писател и драматург

Сонувам за уметност што ќе го промени светот

Интервју со
Сашо Димоски
5 февруари 2016

Во фантастичниот нов објект на театарот „Џинот“ во Велес, утревечер со почеток во 20 часот ќе се случи праизведбата на претставата „Медеја“ со текст од Сашо Димоски. Неодамна, ние имавме огромна чест да бидеме гости во театарот и да поразговараме со овој голем уметник кој говореше поубаво од кога и да е. Во интервјуто за Fashionel, Димоски говори за „Дневникот на Хулиганот“, за фасцинантната „Алма Малер“, за новата „Медеја“, за сонувањето, љубовта, стравувањето... Димоски ќе каже дека во овој момент, единствено му е важно да ја негува сопствената душа и да продолжи по овој пат за кој не знае каде точно води, но сигурен е дека е единствениот вистински за него.

Уживајте!

Зошто Ви беа потребни цели три години да го напишете „Дневникот на Хулиганот“?

„Дневникот на Хулиганот“ е пишуван повеќе од три години и во првичната верзија тоа се неколку дневници и тоа во смисла на секојдневна работа. Овој обемен материјал имаше потреба од широко време затоа што јас имав потреба од истрајност во соголувањето, во учењето да станам бескрупулозно искрен кон себеси. Авторот има потреба од време на зреење, колку да си потврди себеси дека е зрел за дека може да се носи со искреноста која ја добива од своите читатели. Во овој крајно себичен чин, останува само искреноста во нејзиното траење и не постои поголема вредност од тоа, ниту поголема причина да продолжете да ја давате својата суштина, без задршки и без фасади.  

Сметавте ли дека „Алма Малер“ ќе доживее толку голем успех кај публиката, со оглед на тоа што се работи за една малку поинаква претстава?

Последната изведба на претставата покажа дека нашата публика е подготвена да конзумира експерименти во естетичка смисла, кога во простор предвиден за седумдесет и пет гледачи сместивме сто и десет. „Алма Малер“ живее меѓу публиката на таков начин заради искреноста која ја нуди и која ја дава, што е пресуден фактор во поимањето на театарската уметност и на уметноста воопшто. Како несекојдневен тетатарски чин, „Алма Малер“ е показател дека гледачот има потреба да се допре неговата аура, имајќи предвид дека претставата се игра едвај на половина метар од гледалиштето и не допушта да бидете условно незаинтересиран или дистанциран од театарското дејство, да ја спуштите рампата меѓу себе и претставата и така станувате партнер во актерската игра. Ѕвезда Ангеловска и Милица Стојанова, двете Алми во „Алма Малер“, нивната автентичност и раскошна емоционалност, како и режискиот концепт на Васил Зафирчев, се главните носители на оваа „поинаква претстава“, за која се надевам дека уште долго ќе живее меѓу публиката и која ќе стане мотив за создавање поинакви претстави, претстави за особеноста на личните светови кои остануваат вечно живи без оглед на одредниците простор и време и ќе се врежат во колективната меморија на македонскиот театар и на театарот воопшто.

Колку често одите во театар? Која претстава ја погледнавте последна?

Кога работите во театар, по нужност треба да ги гледате сите продукции кои се случуваат, со цел да го потврдите сопствениот став за создавање и живеење театар, а со тоа да ја испитувате сродноста на емоционалниот апарат со онаа која ја доживувате, на внатрешното око и на естетичкиот параметар во кој функционира вашето органско чувство за театар.

Во театар одам онолку често колку што ми дозволува времето, а последно ја гледав „Мајсторот и Маргарита“ на Иван Поповски во Македонскиот Народен Театар, редок естетички чин кој зборува за креативниот капацитет кој македонската театарска продукција го нуди од една страна, а од друга за трендот на создавање театар во Македонија кој во моментов го диктира токму МНТ и кој сериозно станува конкурент на големите европски театарски куќи.  

Сонувате ли за големи театри?

