Маја Стевческа имав прилика да ја запознаам на една од обуките по моден дизајн организирани во модната куќа Елена Лука. Нејзината позитивна енергија видливо се пренесува и на ракотворбите што таа ги изработува, па ќе ги препознаете по богатиот колорит и внимателно и прецизно дефинирани детали. Но, особено кај неа ме воодушеви желбата постојано да учи нешто ново и тоа на единствен, за неа својствен начин, да го имплементира во нејзините креации. Плетењето ѝ е прва љубов, но нејзините вештини постојано ги надоградува благодарение на нејзината љубопитност и желба за нови предизвици. Периодов посетува и работилница за филигран, па воопшто нема да нѐ изненади ако во блиска иднина ја усоврши и таа техника и најде некој нов начин на комбинирање на повеќе техники при изработката на накитот. Во продолжение ве запознаваме со Маја - креативец, ракотворец, мајка, сопруга, жена со позитивен дух...
Маја Стевческа
Раскажете ни за Вашите почетоци како ракотворец.
-Мојата мајка изработуваше преубави венчаници и свечени фустани, па така јас уште од многу мала бев опкружена со прекрасни материјали, различни видови тантели, бисери, мониста што рачно ги аплицираше на самите фустани. Растејќи во таква атмосфера, кај мене постепено се раѓаше чувството за убавото, желбата да почнам да создавам нешто со моите раце. На почетокот и помагав на мајка ми во аплицирањето на разните украси на фустаните, за подоцна да почнам да си правам накит за себе. Во меѓувреме креативноста ја изразував и на други начини, па така победив на неколку натпревари по моден дизајн во мојот роден Велес, учествував на различни ликовни конкурси во Македонија и во странство, аранжирав цвеќе, изработував разни декорации за домот, научив да плетам...
Каде и како ги учевте тајните на занаетот?
-На моја десетгодишна возраст добив желба да научам да плетам и веза, па мојата сега покојна баба, ме научи за време на летниот распуст. Везев на гергев, плетев помали покривки за маса, разни шалчиња за мене и моите кукли и слично. Потоа, поради разни обврски, го запоставив ова хоби, се додека за мојот 33 роденден од мојата мајка не добив на подарок гердан изработен од техника на плетење во која се вљубив во истиот момент. Почнав да истражувам на интернет и открив дека техниката се вика Crochet и дека со оваа техника може да се изработува прекрасен модерен накит.
Што се изработувате и со какви материјали и техники најчесто работите?
-Техниката на изработка се вика Crochet, а за самата изработка употребувам исклучиво памучен конец со различна дебелина. За изработката да биде оригинална, вметнувам тантела, стаклени и дрвени мониста, бисери, најразлични материјали како тул, муслин, жоржет, украсни копчиња, буквално се што може да се вклопи во самиот дизајн на накитот.
Што Ве инспирира при дизајнирањето на накитот?
-Инспирација добивам буквално од се. Од модните трендови, природата, љубовта... Има моменти кога се чувствувам посебно исполнета и среќна и тогаш инспирацијата доаѓа сама, па знам да изработувам и по неколку парчиња истовремено. Цвеќето е мојата втора најголема љубов, па може да се види дека е доста застапено во моите дизајни. И секако ги слушам желбите на моите клиенти, па во тие случаи го изработувам она што тие ќе го побараат од мене.
Имавте можност да се доквалификувате во рамките на бесплатната работилница што ја организираше нашата модна куќа Елена Лука преку нејзината фондација. Колку сте задоволни од соработката и објаснете ни како течеше целиот процес?
-Да, добив единствена можност да се доквалификувам во модната куќа Елена Лука. Искуството што таму го добив за мене е од непроценливо значење, бидејќи таму стекнав знаење од областа на модниот дизајн, научив каков е процесот на изработка на една колекција, како психички да анализирам иден клиент со цел да му понудам идеален и оригинален дизајн направен по негов вкус и мерка, запознав прекрасни луѓе, а стекнав и пријателка за цел живот.
Периодов посетувате и работилница за филиграни. Какво е досегашното искуство?
-Моментално ја учам техниката на изработка на филигран во Занаетчиската комора о тоа е нешто во што исто така се пронајдов. Учам буквално во еден здив, имаме прекрасна инструкторка која несебично се труди да не внесе во тајните на занаетот.
Кој момент од целиот процес на креирање автентично парче накит Ви е највозбудлив?
-Возбудлив е целиот процес на изработка на парчето накит, од самата замисла до финалниот изглед. Многу често пред да започнам со изработката, во главата имам една слика за изгледот на тоа парче, но во текот на изработката добивам нови идеи, па накитот на самиот крај е сосема различен од првобитната замисла. Во секој случај, највозбудлив ми е моментот кога една жена или девојка со воодушевување ќе стави на себе мое парче накит. Тогаш знам дека сум успеала да го постигнам она за што ја работам оваа работа, а тоа е да направам ние жените да се чувствуваме посебно и махично во секој момент од живеењето.
Хоби или професија?
-Професија. Се пронајдов себеси во изработката на накит и нема нешто што повеќе би сакала да го работам за да заработам за живот, а истовремено да ме исполнува толку многу.
Која е Вашата долгорочна визија на професионален план?
-Во иднина се гледам себеси како успешен мајстор по филигран, кој создава уникатни и посакувани дела, но секако продолжувам со изработката на накитот во Crochet техника, па можеби ќе пронајдам начин и да ги спојам овие две навидум неспоиви техники, зошто да не.