Таа е една од најзначајните манекенки кои оставија огромен белег на македонската модна сцена. По многу години успешна кариера, Светлана Црнокрак денеска е исполнета и успешна во она што го работи, посветена мајка и сопруга, и жена на која како се да и оди од рака. Ужива во подучувањето на младите модели кои се дел од модното студио Црнокрак, го надградува своето образование и сето внимание им го посветува на своите две ќерки и сопругот Мики. Вели дека не и недостасува активното манекенство, но со задоволство би се вратила на некоја ревија или фотосесија. За новогодишната вечер ја предлага црната боја како полн погодок при изборот на комбинациите, а ги советува и младите девојки дека секогаш треба да изберат гламур пред вулгарноста. За сето ова и уште многу повеќе прочитајте во специјалното, предновогодишно интервју што fashionel.mk го направи со прекрасната Светлана Црнокрак во просториите каде што таа ги подучува младите модели.
На што работи Светлана Црнокрак во моментов?
Модното студио Црнокрак два пати во годината организира курсеви за манекенки и фотомодели. Во моментов се случуваат последните со кои ќе ја заокружиме оваа година. Ги водиме курсевите заедно со Мики, тој ги води машките, а јас женските модели. Следните курсеви ќе се случат кон крајот на февруари. Покрај курсевите, ангажирана сум на уште неколку полиња. Работам како презентер на телевизијата Алсат, а истовремено по втор пат сум бруцош на Универзитетот за туризам и менаџмент, отсек односи со јавност. Кога имам слободно време, секогаш гледам да го поминам со моето семејство, да се прошетам со децата и со Мики и секако, да повежбам малку.
Што од сето ова Ве исполнува најмногу, на што се радувате најмногу на крајот на денот?
Секако, најмногу ме исполнува средбата со семејството, кога на крајот на денот ќе се собереме сите дома. Едната ќерка од училиште, другата од градинка, ние од работа. Најубаво е кога ќе седнеме сите дома и ќе си раскажеме што се ни се случило во текот на денот. Ќерката Моника е во пубертет и сега мора да и се посвети многу време, а Нина има две години, па и на нејзе сум и исто така многу потребна. Сите нервози што ми се случиле во текот на денот исчезнуваат кога таа ќе почне да не забавува по дома.
Со сето ова што досега го имате постигнато, се сметате ли себеси за успешна жена?
Па, да. Се сметам, бидејќи првенствено, од страна на приватниот живот, јас сум среќно мажена жена со големо разбирање од мојот сопруг, имаме две дечиња и тие ми се секако на прво место. Во однос на мојата кариера, се чувствувам целосно исполнета, со сето она што сега ми се случува, а секако и со она што досега го имам постигнато како модел кој својата кариера ја започна уште на 18 годишна возраст.
Имате ли некои предизвици што си ги поставивте во животот, но се уште не сте ги исполниле?
Можеби многумина не знаат, но јас завршив средно медицинско училиште и по професија сум акушерка и тоа ми е една неостварена желба што не значи дека нема да се оствари. Јас секогаш си велам дека има време, сега сум се уште во модата, но сакам да го работам тоа, бидејќи ги сакам бебињата и децата и тие навистина ме исполнуваат.
Што според вас значи да се биде успешна жена, кои се нејзините карактеристики?
Успешна жена... Јас секогаш велам дека секоја жена треба да се почитува и да се цени пред се себеси. Доколку тоа го нема, се друго е неуспешно во животот. Успешната жена не треба да биде само успешна во кариерата, туку и во семејеството и на сите полиња што ја окружуваат. Доколку жената е среќна и е исполнета во она што го работи, мислам дека успесите сами си доаѓаат. Нормално, добрата организираност и поддршката од семејството е секако многу потребна.
Кога говориме за стилот и модата, што е она што Светлана обожава да го носи? Кои се вашите омилени комбинации?
Јас секогаш сум повеќе по елегантните парчиња. Јас веќе седум години сум заштитно лице на Астибо и мислам дека повеќе се пронаоѓам во некои такви варијанти. Преку ден сакам да бидам опуштена и да носам лежерни парчиња, но за вечерните комбинации сакам поелегантни варијанти. Ќе кажам дека најубаво се чувствувам кога сум во фармерки, но сепак мојот стил е поелегантен. Ги сакам оние вечерни настани каде што се оди со гламурозна шминка, раскошни тоалети и слично. Едноставно обожавам кога одиме на такви настани.
Колку според вас македонските жени знаат добро да се облечат и да направат добра комбинација?
Па знаат. Барем сега во ова време имаме и шминкери и фризери и стилисти што можат да ни помогнат добро да изгледаме. Нашите жени знаат добро да се облечат и да направат добра комбинација и дефинитивно ја следат модата. Имаме многу модни настани, што значи имаме од каде да видиме, а секако имаме и од каде да купиме. Кога одиме на некои позначајни настани, навистина има што да се види, почнувајќи од младите девојки па се до повозрасните жени.
Како вие по толку години на писта и во оваа модна индустрија успевате секогаш да изгледате добро?
