, трпеливост, неизмерна и безусловна љубов, секојдневна инспирација, мала исцрпеност, но и на неверојатна моќ и сила да бидете полни со енергија тогаш кога ќе помислите дека сте преуморени (се смее).

Можете ли со по еден збор да ги опишете Даријан, Марко и Ана? Кажете ни по една нивна карактеристика...

По еден тешко, ама ако морам (се смее)... Даријан - лидер , Марко - борец и Ана – итрица. Даријан е многу самостоен можеби и со самото тоа што за брзо време стана поголем брат го направи лидер во тројката, Марко типично за децата во средина се бори за своето место под сонцето и сѐ мора да направи што прави и неговиот брат, секогаш мора да му се потврди дека е најдобар најумен, и голем маж (се смее). Ана е навистина миленичка на сите, особено на нејзините браќа и дури откако родив девојче ми стана јасен муабетот за девојчињата и нивната природна итрина. Една голема банда се и многу се радувам што се сакаат, чуваат, помалку и скубат (се смее).

Како изгледа еден обичен ден во семејството Каленикови?

Навидум обичен (се смее). И сега вака кога треба да раскажувам, си правам слика на еден наш обичен ден и се „фаќам“ како си се смеам сама со себе. Секој ден е динамичен и мора да биде многу добро организиран. Стануваме, се миеме, се облекуваме, правиме појадок и брзаме кон градинка, додека се убедуваме дека пет дена се оди во градинка, а два се одмара (се смее). Ана сѐ уште не е тргната во градинка, здравје ќе биде и тоа од септември. Благодарна сум што мојата работа ми дозволува да си го организирам времето, и да бидам тука и за семејството и за себе.

Тешко ли е да се воспитуваат три дечиња, а истовремено да имате успешна кариера и да се грижите за домот?

Навистина е  сериозен предизвик и повторно ќе кажам, среќна сум што сум си сама себе работодавач и што проектот „Тунел“ оди преку мојата продукција „No Limits“, а тоа ми дава слобода да си го организирам времето како што ми одговара, пред сѐ во полза на семејството и децата кои секогаш ќе имаат предност, но исто така не дозволувам работата да трпи. Со добра организација мислам дека ако човек сака, може да постигне сѐ, и секако да има листа на приоритети како не би дошло до фрустрации.

Среќна ли сте?

Пресреќна сум сѐ додека сме живи и здрави и нѐ служи умот, јас ќе се радувам на секој нов ден без оглед каков предизвик истиот ќе ни донесе.

Кои се Вашите најголеми животни стравови?

Сѐ што има врска со децата, а се нешта на кои не можеме да влијаеме, како војни и слично.

Која е приказната што најмногу Ве трогнала, а сте ја слушнале во Вашата емисија „Тунел“?

Уф, има многу, искрено се радувам на овој проект, не затоа што долго време го имав како сценарио и идеја во фиока, туку затоа што ми отвори многу нови видици, ми донесе многу нови пријателства и ми ги отвори очите и срцето на еден посебен начин. Со секоја приказна сфаќам дека навистина во животот треба да се гледа со позитивен став, а семејствата кои имале најголем предизвик со состојба која има врска со нивните деца и сепак издржуваат и се борат, тоа е навистина лавовски и ним им се поклонувам. А приказната за загубата на чедо и одењето понатаму во животот е нешто што длабоко го доживеав и преживеав, а прекрасната мама Весна никогаш нема да ја заборавам.

Како сте задоволни со новата сезона?

Задоволна сум што успеавме да се наметнеме како ТВ проект што луѓето ќе го доживеат како свој, како место каде може да слушнат нешто што ќе ги насмее, натажи, информира, инспирира, каде ќе сфатат дека не се сами, ниту единствени во нивната животна битка. Благодарна сум на тимот кој ми помага несебично и се радувам на уште една нова сезона, 4 -та по ред. Се радувам што веќе оди полесно договарањето да се зборува за теми кои важеле за табу и искрено верувам дека ќе ја подигнеме свеста кај секој од нас за гледањето на различностите.

Која е тајната на Вашиот добар изглед? Отсекогаш сте позната по прекрасната долга коса, негуваната кожа и одличната линија. Како наоѓате време за сето тоа?

Ви благодарам, убаво е ова да се чуе. Сепак кога работите работа која има врска со медиум и јавно појавување, треба и да се внимава на изгледот, иако морам да признаам дека веројатно и генетиката има малку врска. За линијата и благодарам на мојата тројка (се смее), но сепак и на девојките во Тринити, таму си најдов одличен тим по мерка што повторно по бременоста ме направи тенка (се смее), а кога ќе го имате тимот од мое студио Дадар, нема место за паника.

Кои се квалитетите што најмногу ги цените кај Вашиот сопруг?

Посветеност, вредност, големо срце, знае секогаш да подаде рака и незаменливо е чувството кога знаете дека што и да се случи, пред што и да се исправите во животот, имате на кој да се потпрете, имате некој со кој се чувствувате најсигурно на свет...тој е мојата најголема љубов.

Имате ли најдобри пријатели? Што тие значат за Вас?

Вистински искрени пријатели, најдобри, како да станува мисловна именка во денешно време, за жал. Среќна сум што ги имам оние вистинските со кои без оглед колку долго некогаш нема да се видам тоа ништо не менува во нашето искрено пријателство, оние на кои можеш секогаш да им кажеш буквално сѐ, на кои можеш да им се јавиш во било кое време, со кои нема потреба од глумење и лажирање, нив си ги чувам како најголемо богатство, чувајте си ги и Вие.

Објавено:
8 март 2016
Прочитано:
14.618 пати