Ружица Антиќ: На првиот состанок со Перо ја носев најдречливата сина блуза!

Интервју со •
3 јуни 2015

Таа е мајка на две прекрасни момченца, магистриран политиколог, жена со неверојатно чувство за мода и сосема на крај, сопруга на еден од најдобрите македонски кошаркари, Перо Антиќ. Ние имавме можност да поминеме едно попладне со шармантната Ружица Антиќ и да фотографираме дел од парчињата од нејзиниот плакар, од кои како што и очекувавме, се воодушевивме! Во модниот рај на Ружица се кријат фасцинантни примероци на дизајнерски чанти, чевли и накит во кој веруваме дека ќе се заљубите! Секогаш насмеана и забавна до крајот на светот, во интервјуто таа нѝ раскажува за нејзиниот стајлинг на првиот состанок со Перо, за омилените дизајнери, за опседнатоста со Џеки Кенеди, а открива совети за тоа како ја негува нејзината кожа, кои се задолжителните парчиња што секоја жена треба да ги има во плакарот и уште многу модни совети. Иако ќе каже дека можеби грдо звучи кога не ти го кажуваат името, туку те претставуваат како жена му на Перо Антиќ, што таа го доживува како комплимент, ние со особена чест ви ја претставуваме уникатната Ружица Антиќ и богатствата од нејзиниот плакар!

Која е Ружица Антиќ?

Мајка на Лука и Павел, магистриран политиколог, вечен оптимист, најсвоја се чуствувам на било кој аеродром, за секоја лоша постапка на било кој човек, после неколку дена наоѓам оправдување, опсесивен купувач сум, читател и колекционер на светски магазини и списанија. Тука сега би сакала да го кажам нескромно она фамозното - жена, мајка, кралица... (се смее)...Верна на мал круг на луѓе, учтива скоро со секого. И да, иако грдо звучи кога не ти го кажуваат името туку те претставуваат како жена му на Перо Антиќ, го сфаќам тоа како комплимент.

Која е според Вас стилската икона на сите времиња?

Сите што ме познаваат ја знаат мојата опседнатост со Џеки Кенеди Оназис. Имало многу поубави жени, имало поуспешни, но за мени Џеки е една. До денес не сум видела жена толку шик да носи очила за сонце и толку префинето да изгледа во „тренч“ мантил. Буквално до денешен ден, нејзините фотографии во Шанел костими можат да стојат во секој моден магазин.Нејзината лежерност и аристократски спонтан изглед не се учи, ниту се постигнува со цела дузина стилисти. Посебно ми е драго што сега во Америка успеав да најдам на Амазон прекрасна книга со преку 200 стајлинзи на Џеки О, од нејзини појавувања во јавност.

Како би го опишале Вашиот стил во неколку зборови?

Како поминуваат годините, сѐ повеќе преовладуваат безвременски парчиња во мојот плакар. Скоро целиот стил ми е составен од комбинација од must have парчиња што ги комбинирам со моментален тренд. Како и секоја жена, никогаш немам кажано дека ми се доста чанти и чевли со високи потпетици.

Кое е она парче што секоја жена задолжително мора да го има во својот плакар?

Тоа парче се менува со годините. Кога си во 20-тите, тоа е перфектен џинс. Секоја паметна жена знае што и прилега, а што не. Во 30-тите, познатиот мал или долг црн фустан, во 40-тите квалитетен кардиган и црни панталони по твој крој. Многу е важно после 50 - тата година, секоја жена да сака да изгледа најдобро што може и да си пронаоѓа парчиња што ќе ја прават да се чуствува убаво во своја кожа.

Доколку имате можност, во која ера би сакале да живеете?

Во нашава ера единствено ми пречи што за сегашниве тинејџери, најважен е брендот. Многу помалку е важен квалитетот, личниот печат, па дури и естетскиот момент. Ја сакам модата денес, зашто многу пати граничи со уметност, зошто развојот на технологијата дозволува од секоја ревија да се прави мултимедијален спектакл. Ја сакам модата денес, зашто во себе ги содржи сите претходни ери низ очите на млади и талентирани дизајнери.

