моден новинар

Снежана Дакиќ: Карл Лагерфелд беше вистински господин

Интервју со
Снежана Дакиќ
7 март 2021

Elena Luka Worldwide е нов серијал во реализација на модната куќа Елена Лука, кој во ова време кога недостасуваат ток-шоу-а, емисии кои би ни го привлекле вниманието и би не' релаксирале, доаѓа како вистинско уживање. 

Секоја недела ќе имате можност да гледате видео разговор со ѕвезди од соседството, со кои ќе се зборува на тема мода, живот, емоции, искуство, стил.

Оние малку повозрасните што можеби следеле некои српски модни емисии, веројатно го паметат името Снежана Дакиќ. Таа долги години беше автор и водител на емисијата „Живот у тренду“, а до неодамна можевме да ја гледаме и на „Женски канал“. 

-Пред шест години добив понуда да смислам концепт за Прв женски канал, и тогаш престанав да ја работам емисијата „Живот у тренду". Беше големо задоволство да се работат женски теми, кои инаку и мене ме интересираат, а во тој правец оди и мојот Инстаграм профил, како и книгата која наскоро треба да ја издадам, така што следното интервју ќе биде во Македонија по повод мојата нова книга - вели модната новинарка со богата кариера, на почетокот од разговорот, како прва гостинка во Elena Luka Worldwide. Дел од разговорот ви пренесуваме во продолжение. 

Дали е тешко да се работи со жени?

-Зависи. Има прекрасни жени, реализирани, кои со својата работа го заслужиле тој успех, со нив е лесно да се работи. Но има и такви кои се „буткаат“ на некој друг начин - со сплеткарење, швалерација, знаат да зборуваат невистини, некои кои ги пробива некој центар на моќ, најчесто политички, е таквите жени најчето не го заслужиле своето место и со нив е потешко да се работи. Во животот и кариерата имав среќа да работам со многу прекрасни жени, но има и такви кои баш фино „ми сместија“.

Сега работите како агент за луксузни недвижнини...

-Женски формат каков што сакав јас да работам, не беше препознаен од националните фрекфенции, сакав да зборувам за реални животни појави и емоции - љубов, среќа, живот, смрт, плачење, став... Но, тие теми на еден краток и банален начин се обработуваат и во утринските програми и тоа падна во вода. Зошто да правиме ток-шоу, ако можеме да ја решиме со 15 минути со две „будали", еден од нив што малку ќе ја провоцира јавноста и малку е скандалозен и еден паметен, кој и не стасува да каже нешто паметно од другиве двајца кои се „препукуваат" за глупости. А како агент за луксузни недвижнини почнав да работам сосема случајно на идеја на еден пријател. Положив тест и релативно ми е ново сè. Пред да почнат строгите мерки со пандемијата, јас работев само шест месеци. 

Но, интересно е што, дури и кога се големи кризи, цената на луксузната стока не се намалува. Се сеќавам дека кога беше и нападот на кулите Близначки и светската економска криза претходно во 2007 година, баш се прашував кога цените на скапите чанти или чевли од премиум брендовите како што се „Шанел“, „Гучи“ ќе „паднат“, но никогаш не ги намалија :) Од друга страна, ги имате мултинационалните брендови кои се популарни и тука и во странство и кај вас, кај нив цените се останати исти, но затоа материјалите се се' понеквалитетни, синтетички.

Колку земјите како Македонија или Србија можат да си го дозволат гламурот за кој зборувате?

-Постојат и скапи копии, на кои навистина тешко можете да воочите разлика. Понекогаш дури сметам дека големите брендови сами го форсираат тој пазар на копии, за да продаваат масовно. Кинезите и Русите, односно Русинките се најголеми потрошувачи на луксузна стока, а сега и тие се во криза. Можеби и светот е така направен да ние кои не можеме да заработуваме месечно 10.000 евра, сепак понекогаш можеме да си дозволиме нешто од 200 евра, додека овие првите можат да дадат и 2.500 евра на чанта. Но, многу помалку е важно дали носиме нешто со познат натпис или не. Важно е дали имаме стил. Јас секогаш давам предност на природен, пријатен материјал. А добро организирана чанта е половина завршена работа. Замислете ја секојдневната нервоза кога претурате по чантата барајќи клуч, или пенкало...

Како се чувствувавте во друштво на еминентни имиња од модата и шоу бизнисот како Карл Лагерфелд, Галијано, Хали Бери, Џон Траволта...

-Тие средби се одвиваа кога како новинар доста патував, на начин што ќе се акредитирав и успевав да добијам свои пет минути. И кога од Србија одиш за Кан за 5 минути интервју, мораш добро да размислиш како ќе ги искористиш тие минути и да не бидеш ти тој што ќе зборува повеќе. Има некои што се фалат дека се дружат со нив, дека се дел од тоа друштво, јас тоа не го правев, бидејќи реалноста е дека тоа беше мојата работа. Додека работев за „БК“ телевизија, често патував и ги работев прилозите од разни фестивали - Кан, Венеција... Пред тоа, беа големите модни недели - Лондон, Париз, Милано, Њујорк... Тоа е голема бркотница. Се плашиш да не ти откажат, иако имаш закажано, бидејќи реално си спореден лик, доаѓаш од земја каде во тоа време луѓето не одеа во кино и на Бокс офис тие немаат никаква заработувачка од нас. На тие модните ревии одев во време кога Србија беше под санкции и кога се соочувавме со дискриминации и не' означуваа како „лоши момци“, па добар дел од времето морав да ги убедувам дека не сме криминалци, дека не сме убијци, дека не сме примитивци... Не беше лесно и јас на тие ревии „упаѓав“ така што познавав некој што некаде работи како ПР или стилист. Џон Галијано е навистина “откачен“, а Карл Лагерфелд на пример, беше вистински господин. 

Половина свет го поминав сама со мала камера во раце, бидејќи немаа пари да пратат двајца, а второ, како да го акредитирам, кога и самата често влегувам на трик. Се сеќавам на тоа интервју со Лагерфелд, сите дојдоа со огромни продукции, сниматели, тонци, а јас се појавив пред Карл сама, со малечката камера. Многу ми беше срам, но му реков: „Извинете многу, мојот снимател утринава ја повреди ногата и не можеше да дојде“...  Имаше многу незгодни ситуации, но се водевме по паролата „Снајди се“. Но, тоа ми прилегаше баш тогаш, кога имав 25 години до кај 33. Сега, не ми оди со статусот и со годините, тоа треба да го прават помладите.

 

На какви други начини се снаоѓала, дали годините го дефинираат стилот, за познавањето на македонската сцена, гостувањето на Боки 13 кај неа во емисија, за тоа каде грешат средовечните жени при изборот на облека и фризура, гледајте во видеото во продолжение:

 

Објавено:
7 март 2021
Прочитано:
448 пати