Ракотворби: Традицијата и современиот дизајн сплетени во нослива уметност

Интервју со •
18 февруари 2015

Минатиот викенд во Скопје се одржа базарот на ракотворби, „Арт базар – Дизајн со љубов“ посветен на празниците на љубовта и виното. Fashionel беше присутен на настанот каде одблиску можевме да се запознаеме со перфектната рачна изработка на нашите талентирани ракотворци. Шаренило, инвентивни дизајни и вистинска уметност не опкружуваше од сите страни. Во делот каде што беа изложени плетенините, вниманието особено ни го привлече еден удобен, топол џемпер со цветни мотиви изработен целосно од волна. Така го започнавме разговорот со Марија Јанева Трајкова, која е „виновна“ за неговата изработка.

Како почнавте да се занимавате со плетење?

-Идејата да почнам да се занимавам со плетење постои многу одамна. Јас сум уметничка душа и мојот медиум за изразување се токму плетенините, како уметничкото платно на уметникот.

Хоби или професија?

-За некои плетењето е хоби, но за мене дефинитивно професија која планирам сериозно да ја развивам и понатаму. Плетенините и начинот на кој тие се изработени, кажуваат многу за тоа кој ги изработува, каква е неговата емоционална состојба кога плете, а јас исклучително се вложувам во тоа.

Што се изработувате?

За изработката, моделот, формата, бојата и намената најчесто се договарам со купувачите и се трудам да ги задоволам нивните барања. Најчесто барани се плетените изработки за дечињата кои немаат граници во својата фантазија што ми дава слободен простор и јас да се инспирирам. Изработувам речиси се што може да се направи со игла и конец: џемпери, шалови,капи, топлинки, фустани, но во последно време и бикини, костими за капење, кои сметам дека се глобален моден тренд.

Какви техники и материјали користите?

-Во зависност од тоа што изработувам и какве е намената, користам различни типови на материјали: конец од памук, волна, акрил, мешавина од истите, мерцилизиран конец, свилен конец.... За жал кај нас тешко се наоѓа убава и квалитетна волница.

Знае ли македонскиот купувач да ја почитува рачната изработка?

-Реално изминативе години како малку да беше запоставена рачната изработка воопшто, но во последно време ме радува што се почесто ракотворците се враќаат со нови инвентивни идеи. Па со тоа и понудата на пазарот на рачна изработка е се поголема, така што купувачите се враќаат кон вистинските вредности. Се повеќе внимание се посветува на рачната изработка и се повеќе се вреднува рачниот труд. Се надевам со таков интензитет ќе се продолжи и во иднина, затоа што сме преплавени од кинескиот пазар чии производи во цена многу не се разликуваат, но затоа разликата во квалитетот е огромна.

 

Оваа година учествувавте на „Арт базарот“ во Скопје. Успеваат ли ваквите настани да Ве доближат до пошироката јавност?

-Оваа година имав можност за прв пат да учествувам на „Арт базарот“ во Скопје што се покажа како одлично искуство што планирам да го практикувам и понатаму. Пред се, го запознаваме пазарот, колегите-ракотворци, а од друга страна и пошироката јавност не запознава нас па тука се остваруваат и можности за нови потенцијални клиенти. Интересно е што на ваквите собири може и да размените мислења и искуства и тоа да го примените понатака во професионалниот развој.

Како планирате да го развивате Вашиот занает во иднина?

Секако планирам максимално да се вложувам во овој занает. Имам идеја да го проширам и да отворам дуќан каде ќе ги изложам моите ракотворби. На тој начин секој и во секое време ќе може одблиску да се запознае со моите ракотворби и со процесот на нивната изработка, па секако на крајот и да го одбере своето омилено парче.

Објавено:
18 февруари 2015
bool(false)