Музичар

Тања е цар!

Интервју со
Тања Царовска
6 јули 2016

Родена во Ресен, постојано на релација Лондон-Скопје, вокал кој го слушаме во филмови како што се: „Троја", „Мајки", „Страдањата на Исус". Соработка со врвни имиња од светската сцена: Џош Гробан, Џејмс Хорнер, Раде Шербеџија, Фолтин, Џос Стон, а има удел и во добивањето на Греми за инструменталниот албум на Крис Боти. Тања Царовска учествува со песната „Севдах".

Зад себе има еден студиски албум „No record or wrong", а овој период работи на нов проект. За совршената среќа, актуелните ангажмани, животните предизвици, разговаравме со Тања Царовска.

Која е твојата идеја за совршена среќа, поаѓајќи од тоа дека си независен артист?

Нема ништо совршено, па ни среќа. Таквата би била здодевна или ограничена. Среќа е што можам да се занимавам со музика воопшто, што ја поседувам таа дарба. Уште поголема е што постојат луѓе што ме сакаат, слушаат и се интересираат за мене. Најголема е тоа што доживувам други да ми речат дека сум ги инспирирала или дека уживале. Врв е тоа што би сакале да чујат уште моја музика, па ме поттикнуваат да создадам нешто ново. Среќа е да имаш љубов во срцето и да те служи куриозитетот за животот, за светот.

Имаш ли стравови и како се справуваш со нив?

Секако дека имам, но гледам стравовите да не ми бидат проследени со паника. Исто така не би сакала ниеден страв посебно да спомнам и со тоа да му придадам значење. Можеби навидум понекогаш сум пасивна и ноншалантна, јас сум всушност тивок борец, така му пристапувам и на стравот, го чувствувам, но сепак му пркосам колку што умеам. Се водам според мотото: Чувствувај го стравот, но сепак направи го тоа.

Кому најмногу му се восхитуваш со оглед на тоа дека си соработувала со светски музички имиња?

Му се восхитувам на секој човек кој се бори да оствари некој убав сон и несебично се дава себеси и своето време кон некое општо добро, кон нешто што ќе инспирира и други, да не се откажуваат кога станува збор за своите убави идеи и соништа. Не мора тоа да бидат само уметници или познати личности. Напротив, секојдневно гледам многу "обични" луѓе кои безрезервно се борат да спасат нечиј живот или да спасат некоја природна околина без никој да ги дознае и без никакви други цели.

Која особина најмалку си ја сакаш?

Колку и да сакам да се сакам и прифаќам себеси каква што сум, без редовна доза на самокритичност не може да се "порасне" и напредне ниту лично ниту духовно. На пример, порано редовно доцнев и ја презирав таа своја хаотичност и лоша перцепција за време, но со самокритичност се надевам дека се менувам на подобро. Секој ден го оставам зад себе она што сум била вчера и почнувам сосема одново. Секој има своја генетика или лоши навики и табиети, но само доколку нив ги спознаеме и признаеме можеме сериозно да поработиме на нив и на своите примени. Колку сам лично ќе напреднеш денес, толку и светот напреднува во истиот момент, тоа е факт кој голем дел луѓе упорно се трудат да го оспорат за да ги оправдаат своите лоши постапки или својата нечесност и себичност.

Кога ќе се разбудиш наутро што е прво што едвај чекаш да направиш?

Во последно време, да се поврзам со блиските што ги сакам и да видам дали сите ми се океј.

Која особина ја сметаш за преценета?

Да бидеш од оние кои "знаат што сакаат". Човечката природа постојано истражува и учи, ние постојано се менуваме и никогаш не знаеме што е зад аголот и тоа што ќе донесе.
Koj е доволно мудар за да знае што сака? И како дојдовте до тој заклучок? Нерешителноста и несигурноста во некоја одлука е дел од тоа да се биде човек, а не робот.

Што најмалку ти се допаѓа во врска со твојот изглед?

