Инфектолог и професор по инфектологија на Медицинскиот факултет при УКИМ во пензија

Споредбите на КОВИД -19 и грипот не ни помагаат

Интервју со
проф. д-р Љубомир Ивановски
27 март 2020

Секојдневно сме изложени на голем број информации околу актуелниот вирус именуван како КОВИД-19, а во тоа море од информации, оставени сме најчесто сами на себе да процениме кому или на што да веруваме. Со оглед на тоа дека ова е тема која ги интересира сите, а водени од фактот дека во потрагата по вистински информации треба да се водиме по сознанијата и знаењето на стручните лица, одлучивме да поразговараме токму со стручно лице. Нашиот нов соговорник професор д-р Љубомир Ивановски, редовен професор по инфектологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Кирил и Методиј и инфектолог во пензија.

Со долгогодишно животно и професионално искуство, кое вклучува и  повеќедецениско водење на Катедрата по Инфектологија при Медицинскиот факултет во Скопје, професорот ни даде свое видување на прашања поврзани со актуелната тема. Разговаравме за прашања што веруваме ги интересираат сите граѓани. Позборувавме за довербата што ја има народот кон здравствениот систем и работниците, за „лечењето на своја рака“, како и дали навистина жените се поотпорни на КОВИД - 19, но и што треба да научиме од сето ова што во моментот ни се случува на глобално ниво.

Целиот разговор со проф. д-р Ивановски, прочитајте го во продолжение:

проф. д-р Љубомир Ивановски Професоре, како Вие гледате на целата ситуација со актуелниот вирус? Дали навистина има потреба да бидеме загрижени? Јавноста ја разбранува и изјавата на српскиот пулмолог Бранимир Несторовиќ, дека се работи за “најсмешниот вирус во историјата на човештвото“, а од друга страна, сведоци сме на зголемување на бројката на заболени, а во Италија и незанемарлива стапка на смрттност...

-На прашањето дали има потреба да бидеме загрижени, би одговорил дека ако останеме само со нашата загриженост, не се решава ништо и не се придонесува во нашата заштитата од инфекција со новиот вирус  именувн како  КОВИД- 19 доколку загриженоста не е придружена со доверба кон препораките и дисциплинирано спроведуванње на истите упатени до нас од страна на здравствените власти и бројните експерти, домашни  и од подрачјата во светот зафатените од болеста. Значи, загриженоста да се изрази како дисциплинирано спроведување на препорачаните мерки и со прифаќање на фактот дека вирусот сериозно нè загрозува и како поединци и како општество.

Инфективните болести и нивното епидемиско и пандемиско ширење се природни појави, се јавувале и ќе се јавуваат и понатаму, без сомнение. Луѓето и микроорганизмите, и секако вирусите, се во блиски соодноси во екосистемот  и биосверата на планетава. Нашиот одговор кон вирусите и другите микроорганизми предизвикувачи на болести, кон нивното епидемично и пандемично ширење, постојано се усовршува, станува многу поуспешен, за некои од нив до степен да бидат сосема искоренети. За повеќето од нив знаеме успешно да ги контролираме во нивното ширење меѓу луѓето и успешно да ги лекуваме заболените. Но, во истовреме, нашите технолошки напреднати комуникации, транспортот на храна, трговијата со различни производи, миграциите, туризмот и сл. ги олеснува ширењата на микроорганизмите надвор од нивните природни средини и создава услови за нивно ширење. Значи инфективни болести, епидемиите  и пандемиите ќе ги има и понатаму, само што нашите знаења за успешно справување со нив  се  зголемуваат, стануваме способни успешно да се справуваме со нив.

Што се однесува на изјавата на колегата пулмолог, спомнат во прашањето, не би сакал пошироко да ја коментирам, очигледно е  дека,  тоа е несреќно избран пристап и обид да не ја зголемува паниката која таму веке се зголемувала .

Во вакви ситуации на пандемија и генерално, борба со вируси, која е улогата на инфектолозите?

