Раде Шербеџија: Среќен ме прави секој нов ден!

Интервју со •
9 октомври 2014

Дрвена маса, стол, чаша старо добро црвено вино, сцена, шешир и еден уметник, придружуван од својата публика која не ги штедеше дланките и му помогна да раскаже уште една сага, чии перипетии беа стиховите на безвременските песни кои патуваат низ времето и не бледнеат, а кулминираше со неверојатната изведба на неповторливата „Не дај се Инес“.

Легендарниот боем, харизматичниот пејач чии стихови заведуваат, галат, будат емоции и неповторливиот актер кој имаше можност да ја вкуси и да биде дел од ѕвездената холивудска магија, единствениот Раде Шербеџија, вчеравечер во Универзална сала одржа уште еден концерт. Заедно со Западни Колодвор Бенд, во еден пријатен амбиент, интимна атмосфера, музицирањето на виолината и хармониката, Раде уште еднаш не освои, ни ја соголе душата, не разнежни, не маѓепса, не насмеа, не расплака...

Толку спонтан, толку непосреден, со својата шапка кој му е верен придружник на сите негови патувања, покажа дека за него не постои временска рамка, ниту граница, туку само голтка вино, љубов, емоција и уметност. Покрај публиката која повеќе беше во улога на статист, отколку гостин на сцената со Раде пееја и младата актерка Јана Стојановска како и Влатко Стефановски.

Концертот Раде го отвори со новата песна „Време е драга, време е“, која воедно е и носечка композиција на новиот албум што актерот го издава после четири годишна пауза од студиското снимање.  Шербеџија, беше презадоволен од синоќешната дружба со публиката, но и можноста повторно да се види и дружи со пријателите.

„Ми беше многу убаво, публиката беше прекрасна, и навистина се чувствував убаво“, рече Шербеџија.

Во неврзаниот разговор кој го водевме после завршувањето на концертот Раде откри дека среќен го прави секој нов ден, а космосот е неговиот извор од каде црпи енергија која му е потребна за да биде во баланс со динамиката на работните обврски. Шеширот стана препознатлив белег на неговиот имиџ и синоним за човекот боем, а всушност крие една малку поинаква приказна.

„ Јас сум од Славонија, ние сите од Славонија, носиме шешири. Навистина сакам да го носам шеширот. Го носев порано,  затоа што сонцето беше силно и ми беше на некој начин заштита од сонцето, а потоа  прерасна во на некој начин навика, но и белег на мојот личен имиџ“, откри актерот.

На крајот од овој месец, Шербеџија, поточно на 24 октомври ќе почне со снимање на својот филм „Ослободување на Скопје“, која е негова дамнешна желба, која на негово огромно задоволство наскоро ќе стане реалност.

„Станува збор за одличен текст и така впрочем јас дојдов на идеја да направам филмско сценарио кој со помош на авторот Душан Јовановиќ го направив и напишав и после тоа пројдовме на конкурсот во Македонија и добивме почетни финансиски средства за да го отпочнеме со проектот, потоа моите продуценти Роберт Насков, Гордан Тозија – Медо и Игор Нола од Загреб, мој пријател продуцент почнавме заеднички да работиме на реализација на овој проект. Така да остваривме соработка со копродуценти од Европа, Финска и уште неколку држави и на тој начин сметам дека успеавме да го усогласиме буџетот за да можеме да почнеме со снимање на 24-ти октомври“, ни кажа мултиталентираниот уметник.

На прашањето дали повеќе се пронаоѓа во музиката или во актерството Раде вели:

„Во фудбалот, бев најдобар фудбалер на генерација“ (се смее).

Меѓу присутните на концертот беа и голем број јавни личности кои воопшто неги штедеа убавите зборови, епитети, возбудата и големите очекувања кои ги имаа од вечерта.

„Очекувам неповторливо уметничко доживување, Раде Шербеџија е човек кој што секогаш знае да ја восхити публиката, секогаш знае да подари ново парче за своите верни слушатели. Мене лично ми се допаѓа Раде како уметник една сестрана личност, еден комплетен уметник кој што мислам дека низ целиот свој живот остава еден неизбришлив траг во уметноста, и секогаш публиката открива по некоја нова негова страна“, вели Ирена Спировска.

Помеѓу гостите ја забележавме и младата и шармантна водителка Ведрана Ѓорѓевиќ која откри дека прв пат присуствува на концерт на ѕвезда од калибарот на Раде Шербеџија.

„Со оглед на тоа дека сум прв пат на негов концерт, немам некои посебни очекувања, односно очекувам ако е толку добар актер, да биде и уште подобар пејач, верувам дека човеков се што прави го прави најдобро. Го немам слушано во живо како пее, ама за мене не постои подобар актер од него“ ни кажа Ведрана.

Делот на организација, нормално во рамките на професионално завршена работа. Јана Ѓоргиевска, од Баги Комуникации како дел од организациониот тим пред почетокот на концертот најави незаборавна вечер за уживање.

„Вечерва ќе биде незаборавна и комплетно во знакот на уживањето како што впрочем може и да се очекува од Раде Шербеџија. Ќе биде промовиран неговиот нов албум „Време е драга, време е“, заедно со Западни Колодвор бенд. Еден од полесните луѓе за соработка, кој е многу приземен, едноставен и голем професионалец. Ми беше чест навистина“, додаде организаторката.

Има толку многу да се зборува за Раде Шербеџија, тој човек кој е светски, а наш, толку голем, а сепак толку мал, толку добар, а сепак скромен. Уметнички виртуоз и сонувач кој прв го пронаоѓа патот до месечината, неговата казна е што поседува талент и ја има привилегијата да може да го вкуси утрото пред сите други.

Објавено:
9 октомври 2014