Блогерка

Светот низ очилата на македонската блогерка Теона Манго

Интервју со
Теона Манго
13 јуни 2017

Ако нешто обожавам на модната сцена, додека како Бредшо, со замислените розеви Бланик, тропкам со нозе под маса на ритамот на "Englishman in New York", тоа е кога пишувм модни статии во чест на уникатноста.

Уникатноста овој пат ќе ја пренасочам на трендовска тема, а тоа е блогерството. Како модерна појава и нормално тренд, уште од самиот старт привлече многу љубители на модата да се впуштат во креирање на сопствен блог. Но, како и се едно нешто, особено на модната сцена, и да бидеш дизајнер, потребно е повеќе, од само обична желба. Потребна е оригиналност, иновативност и креативност.

Во чест на овие три исклучително важни елементи, овој пат, статијата решив да ја посветам токму на еден многу впечатлив и ункатен блог. Станува збор за блогот „Teona's wanderlust", креиран од блогерката Теона Манго. Кога првпат го ѕирнав блогот, слободно можам да кажам дека таму и останав цело попладне. Современо уреден, едноставен и софистициран. Веднаш оддава впечаток на боемска елеганција, а од толку што е шармантно, не само уреден, туку и светско напишаните постови, блогот го прават да изгледа толку совршено, што во секој момент очекуваш, како миризливте картички што ги собиравме во детството, автоматски да започне да мириса на нешто баш така, ретро и безвременско, како Red Jeans од Версаче измешан со Dune од Диор.

Мирисот на сите страни од светот преточени во слободоумни раскази и неверојатно добри слики. Сликите беа првичното нешто што ми го зграпчи вниманието, бидејќи во денешниот свет на пренатрупаност и фацијална униформираност на девојките од контури, Теона со нејзината едноставност зрачи неверојатна енергија, токму како и нејзиното богато искуство што постојано го споделува од сите страни на светот.

За оние што не се запознати со твојот блог, како би го опишала? Зошто треба да го посетиме блогот на Теона Манго?

-Приказната со мојот блог започна пред неполна година (во 2016-та), кога решив да исполнам една своја мала цел, да спојам два мои значајни интереси кон пишувањето и кон фотографијата, идеално споени во приказ на моите интереси кон патувања, мода, стил на живот и така да запловам во блогерските води. Од денешна перспектива, таа мала цел, денес ми изгледа како една од поважните одлуки во оваа фаза од мојот живот, речиси па идентична со одлуката за избор на факултет, што можеби ќе Ви звучи чудно, но блогот ми го определува и начинот на живот во последната година.

„Teona's wanderlust", каква е приказната и инспирацијата позади името на блогот?

-Љубопитност, авантура, откривање, wander often- wonder always- wanderlast, затоа што само на тој начин ќе го откријам светот околу себе.

Страстта кон патувањата те одвела дури на три контиенти: Европа, Африка и Северна Америка. Што научи за модата таму?

- Од моите родители научив нешто од многу мали нозе, а тоа е нивната девиза дека соништата се носат само во куфери, зошто само така се остваруваат. Додека патувам, набљудувам, слушам, чувствувам. Со секое патување сум како чекор поблиску до себеси. А тоа затоа што секое патување ми носи внатрешни промени. Во случајни средби со места и луѓе. Со случајни и намерни минувачи кои отвараат животни патишта. А верувајте сум сретнала многу интересни луѓе со кои и судбински некои нешта се промениле.
Модата не ја набљудувам како експерт познавач, зошто не сум. Читам и се образувам континуирано зошто ме интересира, но ќе ми треба многу време да речам дека имам право да делам ставови по тоа прашање. Но, ме фасцинира секогаш таа средба на патувањата со тоа како една нација гради индивидуален стил, зошто најчесто во светот индивидуалноста е таа која ме фасцинира, а не масовноста. Значи генерализација на нација и мода нема, како кај нас на Балканот.

Кој, од посетените европски градови, ти оставил најголем впечаток, особено кога модата е во прашање?

