возрасен модел

Александра Русо: Светот го доживувам како Земја на Чудата

Интервју со
Александра Русо
1 јуни 2021

Честопати низ медиумскиот простор сме имале шанса да прочитаме како најголемите имиња во светот на моделингот биле пронајдени случајно, на улица, ги здогледал некој... Не знаеме дали тоа е навистина матрицата која гарантира некаков успех, но токму таква, би рекле филмска приказна, ѝ се случила и на нашата нова соговорничка и токму неа ја издвоивме за водечка за месец јуни.

Александра Русо е името на прекрасната дама, чиј изглед, поточно насмевка се забележува веднаш! А токму така – веднаш, ја прифати и нашата понуда за разговор и ни дозволи малку повеќе да ја запознае и македонската публика.

фото: Душан Петровиќ

Има 60 години и веќе шест години работи како модел, пред сè за stock фотографија и е една од најбараните во моментов и тоа и надвор од Балканот.

Србинката, родена во Ријека, а долги години на белградска адреса, им пркоси на предрасудите и стереотипите за тоа како една жена која е во седмата деценија треба да изгледа или да работи.

-Со моделинг почнав да се занимавам сосема случајно. Ми се отвори врата на која никогаш самата не би чукнала. Се случи како во приказните кои ги читате и мислите дека им се случуваат само на други. Еден фотограф кај својата ученичка видел моја фотографија, го побарал мојот контакт, а останатото е историја – ја започнува својата приказна Русо.

Иако со доза несигурност и скептичност, ќе го прифати новиот предизвик, кој ќе прерасне во сосема нова страст и работа која вели денес ѝ причинува големо задоволство. Сепак, колку и луѓето да им изгледа овој свет спектакуларно, вели во нејзиниот живот во последниве шест години не се променило ништо значајно.

-Нема големи промени, освен што работата во моделингот дава можност за доста слободно време. А јас го поминува со моите внуци, во прошетки, дружење, читање..

Светот е Земја на Чудата

фото: приватна архива/Никола Илиќ

„Кога жена ќе ја скрати косата, значи дека е подготвена да го менува и животот“, ќе рече своевремено Коко Шанел, а токму овој цитат ќе се покаже како вистинит и за нашата соговорничка. Во момент кога е притисната од проблеми, ќе посака да го смени својот изглед и ја шиша својата коса, не претпоставувајќи дека токму таа промена ќе ѝ донесе еден сосема нов живот.

-15 години наназад имам кратка фризура и природна боја на коса. Изгледа стана мој заштитен знак кога е во прашање работата. Во последно време, на ужас на мојот фризер Зоран, кај кој се шишам 30 години веќе, ме привлекува идејата повторно да ја пуштам косата. Што се однесува до облеката, немаше тука некакви промени, но со косата често експериментирав до моментот кога не се ишишав „на кец“. Кога почна да расте повторно мојата природна, седа коса, тоа дојде како некое освежување, прв чекор на патот кон борба со предрасудите – вели Александра.

А со оглед на тоа дека тој изглед, виталност и енергија кои се контрираат со онаа општоприфатена слика на тоа како треба да изгледа една „баба“, таа борба ја води повеќе од успешно. Она што некогаш беше „чудно“, денеска е нормално и прифатено, па дури и инспирација за жените од било која возраст.

фото: приватна архива/фото:@iohannagiovanna/Lumina

На прашањето пак, кои предрасуди си ги срушила самата на себе работејќи ја оваа работа ќе рече:

-Да се занимавам со моделинг не беше предмет на мои интереси, така што немав предрасуди кога е во прашање оваа работа. Генерално, сметам дека луѓето се полни со предрасуди, што е многу лошо и токму тоа не ограничува работите да ги видиме онакви какви што навистина се.

А таа се труди да биде што поприродна и своја. За негата на лице не користи никакви специјални креми и препарати, негата на духот е она на што му се посветува комплетно.

-Духот го негувам така што се обидувам на светот да гледам како на Земја на Чудата, обидувајќи да ја задржам љубопитноста на една Алиса. Се трудам да бидам посветена на работата која ја работам и животот да го обојам со одмерена доза хумор.

 

Природата направила да имаме време да се привикнеме на промените

фото: приватна архива/фото:@iohannagiovanna/Lumina

Како жена, секако се соочила со промените кои годините ги наметнуваат, кои вклучуваат понекогаш и сомнеж и страв. За тоа како успеала да ги надмине и каков совет има до нашите читатели, ќе рече:
- Мислам дека природата е така направена да, сите промени кои ни се случуваат на нашето лице и тело, со годините се случуваат полека, па имаме време да се навикнеме на нив. Лично, се трудам да го негувам духот, бидејќи кога сте во склад со себеси, тогаш радоста е често присутна во нашите животи. Ирационалните стравови нè ограничуваат и спречуваат да живееме исполнето и во склад со она што навистина сме. Јас секојдневно се борам со нив, а клаустрофобија е страв со кој не успевам да се изборам.

Секоја жена во одреден период, од Х причини, знае да почувствува некоја несигурност, да се посомнева во своите способности, изглед, амбиции, а тој процес на прифаќање и промена не ја одминал и неа.