Не сум сигурна дали најмалку ми се допаѓа тоа,
но изгледот ми е премногу лесно подложен на промени.
Имам еден лик и кога сум ненаспана, друг кога повеќе сум спиела, трет кога времето е студено, четврт после бањање, петти кога сум расположена или пак со драги луѓе кои ме прават да зрачам, шесто кога сум со луѓе со кои не се чувствувам пријатно итн(се смее). Знам да се „преобразам" и по неколку пати на ден. Понекогаш и сопствената мајка не ме препознава. Би сакала да имав малку поконстантен изглед, како некои луѓе кои имаат толку силна физиономија што од авион се препознаваат кои се.
Јас постојано сум различна и на секоја слика и од секој агол изгледам како друга личност, па луѓето често се збунети. Но, од друга страна тоа ме прави одличен камелеон, ми помага да бидам незабележана или забележана кога ми одговара. Со многу малку труд и шминка, влегувам во гардероба како клошар,
излегувам како дама за неколку минути. Забавно ми е да имам "повеќе лица".

Која е твојата најголема љубов?

Кога не се во прашање лични интереси и остварувања, љубовта е љубов, кон било кого, не може да се намали или зголеми, може само да постои, макар и остарена и избледена.
Не верувам во најголема љубов.Сите сме различни. Некој може да сака 50 луѓе во текот на својот живот, некој само еден или двајца.
Јас не би издвоила никого. Кога сакам, сакам безрезервно и во тој момент не постои друга поголема љубов, ниту поранешна, ниту идна.

Среќа како ултиматив или момент на случајност?

Не верувам во среќа како некое посебно чувство кон кое треба да се стремиме да го достигнеме. Таквата среќа е илузија. Има една порака се врти по интернетов: „Зошто да бидеш среќен кога може да бидеш нормален?" Се трудам да го негувам спокојството, зенот во себе и да правам работи кои ме возбудуваат или релаксираат. Тоа успева само ако човек редовно практикува по малку хедонизам, чисто уживање во нешто што го сака, без друга цел. Мора на душичката своја често да и даваш награди, како кога детето го негуваме и наградуваме кога било болно и му ставиле инјекција. Ако душата ти поминала низ било каква болка или непријатност, награди си ја, прослави си ја. Стави ги сите обврски на мала пауза, оддели време и направи си некој ќеф, изгледај филм и јади пуканки, излези со пријатели, ислушај го омилениот албум, прошетај на местото кое го сакаш, оди на масажа, седни сам/а во кафетерија и читај нешто што повторно ќе те крене на нозе, пеј, играј или пробај нешто ново, скокни со падобран само не ја оставај душата своја да овене со лоши мисли кои ќе те дотолчат. Има толку убавина на светов и не можеме, а да не ѝ се восхитуваме и да ја уживаме, и покрај сите ужасии што секојдневно се случуваат. Тоа за мене е она „да работиш на сопствената среќа". Среќа е да научиш да се справуваш со непријатните работи во животот и да им помогнеш на саканите во нивните тешки моменти. Среќа е да знаеш да побараш помош кога ти е тешко. Среќа е секојдневно да учиш да се прилагодуваш на ова чудо од живот на оваа планета. Среќа е да останеш нормален кога сите останати се трудат да бидат среќни.

Кој талент, освен велат твојот ангелски глас, би сакала да го имаш?

Благодарам, не знам за ангелски, но секако се трудам да го сочувам гласот колку што можам и постојано се стремам кон надраснување на себеси и својата музичка експресија.
Задоволна сум со сите таленти што природно сум ги наследила. Проблемот е што недоволно работам на нив, недоволно ги развивам. Па така, наместо да посакувам нови, би сакала да поработам на дарбата за цртање, дарбата за пишување.

Во какво расположение си во моментов?

Генерално во работно и креативно, и покрај тоа што е лето.

Отиде за Лондон многу млада, се запиша на колеџот „Тринити", се случи љубов и бебе... На што најмногу се сеќаваш од тој период од животот?

Тоа што конечно се чувствував ценета, и како човек и како музичар.

