креативец

Се чудат кога ќе видат дека маж прави декорации со цвеќе

Интервју со
Драган Пејчев
11 јули 2019

За Драган Пејчев дознавме од социјалните мрежи. Неговите декоративни аранжмани со сукуленти навистина привлекуваат внимание. Вели, во тоа што секогаш сака да оди напред и да внесува нешто необично, досега невидено, ја буди креативноста – не само својата, туку и на своите клиенти.

Драган или како што повеќето го знаат, Буги е тетовец кој долги години живее и работи во Скопје.

Неодамна нè прими во својот дом, па освен што се воодушевивме на работите што ги изработува, со домаќинскиот пристап и уште повеќе скромноста со која ја раскажуваше својата приказна, нè потсети дека сè уште постојат луѓе со чиста искреност, човечност, пријателство и благодарност. За време на оваа пријатна посета и пред сè мошне пријателска, иако првпат се запознаваме, зборувавме за она што претставува негово хоби, кое полека прераснува во професија.

- Некој да ми речеше дека ќе се занимавам со ова, на некој начин со уметност, немаше да верувам. Никогаш не сум се замислувал дека работам креативна работа. Првото нешто што го изработив беше декоративна саксија со мозаик од природни камчиња. Во дворот кај мене имаше прослава и гостите ја забележаа и почнаа да прашуваат како е направена и од каде ми е. Така започна сè! Тоа ми беше првиот поттик дека сепак во мене постои талент и креативност за вакви работи – ни рече Пејчев на почетокот.

И од саксија, за две години колку што ја работи оваа работа, стаса да уредување и декорирање на паркови.

„Мини Гарден – Б“ е името под кое ги презентира своите креативни дела на социјалните мрежи, во што многу му помогнале внуките, а каде ќе видите и сосема несекојдневни аранжмани.

-Од една скршена гитара направив аранжман, кој наиде на многу реакции, најчесто позитивни. Имаше и такви кои велат дека сум ја упропастил, но јас на тоа не гледам така. Таа и така е скршена и нефункцонална, а сега вака уредена е искористена, разубавува нечиј простор. Неодамна добив понуда да направам нешто слично со саксофон. Се јави жена која сакаше да го изненади сопругот со сличен аранжман, искористивме стар саксофон и изгледаше одлично – вели Драган.

За речиси две години колку што се занимава со оваа креативна работа, направил преку 320 декорации и уредил осум дворови, а во моменов работи и на еден парк.

-Се трудам да понудам нешто несекојдневно. Се трудам и кај луѓето што ме најмуваат да ги убедам да пробаат нешто ново, нешто што досега го немало, да бидат похрабри. На мое големо задовлство често знаат да ме послушаат и да си го направат просторот уникатен – ни изјави Буги.

На прашањето дали е исплатлива оваа креативна работа, искрен е и одговара позитивно.

-Може да се живее од ова да, но проблемот е што во Македонија сè уште рачната изработка не се цени. Бев од минатогодишното издание на Цвениот фестивал во Скопје, каде забележав дека има многу уметници чии дела и не беа доволно вреднувани (во смисла на продажната цена) за трудот што го вложиле – смета 40-годишниот креативец.

Инаку, Драган е самоук, а работата ја осознавал низ етапното работење. За некои производи му требаат четири до пет дена, додека за други 20 и повеќе, така што не секогаш е толку лесно како што изгледа.

-На пример, овој аранжман со дрвото го работев 20 дена. Се става во калап, па потоа со цевка, за да не се свиткува, па се премачкува со дрвофикс, се суши... Има процес и треба трпение. Лично, најмногу сакам да работам со керамика, бидејќи е специфична,без разлика дали се работи за скршени парчиња или не и декорирањето со камчиња, односно мозаиците. Тоа ме смирува, тогаш не ми треба ниту цигара, ниту теретана. На почетокот не беше лесно, дури и знаеше да ми предизвика многу голема нервоза, бидејќи не бев задоволен како го изработувам, па многу пати ги истурав и почнував од почеток, за да дојдам до фаза кога ме смирува – потенцира Пејчев.

Од неговото искуство, жените се тие што повеќе сакаат да подаруваат уникатни подароци, односно цвеќе. Но, од друга страна, не се навикнати дека маж може да ги изработува тие подароци.

-Секогаш имаат интересна реакција кога ќе се јават, односно има пауза од десетина секунди, па прашање – „машко си, очекувавме да биде девојче, повозрасна жена, ама маж, не“. Сè уште им е чудно тоа. Или кога ги доставувам производите, па ме застануваат да ме прашаат дали јас ги правам.

Одлучил да работи со сукуленти, бидејќи се практични и не бараат претерана нега, па на тој начин се прилагодил на потребите на денешниот човек кој што секогаш некаде брза. Издржливи се, опстојуваат и на -25 и на +50, дел се негово производство, а дел ги набавува.

- Инаку, не сум љубител на цвеќиња, колку на зеленилото. На кое и работно место да сум работел, ако имало двор и не бил доволно среден, доброволно сум се пријавувал да го средам – потенцира Буги, кој е посебно возбуден кога работи на уредување и декорирање дворови, а како што споменавме од неодамна и паркови.

Во работата му помага и најблиското семејство, но вели, кога нешто се сака, сè се може.

- Инспирација црпам од Интернет и од мојата креативност, но но факт е дека никогаш не може да излезе идентично. Кога ќе ми кажат сакам како на сликата, сепак треба да се сфати дека кршењето на саксијата, на пример, нема да биде идентично, само оттука да тргнеме. Инаку, токму овие керамички произовид се и најбарани и најпродавани – ни откри Драган.

Некаде пред крајот на разговорот, тој ни ја кажа и неговата најголема желба во моментов на чие остварување интензивно работи.

-Од досегашното искуство, повеќето клиенти ми бараат изложбен салон и посакувам во краток временски период да го реализирам тоа, но да го направам така што ќе биде нешто сосема ново, една креативна оаза, привлечна за сите. Во главата ми се “мотаат“ и други интересни идеи за нови проекти и производи, но едно по едно. Многу сум благодарен и изненаден од сето ова што ми се случува и од позитивните реакции на луѓето, што е мотив да се трудам уште повеќе – ни рече за крај Буги.

Ние посакуваме неговите желби да станат реалност, а се надеваме дека со оваа приказна ќе поттикнеме и други дека никогаш не е доцна да откриете дека поседувате некој талент и истиот да премине во работа што вистински ќе ја сакате!

 

Објавено:
11 јули 2019
Прочитано:
2.984 пати