-Инфектолозите специјалисти и науката Инфектологија се бават со дијагноза, лекување и превенција од натамошно пренесување на болеста од заболениот  на здравите лица. Системот на заштита од инфективни болести во нашата земја е комплексен, со акумулирано искуство децении наназад, и тестиран во праксата кога се справувал со бројни епидемии.  Искусни инфектолози и инфективни одделенија има во скоро сите градови од нашата замја. Тие се дел од нашиот целокупен здравствен систем и функционираат усогласено со него. Клиниката за инфективни болести во Скопје обезбедува врвен медицински третман на заболените, додека Катедрата за инфективни болести при Медицинскиот факултет во Скопје обезбедува едукација  на потребниот кадар во сите степени. Клиниката и Катедрата се во блиска и интензивна соработка со бројни клиники од Балканот, Европа и САД во кои инфектолозите се усовршуваат.

Убеден сум дека капацитетот и компетентноста за одговор на ваков предизвик градени со години заедно со мерките преземени од колегите епидемиолози кординирани од Министерството за здравство, ќе успееме да одговориме на овој голем предизвик, односно  ќе му овозможи лекување на секој пациент кому му е потребно, во болничките  капацитети, во други сместувачки капацитети, или во домот на болниот, се разбира под наш надзор и контрола.

 

Споредбите на епидемиите и пандемиите  на грипот (инфлуена вирус)  не ни помагаат

 

Статистиката вели дека на глобално ниво, од грип годишно умираат околу 650.000 луѓе, а притоа постои и вакцина. Последните податоците од Светската здравствена организација (за 26.03) велат дека досега од КОВИД-19 починале 20. 834 луѓе (а во моменов има преку 460.000 заболени). Треба ли воопшто да се споредуваат овие два вируса и што значи ваквата статистика?

-Споредбите на епидемиите и пандемиите  на грипот (инфлуена вирус)  не ни помагаат. Во справувањето со грипот имаме веке изградени стратегии. Користиме вакцина, антивирусни лекови, релативно добро позната епидемиологија, клиничка патологија и знаеме брзо да приготвуваме вакцина за неговите мутации кога се заканува пандемиско ширење. Знаеме и каков е резултатот од  инфекцијата кај невакцинирани, во различните возрасни групи, кај лицата со коморбидитет и кај различните полови. Се прашувате што сега од сево ова  знаеме кога е во прашање КОВИД- 19 ? Одговорот е - многу малку, но учиме многу брзо, многу побргу ако споредиме колку долго учевме за грипот. Користиме современи и напредни технологии, комуникации и  експертска соработка.  Извесно е дека во релативно кус времениски период ќе осознаеме доволно, за да можеме успешно да ја контролираме инфекцијата со КОВИД- 19 во најмала рака колку  што ја контролираме инфекцијата со инфлуенца вирусот. Дури тогаш, во такви услови ќе има можност од некаква споредба.  

Се работи за мутиран вирус. Што значи тоа? Како еден вирус мутира и зошто?

-Промените во генетскиот код на вирусите се добро проучени и релативно чести, кај некои вируси се многу чести. Тоа се должи на нестабилноста на неговиот генетски материјал и комплексниот процес на размножување. Неговиот комплициран животен циклус сам по себе и  бројни надворешни фактори, успеваат да предизвикаат промени во генетскиот материјал, однсоно да предизвикуваат мутации. Нашиот организам, поточно нашиот имунолошки систем клучен при средба со ваквиот вирус, веќе не го препознава. Кон него, тој  се однесува како и кон секој “нов” вирус, односно создава специфичен одговор кон него. За тоа му се потребни најчесто две до три недели. За тоа време вирусот се размножува и ни предизвикува болест со различно тешка клиничка слика - од лесна која скоро и не ја забележуваме до многу тешка со голема смртност кога болните се лекуваат во центри за интензивна нега .

 

Вирусот не е селективен

 

Постојат статистики кои укажуваат на тоа дека мажите се „поподложни“ на овој вирус отколку жените. Зошто? Има ли влијание естрогенот и воопшто, може ли вирус да биде така селективен?

-Одговорот на ова прашање сè уште не може со сигурност да се даде. Статистиките ги бележат засега, само заболените и лицата кои дошле во контакт со здравствените служби (тестирани контакти). Вкупниот број на инфицирани во една регија, град, држава сè уште не го знаеме и затоа овие статистики не ни овозможуваат да тврдиме дека некој дел од популацијата е “поподложен”. Поради истите причини не можеме со сигурност да тврдиме дека некој фактор (во случајов естрогенот) влијае на отпорноста на жените кон овој вирус.Статистиките констатираат помал број заболени, болни со полесна клиничка слика  и сл. но сепак  тоа не ни дава за право да сметаме дека полот игра улога во поголемата приемчивост/отпорност.