Сонувам за уметност која ќе го промени светот и не само што сонувам, туку и верувам во тоа, понекогаш наивно, но секогаш искрено. И се трудам да придонесам колку што можам, колку што може секој поединец во колективен уметнички чин.

Кои се Вашите најголеми предизвици и цели што си ги поставивте пред себе?

Предизвиците и целите не се фиксни категории, туку варијабили кои го следат внатрешното растење. Во овој период, единствено ми е важно да ја негувам сопствената душа, да си го давам себеси она што ми треба и да ги препознавам сопствените вишоци побргу, за побргу да ги надминам и да ги оставам зад себе. Не знам каде точно води овој пат, но сигурен сум дека е единствениот вистински пат за мене.

Кој текст посакувавте да го напишевте Вие?

Од драмската литература тоа е „Во самотијата на памучните полиња“ на Бернар Мари Колтес заради вечната авангардност, заради формата на дијалогот, заради прекрасната луцидност која секогаш ќе биде пред времето во кое се создава театар.

Кое според Вас е најголемото театарско дело некогаш создадено?

Од моето гледачко искуство издвојувам две претстави: „Калигула“ на Томаж Пандур, „Електра“ на Андри Жолдак, а посакувам да имам прилика да работам и со двајцата.

Со кои актери посакувате да работите, а тоа не сте го сториле досега? За кого ќе кажете дека е брилијантен актер?

Брилијантен актер е оној кој не ја штеди својата душа додека ја носи улогата пред публиката, кој е доследен во емоционалноста на секоја проба, кој во својата интерпретација го надградува текстот и концептот на режисерот. До сега сум имал прилика да учам и да соучествувам во креирањето на претставата со големи уметници, а има уште голем број актери со кои сакам да соработувам во иднина.

Какво мислење имате за театарската публика во Македонија?

Емоционалниот хоризонт на очекување на македонската публика е секогаш отворен за нови доживувања. Прашањето повеќе би го свртел кон театарските производи кои се нудат на публиката и за нивниот квалитет на кој треба да се работи од повеќе перспективи и со разнородни орудија.

Што ќе кажете за љубовта?

Што и да кажам во врска со љубовта, ќе биде точно. Љубовта е глагол; се прави, не се кажува.

Од што се плашите најмногу?

Од заборавот.

Кога и каде бевте најсреќни?

Верувам само во сегашниот миг и апсолутната полнотија на секогашниот миг ме прави беспрекорно среќен.

Деновиве се случува праизведбата на Вашиот драмски текст „Медеја“, како дел од програмата на фестивалот „Дамите на Езерото“. Зошто денес ни треба нова „Медеја“, имајќи го предвид античкиот текст?

Најверојатно, времето во кое создаваме, кое одамна го надмина пост-постмодернизмот, би требало да се одреди како пост-трагизам, само заради новите спознаи на трагичното како цивилизациско искуство, а со тоа и како уметност. Во пост-трагизмот, нема простор за трагедијата како сценска манифестација. Во едноставната замена на именките кои одредуваат, кои ги даваат насоките во кои одново го креираме светот, трагедијата станува ужас. Претставите кои се занимаваат со ужасот, секогаш се поточни од трагедиите, само затоа што почиваат на вистинскиот екстрем на човековото (со)чувствување: ужасот како суперлатив на трагизмот. Театарот е само еден од модалитетите на кои пост-трагизмот зачекорува за да ги исцрта своите контури, враќајќи ги авторите во индивидуалниот ужас како колективна меморија. „Медеја“, барем оваа „Медеја“ сега и овде, почива на ужасот како парадигма, носејќи го, без никакво двоумење и сосем ослободен од метафори, пред очите на гледачот-соучесник во ужасот. 

„Петтото годишно време“ е Ваш четврт наслов, изданието повторно е на Култура. Каде е Вашето Петто годишно време?

Во времето потребно да се стане доволен себеси, во осамата сред луѓе, настани и време, во потрагата по онаа единица од душата која засекогаш нѐ чува од заборавот.

Објавено:
5 февруари 2016
Прочитано:
1.719 пати