-Јас сум некој кој често се преиспитува себеси и има сомнеж. Мислам дека е тоа добро, бидејќи на тој начин дознавате за себе нешто ново, а тоа нè тера да одиме понатаму. Ако постојано трчаме по успехот и нереални фантазии, во голема опасност сме да се изгубиме себеси и да пропуштиме еден куп мали, убави нешта кои можеле да нè направат среќни.

Од друга страна, зборувавме и за тоа како постојат двојни стандарди за жените и стареењето. Така, да една страна се зборува дека треба да бидеме свои и природни, а од друга постојано не бомбардираат со информации за ботокси, филери, корекции... Ако стареењето е природен процес, поради што сè уште постои стигма во модната индустрија?

фото: приватна архива/фото:@iohannagiovanna/Lumina

-Сметам дека е заблуда дека приказните за ботоксот, филерите и слично доаѓаат од модната индустрија. Попрво би кажала дека тоа доаѓа од реалните програми и шоу-а, Тикток, Инстаграм и слични платформи... Моето искуство во моделингот е дека клиентите инсистираат на природен изглед. Јас лично немам ништо против луѓето да прават нешто кои им предизвикуваат задоволство, па нека се тоа и ботокси и филери, ако со тоа не ги загрозуваат другите – вели нашата соговорничка.

Русо започнува како модел за stock фотографија, но полека навлегува и во светот на модниот моделинг. Колку тие две се разликуваат и како изгледа да се биде возрасен модел вели:

-Моделите и работата во моделингот се делат на модни и комерцијални. Моден моделинг бара навистина ангажиран и бара одреден тип модели, со точно назначени пропорции. Моделите на тие фотографии се најчесто сериозни, што е една од причините поради кои мене ми е тешко да се пробијам во тој свет, бидејќи насмевката е она што ги краси и продава моите фотографии. Stock фотографијата пак е тематска фотографија. Застапени се теми од секојдневниот живот и на нив секогаш сте со насмевка, бидејќи клиентите кои треба да купат некој производ, му веруваат ако на него има насмеано лице. Stock фотографијата е застапена во 80% на сите веб сајтови, весници, билборди... Сите работи, па и оваа, понекогаш знаат да бидат напорни, но ако го сакате она што го работите, тогаш тој напор и замор не се нешто што може да се оттргне од патот по кој чекорите – смета Александра.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Alex (@russopost9)

За нејзините ангажмани се грижи една агенција во Белград и две во Лондон. Вели, не е единствената жена во Србија која е age plus модел, но најчесто сите се ангажирани токму за stock фотографија или пак реклами.

На прашањето што научила од ова искуство и работа ќе рече едноставно:

-Научив да бидам трпелива. На снимањето реклами често со часови чекате за конечно да се најдете на свет, а ако не сте трпеливи, снимањето ќе ве замори.

Не можевме да ја одминеме и темата за тоа каков стил негува. И како што со физичкиот изгледот не се вклопува во „шаблоните“, така би рекле дека и облеката го следи тој нејзин визуелен израз. Сепак, не е преголем вљубеник во модата и покрај ова со што се занимава.

-Не сум некој што многу следи мода. Не сакам да носам облека која ја следи линијата на телото. Најдобро се чувствувам во црна и макар еден број поголема облека. Она од што никогаш не се откажувам и што е најзастапено во мојот плакар се добри фармерки и кошула.

А за тоа дали може да се замисли на писта вели:

 

-Кога по игра на нештата ми се отвори една врата во светот на моделингот, јас низ неа поминав без некои очекувања. Така е и сега. Како што некоја врата се отвора, јас поминувам низ неа, влегувам во нешто ново, но никогаш не размислувам за тоа дали е тоа последната врата низ која минувам. Сè додека трае, убаво е. Кога би ми се случила модна писта, мислам дека со денови би шетала низ дома сè додека не го навежбам чекорот : )

Дел од „магијата“ на stock фотографијата е што таа не знае кој ја купува и каде нејзиното лице сè може да се појави.  Вели, од време на време пријателите ѝ испраќаат реклами каде се наоѓа нејзиниот лик.

И секоја нова е ново изненадување и сведок на тоа дека од животот никогаш не треба да  се откажеме.

Во појавата и разговорот на Александра може да се види приземјеност, одмереност и во зборовите и во визуелната слика, но и ведрина и животен жар. Како бестрашно да ги прегрнува сите нови моменти на кои им оди во пресрет – нешто од што сите би можеле да учиме.

А најголемата прегратка си ја дала токму себе, дозволувајќи си да биде природна, своја, да ја прикаже својата убавина, да инспирира со неа и покрај тоа што, како и секој човек во себе си носи и товар и стравови, како ќе рече.

Сепак, не им дозволила да доминираат и одлучила да прифати сè што животот ќе ѝ даде во форма на шанса, на искуство, на радост и среќа.

фото: приватна архива

А што ве прави среќна денес?

-Среќата е индивидуална работа и се наоѓа во мали нешта. Не треба да се трча за она што го немаме, туку да се пронајде радост во она што имаме. Имам само една желба -  сите кои ги сакам да се ментално и физички здрави. Сè друго е игра и само до нас е колку ќе бидеме добри во таа игра наречена живот!

Па ајде да бидеме најдобри што можеме и да не се изгубиме себеси, порака со која ќе го завршиме овој текст, а ќе го започнеме месецот, кој се надеваме ќе ви донесе нови моменти за паметење.

 

Објавено:
1 јуни 2021
Прочитано:
669 пати