-Да, Европа историски гледано е епицентар на создавање на модата од идеја до креирање на идентитет. Реално, оската Париз-Милано е двигател на мејнстрим инспирациите. Но, по цена да бидам прогласена за субјективна во ставот, Лондон и британската мода е денес ценета повеќе од било кога. Иновативна е и оригинална, таа пркоси на се што е конвенционално, па затоа Њујорк, Париз и Милано се во сенка. Лондон е локацијата со најголема бројка на crème de la crème етаблирани модни имиња со свои индивидуални продажни простори. Но, тука не смеам да заборавам на модата која се создава од непознати и талентирани креатори или локални уметници кои ја продаваат во четвртите од градот познати како модна дестинација со ненаметливи продавници.

И она што никако не смеам да не го споменам, а ме фасцинира во последно време е скандинавската мода: Aвангардна и осмислено создадаена од вешти дизајнерски таленти, кои никако не се вклопуваат во строгите модни криетриуми, па токму тоа ме фасцинира, тие се новите пионери кои ги поместуваат границите кога необичноста на модата е во прашање.

Кога веќе сме на Европска територија, покрај модата, да зборуваме и за образованието. Студент си на Квин Мери Универзитетот во Лондон. Од вкупно десет универзитети во САД и Велика Британија на кои си била примена, зошто токму се одлучи за овој Универзитет?

-Среќна сум што сум тука. Одлуката не беше лесна, но она што беше клучно е Британскиот систем на високо образование во областа која јас ја избрав, а и рангирањето на Универзитетот, повторно во областа што јас ја избрав. Лондон е сепак светски центар на општествени случувања. Тука на QMUL ги имаме на располагање сите извори за учење, истражување и вмрежување за иднината на нашите кариери. Ако Ви е потребно нешто на одредена тема, имате докажани експерти кои ги сретнувате секојдневно, една од најбогатите универзитетски библиотеки Ви е на располагање а мрежата на алумни е импресивна. Ова е средина на луѓе кои високо целат.

Факултетот за политички науки е еден од листата високо рангирани во глобални рамки. Интересно е тоа што секој размислува независно, се опишуваат искуства и се зборува вистината. Затоа најголемо богатство на мојот универзитет се луѓето кои него го сочинуваат. Тоа се личности кои те предизвикуваат и инспирираат, a тоа се професори, предавачи асистенти или колеги студенти од сите страни на светот.

Опиши ја модата во Лондон, колку се разликува стилот на лондонските девојки од македонските?

-Се што ќе кажам ќе звучи претенциозно и можеби погрешно. Кај нас во Македонија модата е хировита, владее постулатот да се биде во тренд, па затоа доминира униформираноста. Тука во Лондон, модата е стил на живот. И затоа секој е посебно интересен, зошто нема човек кој е ист со друг. Но, секако тука има исклучоци на невкус, како и кај нас што има вредни исклучоци на префинет стил. Би сакала мнозинството кај нас да биде со изграден личен стил.

Би сакала. И да нема забуни, секој во Валентино може да се потруди да изгледа фантастично, но за мене е предизвик и особено ми е драго кога ќе забележам како изгледа некој со евтини и небрендирани парчиња, со свој личен изграден стил. Е тоа особено го почитувам.

Македонија и модата. Кое е твоето мислење кога во иста реченица се составени овие два поими?

-Во пракса тешко ќе дојдеме до дефиниција во која модата и нацијата би ги сведиле на формулација во Македонија. Прашање е на време, на идентитет, практичност, присвојување, допаѓање...и повторно се враќам на модниот хир, наместо на модниот стил.

Но, да излезам од тој маѓепсан круг, Македонија има исклучително добри етаблирани, но и млади модни сили кои се обидуваат да влијаат врз нацијата. Тука секако би ги споменала и оние кои исклучително добро изградиле свој личен стил и се вистински светилници во морето кое се задоволува со хир и трендови. Но, треба време, а и поголем број на поединци кои ќе се оттргнат од тоа што сервираат медиумите, јавните личности, а и секако економски и технолошки претпоставки на општеството во целина за да може да се оди чекор напред. Верувам и оптимист сум дека тоа време ќе дојде.

А кога станува збор за блогерство, колку, според тебе, во Македонија има вистински простор луѓето успешно да се занимаваат со одржување на свој блог?

