Фоторепортер и авантурист

Семејството Тапшанов со камп приколка ужива во авантурите низ Европа: Пливаме во алпски езера, се збогатуваме со нови искуства

Интервју со
Драган Тапшанов
25 мај 2022

Веројатно за многумина е сон или мисија која никогаш нема да биде исполнета, но за младото семејство Тапшанов е секојдневие. Драган, со сопругата Едит и синот Марк, со камп приколка патуваат низ Европа и живеат авантуристички живот во дом на тркала. Драган е фоторепортер од Скопје, кој пред многу години го напуштил домот и кој со години преку својот блог ни го испорачува светот на дланка, сликан од перспективи кои откриваат емоција и душа. Откако го имаат синот Марк, патувањата се уште повозбудливи и сега се екипа од тројца љубопитни авантуристи кои секојдневно го искусуваат животот со полни гради. Од хоризонтите што може да се вкусат само на високите планински врвови до разладување во алпските езера, секој ден во нивниот живот е со различно чувство и искуство, поглед и боја.

Во краток, но живописен разговор, ни пренесоа парче авантуристичка „закуска"...

Поздрав семејство Тапшанов. Каде се наоѓате во моментов?

-Моментално сме во Шведска каде ги посетуваме националните паркови.

Може ли живописно да ни ја доловите глетката која во моментов ја имате пред вас?

-Глетката тука е тешко да се долови со фото и видео, а цел жувот сум со камера во рака. Со зборови, кога вистинскиот верник замислува Рај, го замислува ова што ми е моментално пред очи.

Драган, со Вас направивме кратко интервју во 2015 година, кога сѐ уште во пар ги доживувавте сите авантури низ светот. Сега сте екипа од тројца – твоето семејство. Која е разликата помеѓу тогаш и сега?

-Во 2015 бевме сами со Едит, сега сме со плус Марк. Разликата е само финансиска и временска, се друго е скоро исто. Сѐ уште искачуваме врвови, пливаме во алпски езера и се збогатуваме со нови искуства, само што сѐ оди поспоро.

Како е да се патува со дете? Постајат ли дополнителни предизвици?

-Предизвиците се исти за секој што има дете од две години, без разлика дали дома или на пат. "Ми се како, ми се мочка" таман си тргнал "пак ми се мочка", "стигнавме, сакам да се бањам (10 степена вода)" итн.

Во глобала не можам да се пожалам од Марк, стварно е дел од тимот, иако некогаш знае да ни го крене притисокот.

Вашата камп приколка е вашиот дом. Како ви е организирано едно секојдневие?

-Дали сме во стан од 100м2 или приколка од 8м2 исто ни е, не се двоиме многу.

Организација како дома, доручек, кафе и одма надвор. Нема разлика дали врне или има сонце.

Кога во една прилика ве прашавме: Кој е Драган Тапшанов, ни одговоривте: Дечко со капа, ранец, камера и пасош. Дали сѐ уште останувате на истиот одговор?

-Сѐ уште капа, ранец, камера и пасош, но до пред извесно време во ранецот седеше Марк, сега трчаме паралелно. Ранецот е повторно со опрема.

Верувам дека секој ден низ вашата авантура е приказна. Но, постои ли некоја посебно вредна, што го сменила вашиот поглед на нештата?

-Секој што патува за да учи и доживува нови култури, традиции и авантури, се враќа променет, со нови погледи кон животот. Секоја авантура остава свој белег.

Во што најмногу уживате додека патувате? А што би избегнале доколку е возможно?

-Уживаме во сѐ, буквална, поготово ако е предизвик.

Имате ли омилено место на вашата мапа?

-Сите места каде што сме создале спомени заедно ни се омилени (многу романтично звучи ова, но е вистина).

Што би ми препорачале доколку решам утре да заминам со камп приколка низ светот? На што треба да бидам подготвена?

-Биди подготвена на искуство што нема да се заборави.

Според вашето искуство, која земја е најидеална за кампување?

-Идеални за кампување со приколка и фамилија се Германија, Австрија, цела Скандинавија, Данска. Ова се земји каде ќе имате мир и тишина преку цел ден.

Имате ли крајна дестинација на вашето патување?

-Тргнавме до Нордкапп, најсеверната точка на континентална Европа, но тоа не е крајот. Не планираме, ниту помислуваме на тоа.

 

Објавено:
25 мај 2022
Прочитано:
3.409 пати