Софрологија – одбрамбен механизам од негативното влијание на современото живеење

Интервју со •
3 септември 2014

Турболентниот современ животен тек често ни наметнува стресни ситуации кои видливо се одразуваат на нашето психофизичко здравје. Тоа ја наметнува потребата, медицината, алтернативната медицина како и психологијата, постојано да се во потрага по нови одбрамбени механизми кои ќе го амортизираат негативното влијание на нашето опкружување. Софрологија е техника за релаксација која во Македонија не е доволно позната, но во светот веќе активно се применува токму благодарение на позитивниот ефект врз целокупната психофизичка состојба на современиот човек. Наскоро во Скопје ќе се организира работилница каде сите заинтересирани одблиску ќе можат да се запознаат со Софрологијата, благодарение на Софрологот практичар, Лепосава Тодорова. Токму овој настан беше основниот повод со кој поразговаравме со г-ѓа Тодорова:

-Факт е дека живееме во турболентно секојдневие кое ни наметнува стресни ситуации од кои никој не е изолиран, а тоа често се одразува на нашето психофизичко здравје. Постои ли начин како да го амортизираме негативното влијание на современото живеење и да се заштитиме од негативните последици?

- Токму така, секојдневно се соочуваме со стресни ситуации на секое поле и потребно ни е повеќе од било кога да најдеме начин да се справиме брзо и ефикасно со истите.
Постојат многу начини и техники во денешно време кои би можеле да бидат добра и ефикасна алатка за справување со секојдневните животни стресови и предизвици, но онаа која јас ја користам, како лично за себе, така и пренесувајќи ја на другите и која се покажува доста успешна е Софрологијата, или поточно Динамичната Софрологија.

Софролог практичар, Лепосава Тодорова Софролог практичар, Лепосава Тодорова

-Што е Софрологија и на колку различни нивоа се спроведува?

- Софрологијата е техника за релаксација и опуштање која ја истражува, модифицира и подобрува човековата свесност.  Сеансата по Софрологија се состои во загревање/припрема на почеток на сеансата со неколку движена и истегнувања по свој избор, проследени со динамична интроспекција или енергетска тоалета (еден вид авто-масажа) и 1-2 лесни вежби кои се работат во седечка и стоечка позиција.
Постојат 5 нивоа во Софрологијата :

1. телесно/корпорално ниво – работиме на тоа да стапиме во и оствариме контакт со нашето тело и да имаме свесност за него, да бидеме присутни во сегашниот момент и сконцентрирани и фокусирани на она сто го правиме во моментот, накратко, да се чувствуваме добро во нашето тело ;

2. ниво на емоции – успешно справување со нашите емоции и животни настани, проектирање во иднината откако добро ќе се вкорениме во нашата сегашност преку првото ниво ;

3. интуитивно ниво – стимулирање и оживување на нашата креативност и безбедно навраќање кон минатото со цел да го согледаме на поинаков, попозитивен и попродуктивен начин и да се оспособиме во донесување на поправилни одлуки за нас во сегашниот момент користејќи ја нашата интуиција ;

4. рационално ниво – присутно уште од самиот почеток на практикувањето на Софрологијата кое ни помага да ги идентификуваме и нагласиме за нас релевантните откритија при Софролошката пракса ;

5. трансцендентно ниво – кое се состои во истражување на трансцендентната интелигенција која произлегува од и ги храни сите претходни нивоа и го овозможува надминувањето на себеси/личната трансценденција. Тоа би значело : збогатени од праксата на претходните нивоа и откритијата остварени во текот на праксата на претходните 4 нивоа кои ни даваат информации за нас самите и нашиот потенцијал, како и сила и самодоверба кои би можеле да ги искористиме во надминување на самите себеси при справувањето со секојдневните проблеми, стресови, предизвици и на некој начин реинвентирајќи се самите себеси и релативизирајки ги животните настани.

-Која е Вашата улога како Софролог практичар?