-Блогерството бара време и посветеност. Време зошто одзема доста временски период создавањето на само еден блог и пост. Исто така треба време да се етаблирате, зошто блогирањето и читање блогови кај нас не е нешто секојдневно. Упорност да се презентира што поквалитетна содржина, да пишувате блог каков би читале и самите, за теми кои ве инспирираат и за кои имате што да кажете, на беспрекорна визуелизација особено на фотографиите. Јас за последното сум под среќна ѕвезда зошто имам можност да соработувам со најдобрите Александар Буневски и Симоне Калица кои создаваат магични фотографии. Блогот мора да биде одраз на Вашата личност, затоа е потребно во неговото водење да бидете што поискрени и свои, бидејќи се друго многу лесно се препознава и лесно се презрева од страна на читателите. И најзначајното, не сметајте дека брзо се заработува. Бидејќи многу време, работа и труд ќе се вложи од првиот напишан до првиот платен пост.

Да се навратиме на љубовта кон модата. Кој е твојот омилен бренд и чија е ревијата што ти предизвикала најголем восхит?

-Стела Мекартни е дизајнерка која ја сместувам во омилени. Таа е според мене дизајнерка на женскиот модернизам. Постојано ме воодушевува нејзината работа. Следејќи ја секојдневно преку социјалните мрежи имам впечаток дека не поминува ден, а таа да не испише нова модна страница. За мене е важен и еден мал, но значаен момент e aко облеката има етички и еколошки агол, при создавањето, тоа е голем бонус од моја гледна точка. Тој момент кај нејзината мода е целосно апсолвиран. Со ова прашање свесно се занимаваме во сите делови од нашиот живот, освен во модата. И затоа го сакам тоа кај неа, зошто таа се обидува да ја промени свеста кај луѓето.

A кога се во прашање ревиит, Долче и Габана ми се секогаш врвот.Тие се екстравагантни, иронични на свој рафиниран начин и истражуваат и копаат длабоко низ традициите. Тој моден двоец добро знае дека избирливите клиенти не бараат само производ, туку бараат приказна и емоција. А тие тоа преку ревиите го создаваат. Инсистираат на слободата на изразот, сведувајќи го она што го создаваат кон проактивните личности кои тоа ќе знаат да го носат. Тоа значи дека ги остварат туѓите соништа, оние на клиентелата, но во исто време им додаваат смисла на припаѓање на нивните колекции.

Како би го опишала твојот стил и кое е твоето омилено модно парче што го имаш во плакарот?

- Омилено парче во плакарот ми е дефинитивно кожната јакна за 365 дена во годината. Таа никогаш сезонски не се пакува или распакува. А бидејќи мојот стил е се уште во дефинирање, тоа доаѓа со зреењето и во познавање на модата, но и со призвукот на индивидуалноста. И денес слатко се смеам на мои модни хирови, исто како што сум среќна заради тоа што сум била опкружена со естетика, па таа има можеби пресудно влијание. Модниот стил мора да има хронологија на промени и јас со неизвесност кај себе ги очекувам.

Твојот моден совет и препорака за сите девојки...

-Добар џинс, машка бела кошула, тренч, црни салонки и црвен кармин. И да, ќе го заборавев најважното: Самодовербата!

За успешноста на блогот зборува и фактот дека истиот е избран од страна на Base Trip за најпосетен блог во Македонија, со препорака доколку некој ја посетува Македонија, за да ги открие најинтересните тренди и ИТ места во земјата.

Како цреша на шлагот, за крај на ова прекрасно споделено искуство, во полн автентичен сјај препознатлив за неа и самиот блог, Теона ни испраќа топол (и моден) поздрав , од англиската метропола, каде моментално се наоѓа.

Блогот и светот на Теона, а за мене лично Земјата на чудата, може да го најдете на следниот линк:
http://teona.mk/

Автор на интервјуто е Елеонора Гоцевска, студент на отсекот за новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев"

Објавено:
13 јуни 2017
object(stdClass)#453 (8) { ["nid"]=> string(5) "16873" ["ga_count"]=> string(4) "7451" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
7.451 пати