Инфективните болести познато е дека покажуваат бројни варијации во текот на болеста, нејзината тежина, клиничката презентација, исходот и последиците од неа. Влијанието на различни фактори е исто така познато, но тоа не се должи на поголемата или помалата приемчивост на човечкиот организам  кон вирусот, особено не заштитеноста од инфицирање.

Значи вирусот не е селективен, само шансите да продре во нас и да се размножува ние знаеме да му ги намалиме или да ги сведеме на минимум. Санитација, вакцинација и медикаменти и едукација се најголемите успешни приказни на медицинската наука во справувањето со вирусите. Овие фактори се потврдени, докажани во пракса и постојано надградувани со новите технологии. Но, исто така постои и природна, вродена отпорност на човекот кон повекето вируси чии природни домаќини се цицачи, птици, водоземци, растенија и други живи битија.

Треба ли да се перцепира вирус (генерално) како “лош“, може ли вирус да биде “добар“?

-Филозофско е прашањето што е добро, а што лошо. Вирусите се дел од екосиетемот. Некои од нив ни причинуваат големи штети, некои се корисни за нас, кон други сме индиферентни. Сите вируси, познати и досега непознати и новите кои тек ќе се создадат,  заедно со нас се неизбежен дел од една добро балансирана природна целина – биосвера. Денес човекот достигна знаење и моќ за сериозни интервенции во прецизниот природен баланс  и за жал почнува да се однесува сè понеодговорно кон природните рамнотежи воспоставувани со милениуми.

Како да се постигне колективен имунитет

 

Што мислите за одлуката на Холандија да гради колективен имунитет?

-Колективниот имунитет е вистинското и дефинитивното решение на пандемијата. Ако достигне висок процент имуни лица во популацијата (60, 70 или 90%) вирусот практично нема на кого да се пренесе. Но, секогаш постои едно но, или ама. Како да се постигне тоа? Преку вакцинација и медикаментно лекување на болните, санитација (социјална дистанца и миење раце дезинфекција на работни поврвнини) или природно ширење на вирусот. Можен е избор на различни комбинации  на овие мерки. Природното ширење на вирусот во популацијата кое нема да се попречува со прифатените мерки ќе резултира со колективен имунитет, но цената која ќе се плати со изгубени човечки животи ќе биде веројатно многу повисока од првичните претпоставки (Италија е пример за тоа). Големината на  штетите во здравствениот систем и економијата ќе зависи од демографските економските, менталитетните и од редица други специфики на популацијата. Верувам дека властите, посебно здравствените, не се рамнодушни дека радо ги прифаќаат жртвите на човечки животи. Сирурно не сме до крај запознати со направените проценки и преземени мерките за минимизирање на бројот на изгубени животи и материјалните штети  кои настануваат при наглото зголемување на бројот на болните со тешки форми на болеста.

Нашиот пристап ќе обезбеди исто така достигнување на колективен имунитет како крајна цел, но постепено преку контролирано и бавно ширење на вирусот во популацијата и во истовреме со заштита на лицата со поголем ризик за тешките последици или загубата на животот поради инфекцијата. Избраниот пристап е во духот на солидарност и хуманост изразена на најдобар начин и во вистинско време. Успорувањето на ширењето на вирусот ги минимизира можностите за надминување на капацитетите на здравствениот систем, инфекции кај здравствените работници и во крајна линија повторно загубени животи.

Хигиената отсекогаш била половина здравје, но изгледа на луѓето им е неверојатно како еден обичен сапун е најјакото средство во борба против вирусот?

-Кон терминот санитација, спомнат и погоре во разговорот како ефикасна мерка за спречување на ширенњето на инфективните болести се вклучува исправното миење на рацето со сапун и вода (како што многумина демонстрираа во различни спотови на интернет и тв медиумите)  Освен миењето раце санитацијата вклучува одржување на социјалната дистанца која го попречува внесувањето на вирусот во нас по пат на вдишување на ситните капки ослободени во околината на болниот или само инфицираниот при негово кашлање и кивање кога тој не носи заштитна маска. Потоа во оваа група мерки спаѓа дезинфекција на работните површини со средства за дезинфекција, снабдувањето со исправна вода за пиење и правилно собирање на отпадните материи и изметот.