Што сметаш за твое најголемо достигнување, имајќи го предвид фактот дека беше во љубов со Габриел Јаред, а од друга страна велиш дека никогаш не ти помогнал во однос на твојата кариера?

И во соработката со Габриел бев препорачана од сосема трета личност. Никој не може да ми помогне со сила да се допаднам некому како музичар или вокал за да сака да соработува со мене. Оној кој ќе ме чуе мене или мојата работа или ме чувствува или не. Снимањето вокали за саундтрак, на пример, (филмски, балетски или било каков друг) е всушност суперинтензивна и тешка физичка работа која буквално знае да ти го одземе здивот, иако можеби изгледа лесно. Често знае да ме исцрпи скоро до онесвестување и буквално да ме изгладне како ѕвер. Исто како што актерите ги играат филмските сцени по многу пати, вокалистот на снимањето ги пее тие сцени по исто толку пати за што подобро и посуптилно да ја пренесе приказната на публиката. Нема тука многу место за слободен сопствен израз, вокалот мора да одговара со дадената сцена, а притоа никој да не го забележи, обично не смее да отскокнува како нешто одделно, тој е чувството на ликот или чинот во приказната, „the mood of the story or the character". Притоа мора да бидеш фит и со огромен капацитет на воздух во градите за да пробаш разни начини да го постигнеш соодветното чувство, онака како што сценариото го опишува. Всушност, тоа станува занает кој мора добро и брзо да знаеш да го работиш. Тоа е моето достигнување, што секој нареден ангажман ми укажува дека нешто добро сум сработила претходно и повторно ме инспирира. Исто е и со секој жив настап, концерт.

Живееш повлечено. Не си артист кој форсира сѐ по секоја цена, но велиш дека нема богата музичка сцена тука кај нас?

Јас поинаку би го дефинирала тоа, зависи од кој агол гледаш. Искрено, мислам дека она „Кога минуваш низ Македонија немој ни да играш ни да пееш" сѐ уште држи вода. Толку многу музикални луѓе на толку мало поднебје. И со овој потенцијал би можеле да бидеме недостижни на овие простори. Но за жал, повеќето не развиваат уметничка вредност или пак барем префинетост. Повеќето се понесени од погрешни влијанија, смешни копии на некои странски, се снимаат албуми, спотови, но повеќето се премногу гласни, а без ништо силно и мотивирачко во себе.
Се разбира, има и возбудливи и инзвонредни музички уметници кај нас, но тие се маргинализирани, немаат шанси за водство. Добрата музика не е само да знаеш да пееш или да напишеш песна, таа е заедно интелегенција, образование, длабочина, искуство, дарба, креативност, мудрост, емпатија... Не знам точно што е проблемот што сме закочени во развојот. Нема ниту платформи за добра музика. Можеби една од причините е што оној со поинаков начин на музичко размислување не може и не сака да рекламира бренд на јогурт на секој телевизор во секој град и село, а тоа е таа публика. Неверојатно е колку луѓето навистина слушаат турбо фолк или некој агресивен, ужасен "поп". Јас мислев дека тоа е мит, ама реалност е. Штета, како и да е. Холивудски наменски кич наспроти програмата на Кански филмски фестивал. Првото е она што нашата музичка сцена сака да биде, а второто е она што јас би сакала да биде.

Имаш проект на кој работиш во моментов?

Правам неколку различни работи во моментов, албум, неколку посебни сингли, филмска музика. Направив навистина долга пауза од претходниот албум, но во меѓувреме гостував на многу интересни проекти, во странство и кај нас, годинава дури и бев носечкиот вокал на една претстава на Англиски Национален Балет во кореографија на најпознатата кинеска танчерка и кореографка Јабин Ванг. Сосема случајно пак, минатиот месец снимив вокали за еден кинески филм што допрва ќе излезе. Предизвик е да се работи на проекти од толку различна природа, инспирира, но знае и да дефокусира.
Па така некако, мојата креативна работа ми е за сопствено уживање, тоа се идеи кои постојано се менуваат и развиваат и си ги оставам да си созреат. Не се брзам, работам полека, но со многу елан.

