преведувач и писател

Токио нема крај!

Интервју со
Зорица Петкоска Калајџиева
13 септември 2016

Низ нашите содржини годинава, можевте да забележите циклус текстови, за Македонци што живеат надвор од нашата држава, но се мошне успешни и имаат интересни професии. Се сеќавате на Ангел кој играше тенис со Кара Делевињ, на Нина Геометриева која создава игри, уметницата Гордана Винчиќ со интересен дом и творештво во Шведска....

Денеска, овој серијал го продолжуваме со една млада дама, која покрај тоа што е преведувач и писател, е и голем вљубеник во јапонската култура. Нејзиното име е Зорица Петкоска Калајџиева, иако повеќето ја знаат како Зориа и веќе шест месеци живее во Токио. 

 Зорица Петковска Калајџиева

Инаку, благодарение на Јапонската владина стипендија на Tokyo University of Foreign Studies, Зорица наредниве две години ќе ги помине таму (а можеби и повеќе), учејќи го јапонскиот јазик и истражувајќи ја јапонската постмодерна визуелна поезија.

Тоа беше одличен повод да поразговараме со неа, а беше и повеќе од трпелива да одговори на сѐ она што нѐ интересираше.

За досегашните впечатоци, како и поминува еден ден во Токио, за модата, храната, културата таму, прочитајте во продолжение. И уживајте!

Пред да го направиме разговорот, бев запознаена со заинтересираноста на Зорица за јапонската култура. Но, не знаев дека всушност се работи за поврзаност, за некого можеби и чудна, која не може да не ве заинтригира. Особено привлечен ми изгледаше нејзиниот Инстаграм профил  - Zoria_in_Tokyo, каде сфаќате дека оваа девојка не лута и точно знае кон каде чекори. Таа го живее својот сон и ја негува својата страст.

Затоа, на почетокот на нашиот разговор ја прашав:

 Oд каде интересот за оваа земја и зошто се одлучи токму за Токио?

-Одамна се интересирав за Јапонија и нејзината богата традиционална култура и живописна модерна поп-култура, а Токио е градот кој содржи сѐ од тоа. Две години пред да дојдам тука на стипендија, го посетив Токио и се уверив дека не само што е како што сум замислувала, туку и многу, многу повеќе. Токио те изненадува со мали стари храмови зад аголот на некоја вечно будна шопинг-улица, или со откачени и гласни флиперници кои блештат веднаш до луксузна стаклена зграда или едноставна малечка слатка полициска кабина на раскрсницата. Токио е будно за тебе и никогаш не ти здосадува.

Fuji Television - иградена од Кензо Танге

Како ти поминува еден обичен ден?

-Никогаш немам еден обичен ден. Како фриленс преведувач и писател, отсекогаш сум имала различен и непостојан распоред и сум била пресреќна за тоа. И во Токио е слично, а многу често професионалните и академските ангажмани се флексибилни и сам си ги одредуваш. Еден период имав интензивен курс по јапонски јазик кој беше малку рутински, но само утрото, од пладне натаму секој ден ми е поразличен од претходниот. А во град како Токио со толку многу забава, мислам дека е лесно секој ден да си го направиш поинаков.

Tokyo Metropolitan Government Building во Шинџуку, градба на Кензо Танге

Какви беа твоите први впечатоци за овој град?

-Првите впечатоци за Токио беа едни од најчудните чувства кои сум ги искусила, а обидувајќи се да објаснам на пријатели ги нареков „лажна носталгија“ или „(небаре) враќање дома“. Потоа ова заврши во една од песните во мојата книга поезија ЗБОРИГАМИ.

 

Моите први впечатоци кога првпат го посетив Токио, беа небаре сѐ ми е познато, небаре долго не сме виделе, небаре во некој момент во минатото сум си заминала од Токио и ми недостасувало сето ова време. А истовремено, чувствував дека сѐ е ново и непознато и како во ниедна друга земја на светов. Верувам дека ова чувство произлезе од тоа што пред да отидам, знаев многу за Јапонија, имав многу пријатели Јапонци, веќе зборував основен јапонски јазик и имав изгледано многу аниме :). Затоа, голем дел од впечатоците ми завршуваа со извикување на глас „Леле, стварно е така!“ Секако, сега кога веќе живеам тука, доживувам и откривам и нови работи, но тоа се веќе “втори“ впечатоци :).

изложба/инсталација на колектив јапонски уметници „TeamLab"

Во што сѐ се разликува тамошниот живот од овој овде? Веројатно листата е долга...

-Токио, како и други метрополи, навистина е уште еден град под градот, но уште почесто е град над градот и над градот и над градот – град на слоеви. Најпрво не ми ни текнуваше дека има уште милион продавници или кафулиња на втор кат, на трет, на четврт – сето тоа на обична улица. Од целиот тој избор те фаќа еуфорија. Исто така, многу продавници работат 24 часа, па си ја искоренив паниката да гледам на саат и да трчам до продавница пред да ми затвори. Морам да се пофалам и дека не гледам колку е часот за да си купам алкохол :). Сите овие нон-стоп продавници ги има и во најзафрлените и најтивки маала во Токио, така што ова не е привилегија само на централната област. Ова звучи толку просто, ама прави голема разлика во секојдневниот живот и те поштедува од многу стрес.