Слаба точка на оваа група мерки е недовербата на луѓето кон нив, што е клучно за нивно спроведување и ефикасно делување. Затоа и кај нас “оправдано” претеруваме со медиумскиот притисок кон луќето за да ги убедиме дека препорачаните мерки  се одлични, иако во истовреме и единствено можни за да нè заштитат од непотребно губење животи, штети во здравствениот систем и економијата која на крајот ја плаќа сметката. Затоа и јас ќе поентирам: не заборавајте да ги измиете рацето пре да каснете нешто, не доближувајте му се на било кого спроти вас и не дозволувајте му на тој зад вас да ви се доближи. Носете заштитна маска при влегување во продавница, во градски превоз и во други затворени простори каде има поголем број луге. Не излегувајте од дома без вистинска потреба.

 

Тоа што се бара  од сите нас е тешко

 

Соочувањето со епидемија, односно пандемија, е најголем предизвик за медицината, економијата, бизнисот или човекот/човештвото? Кој добива, а кој губи?

-Добива човештвото, нашата земја и секој од нас поединечно без исклучок, иако во моментов многумина не се свесни за тоа. Верувајте, јас и моите колеги се соочивме со повеќе различни епидемии и ги пребродивме успешно. Знаеме како ќе ја пребродиме и оваа. Секако, потребно е знаење, пожртвуваност, но и ваша довера и солидарност за заедно да ја совладаме и оваа епидемија  како и сите пред неа.  Тоа што се бара  од сите нас е тешко, се бара одрекувње од нашиот семеен, социјален, професионален, културен и рекреативен живот. Тоа не е воопшто лесно затоа многумина се спротиставуваат да ја прифатат оправданоста на овие мерки. Ним не треба да им замериме, туку треба да се обидеме да ги убедиме, но во крајна инстанца и казната не може да биде исклучена како мерка за убедувње. За нашата Влада оваа состојба е уште посложена и тешка. Мора да спроведе балансирани и тешки ограничувања, а постои опасност од грешка во обата смера: помалку и поблаги мерки или престроги и непотребни мерки. Досега можеме да констатираме дека кај нас се во примена најдобрите познати и во пракса потврдени медицинско-превентивни постапки и пракси препорачани од СЗО.

Имајќи предвид дека вирусите се променливи и биолошки супериорни, може ли човекот нависитна да излезе како победник во таа борба?

-Само еден пример за супериорноста на вирусите. Вирусот на вариолата со столетија одземал многу животи. Вакцината која ја произведе човекот  придонесе денес тој вирус да го нема во природата. Тој денес постои само во епрувета, во длабок мраз во некоја од лабараториите на СЗО. Според тоа, не би зборувал за биолошка супериорност и победници. Мноштво вирусни, бактериски и паразитални болести човекот одлично ги контролира и не дозволува непотребно да одземаат човечки животи (вакцино-превентибилни болести). Вирусите како што се ХИВ-СИДА, Хепатитис Б и Ц и  др. се контролираат со анти-вирусни медикаменти. Бактериските  и паразитарните болести исто така добро се контролирани со антибиотиците и антималариците.

 

Вербата дека природните лекови ќе нè излечат од вирусот е опасна илузија

 

Дезинфекција како превентива – во колкава мера е препорачлива (особено оние средства за раце, марамчиња...)? И воедно, односнот вирус vs природни лекови (лук, витамин Ц, сода бикарбона)... бидејќи народот во страв од непознатото, посегнува по работи за кои и не е доволно информиран?

-Стравот од болеста, и воопшто од непознатото е природно и корисно чувство во вакви моменти. Како индивидуалци и како општество, не треба да дозволиме да влеземе во паника и некритично однесување и постапување. Тоа ја зголемува предноста на вирусот во нашата борба со него. Што се однесува до таканаречените природни лекови и нивната зголемената  употреба и  побарувачка сметам дека е дел од нерационалното и  скоро панично однесување на нашите луге. Вербата дека некој од нив ќе ги заштити или ќе ги излечи односно ќе ја ублажи болеста е опасна илузија. Кога сте здрави и надвор не се крие невидлив непријател не го спорам вашето право да употребувате различни природни лекови кои ги сметате за полезни за вас како ваш личен  избор. Во сегашнава реалност со своето однесување загрозувате други, недолжни лица од вашата околина на кои ќе го пренесувате вирусот сметајќи дека кај вас тој е под контрола, што не е точно.