- Мојата улога како Софролог практичар е пред се да ја пренесам техниката и да им овозможам на моите ученици (во Софрологија не работиме со клиенти, туку со ученици или чираци) да станат автономни во Софролошката пракса, што значи да имаат алатка со која можат секојдневно да се служат во било која пригода и на било кое место и во било кое време.
Пред некој ден, една жена која веќе се служи со Софрологијата рече : Ќе добиете алатка која ќе ви служи цел живот !
Ова е многу точна изјава, бидејќи Софрологијата е навистина применлива за се’ во животот и на секоја возраст, од 5 до 125 години. (се смее)

-Кој е ефектот од оваа техника и на кој начин се спроведува истата?

- Првобитниот ефект од Софрологијата нормално ќе го почувствувате уште при првата сеанса, а тоа е длабока релаксација и опуштеност на сите нивоа. Потоа со текот на проучувањето/практикувањето на нивоата, како што веќе објаснив погоре, ќе почувствувате поголема присутност во сегашниот момент, вашата самодоверба ќе порасне, вашата интуиција и креативност ќе почнат да ве изненадуваат со нови идеи и решенија, ќе бидете во можност многу подобро и поефикасно и побрзо да се справите со вашиот стрес и вашите емоции, ќе се фатите на моменти како дишете поправилно итн.
Ефектите се навистина многубројни од оваа техника, поготово доколку редовно ја практикувате и имате желба, волја и мотивација да ги проучите сите нивоа кои ги набројав погоре.
Што се однесува до тоа како се спроведува техниката, веќе кажав погоре дека се состои во загревање  на почеток на сеансата, проследено со енергетска тоалета/динамична интроспекција и 1-2 лесни вежби кои се практикуваат во седечка и стоечка положба.

На крајот на сеансата одвојуваме време да споделиме што сме почувствувале во текот на самата сеанса, почнувајќи и осврнувајќи се пред се’ на се она што било и е позитивно во текот на сеансата.

 

-Наскоро во Скопје Вие ќе ја организирате еднодневната работилница на тема: Динамична Софрологија. Објаснете ни  повеќе околу настанот, на кој начин ќе се организира и кој се може да присуствува?

- Да, на 13. Септември  (Сабота) во 10 часот во Центарот за Јога и Духовни Дисциплини „Surya“ во К. Вода во Скопје ќе одржам 2 часовно Воведно Предавање и  Сеанса по Динамична Софрологија.
Замислата е пред се да ја претставам Софрологијата накратко и потоа да направам една Воведна Сеанса за и со присутните како би можеле уште веднаш да го почувствуваат првобитниот ефект од оваа неверојатно корисна пракса.
Работилницата е отворена за секој кој би бил заинтересиран :

  • да работи на себе;
  • да најде начин да се справи поефикасно и побрзо со сите животни потешкотии со кои се справува во овој момент:
    • несоница;
    • депресија;
    • анксиозност;
    • burn-out (моментално многу популарен во Европа, поготово во Белгија каде сто живеам доста се зборува во овој момент за него, дури го легализираа како еден вид официјална „психо-социјална потешкотија како резултат на преоптовареност на работното место“);
    • припрема за породување;
    • припрема за испити, за натпревари;
    • припрема за јавни настапи;
    •  јакнење на самодовербата;
    • или едноставно начин да се опусти и релаксира.

Пријавувањето е задолжително, местата се ограничени. Секој кој е заинтересиран може да се пријави кај Лиле од Центарот „Surya“ или кај мене преку e-mail на : leposava.todorova@hotmail.com
Работилницата ќе се наплака: 500 денари

За сите оние кои сакаат повеќе информации и како точно да се пријават кај Лиле, еве го линкот од настанот објавен на ФБ:

https://www.facebook.com/events/794630800589544/?ref_newsfeed_story_type=regular

Линкот на мојата ФБ страница е: https://www.facebook.com/AmazingSophrology

Линкот кон мојата веб страница е: http://amazingsophrology.vpweb.be/

На веб страницата заинтересираните ќе можат да најдат видеа со презентација на Софрологијата на македонски јазик, како и првата сеанса во вид на видео која можат да си ја направат и сами во интимноста на својот дом или со пријатели ако сакаат пред да дојдат на работилницата и да ја направиме заедно истата.