Една од огромните разлики е и самата големина на градот, па така морав да се простам од нашата скопска навика „ајде на кафе, сега, се чекаме таму и таму“. Морав да се препограмирам себеси за како го сметам времето, колку се патува од точка А до точка Б и што каде сѐ може или не може да се стаса во еден ден. Токио со сѐ околните места заедно станува Метропола Токио и има територија голема речиси колку цела Македонија!

Шинџуку ноќе

Најинтересно ми е што Скопје и Токио имаат иста клима, и верувале или не, кога одеднаш ќе заврне кај нас, нагло заврнува и во Токио, па целиот Инстаграм ми е полн прекрасни дождливи слики, а јас не сум сигурна каде се наоѓам, и добивам некое чувство небаре Скопје е во непосредна географска близина. Во оваа серија интересни коинциденции, еднаш пролетта имаше дури земјотрес и во Токио и во Скопје во истиот ден со иста јачина. Бидејќи развивам и работам на идеја за роман, се мислам како да ги искористам овие преклопувања.

Шибуја на дожд

Какви предрасуди ги имаме за овој град?

-Ги има многу, а да почнеме од најраспространетата. Подготвени? Не, Токио НЕ Е најскап град во светот, не е толку страшно.  Потоа, некои луѓе мислат дека градот е во постојан метеж, но јас со месеци немам посведочено ниту на еден сообраќаен метеж.  Има и еден стереотип дека градот е жив и полн светла ноќе и дека на секој агол се наоѓаат слатки и откачени работи – ова е доста точно.

А Токио и модата?

-Во Токио, и мажи и жени, и млади и стари – сите се уредни, и не сум сретнала НИТУ ЕДЕН ЧОВЕК во тренерки. Многу луѓе се „кежуал“, но сепак се со ускладени бои и материјали, внимателно избрани чанти, чевли, накит... Мнозинството луѓе се носат елегантно и едноставно, ненаметливо, а другата екстрема е луѓе кои се носат тотално откачено, посебно во кул маала, како Хараџуку или Шимокитазава, во кои има и уникатни продавници за облека.

Хараџуку

Овие откачени стилови одамна се тема на многу списанија и сајтови, а и истражувања, бидејќи модните супкултури кои се појавиле на  имаат и своја идеологија. Во Скопје бев дел од настан во февруари годинава, кој беше посветен токму на овие модни супкултури и направивме фотосесија, која се фокусира на врската меѓу Македонија и Јапонија низ призмата на овие супкултури денес и архитектонската оставнина од Кензо Танге за Скопје.  

Инаку, летово особено модерни беа широки шалвари, но над глужд, како и ѕвонарки или од класичен материјал, навистина практични за лето. Секако, глобален тренд се долги наметки, широки кардигани и слично, па така и овде. И во Јапонија – ЧЕВЛИ НА ПЛАТФОРМА ЗАСЕКОГАШ! Нив посебно ги сакаат :).

Како се снаоѓаш со храната, имајќи предвид дека е прилично различна од она што ние го јадеме...?

-Како и сѐ олку далеку, и храната овде се разликува од нашата. Не е лесно да се шеташ по светот кога си од држава со многу убава храна, ама во Јапонија добро поминуваме, бидејќи јапонската кујна е една од најпознатите во светот, и е прогласена за нематеријално светско културно наследство од УНЕСКО. Јапонските вкусови најчесто се нежни, ненаметливи, меки, а сервирањето на храната е уметност. Бидејќи традиционално се јаде само со стапчиња, сета храна е на мали залаци за да нема потреба од сечење, а тие залаци се секогаш со интересни форми, бои – небаре јадеш бомбони. Од сѐ се служи по малку, и секоја чинија е важно и како изгледа, бидејќи Јапонците имаат изрека дека „и со очите се јаде“. Ова не е случај само во скапи ресторани, туку на пример и локалната ефтина пивница служи сашими (жива риба) беспрекорно наредена и украсена со свеж цвет.

Кон што целиш за време на својот престој таму? Какви ти се плановите?

-Главната цел ми е секако истражувањето, за кое и сум стипендирана. Паралелно со тоа, добив инспирација за нова збирка поезија и можеби роман научна фантастика кој би се одвивал во Токио. Покрај тоа, од време на време добивам понуди за работни ангажмани, па стекнувам и работно искуство додека сум тука. А една цел која за среќа скоро секојдевно си ја остварувам е да го фотографирам овој прекрасен град што е можно повеќе, затоа што Токио нема крај! 

Објавено:
13 септември 2016
Прочитано:
2.919 пати