Во што би избрала да се реинкарнираш?

Повторно во човек. Можностите се неограничени, а и интересно ќе биде да се види како ќе се развива светот и технологијата во иднина. Но, би се задоволила и со птица, зарем има поубаво нешто од летање? А може најдобро е да сe изненадиш. (се смее)

Кој квалитет најмногу го сакаш кај маж?

Не можам да издвојам само еден, човекот треба да биде склоп на повеќе доблести - оговорност, племенитост, великодушност, достоинство, куриозитет, хумор, меѓу другото...

Кој квалитет најмногу го цениш кај жена?

Истите, не правам разлика. Но, на пример, чувствувам должност да споменам дека отсекогаш жени композитори имало значително помалку од мажи, не заради што помалку ги бива, туку затоа што времето е ограничено, а посветување доволно време на својот "повик" за жената значи занемарување на семејството и децата или откажување од истите. Жената што се откажува од своите соништа во корист на стабилноста на семејството прави херојско дело.

Што најмногу почитуваш кај твоите пријатели?

Тоа што не ме судат и што се тука кога ми требаат најмногу, како и тоа што ми ја плескаат реалноста на работите в лице кога мене не ми текнува да си ги извадам розовите очила.

Омилен писател, последна прочитана книга?

Една од највпечатливите книги што сум ги прочитала ми е „Часовите" на Мајкл Канингам. Ретко кој маж така автентично може да ја анализира и навлезе во женската психологија како тој преку ликовите во овој роман. Ја сакам Елизабет Гилберт, зашто е крајно реална, а сепак толку позитивна и охрабрувачка и се чита во еден здив. Последна ја прочитав нејзината книга за креативното ослободување „Големата Магија" и топло ја препорачувам.

Кои се твоите херои од вистинскиот живот?

Чистачите, одржувачите на канализации, ѓубреџиите, сите оние кои секојдневно го собираат најгнасното од сите нас и за минимални плати помагаат да не се удавиме во сопствениот отпад, а никој никогаш не им дава никакво признание или пехар. Старите луѓе кои учат да живеат со самотијата, болеста и немоќноста. Волонтерите, особено оние во воени подрачја. Мајките, татковците...

Што најмногу те нервира?

Луѓе кои што зборуваат „од околу", наместо отворено и директно.

Модата како култура на живеење или преценета животна категорија?

Кога бев мала ја обожавав и цртав модели по цели денови. Подоцна немав многу пари па морав да се убедам дека е преценета. Сега сум некаде измеѓу, ја сфатив вистинската вредност на доброто парче облека и тоа колку е комплицирано тоа да се создаде, па имам огромна почит кон добрите дизајнери. Сега модата не само што ја гледам како култура на живеење и уметност туку и наоѓам огромно уживање во облекувањето. Облеката е една од работите кои го веселат човекот и ја освежуваат неговата енергија. Сепак, не би платила повеќе отколку што мислам дека е реална цена за нешто. Не може една јакна да чини колку еден нов автомобил. Не сум една од оние кои сакаат да си играат со облека во квантитет. Сакам помалку парчиња, а вредни, за да можам почесто да ги носам. Не ми е важно колку пати облекувам едно исто парче, важно ми е да се совпаѓа со мојот карактер. Понекогаш кога ќе ми се погоди некоја комбинација, ја носам истата неколку дена.

Дали за твоите настапи се консултираш со некој или веруваш на својот внатрешен глас?

За настапи секогаш одлучувам сама, во пет до дванаесет. Често импровизирам со стари и носени парчиња, предизвик ми е да ги реинвентирам во нова комбинација или со различен накит, чевли или фризура. Никогаш никој не ме „стилизирал". Ако не се лажам, оваа фотосесија е прв пат. Сепак, навистина сум пријатно изненадена.

 

Соработници:

Моден бренд „Елена Лука“

Fashion Group

Шминка и фризура: Студио „Акт“

 

 

Објавено:
6 јули 2016
Прочитано:
5.565 пати