 

-Повлечете една паралела: Колку во Македонија, а колку во светот се спроведува оваа техника и како луѓето ја прифаќаат?

- Во Македонија се’ уште не се знае за Софрологијата. За прв пат зборуваме сега во текот на ова интервју за неа и за прв пат ќе биде презентирана на 13. Септември како што најавив погоре во Скопје и  Македонија.
Во светот се’ повеќе и побргу се шири истата, иако најприсутна е и долги години беше во светот на Франкофонијата, како што велиме на француски, значи во земјите и подрачјата каде се зборува француски: Франција, Швајцарија и Белгија, но и во Шпанија каде и е создадена од Колумбискиот невропсихијатар  Др. Алфонсо Кајцедо во 1960 година.

Можам да ви кажам дека во овие земји поготово е прилично развиена и популарна и се’ повеќе и повеќе луѓето ја користат и практикуваат редовно.
Се повеќе и самите доктори, дали по општа медицина или други специјалисти ја препорачуваат секојдневно и соработуваат со нас Софролозите.
Постојат многу мултидисциплинарни центри во кои зависно од главната тема која ваквиот центар ја третира, освен општ лекар, педагог, психолог, психијатар, кинезитерапевт, логопед и други специјалисти, дали се работи за Оториноларинголози, кардио-васкуларни заболувана, канцер/рак или нешто сосема друго, вклучени сме и ние Софролозите се повеќе и повеќе.

Луѓето се генерално презадоволни од практикувањето на оваа техника, токму затоа што можат да ја практикуваат секогаш и насекаде, меѓу другото.

Но, најдобро е секако сите заинтересирани да пробаат и самите да се уверат во нејзините ефекти и придобивки и потоа тие да зборуваат за неа.

-Колку Софрологијата има влијание врз вашиот личен животен стил?

- Многу, навистина многу. Софрологијата не само што е практична техника која ми овозможува да се релаксирам и опуштам пред се’, ми овозможува и да можам побистро да размислувам и да ги решавам секојдневните проблеми, но истовремено е и животна филозофија која ми овозможи да бидам поприсутна во сегашниот момент, да гледам позитивно пред се’ на се што ми се случува во текот на сеансата и воопшто во животот (во Софрологијата како што веќе реков, на крајот на сеансата има еден момент кога споделуваме со Софрологот или со групата доколку работиме во група она што сме го доживеале и почувствувале во текот на сеансата. Кога работиме во група не е задолжително да споделиме, но е пожелно, и секако споделуваме она сто сакаме да го споделиме, важно ми беше и ова да го нагласам за оние посрамежливите.)

Ме поддржува во моите настојувања да ја избришам осудата од мојот живот што е можно повеќе, како кон самата себеси , така и кон другите. Ова е еден од главните и основни принципи на Софрологијата, да набљудуваме се што ни се случува без никаква осуда.

Ми се случи мојата креативност буквално да експлодира. Одеднаш знаат да ми дојдат идеи и решенија за проблеми, како и идеи за книги (веќе напишав една годинава во врска со бракот, но се уште ја чувам во интимноста на мојот дом, иако би сакала евентуално и да ја објавам доколку за тоа се пружи прилика секако), идеи за работа, одговорите на моите прашања едноставно доаѓаат побргу и се појасни.

Ми овозможува исто така полесно да ги надминувам препреките на мојот пат со помош на вежбите од второто ниво : надминување на препрека, футуризација итн.
Секојдневно ме изненадува со нови ефекти и нови откритија за мене самата, мојот потенцијал, моите способности за кои порано и не верував, ниту можев да помислам дека ги поседувам, уште помалку дека еден ден би можела да ги реализирам.
Едноставно сум одушевена од оваа техника и од нејзиното богатство, кое се повеќе и повеќе го чувствувам во својот живот и сум жедна и гладна да откријам сто усте се крие или би можело да се крие во мене, а за кое можеби се уште не сум свесна и кое би ми овозможило да го живеам својот живот уште поцелосно и поисполнето.

Објавено:
3 септември 2014