Јас од пистата се симнав пред многу години (се смее). Сега се случува да одработам по некоја модна фотосесија. Успевам да изгледам добро така што секогаш наоѓам време за себе. Тука е пред се здравата исхрана, фитнесот, позитивните мисли, позитивните луѓе што ме окружуваат и огромната поддршка што ја добивам од моите најблиски. Кога тоа ќе се вклопи во една целина, успехот секако е неизбежен.
Колку вашиот сопруг влијае на вашиот стил, односно колку често си давате меѓусебни совети во однос на стилот, со оглед на тоа што и двајцата сте дел од модната индустрија?
Мислам дека тој ми е најискрен критичар. Така е и сега, но така беше и пред да бидеме во брак, на модни ревии, настани и слично, а ние така всушност и се запознавме. Јас секогаш ја имам поддршката и советите од негова страна и тој од моја се разбира. Секогаш сме поврзани и функционираме на тој начин.
Кој е вашиот став за македонската модна сцена во моментов?
За разлика од времето кога ние работевме, сега има многу предности. Во тоа време ние сами се снаоѓавме, односно немаше модни агенции што ни посредуваат. Ние токму поради тоа ја отворивме и нашата модна агенција, за да им помогнеме на помладите од светот на модата. Сега ги има сите тие работи, но повеќе има непрофесионалност во однос на младите модели. Не зборувам за сите, но некои од нив можеби сега не си ја сфаќаат работата сериозно. Порано се знаеше, бевме 10 манекенки кои можеа да се избројат на прсти и функциониравме беспрекорно. Ја шетавме цела Југославија, секој викенд имавме модни ревии. Се сеќавам дека работевме со Марио Липша и тој само ќе се јавеше и ќе ни кажеше каде и во колку часот имаме модна ревија и тука не смееше да има никакво откажување. Сега, малку се неодговорни младите, можеби такво е времето и тоа не само во модата, туку и во сите други бранши. Сите сакаат да работат надвор, но таму не се работи вака. Таму ти даваат мапа и ти кажуваат дека во седум часот треба да си на кастинг во таа и таа агенција и сам се снаоѓаш. Таму се многу ригорозни и можеби затоа имаме мал број на наши девојки кои успеале надвор. Прво, затоа што се несигурни во себе, второ поради непрофесионалност, токму ние имавме случај со наши девојки кои поради тоа беа вратени назад, за жал. Исто така на девојките големо влијание имаат момчињата, пријателите, миленичињата... Малку се поопуштени и не можат да сфатат дека ова е професија. Јас се надевам дека сите ќе ја сфатат работата посериозно.
Во овој момент, дали ви недостасува активното манекенство?
Па не ми недостасува, иако сум позади сцената, јас сето тоа повторно си го живеам со нив, со нашите членови од модното студио. Секој нивни успех е и како мој.
Што е потешко за вас, да сте зад писта или на писта?
Јас од пистите се зимнав многу одамна, сега сум повеќе зад сцената. Се си има свое. Јас го сакам чувството кога си на писта, но и зад сцена, секако тоа се две многу различни работи. Позади писта е една неверојатна еуфорија, сето тоа изгледа супер кога на сцената ќе се покави манекенката, но позади е еден општо хаос (се смее). Но, сето тоа е многу интересно. Не сме се нашле никогаш во ситуација да го снимиме тоа за да може да се види.
Во последно време стана тренд светските манекенки од 90 – тите години да се враќаат на сцената. Би се вратиле ли и вие доколку се случи таква шанса?
Да, зашто да не. Јас многу повеќе го почитувам изгледот на манекенките од тоа време, отколку она време на анорексични девојки. Тоа ме исполнува и навистина ми е убаво, без разлика дали станува збор за фотосесија или пак ревија.
Во однос на македонската мода, колку вие носите македонски брендови, креации од македонски дизајнери?
Па носам многу често. Јас соработувам со Сека Радончиќ, Антонија Ристовска и Ненад Секирарски. Во однос на работата соработувам и со други дизајнери, но кога станува збор за мојот личен стил, сакам да ги носам креациите на овие дизајнери што ги споменав.
Дали сметате дека имаме добри македонски парчиња што можат да ја заменат онаа комерцијала на која сите сме навикнати?
Има интересни парчиња, но и тука пак би можела да издвојам неколку дизајнери. Според она што можам да го видам од модните ревии кај нас, имаме интересни парчиња, но сепак повеќето се некако повеќе ревиски, а не за да можат да се облечат, барем јас така гледам на тоа.
Светлана советува како да изгледате за Нова година....
Јас најчесто сум за црната боја, некако повеќе ме асоцира на свечени и гламурозни настани. Не ги сакам многу оние парчиња со „шљокици“, иако ми се допаѓа кога ќе видам некоја помлада девојка облечена во некои такви актуелни фустани, блузички и слично. Запомнете дека секогаш е најважно да се чувствувате убаво во она што го носите, јас никогаш не сум за нешто премногу вулгарно или развлечено. Облечете некоја црна комбинација во која ќе вклучите тантела, плиш и секогаш нешто свечено и гламурозно.
Комбинација 1
Комбинација 2
Комбинација 3
Комбинација 4
Колку Светлана чита Fashionel?
Јас сум редовен читател на вашиот портал, постојано ве следам и навистина ми се допаѓа. Навистина, секаде ве има, на секој интересен моден настан што се случува. Ви посакувам уште поголеми успеси во Новата година на вас и на сите ваши читатели.