Дали КОВИД – 19 може да се врати и што ако се врати?

-Дали, кога и во каква форма ке се врати КОВИД- 19 во нашата средина, засега треба да се сметаат за недоволно прецизно одговорени  прашања. Нашата популација кога ќе изгради колективен имунитет ќе биде заштитена. Со нашиот присап на постапност и забавување на масовно инфицирање секако ќе стасаме до посакуваната цел, но немаме прецизен одговор - кога.  Треба да се има предвид можноста од производство на вакцина со што драматично се скратува времето за постигнување на колективен имунитет и со тоа значајно ќе се смалат шансите на вирусот да се појави кај нас повторно.  Антивирусните медикаменти кои многу веројатно наскоро ќе ги имаме исто така многу ќе го забрзаат излекувањето и негово имунизирање по природен пат, преку прележување на болеста, но со минимална смртност.

 

Откако ќе го пребродиме ова премрежје, сигурно ќе се вративме во нашето мирно и лежерно секојдневие кое ни беше толку тешко да го жртвуваме

 

Може ли да се прогнозира, или да се даваат проценки, колку ќе трае ситуацијата со коронавирусот (кај нас, а и глобално)?

-Пред нас е релативно нов биолошки агенс-вирус за кого малку знаеме, како за неговиот биолошки потенцијал така и за реакцијата на нашиот организам кон него. Во прогнозите за времетраењето на пандемијата можеме да се потпреме само на искуствата од Кина каде болеста полека се повлекува, ја нема или е сосема мал бројот на новозаболени. Преземените мерки и спецификите на популацијата во различни земји ќе влијае на времетраењето на епидемијата. 

Постојано сме опкружени со информации, бројки, статистики... Потребно ли е да бидеме толку изложени на информации од секаков карактер?

-Се надевам дека, при некоја следна кризна состојба,  елементарна непогода, епидемија и сл. кои како природни појави се неизбежни, нема да има потреба од вака енормно количество информации, точни но и на лажни, корисни но и сосема непотребни. Бројните информации, совети и препораки, па и наредби се чини дека се неизбежно потребни во нашата реалност за да се успее некако да се допре со точна, уверлива и неопходна информација до секого од нас. Нашата недоверба кон предложените тешките и непопуларни мерки кои бараат од нас самодрекување и жртвување на нашиот личен, семеен, социјален, културен, забавен и рекреативен но и професионален живот, нашиот досегашен лагоден и лежерен однос кон обврските и правата кон стекнатиот животен стил, се бара од нас да го жртвуваме за опсаноста од некоја болест за која не сме убедени дека заслужува толкава наша жртва. Нашето неверување во сериозната опасност од пандемијата, делумно е врзано и за постојаното критикување и потценување на зравствениот систем кога тој заслужува, но многу почесто и кога критиката е неоправдана. Недовербата и потценувањето на здравствен систем и стручните лица во него, придонесоа со скепса да се одговори на барањето за спроведување на оправдани иако тешки мерки за спроведување. Лажните вести, советите  на некомпетентните и злонамерните како да се многу попродорни во народот. Тие секако ја зголемуваат потребата од вистинските информации.

Што треба да научиме од сето ова што ни се случува?

- Се надевам дека ќе сфатиме дека со многу помалку информации треба да реагираме, да ги прифатиме препораките содржани во нив и во кус временски период да ги реализираме во целост.  Препораки на експертите во нашиот здравствен систем ќе ги прифаќаме со поголема доверба како точни, клучни, и навремени. Верувам дека  компетентноста и целисходноста на нашиот здравствен  систем ќе биде потврдена на најдобар можен начин откако ке ги сумираме резултатите по пребродување на кризата.  Добиените резултати ќе треба да обезбедат доверба и заслужен респект кон нашите експерти. А ние, откако заедно со  нив ке го пребродиме ова премрежје, сигурно ќе се вративме во нашето мирно и лежерно секојдневие кое ни беше толку тешко да го жртвуваме.

Објавено:
27 март 2020
object(stdClass)#482 (8) { ["nid"]=> string(5) "23866" ["ga_count"]=> string(4) "1527" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1671404400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1671404400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.527 пати