Кое е она парче што никогаш не би го облекле, независно од трендовите?

Има неколку парчиња што не ми се баш омилени. Хеланки – ниту кога сум била најзгодна, не сум ги носела. Не ја гледам потребата да се престават како дел од било каков стајлинг, освен нормално, за вежбање и физичка активност. Иако имам два пара, UGG чизмите од последнава зима, сѐ повеќе ми изгледаат безмислени. Мнoгу повеќе ми пречи видот на ткаенината на моделот.

Се каете ли за некој стајлинг што сте го направиле во животот, на кој и денеска не можете да заборавите?

Во раната младост имав еден интензивен период на излегување. Не можам да кажам дека се каам, но имам доста стајлинзи што не се баш за гордеење. Од фустани со шљокици, до марами носени како блуза. Имам и неколку фото спомени од овие моменти, а карактеристично за скоро сите такви стајлинзи, е дека во сите сум пробувала да воведам некој личен печат, можеби не толку успешен, но сепак тоа ми е доволно за да не се срамам.

Се сеќавате ли што носевте на првиот состанок со вашиот сопруг?

Да, многу добро се сеќавам (се смее). Најдречливата сина блуза некогаш произведена! Прв пат кога ми се јави ми рече дека цел ден го болеле очите од мојата блуза (се смее).

Што е она највредното што го поседувате?

Ако мислите на брендирани парчиња или накит, не би сакала нешто посебно да издвојам. По емотивна вредност, тоа е еден часовник што го добив од мојот сопруг за 10 години од нашата врска. Секогаш кога го носам ми е убаво на душата.

Како се замислувате себеси во поодминати години?

Би сакала да сум здрава пред сѐ, би сакала моето ментално здравје да ме служи и да имам сила и желба и физички да изгледам убаво. Стареењето бар засега, не ме плаши нешто посебно, ниту ме фрустрира. Не се замислувам себеси како лута, ботоксирана тетка која плука по млади згодни девојки...Многу ми е важно ништо да не ме извади од овој баланс што го постигнав пред некоја година. Ако сѐ е во ред, знам дека сигурно ќе изгледам најдобро што можам.

Кои се Вашите омилени светски дизајнери?

Валентино еден и единствен! Колку и да звучи откачено, се чувствувам како да го познавам (се смее). Многу, многу го почитувам она што успеаа да го направат Долче и Габана од својот бренд. Успеаја да ја вметнат целата италијанска историја, мода и традиција...Направија белег и личен печат, и денеска, не мора да бидеш фанатик по мода за да препознаеш нивно парче. И сето тоа на светско ниво...

Поседувате ли парчиња од македонски дизајнери?

Да, поседувам парчиња од Олгица Ѓоргиева и Росица Мршиќ. Ги следам двете дизајнерки, и постојано се супер. Кога сме кај македонската мода, Јована Филиповиќ и Јована Зука се девојки со кои ептен треба да се гордееме.

Потпетици или рамни чевли?

Потпетици, иако носам и балетанки и патики од практични причини. Со потпетиците е нешто друго!

Чанти или накит?

Чанти без размислување.Толку многу ми е сменет вкусот за накит што пола од тој што го поседувам, многу ретко го носам.

Како ја негувате Вашата кожа, некој совет?

Мојата кожа поминала низ многу патешествија. Од најскапи брендови до бабини лекови правени дома. Од опсесивни фази на чистења до спиење со шминка во најлошите денови. Сега сум во поумерена фаза, со неколку строги правила. Секој ден ја чистам со електричен чистач за лице, никогаш не спијам со шминка, одам редовно на козметичар и третмани со кислород. Кој совет и да го кажам, најважно е секој да си согледа сам што е можно порано што е најдобро за неговата кожа.

Кој е Вашиот омилен парфем?

Miss Dior Cherry!

Објавено:
3 јуни 2015